TVIT184

Денес си спомнуваме за светиот маченик Трифун.
Други тврдат дека денеска бил ден на љубовта.
И е.

             Па  да си спомнеме тогаш за она што последно се чуло од усните на овој маченик пред да ја положи душата своја цврсто исповедајќи ја верата во Христа и да ги споиме Трифун и љубовта. Она што последно го изговорил светиот Трифун е молитвата за гонителите: „Господи не им го пишувај ова за грев“.
            И има ли поголема љубов од оваа да се молиш за непријателите свои  и за оние непријатели на Христа Бога кои се дрзнале да убиваат мислејќи дека со тоа и верата во Хрста можат да ја убијат?
Ама што подразбираме денес ние под љубов е вечното прашање.
            Денес љубовта ја мешаме со плотска страст и ги полниме трговците со пари за бонбони, балони и цвеќиња, прстени…
             Или пак, другата крајност, во име на љубовта кон верата се докажуваме кој е поправославен и делиме билети за пеколот на секој ближен кој не е по наша воља. Па во име на таа “љубов” се распнуваме меѓусебно цитирајќи канони и ја забораваме Христовата заповед да се љубиме еден со друг и да растеме во неа сведочејќи дека сме Христови ученици. Да не зборувам за заповедта да ги љубиме и да се молиме и за непријателите наши.
             И ете ден и на љубовта е денес. Но, онаква љубов каква што имал Светиот маченик Трифун.
            Но, во тоа се разликува нашата вера и нашата љубов  од верата и љубовта на св. Трифун. Во почитувањето на заповедта Христова за љубовта кон ближните и кон непријателите, а не во цитирањето канони, палењето библии, не во пиењето вино, ни во купувањето скапи подароци.


За многу години драги ем мили мои.

 

 TVIT100.Pimen

Митрополит Европски Пимен

 

14ти февруари 2023 лето Господово