GEORGIJ.KAPSANIS

                    Колку што се очистува човекот од страстите, толку стекнува способност за вистинска заедница со Бог и со другите човечки личности. Оние кои го гледаат човекот романтично и надворешно го пренесуваат злото од луѓето врз заедницата (општеството), затоа и се застапуваат за тоа дека подобрувањето на општеството ќе ги подобри и личностите. Но, ние православните без да го негираме значењето на општественото влијание на личностите, даваме предност на преобразбата на личноста преку покајанието и Божествената благодат. Голема заблуда е да сакаме да ја промениме заедницата без да се бориме, да се промениме себеси.

Бесполезно е да веруваме дека промената на некои општествени уредби ќе донесе промена кај луѓето без покајание. Болниот човек го разболува општеството и болните општества уште полошо ги разболуваат луѓето. За да ги исцелиме општествените болести без да ја исцелиме личната болест, претставува префрлање на проблемот, негирање на прифаќањето на нашата лична одговорност, избегнување на покајанието, потврдување на нашиот егоизам, одбивање да се видиме реално онакви какви што сме. Интересно е што Господ го постави личното покајание како предуслов за учество во Неговото Царство.

Исто така не треба да се превидува делото на ѓаволот во расцепувањето на личностите и општествата и во завладејувањето на злото. Хуманистичкото упростување на општествените проблеми го негира постоењето на ѓаволот. Напротив, во Евангелието и во христијанското искуство се открива величината на демонските дејства врз лицата и општествените состојби и потребата од борба против ѓаволот, откажување и изгонување на лукавите духови.

Дело на облагодатените освештени монаси и лаици е разликувањето на духовите, за да не падне христијанинот во замките што ги поставува лукавиот, кога се појавува со добра маска. Ја нагласивме силата на непријателските противлитургиски и противопштествени сили не за да ја покажеме немоќта за нивно победување, туку потребата да се земат предвид од страна на христијанинот кој се подвизува. Христос ги победи овие сили и христијанинот може со силата на Христос и во содејство со Божествената благодат да учествува во оваа победа на Христос. Во оваа точка темелно се разликува христијанската општествена борба од секоја друга борба.

Заедницата (општеството) која сакаат да ја создадат хуманистичките системи (идеалистички и материјалистички) е човекоцентрична. Заедницата на христијаните е Богочовекоцентрична. Во основата на христијанскиот социјализам се наоѓа смирението. Додека во основата на хуманистичкиот социјализам е гордоста, самодоволноста, затвореноста за Бог.

                Се работи за повторување на истиот грев на Адам: Барање на обожението без Бог. Веројатно не е случајно тоа што овие два хуманистички система со нивната примена во економијата (капитализам, комунизам) се родија на еретичкиот Запад, каде што претходеше религиозната антропоцентричност на „безгрешниот“ Папа и Филиоквето. Нека размислат за овие работи православните или поранешните православни кои непромислено го негираат нашето православно предание, обично од незнаење, за да се прилепат за западните системи. Само човечкиот карактер на нехристијанскиот социјализам ја одзема способноста да ѝ даде мир на душата на човекот, затоа што го остава непомирен со неговиот Небесен Отец, и затоа е несреќен.

             Да се сетиме на зборовите на светиот Августин, кој го изразува човечкото искуство: „Си нѐ создал, Господи, за Тебе и нашето срце е немирно додека не се успокои во Тебе“. Безбожните општествени системи помагаат да решиме некои општествени и економски проблеми, но не да го сретнеме вистински и суштински Бога и човекот. Не даваат задоволителни одговори на нашите егзистенцијални прашања и особено проблемот со смртта. Светот се уредува убаво за да умре. Иако овие системи, особено марксизмот, се одликуваат со едно силно световно месијанство, во реалноста не нѐ „пренесуваат од смрт во живот“, и затоа создаваат трагични луѓе, без надеж.

                 Силната хуманитарна и претприемничка дејност некогаш е последица на обидот да го заборавиме нашиот главен проблем, проблемот на смртта, и да се избавиме од стресот, празнината и досадата кои го обележуваат животот отцепен од неговиот извор, од Троичниот Бог. Затоа и овие системи, покрај добрите и чисти предлози на многу благородни луѓе кои се борат и жртвуваат за нивниот идеал, во длабочината се против човекот.

              Во името на една подобра и поправедна заедница, го попречуваат човекот од потполната богочовечка заедница, која самата конечно ја успокојува и исполнува неговата природа, го поробуваат во одредени рамки на затворената машинерија на безличниот материјалистички свет, го лишуваат од гледањето на Небото. Какво значење навистина може да има нашиот живот, ако сме усовршени животни а не икони Божји; ако сме осудени на смрт, без можност за учество во вечниот живот на Бога?

(Издание на Свештениот манастир на Преподобен Григориј – Григоријат, Света Гора)

Превод од грчки јазик: Свештеник Јани Мулев

Православна светлина бр. 68

 

https://crkvaveles.wordpress.com/2024/01/24/%d0%b1%d0%be%d0%bb%d0%bd%d0%b8-%d0%bb%d1%83%d1%93%d0%b5-%d0%b1%d0%be%d0%bb%d0%bd%d0%be-%d0%be%d0%bf%d1%88%d1%82%d0%b5%d1%81%d1%82%d0%b2%d0%be/?fbclid=IwAR2LV0mFa5MV5gGPUkgkOM2AHA55nTgOOM8iEJek63JYz3EAtK1RouFMKbA