SV.ANDREJ.PRVOPOVIKAN

АПОСТОЛ АНДРЕЈ И НЕГОВИОТ ПАТ ДО ХРИСТОС

           Апостол Андреј, еден од дванаесетте ученици на Исус Христос, бил наречен Првоповикан. Зошто? Одговорот го наоѓаме во Евангелието по Јован: „А на другиот ден, пак, стоеше Јован и двајца од неговите ученици.И штом Го виде Исус како оди, рече: „Еве Го Јагнето Божјо!“ Кога ги чуја од него тие зборови, обата ученика отидоа по Исус. А Исус, кога се сврте и виде дека одат по Него, им рече: „Што барате?“ Тие Му одговорија: „Рави (што значи – Учителе), каде живееш?“ Им рече: „Дојдете и видете!“ Тие отидоа и видоа каде живее и останаа тој ден кај Него. Беше околу десеттиот час. А еден од двајцата, што беа чуле за Исус и беа тргнале по Него, беше Андреј братот на Симон Петар. Тој прво го најде брата си Симона и му рече: „Го најдовме Месијата, што значи: Христос “ (Јован 1:35-41).
Во овој сосема обичен приказ за повикот на апостол Андреј, можеме да видиме во исто време неколку особено важни и суштински моменти.
           Прво, мораме да ја забележиме огромната жед за вистина што ја имале учениците на Јован. За нив, Месијата не беше апстрактна идеја, туку очекувана личност и нова реалност што требаше да ја следат. Апостолите ни за миг не се двоумеле да тргнат по избраниот пат, решиле да го следат Христос без двоумење, без услови и без никакви претензии од нивна страна. Мораме да забележиме дека тие ништо не барале од Месијата, не Му рекле дека треба да направи нешто за да станат Негови ученици, тие едноставно... молчаливо го следеле: „Двајцата ученици тргнале по Исуса. А Исус се сврте и ги виде како одат по Него,и им рече: Што барате?
          Во принцип, оваа приказна не се однесува само на апостолите, туку и на секој од нас. Се среќаваме и со Христа, но дали секогаш тивко го следиме? Не, не секогаш. Честопати се обидуваме да се пазариме, да ги наведеме условите под кои сме спремни да станеме Негови ученици итн. Јасно е дека овој пат не води никаде. Тоа не води до Месијата, туку само до нашата сопствена себичност и самозаљубеност.

 

SV.ANDREJ.PRVOPOVIKAN1
           Второ, штом разбрал каде живее Христос и се уверил дека навистина е Месијата, апостол Андреј истрчал кај својот брат Петар веднаш да го извести дека Спасителот дошол во светот. Дали оваа епизода е поврзана со нашите животи? Да секако.
           Затоа што ние, како апостол Андреј, знаеме дека Христос е Месијата. Но, наместо да трчаме кај нашите браќа, сестри и познаници и да ги поканиме да дојдат со нас кај Спасителот, ние во најдобар случај се трудиме да бидеме само „добри“ луѓе, а во најлош случај мислиме дека верата во Бог е нешто „интимно“. нешто што не треба да се сподели со никого. Меѓутоа, ако апостолите би размислувале на ист начин, светот сè уште не би го познал Христа и сè уште ќе се занимаваме со човечка приносна жртва и други пагански „традиции“.

           Ние христијаните мора да разбереме дека најскапоценото нешто што можеме да го споделиме со светот не е етичкото учење на Евангелието, не учеството во општествени проекти, не апстрактната „љубов кон сите“, туку вистинскиот, живиот Христос, Кој се познава преку лична заедница и учество во светата тајна Евхаристија. Христос е Оној кој секогаш мора да биде за нас Вистината и Животот.


            Главната задача во животот на апостол Андреј била проповедањето за Воскреснатиот Спасител на светот. Тој јасно разбрал дека само оваа проповед може да го промени светот на подобро. И само оваа проповед може да ни помогне да станеме вистински христијани.

SV.ANDREJ.PRVOPOVIKAN2
 Автор: архиепископ Виктор Коцаба / 2021
Извор:bogonosci.bg


За Преминпортал: Симеон Стефковски