sv.Varlaam.i.Joasaf.Indisk3

(Продолжение)

Крштавањето на цар Авенир
         После своето крштевање царот Авенир целата своја царска власт му ја предаде на својот син Јоасаф, а самиот живееше осаменич ки во молитвено тихување и секогаш ја посипуваше главата своја со пепел, ридаше поради поранешните гревови свои. И тој помина четири години во такво смирение и покајание; и добивајќи од Бога проштевање на гревовите, тој се претстави пред Него во мир.На четириесетиот ден по претставувањето на царот Авенир Јоасаф му направи помен на својот татко и ги повика сите свои војводи, советници, војни старешини и сите останати важни носители на власта и им ја објави тајната на своето срце: дека сака да го остави земното царство и сè светско, да замине во пустината и да монахува. – Тоа ги разжалости и растажи сите; и сите плачеа и горко ридаа, бидејќи многу го љубеа поради неговата кроткост, смирение и добротворство. Наместо себе Јоасаф сакаше да го постави за цар еден од војводите, по име Варахиј, дамнешен христијанин,  оној кој ја држеше страната на божемниот Варлаам за време на препирката за верата со незнабожечките индијски мудреци. Јоасаф знаеше дека Варахиј е многу цврст во верата и дека има голема љубов спрема Христа. Но Варахиј се одрекуваше од царството, велејќи: Љуби го, царе, ближниот свој како самиот себе. Ако е добро да се царува, царувај сам. А ако е зло, зошто тогаш ми го предаваш царството? Зошто ми го товариш товарот од кој самиот бегаш? Тогаш сите срдечно, со солзи, почнаа да го молат светиот Јоасаф да не ги остава. Меѓутоа, тој ноќе му напиша писмо на целиот Сенат и на сите власти, поверувајќи ги на Бога и наредувајќи им никој друг да не го поставуваат за цар освен Варахиј. Тоа писмо царот Јоасаф го остави во својата спална соба, па самиот скришум излезе и итно вјасаше во пустината.

Утредента пукна гласот за неговото заминување. Народот се вознемири и се разжалости; многумина плачеа и ридаа. Најпосле сите жители појдоа во потера по царот, да го бараат. И го најдоа крај еден пресушен поток како се моли со подигнати раце кон небото. Тие го опкружија и, паѓајќи на колена пред него, го молеа со големо ридање да се врати во својот дворец и да не ги напушта. Принуден од нивните молби, Јоасаф се врати. Но наскоро после тоа ги повика сите и им рече: Залудно се противите на волјата Господова и ме задржувате. – И со заклетва тој ги потврди своите зборови: дека од овој час ни ден повеќе не ќе остане цар. Тогаш, на Варахиј, и против неговата желба, му го стави својот царски венец, го посади на својот престол и му ги даде потребните поуки како да царува, па простувајќи се со власта и со народот излезе од дворецот и од градот брзајќи во пустината. А целиот народ со Варахиј и со сите власти, уверувајќи се дека решението на Јоасаф е непроменливо и дека не можат со молби да го задржат ниту со сила да го спречат неговото заминување, одеа по него плачејќи и следејќи го далеку; а тој ги молеше да не му пречат и да го остават сам. Сепак, некои од далеку одеа по него ридајќи, сè додека денот не и’ го отстапи местото на ноќта и мракот го сокри од нивните очи љубениот господар и ги раздели.

Така Варахиј го прими скиптарот на индијското царство, а Јоасаф сè остави сметајќи го за ништо, само Христа да го добие (спор. Фил. 3, 8). Првата ноќ од своето патување тој ја помина во куќата на еден сиромав човек, му ја даде својата облека, а самиот тргна да се подвизува како пустиножител во облеката од влакна која еднаш му ја даде Варлаам. При тоа тој не носеше ни леб ни вода, ниту никаква храна: бидејќи целиот себе се предаде на Божјата промисла и гореше со сесрдна љубов кон својот Господ. А кога пристигна во пустината, ги подигна очите кон милиот Христос и извика: Очите мои нека не ги гледаат повеќе благата на овој свет и срцето мое повеќе нека не се насладува со ништо друго освен со Тебе, надеж моја! Ти управувај со моето патување и води ме кон твојот угодник Варлаам! Покажи ми го посредникот на моето спасение, да ме поучи на пустински живот оној кој ме поучи на познанието Твое, Господи!
              Две години свети Јоасаф одеше по пустината сам, барајќи го Варлаам. А се хранеше со тревата која таму растеше и често трпеше глад поради недостаток на трева, бидејќи земјата во таа пустина беше сува и неплодна. Покрај тоа тој доживеа многу напади од ѓаволот: бидејќи го напаѓаше де збркувајќи му го умот со разни помисли де застрашувајќи го со привиденија; понекогаш му се јавуваше црн и крцкаше со забите; понекогаш се устремуваше кон  него со меч во рацете како да сака да го исече; понекогаш земаше на себе изглед на разни ѕверови, змии, апсиди. Но храбриот и непобедлив војник Христов сите тие искушенија ги победуваше и ги одгонуваше со мечот на молитвата и со оружјето на крстот Кога се наврши втората година, Јоасаф во Сенаридската пустина најде една пештера и во неа монах кој се спасуваше молитвено тихувајќи во осаменост. Од тој монах дозна каде престојува   Варлаам.

