3.angeli.so.truba


Умно-срдечната молитва – критериум на вистинско богословие (07.07.2020 15:45)

Теологија без умно-срдечна молитва е повеќе технологија, т.е. умешност, односно техника на составување и вообликување на мислата и на зборот, отколку богословие, отколку Божјо слово; повеќе знаење што произлегува од начитаност и логика отколку знаење што произлегува од личносна заедница со Бог и своите ближни, во Телото на Воплотеното Слово, Црквата.

„Теолошката наука што се учи во школите и која стана научна дисциплина достапна за сите не ни овозможува познание на Бог. Познанието на Бог извира од животот во Бог, кој се раѓа во внатрешноста на срцето“ (Старец Софрониј).

Како се објаснува претходно напишаното? Штом срцето доволно ќе се очисти од страстите, се случува она што свети Григориј Синајски го нарекува актуализација на благодатта на Крштението. Односно, благодатта на Светото Крштение, која извира од доволно очистеното срце, ни го открива местото на срцето; а умот, неодоливо привлечен на тоа место, сака да остане таму, во заедница со Бог, внимателно и со плач следејќи ја вообичаената молитва „Господи Исусе Христе, помилуј ме“.

Вака почнува процесот на преобразување на севкупната човекова личност – на човековата душа, односно на човековиот ум, на човековиот духовен разум, на човековата мисла, на човековите чувства, на човековото слово, на човековите дела и на самото човеково тело. И самото човеково присуство на одредено место станува присуство во сила. Човекот е присутен со својата преобразена сила и во она што го пишува.

Преобразеното слово станува слово во сила, слово зад кое стои тежината на личниот аскетско-исихастички подвиг и дарот на Божјата благодат. Тоа слово станува Божјо слово, богословие. Затоа таквото слово има сила да допре до длабочините на срцето на добронамерниот човек што го слуша, да му донесе светлина на богопознание, надеж за спасение и сила за подвиг. „И словото мое и проповедта моја не се состоеше во убедливи зборови на човечка мудрост, туку во пројава на Дух и сила“ (1 Кор. 2, 4).

Некои луѓе, денес, на своја сопствена духовна штета ја мешаат светлината на вистинската теологија што произлегува од умно-срдечната молитва и од чистењето на суштината на умот со знаењето што произлегува од т.н. прво гледање на светлината, односно од умствената молитва и чистењето на енергијата на умот.

Првото ни се дава како дар на просветленост на умот и како светлина во која се водиме самите себе и оние пред кои Бог нè постави да нè следат, како дар на теологија и мистагогија; а второто ни се дава како светилка во процесот на очистување на срцето, како светилка која нè води по патот на вистинското послушание и согледувањето на сопствените гревови. Ако нејзината светлина (поточно, знаењето што потоа останува) ја употребиме за согледување, судење и осудување на туѓите гревови, и одозгора тоа го наречеме теологија, тогаш само Господ може да нè извлече од друштвото на демоните и од трагичната прелест на религиозната социопатија.

Еве зошто постојано инсистирам на подвигот на восогласување на начинот на нашиот живот со степенот на духовниот раст на кој се наоѓаме, како и со местото и функцијата што ги имаме во Црквата. Еве зошто постојано инсистирам на држење на умот во процес на исцеление преку послушание кон духовниот отец. Еве зошто постојано инсистирам на заземање и седење на „последното место“ и анонимност. Еве зошто постојано инсистирам на барање на Божјата Правда, а не на човечката.

Модерното христијанство паѓа токму на овие позиции: не сака да слуша за восогласување, го отфрла благиот јарем на послушанието, анонимноста е смрт за неговата суета, првата „светлина“ од очистената енергија на умот ја користи за судење и осудување на другите, односно за духовно самоубиство; и опиено е од барањето човечка правда. Болно е од некој вид „инстант духовност“ – изгледа од читање книги; духовност без долг временски период поминат во саможртвен подвиг и самоодрекување – каков што, на пример, имаат монасите.

