Sinklitikija.jpgСЛОВО 2

За духовното совршенство.


ГЛАВА 1

Секој од нас го стекнува спасението по благодатта и како божествен дар на Духот. А преку верата и љубовта, со усилбата на слободната волја, можеме да стигнеме до совршената мера на добродетелта, па колку според благодатта, толку и според правдата, да го наследиме вечниот живот, и тоа напредувајќи до крајните граници не само со помош на божествената сила и благодатта, а без додавање сопствени напори, а и достигнувајќи ја совршената мера на слободата и чистотата не само со својата ревност и сила, без содејство одозгора на Божјата рака. Затоа што, „ако Господ не ја изѕида куќата, залудо ќе се трудат градителите нејзини; ако Господ не го запази градот, залудо ќе бдее стражата” (Псал. 126, 1).

ГЛАВА 2

Прашање: Што е Божјата волја, која апостолот нè повикува и нè убедува да ја познаеме (Рим. 12, 2)?
Одговор: Потполното очистување од гревот, ослободувањето од срамните страсти и стекнувањето на највисоката добродетел, т. е. очистувањето и осветувањето на срцето, што несомнено се случува кога човекот заедничари со совршениот и Божји Дух. Зашто речено е: „Блажени се чистите по срце, оти тие ќе Го видат Бога” (Мат. 5, 8); и: „Бидете совршени, како што е совршен вашиот Отец небесен” (48). И уште е речено: „Нека биде срцето мое непорочно во Твоите наредби, та да не се посрамам” (Псал. 118, 80); и уште: „Тогаш немаше да се засрамам, гледајќи ги сите Твои заповеди” (6). И уште, на оној кој прашува: „Кој може да излезе на гората Господова”? ‡ даден му е одговорот: „Оној, чии раце се невини и чие срце е чисто” (Псал. 23, 3 и 4), а со ова се означува потполното истребување на гревот и во делото и во мислата.

ГЛАВА 3

Духот Свет, знаејќи колку е тешко човек да се избави од скриените и потајни страсти, и дека тие како да се вкоренети во душата, покажува преку Давид како треба да се извршува очистувањето од нив. Зашто речено е: „Од оние тајни (мои) очисти ме” (Псал. 18, 13), т. е. тоа можеме да го направиме со помош на многу молитви, вера и целокупно устремување кон Бога, во содејство со Духот, ако притоа ги напрегнуваме сите сили и на секаков начин го чуваме срцето.

ГЛАВА 4

И блажениот Мојсеј, покажувајќи преку слики дека душата не треба да следи две мисли, добра и лоша, туку само добрата, и дека не треба да се одгледуваат двојни плодови, добри и лоши, туку само добри, вака вели: На твоето гумно не впрегнувај заедно животни од различен род, на пример, теле и осле, туку впрегни животни од ист род и врши ја твојата жетва (5. Мој. 22, 10), со цел на гумното на нашето срце да не се вршат заедно добродетелите и порокот, туку само добродетелите. Волнената облека немој да ја ткаеш заедно со лен и, исто така, ленената со волна (11). На една земјишна парцела не одгледувај два плода (9). Не спарувај животни од различен род, туку оние што се од ист род (3. Мој. 19, 19). Со сево ова на таинствен начин ни се дава да разбереме дека, како што е веќе кажано, во себе си не треба заедно да одгледуваме и добродетел и порок, туку да раѓаме само плодови на добродетелта, и дека душата не треба да општи со два духа ‡ со Духот Божји и со духот на светот. Зашто речено е: „Затоа се управував според сите Твои заповеди и патот на неправдата го замразив” (Псал. 118, 128).

