TViTer801

„Што сакаш да ти направам?“
Оној што јасно се видел себеси,
поголем е од оној што гледа ангели.

– Ава Исак Сирин
           Ние дефинитивно живееме во една сеопшта атмосфера на духовно слепило, во која никој ништо не гледа јасно – ниту Бог, ниту ближниот, а особено не себеси, барем не според критериумите на Светите отци. Состојбата во која човек јасно се гледа себеси, а пред сѐ, својата огревовеност и паднатост, Светите отци ја нарекуваат самопознание.
Вистинското самопознание не е гола автосугестија, како кога гласно велиме дека сме грешни и паднати, а веќе во некоја следна ситуација се однесуваме како да сме судии на вселената. Самопознанието, како и сѐ друго што е добро и спасително, е дар Божји. Вистинското самопознание е длабока и непоколеблива убеденост на нашата душа во својата сопствена грешност и недостојност, дури и тогаш кога сите би велеле дека сме добри и свети. Без вистинско самопознание нема богопознание, бидејќи нема ниту атмосфера во душата за вистинска молитва.
           Таа состојба е иста со онаа на слепиот во денешното евангелие (види: Лука 18, 35–43). Тој, свесен за својата слепост и немоќ во целиот метеж и толпа од народ, откако му кажале дека поминува Исус Назареецот, сите свои сили, и душевни и телесни, ги насочил кон тоа да Го застане, повикувајќи: „помилуј ме“. Секако дека овој евангелски настан и квалитет на молитва на слепиот содржи во себе томови светоотечки списи и бара пошироко толкување (види: Митрополит Струмички Наум, „Ни Јас не ви кажувам...“, стр. 94–97), но за сите нас, кои сѐ уште не сме поставиле добар почеток и сѐ уште имаме лажна претстава за себеси, од пресудно значење е да зборуваме за самопознанието.
           Во толпата народ сигурно имало луѓе кои можеби уште погласно викале од слепиот, сакајќи да го свртат вниманието на Спасителот, но болката, копнежот, свесноста дека е слеп и дека само Христос може да го помилува, како и усрдноста наспроти сите замолкнувања да престане со молитвата, Го трогнале и Го застанале Самиот Бог: „Исус застана и заповеда да Му го доведат...“
            Единствено длабокото самопознание и покајанието што произлегува од него создаваат услови за Исусовата молитва во која ништо не бараш, и ништо не велиш освен „помилуј ме“, бидејќи си убеден дека ништо не заслужуваш. Таквата молитва гради личносен, богочовечки однос и Го „принудува“ Оној штo со ништо и од никого не може да се принуди, Самиот Тој да го повика човекот и да го праша: „Што сакаш да ти направам?“ А, тој смирено одговара: „Господи, да прогледам!“
           Оној што не стекнал самопознание, кутриот и не гледа дека е во темнина. Таквиот не бара ниту да прогледа, ниту чувствува потреба од Христос. За него темнината станала светлина. Затоа, да оставиме сѐ и да се свртиме од блесокот на овој свет што духовно нѐ заслепил, искрено да погледнеме во себеси и да повикуваме смирено, како што нѐ научи великиот Григориј Палама: „Господи, просветли ја мојата темнина“.


Викарен Епископ Јаков Полјански

Јануари 2023 лето Господово