И тогаш радосно и брзо поита по патеката која му беше покажана. И кога стигна до пештерата на Варлаам, застана кај влезот и му чукна на вратата, велејќи: Благослови, оче, благослови! – А Варлаам, откако го слушна гласот, излезе од пештерата и по вдаховение од горе го позна Јоасаф кој не можеше да биде познаен по надворешниот изглед: бидејќи целиот беше поцрнет од сончевата жега, обраснат со брада, со суви образи и длабоко воспалени очи.
           Старецот, застанувајќи со лицето спрема исток, му вознесе благодарна молитва на Бога; а по молитвата се прегрнаа со љубов и се целиваа со свет целив и од радост своите лица ги миеја со топли солзи. И откако седнаа, започнаа да разговараат. Прв почна Варлаам; тој рече: Добро направи што дојде, чедо мило, чедо Божјо и наследнику на Небесното царство! Господ место времените добра нека ти ги даде – вечните и место пропадливите – непропадливите!
            Но те молам, мил мој, раскажи ми како дојде овде; што се случи по моето заминување; и дали татко ти го позна Бога или сè уште се наоѓа во поранешната заблуда. – Блажениот Јоасаф му раскажа по ред сè што се случи по неговото заминување и што направи Господ со Својата семоќна помош. А старецот, откако го сослуша, многу се радуваше и восхитуваше и најпосле рече: Ти благодарам, Христе Боже, што благоволи семето на Твоето слово кое јас го посејав во душата на Твојот слуга Јоасаф, така да порасне и да донесе стрократен род.Притоа се стемни и дури откако ги завршија вообичаените молитви тие се сетија на храна. И Варлаам постави скапоцена трпеза, богата со душекорисен разговор, полна со духовни јадења, но скудна во телесна храна, која се состоеше само од пресно неварено зелје, малку урми и вода од блискиот извор. Откако се поткрепија со таква трпеза, му заблагодарија на Бога кој ја отвара раката Своја и го нахранува секое живо суштество со Своето благоволение. Потоа застанаа на вечерна молитва, па повторно започнаа духовен разговор и цела ноќ ја поминаа во разговор сè до утрото.

Водејќи така прекрасен и рамноангелен живот, Јоасаф и Варлаам поминаа заедно многу години. Најпосле, преподобниот Варлаам се приближи кон својот блажен крај, го повика својот духовен син Јоасаф кој во Евангелието го роди и му рече: Чедо мое, одамна сакав да те видам пред да заминам; и кога еднаш се молев за тебе, ми се јави нашиот Господ Исус Христос и ми вети дека ќе те доведе кај мене. И ете, Господ веќе ја исполни мојата желба: те гледам тебе кој си се одрекол од светот и сè што е во светот и си се соединил со Христа. И бидејќи, еве, пристигнува времето на моето заминување, ти покриј го телото мое со земја, предај ја земјата на земја, а самиот остани на ова место држејќи се до духовното живеење и сеќавај се на мене смирениот. Откако ги слушна овие зборови, Јоасаф горко ридаше поради разделбата со преподобниот и старецот одвај успеа со своето духовно слово донекаде да го утеши; а потоа го испрати кај некои браќа кои живееја во истата таа пустина, да донесе што е потребно за отслужување на Божествена литургија. Јоасаф веднаш отиде, го зеде она што беше потребно и брзо се врати, плашејќи се неговиот духовен татко да не замине без него и така да биде лишен од неговиот последен благослов. Преподобниот Варлаам отслужи Божествена литургија и тие обата се причестија со Светите Тајни.