ГЛАВА 5

Душата, којашто е девојка што посакала да се соедини со Бога, не треба да биде чиста само од видливите гревови, како: блудот, убиството, кражбата, угодувањето на стомакот, осудата, лагата, љубовта кон парите (среброљубието), љубовта кон стекнување и сличните на нив, туку далеку повеќе, како што кажавме погоре, од тајните гревови, т. е. похотата, суетата, угодувањето на луѓето, лицемерието, љубовта за први места, ласкањето, злата нарав, омразата, неверието, зависта, самољубието, надуеноста и другите слични на овие гревови. Зашто Господ, како што вели Писмото, овие тајни гревови на душата ги поставува на исто рамниште со гревовите што се покажуваат кон надвор. Речено е: „Им ги растури коските на оние, што си угодуваат еден на друг” (Псал. 52, 6); и: „Од крвопиец и лукав Господ се гнаси” (Псал. 5, 7), со што се покажува дека Бог подеднакво се гнаси и од ласкањето и од убиството. И уште речено е: „Кои со ближните свои говорат за мир” итн. (Псал. 27, 3); а исто така и: Зашто „во срцето свое кроите беззаконие на земјата” (Псал. 57, 2); и: „Тешко на вас, кога ќе почнат луѓето добро да зборуваат за вас,” т. е. кога во вас постои желба да слушате за себе добро од луѓето и приврзани сте кон славата и кон пофалбите од луѓето. Зашто, оние што прават добро, можно ли е сосема да се скријат? Притоа, пак, и самиот Господ вели: „Да свети пред луѓето вашата светлина” (Мат. 5, 16). Впрочем, како што е речено, трудете се да правите добро во слава Божја, а не заради сопствената слава и не како оние кои ја љубат пофалбата од луѓето, зашто таквите Господ ги нарекол неверни, кога рекол: „Како можете вие да поверувате, кога примате слава еден од друг, а славата, што е од Единиот Бог, не ја барате” (Јован 5, 44)? Гледај како и апостолот заповеда сè да се прави, дури и да се јаде и да се пие, во слава Божја. Зашто вели: „Јадете ли, пиете ли, или нешто друго правите, сето тоа правете го за слава Божја” (1. Кор. 10, 31). А божествениот Јован, поставувајќи ја омразата во ист ред со убиството, вели: „Секој, што го мрази братот свој, е човекоубиец” (1. Јов. 3, 15).

ГЛАВА 6

Љубовта сè покрива, сè претрпува. Љубовта никогаш не престанува (1. Кор. 13, 7 и 8). Со зборовите: никогаш не престанува, се означува тоа дека оние што ги стекнале гореспоменатите дарови на Духот, ама не се удостоиле за една повисока слобода од страстите, за целосната и делотворна духовна љубов ‡ сè уште не се безбедни. Напротив, нивното дело сè уште се наоѓа во опасност и му се закануваат лукавите духови. А оваа мера, според укажувањето на апостолот, веќе не подлежи на паѓање, и не постои друга слична состојба, поради што и јазикот ангелски, и пророштвото, и секое знаење, и дарот на исцелување, во споредба со љубовта, се ништо.

ГЛАВА 7

Со ова апостолот ја покажал целта на совршенството, па секој, откако ќе сознае дека е сиромав во споредба со едно толкаво богатство, со разгорен и напрегнет дух да ита кон оваа последна граница и на таков начин да ја истрча духовната арена, додека не го достигне тоа, според кажаното: „Така трчајте и вие, за да добиете” (1. Кор. 9, 24).

ГЛАВА 8

Разбери дека да се одречеш од себе значи потполно да му се предадеш на братството, во ниту една работа да не се раководиш според својата волја и да немаш ништо друго, освен облеката, па така, откако ќе станеш потполно независен, да можеш со радост да се држиш само до она што ти се одредува и со сите да се однесуваш како да си роб, а најмногу со настојателите, покорувајќи Му се на Христа, Кој рекол: „Кој меѓу вас сака да биде поголем” и „прв”, нека биде слуга на сите, и последен од сите, и роб (Мат. 20, 26 и 27), и да не барате ниту чест, ниту слава, ниту пофалба, „не само пред очи” да работите, „како да им угодувате на луѓето”, туку сметајќи се обврзани во сè да им служите на браќата во љубов и простота (Кол. 3, 22).

