Bogorodica.Kozelshtanska..jpg
                              
(се празнува на 21 фебруари/ 06 март)

Оваа прекрасна случка се случила во 1881 година во семејството на грофот Владимир Иванович Капнист. Син на московскиот гувернер Иван Василиевич и потомок на знаменит писател од 18 век, тој принадлежел на најкрупните заемодавци во Полтавската губернија. Од поколение на поколение во Капнистовиот род се предавала и семејната икона, позната сега како Козелштанска Божја Мајка по името на селото Козелштина.
Претходниот владател на селото, Павел Иванович Козелски, кој ја дарувал Козелштина преку дарителска грамота на грофовите Капнистови, произлегувал по мајчина линија од стар род на запорошки козаци. Еден од неговите предци, Сиромаха, бил писар во војската (т.е. началник на штаб) кај познатиот хетман Полуботко.
По присоединувањето на Запорожието кон Руската империја (актот за присоединувањето бил потпишан и од Сиромаха), тој добил право да избере земјишен имот по своја желба и да стане нејзин сопственик. Писарот на војската избрал еден дел помеѓу реките Ингул и Вербов. Награден со земја поради верната служба кон императорката Елисавета, Сиромаха по совет на императорката се оженил за една од нејзините придворски дами, по потекло Италијанка.
Грофот Владимир Иванович Капнист за сведоштво на неговото потомство напишал специјална белешка, којашто гласела вака: "Оваа икона одамна се користи во моето семејство, а исто така и во околностите, и ја има славата на чудотворна икона. Посебно мојата сопруга отсекогаш ја почитувала иконата, и нашите деца го попримија тоа од неа."
Сите заемодавци наоколу знаеле, дека освен што помага при телесни и душевни болести, Козелштанската икона има специјална благодат да помага на "млади девици, коишто сакаат да си ја уредат семејната положба", како што се изразувале луѓето во тие времиња. При што, обичајот бил таа што се моли да го исчисти опковот на светата икона, така што внимателно да го избрише со вода и чиста крпа. И многу пати такви молитви за пронаоѓање на добар сопруг и трезвен човек биле услишувани од Пречистата, така да опковот на Козелштанската икона секогаш бил исклучително чист и блескал како сонце.
Тихо, спокојно и со изобилство во сè течел животот во огреаниот од јужното сонце украински имот на Капнистови, на којшто грофот Владимир Иванович го поминувал поголемиот дел од својот живот. Но во текот на 1880 година се случила една несреќа. Сосема ненадејно тешко се разболела најголемата од трите ќерки на грофот, 15-годишната Марија, којашто учела во Полтава, во училиштето за девици од благородно потекло. Најдобрите лекари, повикани на помош, се покажале немоќни: Кожевников, Мирополски, Склифософски, Корсаков, знаменитиот париски професор Шарко, германскиот професор Гјунтер... Марија била измачувана од измачувачки болки во 'рбетниот столб, коишто не í дозволувале ниту да оди, ниту да ги движи рацете без болка. Болката била толку силна, што дури силен звук или висок глас í причинувале на несреќната девојка исклучително тешки страдања. Ова продолжило тринаесет месеци.
На 21 фебруари 1881 година Марија се подготвувала за своето поредно патување до Москва за консултација кај професорот Шарко. Завршиле последните подготовки. Мајката ја замолила несреќната Марија да го исчисти согласно со семејниот обичај опковот на поставената во домашниот иконостас семејна икона на Божјата Мајка и да се помоли поусрдно пред Застапницата на сите коишто страдаат и коишто се обременети. И во мигот на силна молитва болната ненадејно почувствувала во нозете и рацете, лишени дотогаш од секаква сила, прилив на некаква животна енергија. Чувството толку завладеало, што Марија започнала со брзи движења да ги отстранува од нозете тешките железни шини и винтови.
Привлечени од радосните извици, домашните веднаш дотрчале и ја виделе девојката целосно здрава, како со самодоверба се движи низ собата. Болеста поминала исто така ненадејно, како што и дошла.
Капнистови заедно со луѓето од селото коишто притекнале и со домашните слуги започнале да се молат пред ликот на Пречистата. По еден месец во градината на имотот веќе граделе времен параклис, за да овозможат достап за народна почит на новојавената светиња. Порачале кај познатиот московски златар Постников позлатена сребрена рамка со емајл како додаток на предишниот опков.
После десет години на порано запустениот врв блиску до имотот на Капнистови веќе се издигнувал храм "Рождество на Пресвета Богородица" со женска општина, дом за инвалиди, црковно-парохиско и иконописно училиште и други богоугодни простории. Во фебруари 1891 година тука се одржала славата по повод повишувањето на Козелштанската женска општина во ранг на Козелштански женски општожителски манастир "Рождество на Пресвета Богородица", заедно со осветувањето на новоизградениот топол соборен храм "Преображение Господово" со странични олтари, посветени на Св. Никола Мирликиски Чудотворец и на Света Елисавета. Богослужбите во величествениот храм продолжиле до крајот на 20-те години на 20-от век.
Во почетокот на 90-те години во Козелштанската обител одново се слушнаа молитви на монахњи...
За време на сите овие години се случувале многу исцеленија не само од оваа чудотворна икона, но и од нејзини копии во Казанската црква до Калушките порти во Москва и во Астрахан.
Козелштанската икона е со размери 35,2 х 26,4 см. Предвечниот Младенец почива во полулегната положба на колената на Пречистата со крст во Својата десница. Отстрана се изобразени путир и лажичка за причестување- како посочување за тајната света Причест, установена од Спасителот, и напомнување за стихот на акатистот: "Радувај се, чашо, којашто ни доставуваш радост", којшто оваа икона всушност го илустрира, припаѓајќи кон "симболичните" Богородични икони, коишто изобразуваат цели црковни песнопеења или пак одделни нивни стихови.
Тропар, глас 4
Весели се, земјо полтавска со целата наша православна Татковина. Затоа што Твојата пречудна икона, Преблагословена Божја Мајко, се јави како светозарно сонце и го озарува светот со многуте чуда. Преку неа придобиваме сè добро и полезно на земјата и биваме удостојувани со небесни сокровишта. Затоа Ти извикуваме: радувај се, Похвало на која секогаш се поклонуваме, спаси нè нас коишто Ти се молиме, единствена Надеж и вечна Радост на оние коишто Те воспеваат.
 
Подготви: Марија Влахеска

 Друго:

Bogorodica.Tihvinska.jpgЧудотворната икона на Божјата Мајка, наречена “Тихвинска”