Дедо Наум♥️"Учителка

Деца, овој пат сакам да споделам со вас некои мои сознанија, доживеани како одредени случувања, кои ги чувствувам како клучни во мојот духовен живот, а се надевам и вам многу ќе ви помогнат. Примете ги како проста исповед (без многу објаснување) и помолите се за мене бидејќи, иако знаев, многу потфрлив во исполнувањето. Еднаш, во својата младост, во книгата „Старец Захариј“ (1850–1936) го прочитав следново: „Старецот многу се радуваше кога некој од неговите духовни чеда го исполнува молитвеното правило на Богородица, кое се состои од тоа молитвата ‘Богородице Дево’ да се кажува секој ден по сто и педесет пати. Мајката Божја Самата го има устроено ова правило, но луѓето уште одамна го пренебрегнале, пренебрегнувајќи го така и послушанието кон Богородица Патеводителката, нашата Радост“. Го доживеав прочитаното како за мене да се однесуваше и со голема радост го прифатив.


Уште велел: „Ништо не започнувајте, чеда мои,без благослов од Царицата Небесна. А кога ќе го завршите делото за кое сте барале благослов, заблагодарете Ѝ на Неа, брзата Помошничка во сите добри дела“. Рековме дека секој Божји дар само преку Неа го добиваме.Од таму и молитвата: „Господи Исусе Христе, заради Богородица, помилуј нè!“ Во истата книга го прочитав и ова: „Свети Серафим Саровски (1759–1833) исто така на своите духовни чеда им го препорачуваше ова правило. На монахињите од Дивеевскиот манастир им советуваше секојдневно, шетајќи околу ѕидот на манастирот да ја изговараат молитвата ‘Богородице Дево’ сто и педесетпати. Во келијата на овој светител е пронајдена необична книгичка со опис на чудата кои им се случувале на луѓето кои го држеле ова молитвено правило“. Точно, прво се чуда, а потоа секојдневна реалност. Се запишуваат единствено за да се поттикнат верата и подвигот на другите. 


Следниот извадок од свети Григориј Палама објаснува од каде произлегува ваквиот однос, посебно на нас монасите, кон Богородица Марија: „Пресветата Дева, престојувајќи во храмот, се ослободи од сите тварниокови и ги отфрли сите врски, истовремено воздигнувајќи се над сожалувањето кон сопственото тело и собирајќи го умот во сосредоточеност кон Него самиот, со внимание и во непрестајна божествена молитва. И преку неа [молитвата], Таа целата Своја стана и се воздигнат над разнородното мноштво помисли, воспостави нов и неискажлив пат кон Небото, којшто јас ќе го наречам молчание на умот. И предавајќи го Својот ум на ова молчание, ја наткрили сета твар, и подобро од Мојсеј ја виде славата Божја, и беше посветена во божествената благодат, која никако не е подложна само на силата на чувствата, туку претставува прекрасно и свештено созерцание, својствено за непорочните души и умови.

Бидејќи причесна на ова созерцание, Пречистата – како што пеат црковните химни – стана светлоносен облак на навистина живата вода, зора на таинствениот ден и огнена кочија на Логосот“.
Би го подвлекол само следново: се ослободи од сите тварни окови и ги отфрли сите (земни) врски и воспостави нов и неискажлив пат кон Небото. Во неколку збора е собрано сето она што постојано ви го говорам за восогласувањето на начинот на нашиот подвиг со степенот на духовниот раст на кој се наоѓаме, односно за екстремното туѓинување од првиот степен до добивањето на дарот на умносрдечната молитва. Ниту ќе имаме, ниту пак сакаме, подобар образец и учителка за собран и внимателен живот на внатрешниот човек од Пречистата Богородица Марија.
 Но како, сето ова, го знае свети Григориј Палама?


Секако, само од личен опит. Прочитајте го неговото житие, од кое сега ќе ви претставам еден мал исечок:
„Еден ден, на Света Гора, кога Григориј беше задлабочен во молитвата кон Бог, одненадеж пред него застана светлозрачен и благолик маж, свети Јован Богослов, и умилно гледајќи кон него го праша: ‘Зошто ти, молејќи Му се на Бог, секојпат постојано повторуваш:просветли ја мојата темнина, просветли ја мојата темнина?’ Григориј одговори: ‘Што друго би барал освен тоа: да се просветлам и да познаам како да ја творам Светата волја Негова?’ Тогаш светиот Евангелист му рече: ‘По волјата на Владетелката на сите, Богородица, отсега јас ќе бидам со тебе неотстапно’“.

Колку убаво: „По волјата на Владетелката на сите, Богородица...“ Гледате, деца, како Таа – нашата Учителка, внимава на трудот на оние кои го следат патот што им го покажала и како ги поткрепува?
Еве и уште нешто од мојот мал опит, собран во Нејзината Школа, кое секој од вас може веднаш да го присвои и во пракса да го вкуси, без никакви посебни подготовки Кога даваме (кога Му се принесуваме) преку молитвата на Бог без да бараме, тогаш молитвата ни е собрана, а кога бараме од Бог нешто, тогаш нашиот ум се расејува.

Кога молитвата не е цел сама по себе (се мисли на постојаното повторување на името Христово), туку цел е заедницата со Бог, тогаш молитвата се кажува во дух на покајание; и обратно.
Кога во молитвата Го бараме само Бог, тогаш срцето се отвора и умот влегува во него, а кога го бараме отворањето на срцето, тогаш тоа се затвора.

Ајде повторно и оваа година – како во годините наназад, на Нејзиниот ден, да го обновиме нашиот подвиг – молитвеното правило „Богородице Дево...“ Оваа молитва, за нас раслабените, е последна брана пред злото што навира од сите страни; и на личен план и на план на заедницата. Но, овојпат, не без плач и солзи – без оглед на тоа дали на нив се самопринудуваме или ни доаѓаат од благодатта. Не без покајание, пред Неа."

 

 Избор од фб профил на:

Gabriela Stefanovska Balabanova