ГЛАВА 9

Настојателите на братството, одредени да бидат одговорни за едно големо дело, должни се да ги совладуваат стапиците на препредената злоба, за да не им се случи да ја извршуваат власта над браќата според страста на гордоста како над потчинети, па наместо голема полза, да не си наштетат себе си. Напротив, како татковци, кои знаат да чувствуваат болка во срцето и заради Бога се посветиле телесно и духовно да му служат на братството, нека се грижат за браќата и во секое време нека ја покажуваат својата грижа преку тоа што нив, како чеда Божји, каде што е потребно, ќе ги разобличуваат и, кога треба, ќе ги утешуваат, за да не се случи, под изговор дека станува збор за смирение и кротост, манастирите да попаднат во неред преку тоа што нема да се запазува одредениот чин на настојателите и на оние што им се потчинети. Во скришноста, пак, на умот, настојателите да се сметаат себе си за недостојни слуги на сите браќа и како воспитувачи, на коишто им се доверени духовни чеда, со целосна благост на душата и страв Божји, да се грижат секого да насочуваат кон сè што е добро, но без да знаат дека за нив се чува подготвена голема, сигурна награда, којашто го надминува секој труд.

ГЛАВА 10

Како што оние кои на себе ја зеле обврската да воспитуваат некое дете, понекогаш дури и на своите сопствени господари, не се задржуваат сосема слободно, со цел да ги образуваат и да им ја подредат наравта, да ги удрат, така и настојателите треба да ги казнуваат браќата, кога е потребно во нешто да се вразумат, но не според страста на гневот и високото мислење за себе, без да се одмаздуваат, и да ги поправаат со сета добросрдечност, имајќи ја за цел нивната духовна полза.

ГЛАВА 11

Големата ревност, труд и грижа, и подвижничкиот живот, нè доведуваат до состојба да стекнеме љубов кон Бога, според благодатта и дарот на Христа, Кој се изобразил во нас. Откако ќе ја исполниме оваа заповед, не е тешко да ја исполниме и втората ‡ мислам на заповедта за љубовта кон ближниот. Првото претпочитај го пред сè друго, и за тоа труди се повеќе, отколку за другото. Во тој случај, по првото ќе следува и второто. А ако некој ја пренебрегне оваа голема и прва заповед, мислам на заповедта за љубовта кон Бога ‡ којашто во нас ја сочинуваат нашето внатрешно расположение, добрата совест, здравите сфаќања за Бога, при истовремено содејство и на Божјата помош ‡ и има намера да се посвети само на втората заповед, т. е. грижата за надворешното служење, тогаш тој нема да може оваа заповед да ја исполнува здраво и чисто. Зашто расипаната злоба, штом ќе забележи дека умот е лишен од сеќавањето на Бога, љубовта и стремежот кон Него, Божјите заповеди ги претставува неостварливи и тешки и во душата побудува ропот, јадосување и жалење кога им се служи на браќата, или го мами човекот со вообразувањето за неговата праведност и го убедува да мисли за себе дека е достоен за чест, голем човек, кој целосно ги исполнува заповедите.

ГЛАВА 12

Кога човекот сам за себе мисли дека е ревнител во заповедите, тој отворено прави грешка и не ги пази верно заповедите, затоа што самиот за себе си дава суд и не Го очекува Оној што го дава вистинскиот суд. Кога „самиот Дух му сведочи на нашиот дух”, според исказот на Павле (Рим. 8, 16), само тогаш сме навистина достојни за Христа и чеда Божји, а не кога ќе се оправдуваме себе си во својата сопствена вообразеност. Зашто речено е: „Не оној, што се фали сам, е достоен, туку оној, кого што Господ го фали” (2. Кор. 10, 18). Кога ќе се покаже дека во човекот нема ниту сеќавање на Бога, ниту страв Божји, тогаш тој почнува да чувствува голема потреба да ја сака славата и да ги лови пофалбите од оние на кои им служи. А таквиот Господ го нарекол неверен, како што веќе беше објаснето. Зашто речено е: Како можете вие да поверувате, кога примате слава еден од друг, а славата, што е од Единиот Бог, не ја барате” (Јован 5, 44)?

