Ги љубам оние што Мене Ме љубат, и кои Ме бараат ќе Ме најдат (Изреки 8, 17) и ќе ги прославам оние што Мене Ме прославуваат (1 Цар. 2, 30) – вели нашиот премудар и човекољубив Господ. А Он е совршено љубен и прославен од Своите Светии, и Светиите биваат возљубени и прославени од Него. Таа љубов е неискажливо слатка, бидејќи доаѓа од Духот Свети и со неа се хранат сите сили небески. Бог е љубов, па затоа и Светиот Дух, Кој пребива во Светиите е љубов. Господ може да се познае единствено преку Светиот Дух. Преку Него Светителите Бога Го прославуваат, а со даровите на Светиот Дух Господ ги прославува Своите Светии со слава која нема да има крај. Плодовите на Духот, кои ги красат православните Светии, според зборовите на Св. Ап. Павле, се: љубовта, радоста, мирот, долготрпеливоста, благоста, добрината, верноста, кротоста, воздржливоста. Против такви нема закон (Гал. 5, 22-25).

3.angeli.so.truba
Фреска: Нетеленото тело на Св. Јован Руски лебди среде огнот откако претходно беа поставени од страна на Османлиите

Еден таков Богопрославен Светија, преукрасен со овие Божествени плодови, е Светиот праведен Јован Руски Исповедник, чијшто спомен денес го слави светата православна Црква. Нашата Свештена Бигорска Обител, пак, има уште една дополнителна причина за посебна духовна радост и молитвена прослава на овој Божји угодник, чијшто живот претставува едно совршено подражавање на Христовото крајно смирение. Тоа е присуството на едно парче од неговите преславни свети Мошти, кои од 2007 година со голема љубов се чуваат во нашиот свет Манастир.


Житие на Светиот праведен Јован Руски Исповедник

Светиот исповедник Јован Руски се родил околу 1690 година во Мала Русија, денешна Украина. Уште од мал бил воспитан во побожност и љубов кон Црквата Божја. Кога станал полнолетен го викнале во војска. Служел како обичен војник во армијата на Петар Први и учествувал во Руско-турската војна. За време на војната во 1711 година, Јован и останатите војници биле заробени од Татарите, кои го продале на заповедникот на турската коњаница. Тој го однел заробеникот во своето живеалиште во Мала Азија, во селото Прокопиј (на турски: Уркјуб) во близина на Кесарија.

Турците настојувале заробените војници-Христијани да ги преобратат во ислам. Некои успевале да ги преобратат со наговарање и соблазнување, но оние што биле со поцврста вера, биле сурово тепани и мачени. Во својата заблудена ревност, Турците, исто така ги грабале Христијанските деца и ги одгледувале и воспитувале како турски војници-јаничари. Прокопиј бил војничкиот камп на тие јаничари кои ги мразеле Христијаните, и новиот затвореник станал предмет на нивното исмевање. Свети Јован не го прелагале ветувањата за овоземни добра, туку храбро ги поднесувал суровоста, понижувањата и биењето. Неговиот господар ага често го мачел, надевајќи се дека неговиот слуга ќе го прифати мухамеданството. Меѓутоа, Свети Јован решително се спротивставувал на волјата на својот господар и велел: „Ниту со закани, ниту со ветувања на богатства и наслади не можеш да ме одвратиш од мојата вера. Како Христијанин се родив и како Христијанин ќе умрам“. Смелите зборови на овој исповедник, неговата постојана вера, неговата храброст и праведниот живот го смириле суровото срце на агата и срцето на неговата жена, која му понудила соба близу шталата. Агата престанал да го мачи и да го навредува својот заробеник, не барајќи веќе од него да се откаже од Христа, а единствено што барал е да се грижи за добитокот и да го одржува редот во шталата, во чиј агол се наоѓала постелата на преподобниот Јован, бидејќи не ја прифатил понудата за собата.

Овој угодник Божји му служел на својот господар од рано наутро до доцна навечер, совесно исполнувајќи ги сите негови заповеди. Босоног и полугол, ги извршувал своите обврски и за време на зимското студенило, и за време на летната жега. Гледајќи ја неговата усрдност, останатите слуги често го исмевале, но праведниот Јован никогаш не се гневел заради тоа. Напротив, секогаш кога можел им помагал во работата и ги тешел во несреќите. Искрената добродушност на Преподобниот го смилостивила срцето на агата, но и на останатите слуги. Агата стекнал голема доверба во него, така што му предложил како слободен да живее каде ќе посака. Меѓутоа, Преподобниот избрал да остане во аголот во шталата, каде секоја ноќ можел да се осами на молитва со Давидовите Псалми, кои непрестајно ги изговарал, укрепувајќи се во добродетелите и во љубовта кон Бога и луѓето. Јадел мошне малку, а кога требало да се причести со Светите Тело и Крв Христови, тајно заминувал на сеноќно бдение во храмот на Св. Георгиј, каде коленичел и се молел до рано наутро. Преподобниот Јован продолжил да му служи на агата како и порано, и без оглед на своето сиромаштво, секогаш им помагал на бедните и болните, делејќи ја со нив својата скромна храна.

3.angeli.so.truba
Кивотот со моштите на Свети Јован Руски

Поради подвигот на Светиот Јован, Господ го благословил и агата, и тој станал еден од најбогатите и најмоќни луѓе во Прокопиј. Агата сфатил дека сето тоа е поради Св. Јован и не се стеснувал тоа да го исповеда и пред своите сограѓани.

Еднаш, додека агата бил на аџилак во Мека, неговата жена седела дома. Таа ги повикала своите пријатели и роднини за да се молат за неговото безбедно враќање дома. Додека им бил сервиран пилав за јадење, господарката му се обратила на Св. Јован, кој служел на масата, велејќи: „Колку би бил задоволен, Јоване, твојот господар да беше сега тука и да јадеше од овој пилав заедно со нас!“ Пилавот му била омилена храна на агата. Желбата за најдобро на својот господар и верата во Божјата сила го натерале Јован да побара од господарката чинија со пилав, велејќи дека ќе му ја испрати на својот господар во Мека. На тоа гостите почнале силно да се смеат. Сепак, господарката му дозволила да земе една чинија со пилав, мислејќи дека ќе го изеде тој самиот, или, пак, ќе го даде на некои сиромашни Христијани, како што и обично правел. Јован ја зел чинијата и отишол во шталата. Паѓајќи на колена тој горешто и од сета своја душа се помолил на Бога за Он да му го испрати пилавот на неговиот господар. Во својата простодушност блажениот бил совршено уверен дека Господ ќе му ја услиши молитвата и дека пилавот на некој натприроден начин ќе стаса до Мека. Јован верувал и не се сомневал и воопшто не се двоумел, според зборовите Господови, дека Господ ќе му ја исполни молбата. Како што вели големиот подвижник, преподобниот Исак Сирин: „Овие натприродни знаменија им се даваат само на простодушните по разум, но истовремено и најсилните во надежта“. И навистина, чинијата со пилавот чудесно исчезнала од пред очите на Св. Јован. Блажениот коњушар се вратил кај господарката и ѝ соопштил дека јадењето е испратено во Мека. Кога го слушнале тоа, гостите се насмеале и помислиле дека Јован сам го изел јадењето и само на шега им кажал дека му го испратил на господарот.

Но колку се запрепастиле сите во домот на агата, кога тој по извесно време се вратил од Мека и со себе ја донел домашната бакарна чинија! Само блажениот Јован не се зачудил. На своите домашни агата им го раскажал следново: „Еднаш (а било тоа во времето на споменатата гозба) јас се вратив од џамијата во домот во кој престојував. Влегувајќи во собата, која беше заклучена, најдов на масата чинија со пилав. Се чудев, размислувајќи кој би можел да ми ја донесе. Не можам да сфатам на каков начин била отворена заклучената врата. Не знаејќи како да го објаснам овој чуден настан, со љубопитство ја набљудував чинијата, во која чадеше уште топлиот пилав, и на свое големо изненадување, забележав дека на неа е изгравирано моето име, како и на сите други бакарни садови во нашиот дом. И покрај душевната возбуда, поттикната од оваа случка, го изедов пилавот со големо задоволство. И ете, ви ја донесов чинијата. Таа е навистина наша. Никако не можам да сфатам како се најде во Мека и кој ја донесе“. Сите домашни на агата биле запрепастени од неговото кажување. Жената, пак, му раскажала како Јован побарал една чинија со јадење, ветувајќи дека ќе ја испрати во Мека, и како сите гости му се смееле на неговите зборови. Се покажало дека Блажениот воопшто не се шегувал и дека сето тоа навистина така и се случило.