Потоа преподобниот долго разговараше со својот ученик за душекорисни работи и, откако заврши, со умиление започна да му се моли на Бога за себе и за својот ученик. После долга молитва, тој татковски го прегрна Јоасаф, му даде последен целив и благослов, се прекрсти, легна и лицето му стана светло и радосно како да му дошле некои пријатели; и така замина кај Господа, поминувајќи во пустината седумдесет години, а сè на сè поживеа околу сто години.Залевајќи го со многу солзи телото на својот духовен отец, Јоасаф цел ден и цела ноќ пееше псалми над него. А кога се раздени тој ископа гроб близу пештерата, го закопа чесното тело на својот свет старец и откако седна крај гробот, горко плачеше сè додека не изнемошти од плач и не заспа. На сон пак, ги виде оние необични луѓе, кои некогаш ги беше видел за време на она искушение со девојките: тие дојдоа кај него, го зедоа и повторно го поведоа на она големо поле кое тој и претходно го виде, и во блескавиот град. А кога влезе во градската капија, го сретнаа Ангелите Божји кои носеа два венци со неопислива убавина. Јоасаф запраша: Чии се тие блескави венци? – Ангелите му одговорија: Обата се твои, затоа што спаси многу души и затоа што Бога ради го остави земското царство и се посвети на монашки живот. Но еден од нив треба да го дадеме на татко ти, бидејќи тој со твоја помош го остави патот кој во гибел води, од срце се покаја и се смири со Бога. – Јоасаф праша: Како е можно татко ми само заради едно покајание да добие награда иста како и јас кој поднесов толку маки? – Кога го рече тоа, го виде Варлаам кој му велеше: Не ли ти реков еднаш, Јоасафе, дека ќе станеш скржав и недарежлив кога ќе се збогатиш? Зошто сега не сакаш наградата на татко ти да биде рамна на твојата? Не треба ли, напротив, да се радуваш во душата што твоите молитви за него се услишани? – Јоасаф, како што секогаш имаше обичај за време на животот да му зборува на Варлам, му рече: Прости ми, оче, прости ми! па го праша: Кажи ми, каде живееш ти? – Варлаам одговори: Во овој прекрасен и голем град ја добив својата пресветла палата. – Јоасаф почна да го моли Варлаам да го земе кај себе во својата палата и со љубов да го прими како свој гостин.

sv.Varlaam.i.Joasaf.Indiski4

        Варлаам одговори: За тебе кој носиш телесно бреме, сè уште не дошло времето да бидеш овде; но ако јуначки истраеш до крај во монашките подвизи, како што ти заповедав, тогаш наскоро ќе дојдеш ваму и ќе се удостоиш со овој живот овде, со овдешната слава и овдешните радости и вечно ќе бидеш со мене. Откако се разбуди, со душа сè уште полна од видената светлина и неискажлива слава, Јоасаф многу восхитено му вознесе на Господа благодарна песна, славејќи Го. И до своето заминување свети Јоасаф остана на местото каде заедно се подвизуваше со преподобниот Варлаам, водејќи ангелски живот. Тој на свои дваесет и пет години го остави земското царство и влезе во испоснички подвиг; и поминувајќи во пустината триесет и пет години се претстави пред Господа.
           Еден свет пустиножител кој живееше недалеку, преку откровение дознавајќи за претставувањето на свети Јоасаф, дојде во часот на неговото претставување, со солзи на љубов го испеа неговото чесно тело со пропишаните заупокоени песни и молитви и го положи покрај моштите на преподобен Варлаам, за и телата на оние кои беа неразделни во духот да почиваат неразделно на едно место. Откако, пак, го погреба, овој пустиножител имаше откровение од Бога со наредба: да оди во Индијското царство и да го извести царот Варахиј за преставувањето на свети Јоасаф. Отецот пустиножител постапи така. Известен за тоа, царот со многу луѓе тргна во пустината и кога дојде до пештерата на преподобните отци, го отвори нивниот гроб и ги најде моштите на свети Варлаам и Јоасаф нераспадливи, при што од нив излегуваше големо благоухание. Земајќи ги светите мошти, царот Варахиј чесно ги пренесе од пустината во својата татковина и ги положи во црквата која свети Јоасаф ја подигна за време на животот, славејќи го Бога во Троица,
на Кого и од нас нека е чест и поклонување сега и секогаш и во вечни векови. Амин.

 

Житие на преподобните отци наши Варлаам и Јоасаф Индиски (1)

Житие на преподобните отци наши Варлаам и Јоасаф Индиски (2)