BogorodicaKazanska.jpg


Кога некој би посакал одредено да му покажете во што се состои доблеста ќе ви кажам: гледајте во ликот на Пречиста Владичица Богородица, која ни го родила Спасителот, Кој со убавината е попрекрасен од сите синови човечки; во ликот  на Владичицата, на која и било претскажано дека ќе стои од десната страна на Бога, како Царица, во позлатена риза облечена и преукрасена,  - гледајте во ликот Нејзин и ревнувајте во тоа да бидете како неа, како децата на мајката – и ќе бидете, не само со името, туку и со делата, украсени со секоја добрина.

 

РАЃАЊЕТО НА ПРЕСВЕТА ДЕВА МАРИЈА

Bogorodica.Rozdestvo1k.jpgТаму далеку, во една од убавите бели куќички со рамен покрив, какви што и денес се среќаваат по земјите на Истокот, живееле пред многу векови двајца старци по име Јоаким и Ана. Јоаким бил далечен потомок на лозата на еврејскиот  цар Давид, кој веќе одамна не владеел со Израилот, а Ана била ќерка на свештеник, тоа во очите на нивните назаретски сонародници ги правеле многу почитувани, бидејќи покрај пророците, како од Бога одбрани водачи и учители народни во Израилот најценети биле, особено, царевите и свештенството. Во животот на Еврејскиот народ од секогаш најзначајно место имала верата во Единиот Бог на небото. Во морето на многубожечките племиња, прататкото и родоначелникот еврејски Авраам бил  единствен кој не сакал да се поклони на нивните лажни божества од земја и злато, наречен кумир или идол. Затоа што Му останал верен, Господ потоа со Авраам склопол Сојуз или Завет на взаемна верност и ветил дека ќе го благослови и умножи породот негов и секогаш ќе го штити и опсипува со Своите дарови. Преку Авраамовиот син Исак, Исаковиот син Јаков, наречен уште и Израил, и многу Израилови синови Господ тоа и го сторил. Па настанал народот израилски. И му помогнал Бог на израилскиот народ Свој да победи многу неволји под водство на најверните слуги Божји, пророците кои им ги објавиле Неговиот жив збор. И уште поради посреќен и богоугоден живот, преку најголемите меѓу нив – Мојсеј, им дал заповед и верски прописи наречени Закон. Евреите пак преку Мојсеј се заветиле дека засекогаш ќе го следат Законот Божји и дека на никого нема да се поклонат ниту ќе служат, освен на Него, својот Створител и Животодавец. Но, како што времето поминувало така и тие го заборавиле дадениот збор, а Господ за тоа понекогаш и многу долго ги оставал без Своја заштита, на милост и немилост на незнабошците. Губејќи го Божјиот благослов, ја изгубиле и својата моќ и држава, па и самата слобода, расејувајќи се од поробената Палестина во далечните земји. Во срцата и животот нивни се зацарило злото  - злобата, лагата, немилосрдието, омразата, раздорот, идолопоклонството...Се случувало дури и поглаварот народен и многу свештеници и чувари и толкувачи на свештенички книги кои простиот народ го учеле на верата, па и големиот дел од народот, толку да се одметнат од Бога, што ги прогонувале и и убивале оние свои сонародници кои Му биле и останале верни. Но, Господ ни тогаш сосема не ги оставал неразумните, туку секогаш одново им ја подавал раката на помошта преку Своите Пророци и,  како Добар Татко, ги карал и ги повикувал да се покајат и да престанат со своите беззаконија да навлекуваат на себе нови страданија..И уште преку Своите најверни слуги се погласно го најавувал доаѓањето  на Божествениот Спасител кој ќе го обнови и ќе го собере расеаниот народ Божји и ќе го воспостави неговото Царство на мирот, радост и благосостојба...Најмногу благодарејќи на пророците оживувала побожноста на Израилците и повторно влегувала во домовите на еврејците, внесувајќи во нив честитост и спокој.

