(се празнува на 14/27 март и 16/29 август)

Bogorodica.Fjodorovna.jpgФјодоровската икона била фамилијарна икона на царскиот род Романови. Насликана е од свети апостол и евенгелист Лука (кој ја насликал познатата чудотворна Еруслаимска икона на Пресв. Богородица, за којашто светиот старец Пајсиј од Света Гора рекол дека Образот на Пресвета Богородица од Ерусалимската икона  најмногу личи на Превета Богородица).
Пронајдена е од светиот благоверен кнез Георгиј Всеволодович во еден параклис блиску до воложкиот Городец. Во средината на XII век на местото на наоѓањето бил основан Фјодоровскиот Городецки манастир, каде што била чувана светињата. Но кога војските на Батиј го опустошиле и опожариле древниот Городец, сите негови жители избегале од тие места и се мислело, дека иконата е пеплосана во огнот на пожарот.
Но во 1239 година костромскиот кнез Василиј Георгиевич за време на лов видел во гората икона што виси на еден бор. Тоа била исчезнатата городецка светиња. Кнезот се обидел да ја симне, но иконата се подигнала во воздухот. Во меѓувреме Костромци виделе прекрасно видение. Тие виделе пред иконата да му се јави на кнезот, како светол маж, облечен со скапа војничка облека, ја носел од градот. Тој маж многу личел на Свети великомаченик Теодор Стратилат, како што е претставуван на иконите. Дури откако Костромци дознале за чудото, дошле и отслужиле молебен, успеале да ја симнат иконата од борот. Чудесното видение на благочестивите граѓани на Кострома, а исто така и соборниот храм "Св.великомаченик Теодор Стратилат", во којшто била поставена иконата, дале повод, пронајдената од кнезот икона на Божјата мајка да биде наречена Фјодоровска.*
На местото на јавувањето на иконата, на брегот на реката Запрудња, бил основан манастир "Неракотворен образ на Спасителот" (сега- Спасо-Запрудненска црква). Олтарот на соборениот катедрален храм во Кострома во 30-те години на XX век не бил свртен на исток, како што е вообичаено, туку на север- во правец на Запрудња, кон местото на второто прекрасно јавување на чудотворната икона. Порано на 16 август секојдневно се извршувала литија дотаму.
Во 1239 година Фјодоровската икона била донесена во Успенскиот собор во Владимир. После тоа таа станала молитвена икона на светиот благоверен кнез Александар Невски (во Софија, Бугарија се наоѓа најголемиот храм на Балканскиот полуостров, посветена на Св. Александар Невски каде што се наоѓаат и светите мошти на Св. Александар) и за време на сите воени походи се наоѓала кај него. После смртта на кнезот во 1262 година неговиот помал брат Василиј ја вратил чудотворната икона во Кострома. Во 1272 година Татарите се приближиле до Кострома и градот бил заплашен од целосно опустошување. Кога излегол против Татарите, кнезот ја зел со себе Фјодоровската икона и непријателите, поразени од необичната светлина што излегувала од светиот образ и топлината што ги горела како оган војниците, избегале со страв.
По повеќе од три века, точно пред ликот на Фјодоровската Пресвета Богородица монахиња Марта го благословила својот млад син Михаил Фјодорович да го заземе царскиот престол. Тој долго време не се решавал да ја даде својата согласност и тогаш архиепископот Теодорит ја зел на рацете иконата и му рекол во присуство на неговата мајка:
- Ако не сте склон кон милост поради нас, тогаш барем поради чудотворната икона на Царицата на сите и Божјата Мајка не пројавувајте непослушание и извршете го она што Ви е заповедано од Бога.
Монахиња Марта паднала ничкум пред иконата и долго се молела, после тоа го довела пред Фјодоровската икона својот син, го благословила и рекла:
- На Тебе, Владичице, го доверувам мојот син! Да биде Твојата света волја над него.
Избраниот цар набргу седнал на престолот. Тоа се случило на 14 март 1613 година и затоа било утвдрено Фјодоровската икона да биде чествувана на тој ден. Оттогаш во Москва, во големиот Кремљски дворец, во црквата "Рождество на Пресв. Богородица", се запазила почитувана копија на оргиналната чудотворна икона, којашто се наоѓала во Костромскиот Успенски собор. Копијата е донесена во Москва од Кострома од истата монахиња Марта.
Други чудотворни копии на Фјодоровската икона имало во манастирот "Св. Вознесение Господово" во Сизрани, во храмот "Св. митрополит Алексиј" во Нижни Новгород, во Фјодоровскиот Городецки манастир во Нижгородската епархија, во црквата "Св. Троица" во Казан, во Моршанск, Јарослав и на многу други места.
Восцарувањето на Михаил Фјодорович ставило крај на смутното време во Русија. Фјодоровската икона била исклучително почитувана од целата династија Романови. Во периодот после Петар I на инославните невести на наследниците на рускиот престол имено во нејзина чест обично го давале татковото име "Фјодоровна". Како што некогаш пред оваа икона бил поставен за цар првиот цар од династијата Романови, така таа ги придружувала дури до маченичкиот крај последниот омператор и неговото семејство. Царицата маченица Александра Фјодоровна многу ја почитувала Фјодоровската икона. Во Царското село таа изградила Фјодоровски собор со Фјодоровско гратче околу него. После крвавата расправа над царското семејство во Ипатиевиот дом во Екатеринбург била пронајдена иконата на Фјодоровската Божја Мајка, без којашто Александра Фјодоровна не тргнувала никаде.
Во 30-те години на 20-от век костромскиот Успенски собор- местото на постојаното многувековно пребивавање на иконата- бил разрушен. Но иконата не попаднала во рацете на безбожниците, а била предадена прво во црквата "Св. Јован Златоуст", а после тоа во храмот "Воскресение Христово", којшто долги години служел како катедрален храм на Костромската епархија. Народната икона пред Фјодоровската икона никогаш не престанала. Во 1991 година главната светиња на Кострома била свечено пренесена во востановениот после страшниот пожар во 1982 година и вратена на црквата Богојавленско-Анастасиински катедрален храм на Кострома, каде што се наоѓа и денес.
 Промислително е, дека кога "надмоќта на ѓаволот" во Русија се сруши, беа возобновени и литиите со Фјодоровската икона. И како што кажа Светиот Московски и на цела Русија патријарх Алексиј II овие литии "сега придобиваат државно општоруско значење".

