mistika.jpg


Беседа 38

Потребни ни се голема проникливост и разбирање за да ги разбереме вистинските христијани, како и тоа кој е вистински христинанин.

1. Многумина навидум праведни се сметаат за христијани. Но искусните и опитни луѓе треба да разберат дали таквите навистина го имаат на себе печатот и образот на Царот, дали на уметничкото дело е втиснат фалсификуван печат, поради што на уметниците или им се восхитуваат или ги отфрлаат? А ако нема луѓе искусни, тогаш ќе биде невозможно да се откријат работниците-измамници, зашто и тие изгледаат како монаси или христијани. Зашто и лажните апостоли страдале за Христа, и тие благовестеле за царството небесно. Затоа апостолот вели: „Повеќе се трудев, повеќе рани поднесов, повеќепати бев затворен во темница” (2. Кор. 11, 23), и со ова сака да покаже дека самиот тој пострадал повеќе од нив.
2. Златото се пронаоѓа лесно, а бисерите и скапоцените камења погодни за царската круна се пронаоѓаат ретко. Често повеќето од нив се покажува дека не се добри за дадената работа. Така и христијаните, коишто ги градат душите на другите, за венецот Христов, ретко утврдуваат дека тие души се добри за да станат заедничари на светите. Слава на Оној, Кој толку ја возљубил оваа душа, пострадал за неа и ја воскреснал од мртвите! Но како што врз лицето на Мојсеј била ставена покривка за да не може народот да гледа во неговото лице, така и сега врз твоето срце е поставена покривка за да не може да се види славата Божја. А кога се симнува покривката, тогаш Бог ќе се јави и ќе им се покаже на христијаните и на оние кои Го љубат и вистински Го бараат, како што Самиот вели: „И ќе му се јавам Сам... и живеалиште во него” ќе направам (Јован 14, 21 и 23).
3. Да се погрижиме, пак, да Му пријдеме на вистинскиот Христос, за да го добиеме ветеното и новиот завет, којшто го обнови Господ, преку крстот и смртта скршувајќи ги вратите на адот и на гревот, изведувајќи ги верните души и давајќи им го внатре во нив Утешителот, и воведувајќи ги во царството Свое. И ние ќе царуваме заедно со Него во Ерусалим, Неговиот град, во небесната Црква, во хорот на светите ангели. А оние браќа, коишто долго време се вежбале и биле испитувани (биле во искушение), можат да им помагаат на неискусните и да сострадуваат со нив.
4. Некои успевале да се сочуваат и, при силно дејство на Божјата благодат во нив, сметале дека нивните членови се толку осветени, што заклучувале за себе како во христијанството веќе да нема место за похотата, туку се стекнува ум целомудрен и чист, и дека внатрешниот човек веќе лебди во божественото и небесното. Оттаму таквиот човек мисли дека несомнено ја достигнал совршената мера. И кога ќе се убеди дека влегол во сигурно пристаниште ‡ на него се креваат бранови и тој повторно се гледа себе си среде морето, одвлечен таму каде што има само вода и небо, и каде што му се спрема смрт. Така гревот кој влегол во нас ја произведува секоја зла похота. Но таквите, откако повторно ќе се удостојат за некоја благодат, и како, така да се каже, од целата морска длабочина да примиле само некоја малечка капка, го гледаат ова како чудо коешто се случува секој час и секој ден; зашто оној што искусил вакво невообичаено, ново и божествено дејство, се чуди како се прелажал. Најпосле, благодатта, божествена и небесна, го просветува, го раководи, го смирува него, сè средува на добар начин, поради што царевите и властелините, мудрите луѓе и достоинствениците во споредба со него изгледаат малечки и ниски. А со време настапува час и работите се менуваат, така што таквиот човек реално мисли за себе дека е погрешен од сите луѓе. А пак во друг некој час се гледа себе си како да е голем и чудесен цар или силен пријател на царот. И повторно во некој друг час се гледа себе си немоќен и беден. Најпосле, на умот му станува тешко да разбере зошто ова се случува вака и повторно поинаку; затоа што сатаната, кој го мрази доброто, им го сугерира лукавото на оние кои напредуваат во добродетелта и се грижи да ги разврати. Така се случуваат работите.
5. Но ти не му се покорувај на ова, прави го она што е праведно, а што се извршува во внатрешниот човек, каде што е поставен Христовиот олтар, заедно со нескверното светилиште, па сведоштвото на твојата совест да се пофали со Христовиот крст, кој ја очистува твојата совест од мртвите дела, и да Му послужиш на Бога со својот дух, да узнаеш кому му се поклонуваш, според реченото: „Ние се клањаме на она што го знаеме” (Јован 4, 22). Предај Му се на Бога, Кој е патеводител. Твојата душа нека стапи во општење со Бога, како невестата со младоженецот. Зашто речено е: „Оваа тајна е голема. Но јас ви зборувам за Христа” (Ефес. 5, 24) и за непорочната душа. На Господа слава во вековите! Амин.

Издавач: ЃаконијА

Превод: о. Игор Калпаковски

Друго:

  • sv.Makarij.Veliki.jpg

Beseda36.jpgСв. Макариј Велики - БЕСЕДА 36