Bogorodica.Rozdestvo1i.jpg

           Еден од таквите домови во кои цветала Богобојажливост бил и домот на Јоаким и Ана во Назарет. Тие се труделе да живеат со молитва, со работа и скромност, пост и давање милостиња, и ги славеле и ги славеле верските празници на својот народ, држејќи ги правилата на верата кои и денеска го уредуваат семејниот живот на секој Евреин. Меѓу Назарејците тие биле познати и уште поради големото богатство со стада од ситен и крупен добиток, но најмногу поради својата добрина и милостиво срце: земното богатство кое Господ обилно им го обновувал, секоја година го делеле на три дела, едниот го принесувале на дар во црквата, другиот го раздавале на сиромашните, додека од третиот  самите се издржавале. На Јоаким и Ана Бог им подарил готово се` што  во очите на луѓето ги правело среќни и достојни за почитување. Само уште едно не им дал – пород од срцето. Поминала веќе педесеттата година од нивниот брак, а Ана и понатаму останувала неродилка! Верските прописи му дозволувале на евреинот да ја остави жената која не можела да раѓа деца и воопшто бездетноста се сметала за најголема несреќа. Но, верниот Јоаким толку ја љубел својата Ана што неможел да ја напушти -  а тагата што не добиле пород ја поднесувале заедно и постојано се молеле на Бога не губејќи надеж дека Тој може тој дар да им го заради дури и во староста. Но еден ден се случило нешто што нивната несреќа ја направило неиздржлива.

          Било тоа  еден од оние големи празници во кои Израилците од сите  се симнувале во Ерусалим, во своето најголемо светилиште – обновениот Храм на царот Соломон, да принесат жртва. Кога дошол ред на Јоаким, врховниот еврејски свештеник (првосвештеник ), по име Исихар, чии зборови секогаш најдалеку одекнувале, го осрамотил пред сите:”Твоите дарови неможам да ги примам затоа што немаш деца! Поради некои тајни гревови ти немаш благослов од Бога!...” А тогаш и некој земјак почнал со погрдни зборови да го брка од Божјиот жртвеник...

                Длабоко натажен, Јоаким паднал во очајание и несакал да се врати дома во Назарет, па побегнал во пусти места каде што неговите овчари ги паселе стадата. И повикал кон својот Бог:”Господи, Господи! Удостој ме да се наречам татко на дете како што некогаш си направил милост на Авраам и неговата жена Сара давајќи им син! За да луѓето не ме сметаат од Тебе отфрлен и да не ме презираат! Храна нема да вкусам и во домот нема да се вратам, додека не ме слушне Господ Бог Израилов!“

              Гласот за настанот во меѓувреме допрел и до верната Ана која паднала во уште подлабоко очајание: “Сега сум од сите проклета! Од луѓето исмејана, од мажот оставена! Незнам за што побргу да тагувам, дали поради тоа што сум вдовица или поради  бездетноста, дали поради својата осиромаштеност или поради тоа што не сум достојна да се наречам мајка?!” Така Ана тажно ги преплакала многуте денови и ноќи и немало никој да ја утеши...

               А кога се навршиле четириесет дена од нејзиното тагување, излегла во својата градина и веќе изнемоштена од тага седнала под ловоровото дрво. Погледот кој безнадежно и лутал кон небото, во еден миг и застанал на врвот од дрвото каде што завележала гнездо со нежни птици. Таа глетка уште повеќе ја повредила раната на нејзината душа: “Тешко мене! Погрешна сум од сите ќерки Израилови и попонижена од сите жени! Сите тие во своите прегратки лулаат деца и наоѓаат утеха во своите чеда! Само јас сум отфрлена од црквата и од мојот Бог!”

                 Не сум дури ни како птиците или зверовите кои имаат свои младенци, ниту како земјата која  го раѓа својот род....Само јас сум како безводна пустина, без живот и растенија! Господе, Кој на Сара во старост си и дал првенец, погледни сега на мене и слушни ја молитвата моја! Тоа што ќе го родам ќе Ти го принесам Тебе на дар!...”
     
                  И додека така ридала, одеднаш до неа допрел едвај чуен шум. Вртејќи се околу себе Ана го здогледала гласникот Божји, Архангел Гаврил чие име на еврејски значи – Бог се покажа на моќните. И архангелот и рекол: “Ана, Ана! Услишена е молитвата твоја! Воздишките твои ги поминаа облаците и твоите солзи паднаа пред Бога! Гледај, ќе забремениш и ќе родиш преблагословена ќерка! Преку неа ќе бидат благословени сите поколениа земни и ќе му се даде спасение на светот! И ќе и дадете име Марија!” Кога го рекол тоа архангелот исчезнал, а Ана, чие име значи „Бог се смилувал“, останала во чудо воскликнувајќи: „Жив е мојот Господ! Кога ќе го родам детето ќе го дадам да Му служи Нему – нека Му служи на Бога во сите години на својот живот и нека го фали светото име Негово!” А тогаш  целата радосна побрзала во Ерусалим, во Храмот достојно  да му заблагодари на својот Бог.

