sv.German.Aljaskin1.jpg

Преподобниот отец Герман бил роден во трговачка руска фамилија во градот Серпуков. Имајќи голема ревност за Христа и пројавувајќи голема побожност уште во својата рана младост, тој на 16 годишна возраст отишол во манастир (се претпоставува дека тоа било во 1772 година). Најпрво се подвизувал во Троично-Сергеевата лавра, лоцирана близу Финскиот залив, на околу 10 милји од Санкт Петерсбург. Како млад монах, тој смртно се разболел од многу тешка болест. На грлото му се појавил гноен чир кој не можел да се излекува . Сам во својата ќелија и близу смрт, тој паднал пред иконата на Божјата Мајка и со солзи се молел за исцеление. Потоа зел водена крпа и со неа го избришал лицето на иконата на Пресвета Богородица и со таа крпа го покрил отокот. На сон ја видел Блажената Дева Марија Која го допрела на грлото, исцелувајќи го. Утрото кога се разбудил, бил целосно излечен.

Откако поминал 5 години во Сергеевата лавра, Свети Герман бил испратен во Валаамскиот манастир кој се наоѓа во крајниот северен дел на Русија, близу Руско-Финската граница, на езерото Ладога. По извесно време, тој со уште деветмина други избрани монаси, доброволно заминал во Алјаска, на мисија помеѓу Алеутските Индијанци кои таму живееле. Ова се случило во 1793 година. Патот на мисионерите бил долг и напорен и е најдолгиот мисионерски пат во историјата на Христијанството: поминале 7900 милји по суво и по вода и тоа во период од една година, за најпосле да стигнат на островот Кодијак. Нивната света ревност не останала без плод. Христовата светлина го огреала островот и неколку илјади незнабошци биле покрстени во Светата Православна Вера.

Кога Свети Герман останал последниот мисионер што преживеал, тој од островот Кодијак се преселил на соседниот остров Спрус. Овој мал остров со густа вегетација, светителот го нарекол Нов Валаам. Тука најпрво живеел во пештера, а потоа си изградил испосничка ќелија во која живеел повеќе од 40 години, се до крајот на неговиот живот. Таму се подвизувал следејќи го примерот на многу пустински старци кои првенствено се грижеле за доброто на другите, а себе си се сметале за ништожни.  Носел наједноставна монашка облека и како кревет користел дрвена клупа, се покривал со дрвена плоча, а за перница користел цигли. Јадел сосема малку и носел околу 8 килограми тешки крстни синџири под неговиот елек од еленска кожа, за кои никој не знаел се до неговата смрт. Овие крстни синџири се зачувани и до денешен ден во Црквата Воскресение Христово, на островот Кодијак, каде што се наоѓаат и чудотворните мошти на светителот. Илјадници верници од сите краишта на Америка, а и подалеку, одат на свето патување во Алјаска за да му оддадат почит на овој свет чудотворец и да го замолат да посредува за нив кај Бога со своите свети молитви.

sv.German.Aljaska.jpg

 Извор: www.mpc-svpetka.com

Друго:

Акатист кон Св. Герман Алјаскински 

 

 Посети:{moshits}