SV.IGnatij.BOgoprimec

СВЕТИ СВЕШТЕНОМАЧЕНИК ИГНАТИЈ БОГОНОСЕЦ
„Јас сум Божја пченица сомелена од забите на ѕверовите, за да постанам чист Божји леб“
(Од Писмата на свети Игантиј Богоносец)
-------+++-------
                 Во наше време, сè поизразена е потребата за спомените на луѓето, кои во првите векови на христијанската историја зрачеле со свежа вера во Христа и кои со својата жртва ја сведочеле вистината на Христовото воскресение и полагале темел на универзалната, сеопшта Црква.
                  Христијанството, со текот на времето, сè повеќе се заплеткувало во мрежите од овоземните стапици, ги заборавало своите исконски мисли, својата вера и тежнеењата кон небесното царство.
Врзано за земјата, за парите и општествената положба, за државата, христијанството се доведувало во опасност да се одроди и, како што говори еден свет отец, „да се издаде самото себе и да ја загуби милата и блажена топлина“, својата првобитна љубов, своето одушевување.
                   Но, ако се случи тоа, а во текот на историјата честопати се случувало, друг пат за враќање кон загубената топлина нема, освен да се тргне во обратна насока: да се открие причината за таквото лишување и истата да се отстрани.
Страсната приврзаност кон добрата од овој свет, стравот над своето телесно постоење, похотите – зарем сето тоа не е причина за нашето оттуѓување од некогашното сведочење за Христовата вера?
                    Тогаш треба да им се спротивставиме на страстите, кои од слободното човечко битие за миг можат да направат роб и да надвладее стравот од смртта над верата во вечниот живот, над верата и цврстата надеж во средбата со воплотениот и воскреснат Божји Син.
                      Светиот антиохиски епископ Игнатиј, достоен пример е за величествена издигнатост над светот и над самиот себе. Овој свет маж е наречен Богоносец, зашто постојано во своето срце и на својот јазик го носел името на живиот Бог.
Според Преданието на Црквата, тој уште се нарекува Богоносец, зашто како дете бил земен во рацете на Господ Исус Христос, кога Он ги поучувал Своите ученици на смиреност и кога им рекол: „Кој, пак, ќе се смири како ова дете, тој е поголем во царството небесно“ (Матеј 18: 4). Тоа дете било токму Игнатиј. Подоцна, Игнатиј постанал ученик на свети Јован Богослов. Како епископ на Антиохија, тој со Црквата управувал како добар пастир. Кога римскиот цар Трајан минувал низ Антиохија, одејќи во војна против Персијците, слушнал за Игнатиј, го повикал кај себе, и почнал да го советува да им принесе жртва на идолите, а за возврат тој ќе го награди со титула – сенатор. Кога советите и заканите на царот постанале залудни, свети Игнатиј бил окован во железо и во придружба на немилосрдни војници бил испратен во Рим, за да биде фрлен пред ѕверовите во римската арена. Но, Игнатиј се радувал за страдањата, кои го очекувале и постојано се молел ѕверовите да постанат гроб за неговото тело и никој да не го спречува во таквата смрт. По долго и тешко патување од Азија, преку Тракија, Македонија и Епир, Игнатиј стигнал во Рим, каде што бил фрлен пред лавовите во арената. Лавовите го растргнале и изеле, оставајќи од него само наколку поголеми коски и неговото срце. Овој свет маченик и сведок за Христовата вера, пострадал за Христа Господа во 106-тата година во Рим, за време на христоборниот цар Трајан. Неговиот спомен трае до денешен ден, а молитвите упатени кон овој Божји угодник донесуваат плод и исцеление за сите оние, кои со вера го повикуваат.
                 Личноста на светиот епископ Игнатиј е жива историја, без примеси на легендарност. Впрочем, неговите писма, кои тој ги напишал во текот на патувањето од Антиохија до Рим, а кои биле упатени до Црквите низ кои поминувал, се најдобро сведоштво за неговиот живот. Тој бил антиохиски епископ во времето, кога да се биде епископ значело „секојдневно да се умира“, секојдневно да се очекува крвникот, секојдневно да се биде прв на списокот за на бесилка или за на распнување.