Bogorodica.Fjodorovna.jpg

Тропар, глас 4

Зарадуваниот денес од доаѓањето на Твојата чесна икона, Богоотроковице, богохраним град Кострома прибегнува кон изображението на Твојот лик и на Воплотениот од Тебе наш Бог, како древниот Израил- кон ковчегот на заветот, та со Твоето мајчинско застапништво пред Него секогаш да измолуваш за сите, коишто прибегнуваат под сенката на Твојот покров, мир и голема милост.

Молитва

О, Пресвета Владичице Богородице и Приснодево Марие, единствена надеж на нас грешните! Прибегнуваме кон Тебе и Те молиме, бидејќи имаш големо дрзновение пред родениот од Тебе по плот наш Господ Бог и Спасител Исус Христос. Не презирај ги нашие солзи, не гнаси се од нашите воздишки, не отфрлај ја нашата тага, не посрамувај ја нашата надеж во тебе, но со Своите Мајчински молитви измоли од Господа Бога да нî удостои нас, грешните и недостојните, да се ослободиме од душевните и телесни гревови и страсти, да умреме за светот и да живееме само за Него во сите денови на нашиот живот. О, Пресвета Владичице Богородице, биди Сопатница на оние коишто патуваат и чувај ги и закрилувај, избави ги затворените од плен, ослободи ги оние коишто страдаат од беди, утеши ги оние коишто се наоѓаат во мака, тага и беди, олесни ја бедноста и секое телесно страдање и дари им на сите сî што им е потребно за благочестие и за времениот живот. Спаси ги, Владичице, сите земји и градови и оваа земја и град, на коишто Твојата чудотворна и света икона беше дадена за утеха и олеснување, избави ги од глад, мор, земјотреси, поплави, оган, меч од нашествие на другородци, од меѓуособици и одврати го секој гнев, справедливо насочен против нас. Дари ни време за покајание и обраќање. Избави нî од ненадејна смрт и кога душата ни се разделува од телото, јави ни се, Богородице Дево, и избави нî од воздушните митарства, од кнезовите на овој век. Удостој нî на Страшниот Христов Суд да застанеме оддесно на Христа и направи нî наследници на вечните блага, та вечно да го прославуваме великолепното име на Твојот Син и наш Бог заедно со Беспочетниот Негов Отец и Светиот, Благиот и Животворен Негов дух сега и секогаш и во вечни векови. Амин.

* На руски јазик Теодор е Фјодор

Подготви: Марија Влакеска