логоFacebookTwitterYouTubeeMail

Животот на Григориј е добро документиран  пред сè, благодарение на тоа што тој многу пишувал за самиот себе. Меѓу неговите биографски дела основно место зазема книгата под општ наслов „За мене“ (Peri eautou). Таа содржи деведесет и девет стихотворни дела, меѓу кои и монументалната поема „За мојот живот“ (Peri ton eautou bion; De vita sua). Освен тоа, автобиографски дела се и неколкуте слова на Григориј  како оние посветени на одделни настани од неговиот живот (хиротонијата, заминувањето во пустина, повлекувањето од епископскиот престол), така и словата посветени на неговите блиски и пријатели (таткото, братот Кесариј, сестрата Горгонија, Василиј Велики). Опширната преписка на Григориј исто така расветлува некои детали од неговата биографија.  
ДЕТСТВОТО И МЛАДОСТА
grigorij.bogoslov.jpgИдниот светител е роден недалеку од градот Назианз, во југозападна Кападокија, на имотот на неговиот татко, кој исто така се викал Григориј, инаку епископ на помесната црква.
Григориј Назијанзин постариот, богат и влијателен аристократ, во младоста ì припаѓал на малкупознатата секта испистарии, во која елементите на паганството биле помешани со јудаизмот: следбениците на тоа учење го отфрлале идолопоклонството и принесувањето жртви, но му се поклонувале на огнот и на светилата, ја почитувале саботата, но го отфрлале обрезанието.1 Подоцна, главно под влијание на сопругата, тој ја примил христијанската вера и им се обратил на отците на Никејскиот Собор во 325 година со молба да ја прими светата тајна Крштение, и бил крстен од архиепископот Кападокиски Леонтиј.2 Набргу бил избран за презвитер, а потоа и за епископ на Назианз, како наследник на Леонтиј. Тој мошне долго управувал со епархијата, покажувајќи кроткост како пастир и строгост како администратор.3
Сопругата на Григориј постариот, Нона, не само што била сотрудничка, туку и „предводничка“ на својот сопруг: потчинувајќи му се во семејните работи, таа му била „учителка“ на Григориј во побожноста. Таа постела и ги минувала вечерите во молитва, се занимавала со добротворна активност, станувајќи покровителка на вдовици и на сираци.4 По сè изгледа, таа имала решавачка улога во христијанското воспитување на своите деца  Григориј помладиот, Кесариј и Горгониј.
Григориј помладиот се однесувал спрема своите родители со уважување и со почитување, гледајќи во таткото образ на вистински архипастир, а во мајката  образ на идеална сопруга, преку која децата се приклучиле на златната верига на христијанската традиција:   

Таа од родителите ја наследи богоугодната вера,
И таа златна верига им ја довери на своите деца.
Носејќи машки темперамент во женски лик,
Таа само во онаа мера се допира до земното и се грижи за световното,
Во којашто може во животот небесен да се пренесе
Сиот живот овдешен, и со лесни чекори да се издигне во воздухот.
Родителот, пак, порано бил дива маслина и им служел на идолите,
Но се пригрна до корен на добра маслина,
И толку многу се нахрани од благородниот корен, што го затскри со себе
Дрвото и многумина нахрани со медоносен плод.
Тој има искусен ум и бели коси,
Кроток е и слаткоречив, нов Мојсеј или Аарон некој,
Поставен како посредник меѓу смртните и небесниот Бог,
Со чисти свештенодејствија и со нашите жртви,
Коишто ги принесува чистиот во себе ум,
И смртните ги приведува во соединување со бесмртниот и великиот Бог.
Од таков татко и од таква мајка произлегов јас...5