Веста за ова чудо се раширила низ цело село и околината. Во тоа време праведниот Јован како и претходно му служел на својот господар, и покрај својата беда, секогаш им помагал на оние во неволја и на болните, делејќи ја со нив својата оскудна храна. Со својот свет живот тој им станал мил на Турците и тие со восхит почнале да го нарекуваат Вели, што значи Светец. Сите, и Турците и Грците почнале да го почитуваат Јован како праведник, возљубен од Бога. Гледале на него со страхопочит и уважување. Никој повеќе не смеел да го навредува рускиот слуга. Господарот и неговата жена се грижеле за него уште повеќе го молеле да премине од шталата во нивниот дом, но светиот одново одбил. Тој продолжил да живее по старо, подвизувајќи се во молитва и грижејќи се за животните на својот господар, совесно исполнувајќи ги сите негови желби. Ноќите ги поминувал во молитва и псалмопеење, според зборовите Господови: Дајте го царевото на царот, а Божјото на Бога (Мт. 22, 21).

Пред крајот на својот макотрпен и подвижнички живот, преподобниот Јован се разболел. Тој лежел на сеното во шталата, каде стекнал светост во молитвите и умртвување на плотта Христа ради, Кој заради нас стана човек и претрпе крстна смрт од љубов кон нас. Чувствувајќи дека му се приближува крајот, Св. Јован повикал свештеник за последен пат да го благослови пред исходот на неговата душа. Свештеникот ги понел Светите Тајни, но бидејќи се плашел од фанатизмот на Турците, просветлен од Бога, ги скрил во шуплина со восок која ја издлабил во едно јаболко, и на тој начин безбедно ги предал на светиот Јован. Преподобниот Го прославил Бога, се причестил и ја предал својата душа на ден 27 мај 1730 година. Кога му било јавено на агата дека Јован се упокоил, тој ги повикал свештениците и им го предал телото за да биде погребано според Христијански обичај. Исто така, тој им дал и скапа облека за да се покријат моштите. На погребот се собрале речиси сите христијани кои живееле во Прокопија и тие го испратиле телото на праведникот до христијанските гробишта.

3.angeli.so.truba
Нетлените Мошти на Свети Јован Руски

По три години на неговиот гроб се појавила некаква чудесна светлина која сите можеле да ја видат. Исповедникот на св. Јован на чудесен начин, во сон, бил известен дека моштите на Св. Јован се нетрулежни. Наскоро светите мошти биле пренесени во храмот на Св. Великомаченик Георгиј и биле положени во посебна гробница. Новиот угодник Божји набрзо се прославил со безбројни чудеса, кои се прочуле до најоддалечените градови и села. Верните Христијани од сите краеви доаѓале во Прокопиј за се поклонат на моштите на преподобниот Јован Руски, и благодарејќи на неговите свети молитви, бивале удостоени со чудесни исцеленија. Новиот Светител не го почитувале само православните Христијани, туку и Ерменците и Турците, кои молитвено му се обраќале: „Слуго Божји, нека не нѐ напушта твојата милост!“

3.angeli.so.truba
Поклонение на Моштите на Св. Јован Руски

Во 1832 година, кога против турскиот султан Махмуд II во Египет се кренал Ибрахим-паша, се случил следниов настан. Како што војската на султанот се приближувала кон Прокопиј, жителите на селото, претежно јаничари непријателски настроени кон султанот, не сакале да ја пропуштат армијата. Христијаните, исплашени од одмазда на султанската војска, не се согласувале со тоа. Но, бидејќи малцинство, тие не можеле да направат ништо, тие се спасувале со бегство, криејќи се во околните пештери и села. Дома останувале само престарените и изнемоштените. Военоначалникот влегол во Прокопиј како непријател.

Војниците ги ограбиле не само куќите, туку и црквата на Св. Георгиј. Кога ја отвориле гробницата на Св. Јован и не нашле во неа никакви скапоцености, тие со гнев ги фрлиле светите Мошти во дворот и сакале да ги запалат за да ги понижат Христијаните. Откако собрале дрва, запалиле оган и во него ги фрлиле светите Мошти, но на нивно големо чудо, моштите повторно се нашле во црквата. Не вразумувајќи се од ова чудо, тие повторно ги изнеле и ги положиле во огнот, но огнот не се допирал до Светињата. И тогаш војниците го виделе Јован жив, со гневен изглед, застанат среде огнот, жестоко заканувајќи им се со зборови и раце, поради нивната дрскост. Тогаш Турците веќе не издржале и во ужас се разбегале, оставајќи ги не само моштите на Светијата, туку и сѐ што ограбиле во Прокопиј.

3.angeli.so.truba
Пронаоѓањето на телото на Свети Јован, цело и нераспаднато, три и пол години по неговото погребување.

Следниот ден, неколку стари Христијани дошле во црквата и го нашле телото на Светиот цело, среде изгорениот јаглен и пепел. Тоа било поцрнето од чадот и саѓите, но било, исто така благоухано и нетлено. Верниците ги вратиле во гробот моштите на Светиот.

Некаде околу 1862 година една благочестива жена го видела на сон Св. Јован како го држи в раце покривот на селското училиште. Следниот ден во храмот, после Божествената Литургија, таа почнала да им раскажува за сонот на своите соселани. Не успеала ни да заврши, кога се слушнал страшен тресок. Сите од страв побегнале од црквата и со ужас виделе дека покривот на училиштето што било наспроти црквата, се урнал.

3.angeli.so.truba
Литија со Моштите на Св. Јован Руски

Сите луѓе се собрале, бидејќи внатре биле сите деца од селото! Надвор од себе тие почнале да го креваат урнатиот покрив и – о чудо! – сите деца излегле од урнатините живи. Се покажало дека децата, биле предупредени од Светиот секунди пред да падне покривот, и сите успеале да се сокријат под клупите. Ниедно од децата не било повредено.

Во 1881 год., дел од моштите на преподобниот Јован, руските монаси ги пренеле во рускиот манастир на св. Великомаченик Пантелејмон на Света Гора. Во тоа време, угодникот Божји чудесно ги спасил од опасно патување. Благодарејќи на паричната помош на овој манастир и прилозите од жителите на Прокопиј, во 1886 година започнала изградба на нов храм, бидејќи храмот на св. Великомаченик Георгиј, каде се наоѓале моштите, бил многу стар.

3.angeli.so.truba
Црквата во која почиваат Моштите на Свети Јован Руски

После страшниот пораз на Грците во војната со Турците, грчкото население било подложено на сурови насилства и на најгруб начин протерано од Турција, со т.н. Договор за размена на население. Во 1924 година Христијаните од Прокопиј пристигнале на островот Евија и создале нова населба – Нов Прокопиј. На тргнување тие тајно ги зеле на еден брод и моштите на Св. Јован и ги сокриле во бродското складиште. Меѓутоа бродовите, неочекувано застанале на островот Родос, се свртеле на спротивната страна и останале неподвижни сѐ додека на Моштите не им била оддадена достојна почит. Најпосле капетанот бил известен за Моштите и со негова наредба тие биле пренесени од бродското складиште во параклисот – посебна просторија со икони, каде што постојано горело кандило. Веднаш потоа бродовите тргнале без никаков проблем. По пристигнувањето, ковчегот со моштите на праведниот Јован Руски бил положен во црквата на Свв. Константин и Елена во Нов Прокопиј. Тие во текот на неколку децении се наоѓале во тој храмот, за во 1951 година да бидат пренесени во нов храм посветен на Преподобниот, исто така во Нов Прокопиј, каде денеска доаѓаат илјадници поклоници од сите краеви на Грција и целиот свет, а особено за денот на неговиот спомен – 27 мај.

По неговите свети молитви Господ и нас да нѐ помилува и спаси!

 

https://bigorski.org.mk/slova/pouchni/eden-chudesen-znivot-pominat-vo-smirenie/