Скопје, Македонија - На денот кога светата Божја Црква го слави споменот на преподобен Макариј Велики,  свети Марко, архиепископ Ефески и  блажениот Теодор, митрополитот Американско - канадски г. Методиј во сослужение на презвитер Игор Калпаковски и ѓаконот Горан Стојчевски, отслужи Божествена Литургија во храмот посветен на св. Великомаченик Георгиј во Скопје.  Многубројниот верен народ се причести со Светите Тајни Христови.
Пред мноштвото верен народ Митрополитот оддржа пригодна беседа посветена на денешното Евангелско четиво.


Во Името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

Возљубени браќа и сестри, восхитува истрајноста со којашто овој слеп човек Му се молеше на Бога. Тој е навистина пример за сите нас како истрајно и постојано треба на Бога да Му се молиме.
Меѓутоа уште едно место од ова едноставно Евангелско собитие го привлекува нашето внимание. Самиот Господ Којшто се знае навистина Го прашува човекот што сакаш да ти направам, а тој му вели: Господи сакам да прогледам.
И ние многу често браќа и сестри се молиме на Бога, нашата молитва некогаш е цврста и усрдна, некогаш е расеана, меѓутоа треба да се запрашаме дали навистина знаеме што бараме од Бога. Некогаш нашата молитва е само механичка, нешто што сме научиле од книгите, од молитвениците, нешто со што сакаме да ги имитираме светите. Вистинската молитва е онаа кога човек ќе застане и навистина со смирен ум ќе си го постави тоа прашање: што бараме од Бога, што сакаме Бог да ни направи? Исто онака како што и овој човек којшто беше слеп со години, знаеше што бара од Бога. Тој тоа го покажа не само со тие зборови, туку и со начинот на којшто Го ослови Спасителот. Дури ни учениците во тоа време не Го нарекуваа син Давидов, а овој слеп човек, слеп со својот физички вид, знаеше кој е Тој. Само кога слушна дека Исус Назареецот доаѓа тој знаеше дека е синот Давидов.
Тоа е голема тајна како што Спасителот и на Петра му рече, зашто тоа човек на човека неможе да му го каже, само Бог може да Му го открие. Токму затоа оној којшто во своето срце постојано се грижи и внимава за себе и за своето спасение, тој знае кој е Бог и знае што бара од Бога. Тогаш неговата молитва ќе биде услишена. Амин.

 

 Извор: http://www.akmpe.org/