Според сведоштвото на самиот Григориј помладиот, тој се родил благодарение на мајчината молитва: таа силно сакала да има син, и за тоа горливо Го молела Бога, давајќи завет дека ќе Му го посвети својот првенец. Еднаш во сон таа го видела идното момче и го слушнала неговото име. Григориј секогаш го имал на ум тој настан, сметајќи се себеси за „нов Самуил“ и на својот живот гледал како на исполнување на заветот даден од неговата мајка.6
Детството на Григориј било среќно и благодатно: тој растел опкружен со љубов на родителите, на домашните и на послугата. Врз неговото христијанско воспитување влијаело како читањето книги, така и дружењето со „добродетелни мажи“.7 Но, можно е дека за него решавачко било неговот лично искуство со молитвата и со мистичниот допир со божествената реалност. Григориј во извесна смисла зборува за „ноќни виденија“, преку кои Бог ја влевал во него божествената љубов спрема непорочен живот. Во едно од тие виденија, за време на длабок сон на младиот Григориј му се јавиле две прекрасни деви  Чистота (agneia) и Целомудрие (saofrosyne): тие го повикале момчето да избере девствен образ на живеење, за да се приближи до „сјајот на бесмртната Троица“.9 Ова видение оставило длабока трага во душата на Григориј и во голема мера го определило неговиот животен избор.
Друг сличен настан не само што ги засилил аскетските стремежи на Григориј, туку и повлијаел врз сето устројство  на неговата богословска мисла. Станува збор за неговото прво мистично видение на Божествената светлина, коешто истовремено претсавувало и прв искуствен допир на Григориј со тајната на Света Троица (треба да се напомене дека темата на созерцувањето на троичната светлина ќе стане централна тема во богословието на Григориј):

Од оној миг кога за првпат, ослободувајќи се од секојдневното,
Ја соединив душата со светлите небесни промисли,
И високиот Ум, издигнувајќи ме, ме постави подалеку од плотта,
Ме однесе оттука и ме сокри во раскошните одаи на небесната скинија,
Ги озари моите очи со светлината (faos) на нашата Троица,
При што не можев да си претставам ништо посјајно (faonteron) од Неа,
Која од висок престол излева врз сите неискажливо сјаење (selas),
Која е почеток на сето она што од повисоката реалност е одвоено со времето 
Тогаш умрев за светот, а светот умре  за мене.10 

Ние не знаеме во кој период од животот на Григориј се случило опишаното духовно доживување, но имаме основа да претпоставиме дека длабокиот мистичен живот кај него започнал уште во детството. Тој, меѓу другото, пишува за себе: „Кога бев дете..., се издигав угоре, кон блескавиот престол“.11 За годините на својата младост Григориј се сеќава: „Наместо земни блага... пред моите очи блескаше сјаењето Божјо...“12 Според нас, би било неправилно овие и многубројни други слични спомени за божествената светлина да се прифатат само во преносна смисла: попрво, станува збор за доживување на таинствени „восхитувања“ од страна на Григориј, проследени со мистично видение на светлина.
Идниот светител стекнал блескаво  за тоа време  образование, коешто започнало во Назианз, кадешто Григориј учел заедно со Кесариј.13 Потоа тој го посетувал школото во „митрополијата на науките“  Кесарија Кападокиска, кадешто за прв пат се сретнал со Василиј.14 Реториката ја изучувал во „палестинските школи коишто во тоа време биле во процут“, односно во Кесарија Палестинска.15 Григориј, исто така, „вкусил нешто од словесноста“ во Александрија,16 којашто ја нарекувал „лабораторија на сите науки“.17 Како во Александрија, така и порано во Кесарија Палестинска Григориј можел да се запознае со литературното наследство на Ориген, којшто предавал во двете училишта; во Александрија Григориј имал можност да се среќава со св. Атанасиј, а исто така и да слуша лекции на прочуениот егзегет Дидим.
За време на своето обучување во кападокиските школи, Григориј морал да го мине курсот кој приближно соодветствува на денешното основно и средно образование. Наставата во почетната („граматичка“) школа вклучувала изучување на алфавитот и аритметиката, читање на глас, писмени вежби, учење напамет на фрагменти од делата на древниет поети, пред сè на Хомер, толкување на научените текстови. Курсот на средното образование (egkyklios paideia  „општо образование“) вклучувал во себе математика, геометрија, астрономија и теорија на музиката, кон што можеле да се додадат и други предмети, меѓу кои и медицната. Реториката и софистиката се однесувале на сферата на високото образование.18 Можно е да се претпостави дека во Кесарија Палестинска и во Александрија Григориј го започнал своето универзитетско образование, коешто потоа го продолжил во Атина.   
  Љубовта на Григориј спрема ученоста, особено спрема словесните науки и философијата, била исто толку силна како и неговата предаденост на христијанската вера. Таа љубов се пројавила во него уште во детството и не го напуштала до последните дни на животот. Во годините на младоста Григориј главно се запознавал со ризниците на паганската ученост, но и со христијанска литература се нахранил уште пред да ја достигне зрелоста.19 Ценејќи ја високо античката култура, тој сепак на прво место ги ставил „вистинските науки“ (т.е., христијанското учење): 

