(се празнува на 12/25 март)

Светите апостоли Петар и Јован Богослов од почеток проповедале во околината на Ерусалим. Кога биле во гратчето Лида, обрнале многумина кон Христа и основале црква, посветена на Пресвета Богородица. Во тоа време за црквата настапил мир, што било поволно за градењето на храмот. А кога се вратиле во Ерусалим, апостолите ја помолиле Пречистата да ја посети Лида, да го види посветенииот на Неа храм, да го благослови и освети со Своето присуство, та молитвите во него кон Родениот од Пречистата Бог да достигаат до Неговиот престол. Божјата Мајка одговорила на омилените Христови ученици:

- Врвете си со радост. Јас ќе бидам таму со вас.
И во истиот миг тие што се молеле во Лидската црква виделе како на една од колоните се појавило по непознат начин изображение на Пречистата со Младенецот на Нејзината лева рака. Иконата припаѓа кон типот "Одигитрија". Особеност на оваа икона е тоа што десниците на Спасителот и на Пречистата се допираат, така што притоа Таа чиниш ја прикрива со Својата дланка раката на Својот Син. Кога дошле пак во Лида, апостолите го виделе неракотворниот, образ на Пресвета Богородица, којшто се појавил по Божја волја, се поклониле пред него и Му благодареле на Воплотениот од Приснодевата Бог- Слово. После тоа во Лида дошла и Пресвета Богородица. Кога го видела Својот образ и мноштвото поклоници, Таа се развеселила со духот во Христа и му доделила на образот благодат и чудотворна сила.

Поминале околу триста години и отпаднатиот од христијанството римски император Јулијан Отстапник (361-363) подигнал жестоко гонење против Црквата и против "суеверијата". Заедно со другите го испратил во Лида својот роднина Јулијан со група каменоделци со заповед да го истријат и покријат тоа почитувано изображение. И тогаш се случило велико чудо. Со какви и инструменти да работеле и колку и да се обидувале да го прекријат образот, не успевале да направат ништо, бидејќи боите и линиите проникнувале сî подлабоко во камената колона. Веста за големото чудо брзо се распространила низ целиот христијански свет и во Лида започнале да се слеваат поклоници, за да се поклонат на неракотворниот образ на Пресвета Богородица.

Поминале уште четири века. Блажениот Герман, по Константинополскиот патријарх (715-730), отишол на поклонение во Палестина. Откако се поклонил на Господовиот гроб и на светите места во Ерусалим, тој отишол и во Лида. Се поклонил на чудотворниот образ и му порачал на еден иконописец да му наслика на дрво точна копија на иконата. Герман ја зел копијата со себе во Цариград и постојано ја чувал иконата како бесценето богатство. Секој ден и секоја ноќ се молел пред неа. За време на царувањето на Артемиј, наречен Анастасиј II (713-715), тој бил избран за патријарх. Но Лав Исаврјанин, се качил на престолот после Анастасиј, започнал гонење против православните и светите икони и со бесчестие го отстранил патријархот Герман од патријархискиот престол. Изгонет од црквата и од домот, Герман зел со себе си две свети икони, едната- на Спасителот Христос, а другата- копијата на самопретставената Лидска икона на Пресвета Богородица. Пред да замине во прогон, тој напишал послание до римскиот папа Григориј, во коешто го известил за гонењето против православните. Направил отвор во дрвото на иконата на Спасителот и таму го поставил посланието, запечатено, одбележувајќи ги датата и часот на неговото пишување. Кога го затворил отворот, со солзи на очите ја целивал иконата и двапати кажал:

- Наставнику! Наставнику! Спаси се Себе Си и нас!
Потоа ја пуштил иконата по морето. Пливајќи по морето, таа за едно деноноќие стигнала до Рим. Во истата ноќ Бог го известил римскиот папа за скорешното пристигнување на образот на Спасителот во Рим. На другиот ден рано наутро папата заедно со целото духовенство и со свеќи и кадилници отпловил по реката Тибар кон морето, за да ја пресретне иконата на Господ. Кога пристигнале до морето, ја виделе иконата да плива по водата. Исполнети со благогоговеен трепет и духовна радост, тие í се поклониле. Папата се обрнал кон чесниот образ со зборовите:
- Ако Ти, Владико, си дошол кај нас, недостојните, тогаш ние Те молиме: како што преславно си врвел по водата, така дојди и на нашите раце, бидејќи, како што се плашиме од нашето недостоинство, не се осмелуваме да Те допреме.