                  И уште полошо од тоа. Тоа било време кога христијаните биле омразени од самата средина во која живееле, заради тоа што биле поинакви, подобри, зашто сакале да бидат подобри, зашто меѓусебно не се мразеле како останатите, не оговарале како останатите, не се тепале и не се светеле, не трчале по вулгарните и лажни задоволства како останатите, не сакале да бидат „храбри мажи“, кои својата храброст ја покажуваат преку пијанчење и насилство, ниту христијанките сакале да бидат „угледни“ жени, преку распуштеност и неморалност.
               Свети Игнатиј, како епископ, бил водач на една мала група верни. Но, никогаш не треба да имаме илузии во поглед на бројноста на првобитните христијански заедници. Тие биле едно малцинство, во однос на толпата од пагани, биле оаза во пустина и еден мал остров во бескрајниот океан. Но, сите тие еднодушно мислеле како најнапред да излезат во пресрет на Оној, во Кого верувале – Христос.
Ако ние тоа денес не можеме да го сфатиме, ако денес не сочувствуваме со првите христијани, да се запрашаме: Дали ние ги подражаваме нивните идеи и дали ја имаме истата вера која ја имале и тие? Свети Игантиј ја водел Антиохија кон Христос. Тој го градел Божјото царство во Антиохија. Неговата заедница ги паметела светите апостоли и живеела преку молитвата.
              Одраснат токму во Антиохија, тој бил нејзин достоен епископ. Се грижел за црковниот имот, за богатството, но пред сè, се грижел како да го зачува своето словесно стадо и да го всели во царството небесно. За тоа пишува и во своите писма: „Никкава корист нема да имам од целиот свет, ниту од царштините од овој свет“; „Подобро ми е да умрам за Исуса Христа, отколку да владеам со земјата“.
                И кога се соочил со врховната сила од овоземното царство, олицетворена во римскиот цар Трајан, свети Игнатиј ниту се уплашил, ниту се поколебал. Во тоа соочување видел можност да замине во средба со својот Христос. Откако царот Трајан издал наредба да биде одведен во Рим на погубување, христијаните кроеле планови како да го спасат својот епископ. Но, за свети Игнатиј, спасот бил токму во страдањето за Христа.
                 Тој себеси се видел како Божја пченица, а лавјите заби како млин. Затоа ги замолил Римјаните: „Оставете ме да им бидам храна на ѕверовите и на таков начин да отидам при Бога“, „Зашто јас сум Божја пченица сомелена од забите на ѕверовите, за да постанам чист Божји леб… Да даде Бог да не ги загубам подготвените ѕверови! Јас се молам што побргу тие да бидат пуштени на мене. Со умилкување ќе ги привлекувам кон себе, за што побргу да ме растргнат и изедат. Нема да се случи, како на други христијани што им се случило, ѕверовите да не ми се приближат. Ако не сакаат доброволно да ме растргнат, јас ќе ги принудам на тоа. Простете ми, велел свети Игантиј, јас знам што е корисно за мене. Дури сега почнувам да бидам ученик“.
                  Легионерите го одвеле свети Игнатиј во Рим, и таму ја посведочил вистината на својот живот, сомелен од забите на колосеумските лавови во 107 година. Богоносецот докажал дека го носи Бог во себе, зашто за Бога единствено живеел. Зарем може да има поубава слика за овој Христов сведок, од неговите сопствени зборови: „Го посакувам Господа Исуса Христа, Синот на вистинскиот Бог и Отец. Него Го барам, Кој за нас умрел и воскреснал. Простете ми, браќа! Не пречете ми да влезам во животот, зашто Исус Христос е живот за верните. Немојте да ми посакувате смрт со поштедувањето, зашто живеењето без Христа е смрт. Сакам да бидам Божји, па затоа немојте да ме предавате на светот. Пуштете ме да одам кон чистата виделина. Кога ќе преминам таму, јас ќе бидам Божји човек. Дозволете ми да се огледам и да ги подражавам страдањата на Христос, мојот Бог. Кој сам во себе Го има Христос, тој и ќе ме разбере и ќе сфати што посакувам јас, па ќе ме сожали и ќе ме пушти да се насладувам во она, кое ми е во срцето, и да го направам она, што ми е најдраго“.

 

фг Православие.мк