Bogorodica.Porucitelica.jpgИкона на Божјата Мајка
„Поручителница* за грешниците“

Се празнува на 07/20 март, 29 мај/ 11 јуни и во четвртокот од првата недела по Педесетницата

Иконата на Божјата Мајка „Поручителница за грешниците“ го добила своето име од натписот што е поместен на неа: „Јас сум Поручителница за грешните пред Мојот Син; Тој ми даде збор дека секогаш ќе ме услиши за нив, та оние што секогаш Ми носат радост, вечна радост преку Мене да испросат“. Во ова празнично и таинствено прелевање на словенскиот збор се слуша уверувањето на Спасителот дека „дал збор“, т.е. дека свечено í ветил на Својата Мајка дека секогаш ќе ги услишува Нејзините молитви. Кога грешната душа сî уште не мисли за поправање, Божјата Мајка порачува пред лицето на Господа дека тој човек ќе се поправи.
Идејата за создавање икона со вакво име можеби се јавила под влијание на зборовите од акатистот: „Радувај се, измоление на Праведниот Судија! Радувај се, живот на тајното веселие!“ Никој не знае каде и кога се случило тоа. Единствено нема сомнение дека иконата произлегува од југозападна Русија, каде што, под влијание на соседите, одамна ги добиле распространетите икони на Божјата Мајка и Младенецот, овенчани со богато украсени круни.
Божјата Мајка „Поручителница за грешниците“ е претставена до крстот, со лице свртено кон десната страна, гледано од страната на оние што се молат. Со левата рака Таа го држи Младенецот, Кој со двете рачиња ја стиска раката на Приснодева. Во трговските зделки на православните христијани ова било сметано за најсигурна гаранција, поважна и од писмените договори.
Првата чудотворна икона се појавила во параклисот блиску до портите на Одринскиот манастир „Св. Никола“ до Орловштина, блиску до градот Карачев, кај влевањето на реките Песочнаја и Одринка. Иконата била заборавена среде други стари икони, и со тек на време толку потемнела, што ликовите на неа речиси не се ни гледале, а натписите воопшто не можеле да бидат прочитани.
Во еден летен ден во 1844 година, вдовица на еден трговец го довела во Одринскиот манастир својот двегодишен син, којшто страдал од епилепсија, пред коишто сите лекари се покажале бессилни. Вдовицата присуствувала на светата Литургија во Соборниот храм и по завршувањето на Литургијата незнаен глас í потскажал да порача молебен пред иконата во параклисот, заборавена од сите. Болеста во истиот час го напуштила детенцето. Веднаш ја исчистиле иконата од прашината и откако го прочитале забележителниот натпис на неа, свечено ја пренеле во Соборниот храм.
За време на 1847-1848 година во Русија беснеела старшна епидемија од колера. Илјадници луѓе од Орловска и од соседните губернии притекнувале во Одринскиот манастир и се молеле пред чудотворната икона за избавување од заразата.
Славата на новојавената чудотворна икона се проширила по целата земја. И жителите на Москва посакале да имаат своја копија на иконата. Еден од жителите на манастирот, јеромонахот Смарагд, во знак на благодарност за укажаното гостопримство во Москва, порачал точна копија на чудотворната икона, којашто ја подарил на својот московски благодетел.
Но прекрасната икона не останала долго во првото место на домот. Од Москва пристигнал глас за чудесната сила на оваа копија, следувале нови исцеленија, а од иконата започнало да тече благомирисно миро. Умилен и потресен од овие знаменија, сопственикот на иконата разбрал дека Божјата Мајка сака да стане Поручителница за сите московјани и ја предал иконата на својот парохиски храм „Св.Никола“ во Хамовники.
Наскоро народот со побожен восхит забележал дека секое утро од олтарот на храмот излегува необична светлина. Нејзините зраци личеле на светлината на ѕвездите – биле ту светли, ту мижуркале, ту исчезнувале, ту одново се појавувале. Московската полиција сакала да започне свое иследување на оваа појава, но не открила никакво световно објаснување за тоа што се случува. Светителот Филарет, митрополитот Московски, кога дознал за чудата во Хамовники, дојавил да не им биде забранувано на верниците да се молат пред новопрославената икона. Чудата од иконата „Поручителница на грешниците“ станувале сè побројни. Владиката Филарет наредил да ги запишуваат во специјална книга. Освен избавувањата од колера, посведочени се факти на исцелувања на болни од епилепсија, на слепи, на глуви, на алкохоличари.
Во текот на 1872 година, левиот страничен олтар на храмот во Хамовники, каде што чудотворната икона била поставена на аналој, бил преосветен во нејзина чест. А самата икона била поставена во иконостасот пред овој страничен олтар во специјална рамка под слама. Таа и сега е таму.
По желба на дарителот, иконата никогаш не била украсувана со опкови, за да не се стеснува истекувањето на благодатта, макар што имало премногу луѓе коишто сакале да ја украсат чудотворната икона со своите дарови. Иконата е наслиакна со маслени бои на дрво од липа. Горната облека на Пречистата со покривало на главата е розова, а хитонот е небесносин. Горната облека на Младенецот е зелена, а долната бела. На Нивните глави има круни како знак на царска моќ, а околу Нив – дванаесет ѕвезди, по шест од секоја страна, како симбол на полнотата на благодатта и како напомнување на похвалата од црковните песнопеења, според коишто Владичицата е „Ѕвезда, Којашто го објавува Сонцето“. Во аглите на иконата на четири свитоци е испишан натписот: „Јас сум Поручителница на грешниците... “.
Во 1898 година во чест на 50-годишното престојување на чудотворната икона во Хамовники бил востановен нејзин втор празник – 29 мај (11 јуни по новиот календар) – на овој ден во 1848 година иконата била пренесена во храмот „Св. Никола“. А главниот празник на иконата „Поручителница на грешниците“ се одбележува на 07 март по стар стил (20 март по новиот календар).
До 1921 година во храмот „Св. Никола“ во Хамовники пред чудотворната икона се читале акатисти во чест на иконата на Божјата Мајка „Изгасни ја мојата тага“, така што ги сменувале само припевите на акатистот. А оттогаш започнале да читаат акатист и да ја извршуваат службата на иконата „Поручителница на грешниците“, составени од протојерејот Виктор Лебедев и одобрени од светејшиот патријарх Тихон. Со тоа, благочестивите парохијани го објаснуваат неуспехот на месните безбожници, коишто веќе примиле решение за затворањето на храмот. Служителот во „Св. Никола“ во Хмовники за време на тие години, јерејот Павел Лепехин, секоја вечер ја вадел чудотворната икона од рамката и со неа го обиколувал храмот, молејќи ја Пречистата за застапништво. И храмот никогаш не бил затворан.
За време на 1933 година протојерејот Василиј Доронкин составил нов акатист, а од 1948 година, кога се одбележувала 100- годишнината од пренесувањето на иконата во храмот, вечерната богослужба и двата празника на иконата „Поручителница на грешниците“ се извршуваат по специјален чин. Акатисти се служат секој вторник, а за време на Светлата седмица се извршува литија со иконата околу храмот.

