ЧУДО НА ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА:
Сторија за чудесно избавување од сигурна смрт
Веста за чудесното избавување од смрт на наредникот на грчките воени сили Василики Плексида беше широко опфатена од медиумите во Грција.
Ова чудо се случи на 19 април 2017 година, кога 26-годишната Василики Плексида и нејзиниот тим спроведуваа рутински патролен лет во планинските предели на северна Грција.
Еве што самата таа вели за случката: “Полетавме околу 7:20 часот наутро. За време на летот работев на хеликоптерската документација, подготвував некои последни документи, кога ненадејно (околу 8 часот) ја кренав главата и забележав дека летаме во низок и тесен предел, во густа магла со многу ограничена видливост.
Набргу потоа следуваше БАМ. Хеликоптерот удри во нешто. Се сеќавам како почнав да се нишам напред-назад. Несвесно веднаш се прекрстив и побарав помош од Пресвета Богородица. Во истиот тој момент со свои очи ја видов Пресвета Богородица како се спушта кон мене облечена во црвена мандија, исто онака како што е претставена на иконата во манастирот Акротириани.
Таа ме зграби и ме извлече надвор од хеликоптерот, заедно со седиштето и подот под седиштето. [ Хеликоптерското седиште е прицврстено за подот на хеликоптерот со 1200 спојки. За да биде демонтирано потребни се специјални алатки и долговремена работа од страна на стручен техничар. Во случајот на Василики, хеликоптерското седиште било “откорнато“ заедно со подот под него кој изгледа како да е хируршки прецизно пресечен.] и ме спушти во една грмушка, свртена со грбот кон местото на несреќата за да не бидам вознемирена од глетката и страдањето на моите колеги.“
Хеликоптерот за време на летот, заради отежнатата видливост, ја загубил висината на летање, залутал во теснец и при тоа излегол надвор од радарската покриеност. Димитриj – сопругот на Василики – кој е исто така воено лице, дознавајќи дека хеликоптерот исчезнал од радарот веднаш се јавил во манастирот “Пресвета Богородица – Акротириани“ на островот Серифос (манастир кон кој Димитриj и Василики веќе неколку години биле силно духовно приврзани и кој е под јурисдикција на вистинските православни христијани – старокалендарци. По несреќата и чудото на Пресвета Богородица, Димитриј и Василики преминуваат кај старокалендарците), и ја известил игуманијата Антодохиa да се моли за Василики, затоа што хеликоптерот во кој патува Василики не може да биде лоциран. Игуманијата на тоа му одговорила: “Не грижи се, Василики е жива, и за неколку часа ќе слушнеш новости во врска со неа“. Во меѓувреме, откако Василики после првиот удар била извлечена од хеликоптерот, леталото продолжило неконтролирано да се движи во воздух, и накратко потоа се случил втор удар. Леталото се срушило во електричен столб во многу непристапен предел, при што загинале преостанатите четири членови на екипажот.
Хеликоптерот предизвикал дефект во напонската мрежа, а грчката електроенергетска компанија веднаш испратила свој теренски работник за да го пронајде дефектот. Вака продолжува да сведочи Василики: „Целото место на несреќата беше облеано од горивото на хеликоптерот. Ако каблите од електричниот столб паднеа на земја сите ќе изгоревме, но Пресвета Богородица не допушти тоа да се случи. Таа ме чуваше цели два и пол часа во прегратки, како што ги држат малите бебиња, ме тешеше и ми велеше: „Не плаши се, веќе испратив човек за да те пронајде…
Таа беше со мене повеќе од два часа, а мене ми чинеше како да поминале неколку секунди.“ Човекот од електроенергетската компанија штом го лоцирал местото на дефектот истовремено ја забележал и Василики. Вака тој го опишува настанот: “Штом пристигнав на местото на несреќата (околу 10:30 часот), ја забележав Василики во една грмушка, прицвстена за нејзиното седиште. Невообичаено, бев обземен од некое возвишено чувство на Божјо присуство и се прекрстив. Кога ѝ се приближив на Василики бев многу збунет, незнаев како да ѝ помогнам, но Пресвета Богородица ми даде ум за да можам да ѝ укажам основна прва помош“.
Воздухопловната потера заради маглата и слабата видливост не покажала никакви резултати. „На местото на несреќата“, продолжува Василики, „имаше насекаде разлетани делови од хеликоптерот и наши лични предмети. Според законите на физиката и реконструкцијата на несреќата, никој неможе да објасни како јас се најдов таму каде што се најдов. Сите велат – чудо! Моите предмети се наоѓаа наредени покрај мене, а врз мене беше хеликоптерската икона на Пресвета Богородица“. [Во воздухопловните летала на грчката армија покрај табелата со инструменти вообичаено има и икона од Пресвета Богородица].
Работникот го кренал телефонот на Василики кој тогаш звонел, и одговорил на повикот, така што брзо биле лоцирани и евакуирани од спасувачката единица. „Докторите во болницата во Солун беа мошне загрижени заради многубројните скршеници и внатрешните крварења кои ги имав. Моето лекување беше предвидено да трае 4-6 месеци, но јас бев отпуштена од болницата само после 2 ипол недели. На вториот ден од моето лекување, во одделот за интензивна нега повторно се појави Пресвета Богородица, ми ги зеде сите болки, внатрешните крварења се повлекоа, а таа ми рече: „Сакам да сведочиш за чудото, за да се зацврсти верата помеѓу луѓето, заради последните времиња кои што доаѓаат’“. Амин.
Преминпортал
18ти јули 2020 лето Господово
Избор од фб профил на
Православие.Мк †