ГЛАВА 13

Како што е речено, во љубовта кон Бога може да се напредува со голема борба и труд на умот, преку свети размислувања и непрестајна грижа за сè што е прекрасно, зашто противникот го попречува нашиот ум и не му дозволува да останува во божествената љубов преку паметењето на сè што е убаво, туку го мами чувството со земни желби. А кога се покажува дека умот нерасејано престојува во љубовта Божја и во сеќавањето на Бога, тогаш лукавиот умира и, така да се каже, се удавува. А од љубовта Божја и сеќавањето на Бога можат да произлезат искрената љубов кон братот, вистинската едноставност, а исто така и кротоста, смирението, искреноста, благоста, самата молитва ‡ сиот преубав венец на добродетелите го добива своето совршенство преку едната и единствена прва заповед за љубовта кон Бога. Според тоа, потребни се голема борба, таен и скриен труд, испитување на помислите, обучување на изнемоштените чувства на нашата душа за разликување на доброто и злото, закрепнување на исцрпените членови на душата и нивно оживување преку внимателен стремеж на умот кон Бога. Зашто нашиот ум, на таков начин постојано прилепен за Бога, според Павловиот исказ, е во еден дух со Господа.

ГЛАВА 14

Љубителите на добродетелта, кога пристапуваат кон исполнување на секоја заповед, потребно е непрекинато да ја имаат оваа тајна борба, и труд, и размислување, без разлика дали се молат, служат, јадат, пијат, па сè добро што се прави да се извршува во слава Божја, а не во наша слава. Секое, пак, исполнување на заповедите за нас ќе биде згодно и лесно, кога љубовта Божја ги олеснува и ја отстранува сета тежина.

ГЛАВА 15

Како што беше објаснето, противникот сета своја усилба и сиот свој труд го управува кон тоа да најде пригода за да го одвлече умот од сеќавањето на Бога, од стравот Божји и од љубовта Божја, преку земните измами и мамки да го оттргне од тоа што е навистина добро и да го насочи кон тоа што само изгледа дека е добро.

ГЛАВА 16

Добродетелите се поврзани една со друга и една со друга се држат, како некаков свештен ланец во кој една алка е закачена за друга. Така, на пример, молитвата се држи за љубовта, љубовта за радоста, радоста за кротоста, кротоста за смиреномудрието, смиреномудрието за служењето, служењето за надежта, надежта за верата, верата за послушноста, послушноста за едноставноста. А така и спротивните на нив пороци се поврзани еден со друг, на пример, омразата со раздразливоста, раздразливоста со гордоста, гордоста со суетата, суетата со неверието, неверието со жестокосрдноста, жестокосрдноста со неработата, неработата со мрзеливоста, мрзеливоста со негрижата, негрижата со очајанието, очајанието со нетрпеливоста, нетрпеливоста со сластољубието, а на тој начин, пак, и останатите членови на порокот се држат еден за друг.

ГЛАВА 17

Секое добро дело што ќе го направи човекот, лукавиот сака да го оцрни и оскверни, примешувајќи ги своите семиња, како: суетата, вообразеноста, а понекогаш и ропотот, или нешто слично на тоа, па доброто што се прави или да не биде направено само заради Бога, или да не биде направено со сето срце. Зашто напишано е дека Авел Му принел жртва наБога „од првината на стадото свое и од маста”, а исто така и Каин принел дарови, иако „од плодовите земни”, но не од првите, и затоа на жртвите на Авел Бог „погледна”, а на даровите на Каин „не погледна” (1. Мој. 4, 3-5). Од тоа можеме да се поучиме дека и нешто добро можеме да направиме не на добар начин, на пример, невнимателно, небрежно, или заради нешто друго, а не заради Бога, па така и доброто дело ќе Му биде непријатно на Бога.

Превод: отец Игор Калпаковски

Св. Макариј Велики : СЛОВО 1, За чувањето на срцето

Посети: {moshits}