TVIT188

ЧУДОТО

Во текот на својот живот, човекот се соочува со најразлични тешкотии. Тие се поврзани со здравјето, со финансиите, со работата и многу други моменти во кои човекот ги достига границите на своите можности, доколку биде повикан да се соочи со нив. Така се случуваат оние тешки моменти кога човекот сфаќа дека е совршено неспособен да се справи со нештата во животот и започнува очајно да бара помош.
Но, ако помошта од неговите најблиски не е доволна, тогаш за да најде решение, тој започнува да бара божествена интервенција, чудо.
               Чудото е последното средство кон кое се прибегнува по решение низ целата човечка историја. Човекот очекува чудо што ќе го ослободи како со волшебно стапче  од неговиот проблем, бара чудо што ќе му го промени начинот на живот. Но, упорната потрага по такво чудо многу пати води до потрага по чудотворец. И тоа може да биде фатално.
Многумина се однесуваат кон потрагата по ‘’чудотворец’’ како кон единствена животна цел. Тие го бараат „светителот“ кој се стекнал со репутација на „специјален гласник“ во светот за спас на луѓето. Таквата личност, која на крајот започнува да се потпира на своите следбеници, станува нешто како атракција, станува симбол кој ги задоволува болните човечки духовни потреби.
          Во душите на таквите „трагачи“ се одгледува илузијата дека само таков човек може да направи чудо со својата молитва. Се создава илузија дека чудото се случува како по некој „таен рецепт“, магично, автоматски, се додека човекот сам го побара. Луѓето очајнички го бараат чудото што ќе ги спаси. Но, тоа го бараат на погрешен начин, магично, директно - овде и сега, веројатно затоа што така се научени.
           Но, вистината е дека нашите животи не се засноваат на магија, туку на надеж. Надежта значи вера во Бога, борба и труд, без никакви тајни рецепти и магии. Без чудотворци кои велат дека нивната молитва прави чуда. На тој начин се губи смислата на молитвата и божествената сила на Крстот или благодатта на кој било светител прикажан на икона, бидејќи навлегува личниот елемент, кој секој свет предмет го претвора во обичен инструмент. Така, чудото повеќе не се сфаќа како пројавување на Божјата благодат, туку на човечка сила - и секој му се восхитува на конкретниот „чудотворец“, а не на Бог.
                 Збунетоста во умот на човекот, која е причинета од таквите искривувања, ја повредува неговата вера и ја менува смислата на животот пренесен од православното учење. Затоа што верата не е привилегија на неколкумина избрани. Сите луѓе се повикани од Самиот Христос да веруваат во Него и слободно да Го следат.
              Случајот со Хананејката од Евангелието јасно ни го покажува тоа. „Голема е твојата вера“, ѝ вели Христос. Голема вера во Христа од еден идолопоклоник. Таа веруваше со своето срце и не беше навредена од испитот на кој Бог ја стави. Таа поверувала и го барала чудото од Единствениот, кој според неа можел да го направи и заслужила да го слушне Бог како и вели: „ О, жено, голема е твојата вера; нека ти би¬де по желбата твоја! “ – и чудото се случило!
Митарот од параболата - човек омразен од своите современиците, потонат во грев, буквално ги присилуваше луѓето со собирање на даноци, чувствувајќи ја сопствената грешност,не се осмелуваше да погледне кон Небото,но извика: „Боже, биди милостив кон мене грешникот“. И Бог ја прифати неговата молитва.
              И обратно - фарисејот, религиозниот човек, верниот човек - оној што го правеше она што го налагаше Божјиот закон, на крајот се покажа дека нема вера во Бога. И покрај сите негови молитви и пост, тој беше исполнет со горделива себичност, мислејќи дека е поправеден од другите луѓе. Меѓутоа, Бог на крајот не ја прифати неговата молитва. Преку светото Евангелие и параболите до денес се открива недоволната вера на оние христијани кои се сметаат себеси за Божји избраници.
            Се потврдуваат Христовите зборови: „Цариниците и блудниците ќе ве преварат во царството Божјо“. Христијаните, „избраните“, не можат да станат пример за подражание, но луѓето кои не се нарекуваат себеси христијани - „неизбраните“, покажуваат дека имаат поголема вера. И на крајот ни даваат пример  за патот по кој треба да одиме.
          Недостатокот на вера го извлекува чудото од нашите животи. Тоа е последица и на негрижата и неодговорноста што ја покажуваме. Сакаме се да се реши магично, без личен напор, без да се „уништи“ начинот на живот на кој сме навикнале. Животот во Христа престанал да биде начин на живот за денешниот христијанин. Станува сува, замрзната и бесвкусна рутина. За жал, ваквиот однос кон духовниот живот води во ќорсокак, во очај, во депресија.
Овој начин на живот веќе станал навика, самиот живот стана само „одминување на времето“, за разлика од животот на оние кои не изгубиле надеж – нешто што на многумина им звучи чудно. Но, за да се надеваме потребни се и сила и храброст. Кој се надева, тој доживува чуда и ситуации кои човечкиот ум не може да ги објасни.
         Надежта е став ( однос ) кон животот. Тоа е волја за живот. Чудата навистина се случуваат во нашите животи, но само ако имаме вера. Чудото е присуството на Бога во нашите животи. Самиот Тој сака да интервенира во нашите животи, но чека да Го повикаме. Чудото не се случува само затоа што Го молиме, туку и да нè „разбуди“, да ни го покаже своето присуство и да не научи да не Го забораваме.
           Ако навистина сакаме да гледаме чуда, не само што со зборови мораме да се нарекуваме христијани, туку и во суштина да бидеме христијани, а тоа бара преиспитување на многу грешни работи и штетни навики на кои сме се навикнале и на кои „се чувствуваме удобно“. Треба да ги „засукаме ракавите“ обидувајќи се да го надоместиме изгубеното време. Да се стремиме кон смирение и покајание - доблести кои се украс во животот на христијанинот, а преку кои ќе можеме да ја оживееме нашата вера во Бога. Преку оваа вера ќе се зајакне нашиот внатрешен свет. Ова ќе биде чудото што ќе ги промени нашите животи. Тоа ќе ни даде сила да се издигнеме од духовната летаргија која не води во ќорсокак. И нашата душа ќе биде исполнета со светлина и надеж!
Честито навечерие на Великиот пост и успешен духовен подвиг!

Архим. Вартоломеј (Газетас) - игумен на манастирот Света обител  Есфимен, Света Гора – Атон
Извор: Светиот манастир Есфимен


За Пеминпортал С.Стефковски

 

 Февруари 2023 лето Господово