Последиците од ваквата „инстант духовност“ се трагикомични, но присутни. Ќе ви објаснам со еден пример, но не го земајте за сериозно, тоа е сепак, дребност во однос на другите големи зла. Денес, кога очигледниот, пред сѐ, внатрешен дуализам на оние што ги водат црквите се пројавува во вид на длабоки политички, етнофилетистички и црковни расколи; и кога речиси сите административно организирани помесни цркви полека заземаат страна во главниот и најголем раскол – меѓу Константинопол и Москва, кој сигурно се утврдува; кој беше само прашање на време кога ќе се случи (за кој дури не требаше ни просветлен ум за да се предвиди); и кој, како што знаеме од историјата, тешко дека во догледно време ќе се исцели (дај Боже да грешам); се појавуваат некои очајни теолошки аналфабети, што ништо црковно не значат и не претставуваат (дури ни за српскиот шовинизам), и говорат за некакво соборно православие, па дури и анализираат некои случувања во таквото. Со кој ум?

Откако Московскиот Патријарх Кирил еднострано ја прекина Евхаристиската заедница со Вселенскиот Патријарх Вартоломеј, веќе не може да стане збор за некое соборно православие какво што некои излажани умови си го замислуваат и како што тоа досега функционирало. Истите тие заблудени умови сега тврдат дека тоа што се случува е само некаков внатрешен, домашен раскол меѓу Вселенската Патријаршија и РПЦ, додека пак, расколот меѓу СПЦ и Македонската Православна Црква – ОА бил „надворешен“ раскол. А во што е разликата меѓу двата раскола и зошто тие заземаат страна, со осудување и исмевање на Вселенскиот Патријарх (кој е многу добро информиран за сѐ), и тоа токму во моментот кога Вселенската Патријаршија одлучно го презема македонското црковно прашање за решавање и кога тој процес е пред самиот крај, тоа не го објаснуваат. А сето тоа што го објаснуваат, сублимирано, е лага, шепната од таткото на лагата. Тоа е таа плитка и злонамерна анализа на непросветлени и неповикани, самонаречени аналитички умови, а одамна прочитани; од која корист имаат само демоните и нивниот предводник ѓаволот, заради наивните, како и болните души, што преку нив ги ловат. Тоа се случува кога пророците на расколот се занимаваат со „соборност“.

Пророци на расколот се луѓе кои длабоко во себе копнеат за одржување на расколот во кој се наоѓаат и никогаш не сакаат да се реши; и тајно работат на тоа; затоа што знаат дека по решавањето би го изгубиле значењето кое само тие самите за себе си го имаат во своите очи – и кај сличните на нив, додека надворешно се прикажуваат како клучен фактор за решавање на некаков раскол, кој всушност е имагинарен – постои само во очите на оние што сакаат да постои, но не и во Бог. Тоа е познат психолошки механизам на самоодбрана, а всушност потиснување на обратната проекција, од типот реакција формација. Со прости зборови – психолошка болест од ниво на социопатија. Тешко излечива. Сите сме грешни, ама некои се и болни. Затоа и реков да не се земаат сериозно.

Освен различните поводи и различните субјекти, нема суштинска разлика меѓу двата спомнати административни раскола. Истоветноста е во прекинот на вообичаената Евхаристиска заедница, која тука и таму, повремено, индиректно се одржува. Понекогаш се случува дури и директно – меѓу нив самите, ако не толку со сослужување, барем со заедничко причестување. А Светиот Дух, како што Си знае, пребива кај прогонетите и кај оние што се трудат расколот да се надмине. Битно, штом Вселенскиот Патријарх го решава нашиот случај, тоа е исто така, во најмала рака, внатрешен и домашен проблем; ако е воопшто – проблем. Иако, досега, веќе требаше да биде решен.

Имам напишано: заедницата на канонските национални цркви, што се поистоветуваат со овоземните форми на општествено организирање (држава, нација), и кои тежнеат кон овоземна централизација на власта – и надвор од државите во кои дејствуваат, се очигледно овоземна, лесно растурлива шема, но истовремено, и одлично се поставени за преземање од страна на антихристот. Допрва ќе видиме во кој правец ќе се развиваат нештата.

Таканаречените канонски национални цркви, што функционираат како една од овоземните шеми – наспроти Едната, Света, Соборна и Апостолска Црква, се и лоша илузија, преку која заблудените умови на некои нивни следбеници си ја прават својата сотириолошка – но многу демонска математика: дека само тие ќе се спасат, а цел свет ќе отиде во пеколот, а посебно клетите „расколници“. Која религиозна социопатија, о Боже? Каков антихристов дух?

Но, да не изумиме: гревот го мразиме, а оној што греши – го љубиме. Колку и да греши...

Пресвета Богородице, по молитвите на свети Јован Крстител, спаси нѐ сите!



Митрополит Струмички Наум

 

 http://www.mpc.org.mk/MPC/SE/vest.asp?id=7299

 

 Друго: