SV.NIKOLAJ

МИРОТВОРЕЦОТ КОЈ Е ПРИМЕР ЗА НАС

Свети Никола е човек на мирот. Не на политички или географски мир, туку на духовен мир. Со други зборови, тој не е жител на светот, туку на Небесата.
           Читајќи го неговото житие, не е тешко да се забележи дека светителот секогаш се стремел кон вистината и правдата, како и за помирување на завојуваните страни. Во принцип, желбата за мир треба да биде вродена кај сите христијани. „Блажени се миротворците, зашто тие ќе се наречат синови Божји“ (Мт. 5, 9), вели Спасителот. Објаснувајќи ги овие зборови на нашиот Господ, свети Јован Златоуст напишал: „Тука Христос не само што го осудува меѓусебното несогласување и непријателство на луѓето меѓу себе, туку бара нешто повеќе - имено, да го помириме и несогласувањето на другите; и повторно, исто така, ветува духовна награда. Што е таа? „Зашто тие ќе бидат наречени синови Божји“. А делото на Единородниот Син Божји се состоеше во тоа, да го соедини разделеното и да ги помири непријателите“.

SV.NIKOLAJ1


             Да се биде миротворец не значи само да се избегнат несогласувањата и кавгите, но и да ги помириш оние кои се во раздор. А свети Никола, во својство на епископ на Мир во Ликија, се потрудил да го спречи несогласувањето меѓу луѓето. Има една епизода од неговиот живот во која се раскажува како светителот ги помирил императорските војски со жителите на градот Мир, кои се побуниле против нив.
Во исто време, разбираме дека е исклучително тешко да се биде миротворец. Затоа што исполнувањето на овој повик бара голема храброст, па дури и херојство. Да се застане меѓу завојуваните страни значи да се ризикува да бидеме плукани, навредувани, исмејувани и распнати. Пример за тоа е Господ Исус Христос, кој дојде да го помири човекот со Бога и... беше распнат.

SV.NIKOLAJ2
             Од друга страна, пак, голема е и наградата на миротворците - тие ќе бидат наречени синови Божји. Затоа Свети Никола се стремеше кон миротворство и затоа нашата Црква се стреми кон миротворство. Христијанинот разбира дека во секој конфликт секогаш има две виновни страни. Едниот во поголема мера, другиот во помала мера, но и двајцата се виновни. Тоа значи дека е можно да се помират соперниците само ако го надрастеме конфликтот, ако се издигнеме над него. Но, за да го надрастеме злото, мора да се трудиме да му се приближиме на Бога и само „Господарот на мирот“ (2. Сол. 3:16) може да го врати мирот. Сè што се бара од личноста е да го каже зборот „прости“.

SV.NIKOLAJ3


Автор: Архиепископ Виктор Коцаба
Извор: blogs.korrespondent.net/bogonosci.bg
Превод: Симеон Стефковски

15.12.2022