Иконата веднаш се подигнала во воздухот и подобно на птица се спуштила во рацете на светителот. Тој со солзи ја целивал и сопроводен од клирот, со псалмопение ја понесол кон Рим. Преминал со неа низ градот, за сите да ја видат и ја поставил во црквата "Св. Апостол Петар". Го извадил од водата неоштетеното патријархово послание и дознал од него за гонењето против светите икони и за чудесното пристигнување на иконата само за едно деноноќие. Сите Го прославиле Бога за Неговата недостижна сила. Папата напишал послание до нечестивиот цар, во коешто ја изобличил неговата злочест. А иконата во Рим извршувала многу чуда и исцеленија.

Светиот Герман, гледајќи како иконоборците ги уништуваат и им се подсмеваат на светите икони и чувствувајќи го приближувањето на смртта, го напишал од местото на прогонот второто послание до папата, во коешто го известил за беззаконијата, коишто се случувале на Исток. Го поставил посланието во отвор во иконата, сликана во Лида, одбележувајќи ја датата и часот кога е напишано. Ја целивал иконата и со горчлив плач кажал:
- Врви, Владичице, и спасувај се не од Ирод во Египет, а од оној којшто носи име на ѕверот непријател (т.е., Лав) во Рим кај благочестивите, та да се укрепиш таму со Предвечниот Младенец од гнасните раце на иконоборците! И така, нека Твојата чесна икона го преплива тоа големо пространство, носена од Твојата помош и благодат, бидејќи Ти си Го носела на рацете Оној што ги создаде небото, земјата и морето. А пак на нас, коишто сме во беда заради светите икони, преку коишто воздаваме чест и поклонување на Тебе и на Твојот Божествен Син, упокој нî во населбите на праведните, во крилото Аврамово.

Герман ја целивал со љубов иконата и ја пуштил во морето. Таа одново допливала до Рим за едно деноноќие. Преку ноќта Бог го известил папата за пристигнувањето на иконата и тој заедно со целото духовенство излегол да ја пресретне. Кога стигнале до морето, ја виделе иконата којашто пливала исправена наспроти нив. Папата протегнал раце и иконата се подигнала во воздухот и се спуштила на неговите раце. Со голема радост ја целивал иконата, го прочитал посланието, ја одвел со свечена литија во Рим и ја поставил во олтарот на црквата "Св. Апостол Петар", каде што таа извршувала мноштво чуда и исцеленија.

По малку повеќе од век, за време на царувањето на императорката Теодора (842-855) иконоборечката ерес во Константинопол била конечно победена (во спомен на коешто и досега го одбележуваме специјалниот празник Победа на Православието- првата недела на Великиот пост). Оттогаш луѓето коишто се молеле во храмот "Св. апостол Петар" започнале да забележуваат за време на богослужба чудни нишање на чудотворната икона. Еднаш, кога папата Сергеј заедно со многу духовници служел света Литургија, иконата одново силно се раздвижила и сите извикале: "Господи, помилуј! ". Така Го умилостивиле Бога и иконата престанала да се движи. Потоа таа се подигнала во воздухот, невидливо носена од ангели, стигнала до реката Тибар и запливала кон морето пред очите на натажените христијани. Тогаш римските граѓани на чело со папата Сергеј низ солзи извикале:

- Тешко нам, Владичице и Царице! Бидејќи си одиш од нас! Не се ли оддалечуваш поради тоа што и нас нî заплашува иконоборечката ерес, поради коешто го напушти Константинопол? О, Семоќна, нема ли најпосле да ја скротиш еретичката бура, којашто ја смутува Христовата црква?

Чудотворната икона тргнала по морето и пристигнала во Цариград за едно деноноќие, што се открило со доаѓањето на папски пратеници на соборот во Цариград за разгледување и осуда на иконоборечката ерес. Во Цариград ја примиле иконата со почести и кога дознале од каде дошла, патријархот, придружуван од константинополското духовенство, во присуството на императорот и свита од виши државни службеници, свечено ја внел во храмот "Пресвета Богородица" на плоштадот Халкопратија. Тогаш таа го добила името "Римска" и бил уреден специјален празник во нејзина чест на 26 јуни. А главниот празник на неракотворната Лидска икона (на колоната) се чествува на 12 март по стар стил.

Преданието раскажува, дека во Лида имало и друг неракотворен образ на Света Богородица. Тој се наоѓал во храмот, изграден од Енеј- хромиот, којшто примил исцеление од Свети апостол Петар (Дела гл. 9). Кога Јудејците и јазичниците сакале да го одземат храмот од христијаните, по заповед на управителот тој бил затворен за три дни, за да се јави знамение, коешто да го разреши спорот. После договореното време го отвориле и пронашле во него неракотворен образ на Пресвета Богородица.

Кондак

О, Севоспевана Мајко, Којашто Го роди најсветото од сите светии Слово! Примајќи го сегашниот принос, избави нî од секакви беди и спаси ги од идната мака сите, коишто Ти викаат: Алилуја.

Пoдготви:  Марија Влакеска