Bogorodica.Porucitelica3.jpgМолитва

Тропар, глас 4

Сега секое тагување замолкнува и стравот од очајот исчезнува, грешниците во срдечна тага наоѓаат утеха и светло биваат озарени од небесна љубов, бидејќи денес Божјата Мајка пподдава кон нас спасителна рака и говори од Својот пречист образ: „Јас сум Поручителница за грешниците пред Мојот Син, Тој Ми даде збор за нив дека ќе ме слуша секогаш“. Затоа, луѓе, обременети од многу гревови, коленичете во подножјето на Нејзината икона и призовете Ја со солзи: „Застапнице за светот, Порачителке на грешниците, измоли со мајчинските Твои молитви од Избавителот на сите да ги покрие нашите гревови со Своето Божествено сеопростување и да ни ги отвори светлите рајски двери, бидејќи Ти си застапништво и спасение на христијанскиот род“.

Bogorodica.Porucitelica1.jpgМолитва

Кого да го повикам, Владичице, кон кого да прибегнам во мојата мака, ако не кон Тебе, Небесна Царице? Кој ќе го прими мојот плач и мојата воздишка и скоропослушно ќе ги чуе моите молитви, ако не Ти, Себлага Порачителке, Радост на сите наши радости! Чуј ги овие песнопеења и молитви, принесувани и за мене грешниот. И биди ми Мајка и Покровителка и Подателка на Твојата радост за сите нас. Устрој го мојот живот, како што сакаш и како што знаеш. Се доверувам на Твојот покров и грижа, та секогаш да Ти пеам радосно заедно со сите: Радувај се, Благодатна, радувај се, Зарадувана, радувај се, Преблагословена во веки. Амин.

[* поручитель (руски) = гарант]


Подготви: Марија Влаќеска

Друго:

Bogorodica.Drzavnaja.jpgЗа иконата на Божјата Мајка "Державнаја"

Bogorodica.Kozelshtanska..jpgКозелштанска икона на Божјата Мајка

 

 

 Bogorodica.Tihvinska.jpgЧудотворната икона на Божјата Мајка, наречена “Тихвинска”

 Bogorodica.Zastapnica.jpgИкона на Божјата Мајка - “Барателка на паднатите”