Oltar.Ljubanci.jpg


БЕСЕДА 22

За двојната состојба на оние кои си заминуваат од овој живот.

Кога човечката душа ќе излезе од телото, се случува некоја голема тајна. Зашто, ако е таа виновна за гревови, доаѓаат толпи демони и недобрите ангели и темните сили ја земаат душата и ја носат во својата област. И никој не треба да му се чуди на ова, затоа што, ако душата во овој живот, наоѓајќи се во овој век, ним им се потчинувала и покорувала и била нивни слуга, тогаш уште повеќе тие ја задржуваат неа за себе и таа останува под нивна власт кога си заминува од светот. А што се однесува на добриот дел, треба да мислиш дека работите стојат вака. Кај светите слуги Божји уште сега престојуваат ангели и нив светите духови ги опкружуваат и ги чуваат. И кога тие си заминуваат од телото, тогаш чиновите на ангелите ги примаат нивните души во својата област, во чистиот век, и на тој начин ги приведуваат кон Господа.

БЕСЕДА 23

Како што царскиот и скапоцен бисер можат да го носат само родените од царско семе, така и небесниот бисер можат да го носат само Божјите деца.

1. Големиот, скапоцен царски бисер, кој се вметнува во царската круна, му припаѓа само на царот, и само царот може да го носи тој бисер, а на друг човек не му е дозволено да носи таков бисер. Така, ако некој не е роден од царствениот и Божји Дух и не се направил да биде од небесен и царски род и Божјо чедо, според напишаното: „на сите што Го примија... им даде можност да станат синови Божји" (Јован 1, 12), тогаш, бидејќи не станал син на Царот, не може да го носи небесниот и скапоцен бисер, овој образ на светлината, и тоа на неискажливата светлина, т.е. Господа, затоа што оние што го поседуваат овој бисер и го носат ќе живеат и царуваат со Христа во вековите. Зашто вака рекол апостолот: „Како што го носиме обликот на земниот, така ќе го носиме и образот на Небесниот"(1.Кор. 15,50).
2. Додека пасе во шумите заедно со дивите животни, коњот им е непокорен на луѓето. А кога ќе го фатат, за да го скротат му ставаат тешка узда, додека не научи да оди правилно и право. Потоа, некој искусен јавач го вежба, за да го подготви за борба. Тогаш го вооружуваат, мислам на градниот оклоп и визирот, а уздата ја закачуваат и ја тресат право пред неговите очи, за да се навикне и да не се плаши. И ако, обучуван така од коњаникот, не се научи, не може да оди во војна, а ако се научи и привикне на борба, штом го чуе звукот на битката, самиот подготвено оди на непријателите и само со своето 'ржење им влева страв.
3. Слично на ова и душата, којашто по престапот здивела и станала непокорна, во пустините на светот се зближува со ѕверовите - лукавите духови, продолжувајќи да му служи на гревот. А кога ќе го слушне Божјото слово и ќе поверува, тогаш, зауздувана од Духот, ги остава дивата нарав и плотското мудрување, управувана од коњаникот Христос. Потоа, ставена е на мака, во смиреност и стеснетост, што е неопходно за нејзиното испитување, за постепено Духот да ја скротува, малку по малку исцрпувајќи го и истребувајќи го во неа гревот. И на тој начин, душата облечена во оклопот на правдата, во шлемот на спасението, во штитот на верата, и откако го примила духовниот меч, се научува да се бори со своите непријатели, и вооружена со Духот Господов, се бори со духовите на злобата и ги угаснува распалените стрели на лукавиот. А без духовното оружје не може да стапи во војската. Штом, пак, ќе го има оружјето Господово, само што ќе наслушне и насети голема битка, излегува со вриштење, како што е кажано кај Јов (Јов 39, 25); затоа што непријателите паѓаат и само од гласот на нејзиното молење. А откако ќе изврши таков подвиг и со помош на Духот ќе победува во борбата, со голема смелост ќе ги прими победничките венци и ќе се успокојува заедно со небесниот Цар. Нему слава во вековите! Амин.

Издавач: ЃаконијА

 

Друго:

  • sv.Makarij.Veliki.jpg

 

Посети: {moshits}