Уште не ми беше никнала брада, а веќе пламена љубов (eros) спрема науките
Гореше во мене. И се стремев да ги подредам
Лажните науки во служба на вистинските...
Впрочем, никогаш не ми паѓало на ум
На нашите лекции да им претпочитам што-годе друго.20

Курсот на образованието Григориј требало да го заврши во Атина, кадешто тој се упатил со брод од Александрија. Меѓутоа, на патот го чекало грубо искушение коешто стнало преломен миг во неговата судбина. Кога бродот се наоѓал на отворено море, недалеку од островот Кипар, започнала олуја којашто траела со денови. Опишувајќи ги настаните, Григориј покажува поетска надареност достојна за еден Хомер:21

На коработ налета олуен, и сè се случи во една ноќ 
Земја, море, воздух, помрачено небо.
Ударите на громови го следеа распламтени молњи
И остри звуци при кинење јажиња.
Јарболот се виткаше, а кормилото ја изгуби својата сила,
Огромни бранови вода паѓаа во темнината.
Криците се мешаа со плач:
Морнарите, навигаторите, сопствениците на бродот и патниците –
Во еден глас повикуваа кон Христос.
Меѓу нив имаше и такви коишто никогаш порано не знаеле за Бога;
Зашто, стравот е најсилна поука.
....
По борбата со глад, олуја и ветер, нè очекуваше смрт...

Бурата не стивнувала со денови, и бродот на кој бил Григориј конечно ја изгубил ориентацијата: „Не знаевме каде пловиме, зашто многупати го менувавме курсот, и веќе не очекувавме никаква помош од Бога.“23.
Според обичаите на тоа време, Григориј, макар што бил син на епископ, не бил крстен во детството: таинството се одлагало до завршувањето на школувањето и стапувањето во зрело доба. Соочувајќи се лице в лице со разулавената стихија, тој не се исплашил толку од самата смрт, колку што се исплашил да не умре некрстен. Неговата загриѓеност била толку голема, што другите патници морале да го тешат.
Во таа критична ситуација Григориј дава завет дека ќе се Му посвети на Бога доколку остане жив. Така, кон заветот даден од неговата мајка, тој го додава и својот личен завет, предлагајќи Му на Бога да склучи договор со него: „Твој бев и порано, Твој сум и сега,  му се обраќа Григориј на Бога.  ... За Тебе ќе живеам, ако ја избегнам големата опасност! Ти ќе изгубиш Својот слуга, ако не ме спасиш! Твојот ученик западна во бура: избриши го сонот, или дојди по вода и прекини го овој кошмар!“25 Бог ги прифати условите од договорот. Бурата ненадејно престана. Истовремено со тоа престанаа и младешките години на Григориј. Макар што ќе изминат години пред тој да ја заврши Академијата, да се крсти и дефинитивно да се посвети на служењето на Бога, сепак, решението за тоа било донесено и ништо не можело да го спречи Григориј во напредувањето кон поставената цел.