               Тивкиот Божји весник, во меѓувреме му се јавил и на Јоаким во пустината и му кажал за милоста која Бог му ја сторил, па го упатил во Ерусалим, кај Златната врата да ја сретне својата верна Ана. И се израдувал Јоаким и побрзал каде што ја затекнал Ана, и тие паднале во заедничка прегратка и си раскажале што им се случило и да одат заедно да му заблагодарат на Бога. Потоа, утешени и полни со вера во Божјото ветување, двајцата се вратиле дома.

                И процути исушената утроба Анина со  несвенатиот Назаретски Цвет, кој во свое време ќе го донесе најблагословениот Плод, за спасение на целиот Свет! И после девет месеци родила Ќерка која со чистотата и смиреноста ќе се издигне над сите ќерки и жени човечки, Дева која  поради тоа Бог ја возвеличи над сите човечки суштевства и ќе ја удостои Самиот Негов Син да се всели во неа и да се роди како Бого човек.

             Неописливо било родителското радување кога се исполнил зборот Господен. “Воскликни цела земјо на Господа!“ воскликнувале Јоаким и Ана на глас. „Запејте, затрубете, зарадувајте се. Заиграјте гори, затоа што се роди преславна Гора, Гора Божја во која посака да живее Господ!...“ Тоа биле зборови од песната наречени псалми, кои еднаш одамна во својата голема куќа, ги испеал славниот Јоакимов предок, цар Давид, претскажувајќи го доаѓањето на Синот Божји на земјата. И гледај целата вселена – камењата, дрвајата и водата, тревата, зверовите и цвеќето, звездите и ветровите небески затрепериле од радост, која им ја објави раѓањето на Јоакимовата и Анината Ќерка! И и дале  родителите на своето Девојче име Марија, што  на Еврејски значи – Вожвишена, Возвеличена, Госпоѓа, како што има било и кажано. Потоа Јоаким отпатувал во ерусалим, во храмот да принесе  благодарна жртва, па откако примил благослов од првосвештеникот, ликувајќи се вратил дома, каде што приредил голема прослава....

              И растела малата  Марија во топлата родителска прегратка, а родителите постојано си спомнувале за зборовите што архангелот ги кажал за благословената нејзина судбина, па ја воспитувале во побожност и ја чувале како зеницата во окото. И ја љубеле не само како чедо и единствено свое богатство, туку и како своја Владичица, со стравопочитување, озарени и укрепени со милоста која Господ ја вдахнал Својата мала избраничка. А кога Дева наполнила три години, дошло времето Јоаким и Ана да го исполнат своето старо ветување.

Превод: Љубица Добревска
За ПреминПортал подготви: Стојанка Тежак


 Bogorodica.Rozdestvo1f.jpg

 Рождество на Пресвета Владичица наша Богородица

На литија стихири, глас 1, самогласни.
(од Стефан Светоградец)

          Денес, луѓе, стана почетокот на нашето спасение, зашто претскажаната од древните поколенија, Мајка и Дева, и прибежиште Божјо, се раѓа од мајка неплодна; цвет и жезол од коренот Јесеев изникна. Нека се радува Адам праотецот, и Ева со радост нека се весели, зашто, ете, создадената од ребро Адамово ќерка и внука, ја велича отворено, бидејќи рече: Ми се роди избавување заради кое ќе се ослободам од веригите адови: Нека се радува Давид свирејќи на гусли, и нека Го благословува Бога, зашто, ете, од неплодна утроба излегува Дева, за спасение на душите наши.
Глас 2: Пријдете, сите вие што ја сакате невиноста и сте љубители на чистотата, со љубов примете ја пофалбата на девството, изворот на живот, кој од тврд камен тече, и Капината која се раѓа од бездетната (Ана), за да Го прими невештествениот Оган, Кој ги очистува и просветлува душите наши.
         (Од патријарх Анатолиј): Каква е оваа празнична песна!? Адам и Ева торжестувааат таинствено, велејќи: Радувајте се, денес, со нас; Адаме и Ево! Зашто, ако во она време, со вашиот престап, го затворивте Рајот, сега, еден благословен плод ни се даде - слугинката Божја Марија; која на сите влезот во него им го отвора.
Претскажаната Царица на вселената; која Бог ја определи за Свое живеалиште, денес се роди од неплодна утроба - славната Ана. Преку неа, срамниот ад се уништи и Ева, мајката на човечкиот род, во сигурен живот се воведува. Нејзе достојно да и запееме: Блажена си ти меѓу жените, и благословен е Плодот на твојата утроба.

 

 пп