Слово на Неговото Високопреосвештенство Митрополит тетовско–гостиварски г. Јосиф

во храмот на Св. Вмч. Георгиј Победоносец во Струга, пред почетокот на свечената литија

 24 април/07 мај 2016 лето Господово

Возљубени во Господа,

Вака благоволи Бог, оваа недела осветлена од Христовото воскресение, најсветла меѓу неделите во годината, осмислена од победата што за нас ја извојува Спасителот Господ Исус Христос преку Своето снисходење, смртта и воскресението, да ја збогатиме и со ова прекрасно торжество – еордијата низ улиците на овој благочестив град, кој со векови го живее православното сведоштво.

Овој сеправославен собор е последование на една прекрасна традиција, која во Струга постоела, но ја изгубила својата полна сила, и во годините пред 2010 лето Господово, благодарение на верниот народ и свештенството била одржувана. Денес по улиците на Струга ќе се слави Бог, ќе Му се пее на Бога, ќе се свири за Бога, ќе се молиме во чест на Бога и Неговите светии, зашто дивен е Бог во Своите светии (Пс. 67, 35). Сведоштвото за Бога е најсилно кога се остварува во дело, живо се применува. И затоа е прифатено и признато од Бога, а со благодатта Божја и народот го препознава и од него се насладува. Само вистинскиот, наполно предан и нелицемерен принос, Бог го прифаќа како жртва благопријатна.

И нема поубава глетка од оваа – кога браќата живеат заедно (Пс. 132, 1), кога се сплотени, обединети. А тоа што го прави нашето заедништво можно – е само верата, само Црквата, всушност, само и единствено Христос. Во Него е смислата за сѐ, за животот и за смртта, за тагата и за радоста, за искушението и победата. Христос го направи за нас можно – неможното, го победи гревот и ја уништи смртта, давајќи ни и нам реална можност да го победуваме гревот и да ги надминеме последиците на телесната смрт. Нам токму ова треба да ни е заедничкиот императив, заедничката цел. Зашто, како вели Бог преку словото на Јован златоустиот: Сите насладете се од гозбата на верата! Сите примете го богатството на добрината; никој да не се жали поради сиромаштвото, зашто заедничкото царство се покажа. Никој да не ги оплакува прегрешенијата, зашто од гробот засветли проштавањето. Никој да не се плаши од смртта, зашто смртта на Господа нѐ ослободи; ја згасна Оној што беше задржан од неа. Адот го заплени Оној што слезе во него; го исполни со горчина оној што вкуси од Неговото тело.

Тука, на овој свештен собир нема поделеност, сите сме еднакви пред Милостивиот и Праведен Бог, зашто сите сме Христови. Тој гледа на срцето, а не како што гледа човекот (1. Цар. 16, 7), Тој го благословува праведникот, но го милува и грешникот (сп. Лк. 5, 32), го поткрепува здравиот, но го лекува и болниот (сп. Лк. 5, 31).

Ете, луѓе со вера се собрале денес, вера од чудото што пред нашите очи се случува – чудото на верата, кое не принудува, не присилува, туку ослободува, милува, радува. Денес торжествуваат и слават верните, а почитуваат и друговерните, укажувајќи чест на своите сограѓани.

Му благодарам на Неговото високопреосвештенство, митрополитот г. Тимотеј за укажаната чест, да учествуваме и сослужуваме во празнувањето на споменот на светиот великомаченик Георгиј, чии мошти и чија чудотворна икона ги изнесовме да го благословат градот.

Христос воскресе!

Извор: Бигорски манастир