(Од книгата на епископ Иларион Алфеев, Животот и учењето на св. Григориј Богослов)

 Подготви:  д-р Драган Михајловиќ

Посети:{moshits}



Видео содржини

Поуки од Светите Отци

dobrotoljubie

Духовност

Февруари 23, 2020
ih3387

Свети свештеномаченик Харалампиј

Секој човек со своето раѓање добива лично име по кое го препознаваат во текот на целиот живот. Името е наша сопствена карактеристика, но малкумина го знаат вистинското потекло на своето име и неговото вистинско значење. Секое православно име има своја суштина…
Јануари 29, 2020
3.angeli.so.truba

Живот во служба на Бога и на луѓето

Неговите слова зрачат со силна нагласеност на светиклиментовиот образец и претставуваат целосно легитимирање на македонското црковно и духовно наследство. Дедо Стефан е ревносен борец за македонскиот јазик што неизмерно го сака и постојано го збогатува. Еве…

Почитување на Пресветата Мајка Божја

7.Vselenski.sobor
Таа е заштитничка и покров на христијанскиот род. Како Мајка на Синот Божји, таа има…

Митрополит Струмички Наум: ВОВЕДЕНСКИ РАЗМИСЛУВАЊА

Дек 05, 2019 Беседи 515
7.Vselenski.sobor
Премногу размислуваме во категоријата Бог – човек, наместо во категоријата личносни…

Свети Антониј Велики: Кој е ѓаволот и кога напаѓа...?

А кога ќе се всели Божјиот Дух, Он ги успокојува, им дава да го вкусуваат спокојот во…

Беседи

Митрополит Струмички Наум: СУШТИНСКО НЕДОРАЗБИРАЊЕ

Митрополит Струмички Наум: СУШТИНСКО НЕДОРАЗБИРАЊЕ

Не можат меѓу себе да се разберат оној што, бранејќи го својот национален идентитет – ги губи и истиот и својот христијански идентитет, со оној што бранејќи го својот христијански...

Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф:

Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф:

 На патот кон вечното блаженство секогаш има безброј пречки и искушенија. И ова што ни се случува во денешницата е едно искушение, кое со вера, со надеж и со љубов...

Митрополит Методиј - МЕЃУ ПОКАЈАНИЕТО И ПРАВДАЊЕТО

Митрополит Методиј - МЕЃУ ПОКАЈАНИЕТО И ПРАВДАЊЕТО

Духовниот живот не се состои од некакво израмнување на нашите сметки со Бога. Зашто, она што е содржина на нашата побожност, не треба да го извршуваме затоа што тоа така...

Митрополит Струмички Наум:  На Крстот Твој се поклонуваме, Христе (21.03.2020)

Митрополит Струмички Наум: На Крстот Твој се поклонуваме, Христе (21.03.2020)

Деца, разните страдања, при градењето на личносниот однос со Бог, нема да нѐ одминат; ако не поради недоволниот подвиг, тогаш секако поради нашата грешност и суета. Бог најубаво, наместо нас,...

 о. Горан Стојчевски: ЛИТУРГИСКИ МИГ ВО СЕКОЈДНЕВНИОТ ПОДВИГ

о. Горан Стојчевски: ЛИТУРГИСКИ МИГ ВО СЕКОЈДНЕВНИОТ ПОДВИГ

За мене е подобра видливата убавина, отколку убавината изразена во зборови, претпочитам богатство, што е во рацете, отколку богатство вообразено на сон; сакам мудрост, која не сјае на зборови, а...

БEСEДА  за Oтeцoт и Синoт

БEСEДА за Oтeцoт и Синoт

 Физичкиoт свeт би бил сиoт вo тeмнина да нe e свeтлината oд Сoнцeтo. А духoвниoт и мoралниoт свeт, и сиoт чoвeчки живoт, би бил тeмнина, акo нe e свeтлината штo...

Фејсбук православие (07.03.2020)

Фејсбук православие (07.03.2020)

На пример, оној кој нема барем просветлување на умот не може јавно да се занимава со световни теми, а никако, пак, со сложени теолошки теми. Световни теми се: политика, туѓи...

Прот. Александар Шмеман: ПРИКАЗНАТА ЗА СТРАШНИОТ СУД- НЕДЕЛНИ БЕСЕДИ (7)

Прот. Александар Шмеман: ПРИКАЗНАТА ЗА СТРАШНИОТ СУД- НЕДЕЛНИ БЕСЕДИ (7)

 Христос рекол: “Кога ќе пријде Синот Човечки во славата своја и сите свети ангели со него, тогаш ќе седне на престолот на славата Своја, и ќе се соберат пред Него...

« »