БЕСЕДА 10

За тоа дека даровите на Божјата благодат се запазуваат и умножуваат преку смиреномудрието и усрдноста, а се губат преку превознесувањето и негрижата.

monah.klupa.jpg1. Внстинољубивите и богољубивите души, што со голема надеж и вера посакале целосно да се облечат во Христа, немаат толку потреба другите да ги потсетуваат и не им се случува да им се намалува небесната желба и љубов кои Господа. Целосно приковани на крстот Господов, тие секојдневно во себе осознаваат едно чувство на духовно напредување во поглед на приврзаноста кон духовниот Младоженец. Откако се раниле со небесната желба и жеднеејќи за вистината на добродетелите, силно и ненаситно го посакуваат духовното озарување. А ако за својата вера се удостојат да го примат познанието на божествевите тајни или станат учесници во радоста на небесната благодат, не се потпираат самите на себе, сметајќи дека се нешто посебно, туку колку повеќе се удостојуваат за духовните дарови, толку поинтензивно, поради ненаситноста на небесната желба, ги посакуваат истите, колку повеќе во себе го сеќаваат духовното напредување, толку се погладни и пожедни за учествувањето во благодатта и нејзиното умножување, колку повеќе се збогатуваат духовно, толку повеќе како да осиромашуваат во своето мислење за себе, а тоа е поради ненаситноста на духовната желба да се стремат кон небесниот Младоженец, како што вели Писмото: „Оние што ме јадат - погладни ќе бидат, а оние што ме пијат - пожедни за мене ќе бидат" (Мудр. Сир. 24, 23).
2. Таквите души, коишто во себе имаат пламена и ненаситна љубов кон Господа, се достојни за вечен живот. Затоа се удостојуваат со избавување од страстите и во полнотата на благодатта совршено го примаат озарувањето и учеството во Светиот Дух, т.е. неискажливото и таинствено општење. А душите што не се храбри и се ослабнати, коишто, бидејќи се уште се наоѓаат во плот, не се грижат овде преку трпението и великодушноста во себе да примат, не делумно, туку целосно осветување на срцето, не се надеваат совршено, со целосно чувство и несомненост, да бидат во општење со Духот Утешител, поради таквата нивна состојба не примиле од Духот избавување од штетните страсти или, ако и се удостоиле со Божјата благодат, но привлечени од порокот, и се предале на некаква безгрижност и неактивност.
3. Душите како овие, коишто ја примиле благодатта на Духот и нашле за себе благодатна утеха во успокојувањето, желбата и во духовната сладост, па се потпреле на ова, се превознесуваат, се предаваат на безгрижност, не понижувајќи се со срцето, не смирувајќи се во мислите и не достигнувајќи ја совршената мерка на бестрасноста, не здобивајќи го тоа, преку усрдноста и верата, целосно да се исполнат со благодатта, се задоволиле со тоа и се успокоиле и останале на малечка благодатна утеха, откако напреднале повеќе во превознесувањето, отколку во смирението, ако и се удостоиле за некаков дар, го губат, поради негрижата и небрежноста и поради суетната надуеност на нивното субјективно мислење.
4. Вистински богољубивата и христољубивата душа, макар и да извршила илјадници праведни дела, поради својот ненаситен стремеж кон Господа, за себе мисли како се уште ништо да не направила. Макар и да го истоштила своето тело со постови и бдеења, во неа останува чувството како се уште да не започнала да се труди за добродетелите. Макар и да се удостоила да стаса до различни духовни дарови, или до откровенија и до небесните тајни, поради неизмерната и ненаситна љубов кон Господа, самата во себе наоѓа како се уште ништо да Не стекнала. А од друга страна, катадневно гладна и жедна, со вера и љубов престојувајќи во молитвата, не може да се насити од благодатните тајни и од доброто изградување на себеси во секоја добродетел. Ранета со љубовта на небесниот Дух, со помош на благодатта во себе непрестајно го поттикнува пламениот стремеж кон небесниот Младоженец, посакува во целост да се удостои со таинственото и неискажливо општење со Него во светињата на Духот, со откриено лице на душата, Го гледа небесниот Младоженец лице в лице, во духовната и неискажлива светлина, сосема несомнено влегува во единство со Него, се сообразува со Неговата смрт, со голема желба непрестајно ја очекува смртта заради Христа, несомнено верува дека преку Духот ќе прими целосно избавување од гревот и од темнината на страстите и, откако ќе се исчисти со Духот, откако ќе се освети душевно и телесно, ќе се удостои да стане чист сад, за да го прими во себе небесното миро, и стан на небесниот и вистински Цар, Христос. И тогаш таа станува достојна за небесниот живот, станувајќи уште овде чисто живеа-лиште на Светиот Дух.
5. Но душата не може да дојде до таа мерка одеднаш и без испитувања. Напротив, таа духовно расте и напредува, дури до совршената мерка на бестрасноста, со многу труд и преку многу подвизи, во текот на подолго време, одржувајќи една внатрешна решителност, поминувајќи испитувања и различни искушенија. И дури тогаш, откако подготвено и храбро ги издржала сите искушенија од гревот, ќе се удостои за големи почести, за духовните дарови, за небесното богатство, и на тој начин ќе се направи наследничка на небесното царство со Христа Исуса, нашиот Господ. Нему слава во вековите! Амин.

 

Издавач: ЃаконијА

Друго: