(од житието на преподобен Ефрем Сириски)
преподобен Ефрем Сириски

Во клирот на Низибиската Црква имало уште еден човек исто така со име Ефрем. Плашејќи се од разобличување на својата незаконска врска со ќерката на еден од значајните граѓани на Низибија, тој ја подучил својата соучесничка во гревот, та таа, кога ќе бидат обелоденети последиците од нејзиниот престап, да ја префрли вината на неговиот истоименик – Ефрем, ученикот на епископот Јаков Низибиски, кој за својата побожност веќе ја стекнал љубовта и почитта од другите. Подучената девојка така и постапила. Кога не можела повеќе да го крие својот срам, таа пред своите родители, укажала на преподобниот Ефрем, како на виновник на нејзиниот срам. Набрзо гласините за тоа се рашириле низ градот, и родителите на девојката заедно со многу други се обратиле кај епископот со обвинение против неговиот ученик. Светиот старец, убеден во нелажната побожност на ученикот, не сакал да поверува во обвинението, откако не добил признавање од самиот Ефрем. Ефрем, веќе од личен опит научен да не противречи на волјата на Промислата, која наведува искушенија, паднал пред нозете на епископот и со скрушен глас му рекол: „Навистина, отче мој, јас згрешив!“ Набрзо по ова таткото на девојката го донел бебето кај епископот и при целото собрание на клирот му го дал на Ефрем, велејќи: „Еве го твојот син, ти воспитувај го!“ Како да е навистина виновен, тој со горчливи солзи го зел бебето и пред сите рекол: „Навистина, отци мои, јас згрешив!“ Но Господ, откако ја испитал покорноста и цврстината на Ефрем во поднесувањето на искушенијата, му дал и средства да излезе од испитувањата со слава, достојна на неговото смирение. Он му објавил на непротивречниот страдалник, дека неговата добродетел не треба да остане помрачена во очите на луѓето, преку срамот од порокот, и Самиот дејствувал во разобличувањето на виновникот. Еднаш, кога народот се собрал во храмот на богослужба, дошол и Ефрем со бебето и, откако побарал од епископот дозвола да се качи на амвонот, го кренал бебето во вис, и му рекол: „Те заколнувам со името на нашиот Господ Исус Христос, откриј ни ја вистината, кажи, кој е твој татко?“ Бебето одговорило: „Ефрем, икономот црковен“. Откако три пати го кажало тоа, бебето умрело. Тогаш, сите оние кои го обвинувале, со солзи побарале прошка од преподобниот Ефрем, и од тоа време славата за неговата светост уште повеќе се распространила.

Извор: https://crkvaveles.wordpress.com/2011/07/15/%d0%bd%d0%b0%d0%ba%d0%bb%d0%b5%d0%b2%d0%b5%d1%82%d0%b5%d0%bd-%d1%81%d0%b2%d0%b5%d1%82%d0%b8%d1%82%d0%b5%d0%bb/?fbclid=IwAR2ux5Y1NLl0FkqcVelfZ_cVWEZSg2EOLqBT6FrAL03xYAPLrTJkRwfy7KE