(27 октомври)

       Нејзиното житие вели дека е родена во Епиват во Тракија меѓу Силиврија и Цариград, на брегот на Средоземното Море, кон крајот на Х век. Родителите ѝ биле побожни, а така ги воспитувале и своите деца. Имала брат по име Ефтимиј кој подоцна станал епископ Мадитски. И Параскева уште од млади години  покажувала интерес за монашкиот живот.

Кога ѝ умреле родителите Параскева заминала во Јорданската пустина каде што долго живеела во молитви, пост и плач. Се хранела со пустинска растителна храна, само еднаш во денот, и тоа навечер. Долго време ѓаволот се обидувал да ја одврати од приврзаноста кон Бога. Се преправал во разни форми, па и како ѕвер ја напаѓал, но таа не се поколебала.

           Кога остарела ангелот Божји ѝ соопштил дека треба да се врати во родното место зашто е дојден часот кога треба душата да Му ја предаде на Бога: „Остави ја пустината и врати се во својата татковина, бидејќи таму треба да го оставиш телото на земјата, а со душата да преминеш кај Господа“. Параскева набргу се вратила во родното место и никому не кажувала која е. Набрзо умрела, а бидејќи жителите на нејзиното родно место не ја познавале, ја погребале не на селските гробишта, туку одделно, како странец. Била погребана близу до морскиот брег, а во близината имало еден столб и на него седел некој столпник. По извесно време морските бранови исфрлиле тело на некој патник кој умрел на брод, а морнарите го фрлиле во морето. Тоа тело набрзо почнало да се распаѓа од што засмрдела целата околина, така што тука не се минувало. Тогаш столпникот слегол од столбот и замолил некои луѓе да го закопаат мртвото тело во земјата за да не смрди. Тие почнале да копаат во близината на брегот и за нивно изненадување нашле тело на жена, но не му посветиле поголемо внимание, зашто, како што си мислеле, ако било на некоја светителка, Господ порано со некои чуда ќе укажел на него. Телото на жената света Петка го закопале, а врз него и телото на патникот, што го исфрлило морето.

           Ноќта на еден од тие луѓе по име Георгиј му се сонила царица на светол престол со многу светли војници. Георгиј тогаш паднал, а еден од војниците му пришол, го подигнал и го прекорил што телото на света Петка го погребале заедно со смрденото тело на патникот. „Георгиј, зошто го презревте телото на преподобната Параскева и заедно со неа го закопавте смрдливото тело? Веднаш земете го телото на преподобната и положете го на достојно место зашто Бог сакаше да ја прослави на земјата својата слугинка“. Тогаш и царицата му рекла: „Побрзај да ги земеш моите мошти и да ги положиш на достојно место, бидејќи не можам повеќе да ја трпам смрдеата од тој труп. Оти и јас сум жена и мојата татковина е Епиват, каде сега и вие живеете“. Таа ноќ истото ѝ се сонило и на некоја жена. Утрото и двајцата ги раскажале соновите по што со голема свеченост телото на света Петка било откопано и погребано во црквата на Светите апостоли Петар и Павле во Епиват.

Подоцна телото на Преподобна Параскева било повеќепати пренесувано од едно место на друго. Најпрво бугарскиот цар Јован Асен 1238 година измолил телото на преподобна Параскева-Петка да биде пренесено во Трново (во селото Арбанаси), поради што таа се вика Трновска или Арбанашка. Но кога Турците го зазеле Трново моштите на света Петка биле пренесени во Влашко, а кога и Влашко паднало под турска власт во 1396 година кнегињата Милица го измолила султанот да ѝ дозволи да ги пренесе во Србија. Тогаш моштите биле погребани во Белград. Но кога и Белград го освоиле Турците во 1521 година светите мошти биле однесени во Цариград каде што се прославиле не само меѓу христијаните, туку и меѓу муслиманите. Но и тука во патријаршиската црква каде што биле погребани не останале засекогаш. Во 1641 година молдавскиот војвода Василиј Лупул го измолил цариградскиот патријарх Партениј да му ги даде моштите на света Петка и ги пренел во црквата „Три светители“ во светиот град Јаши, а денес се наоѓаат во новиот храм, кој нејзе ѝ е посветен.

Во спомен на маченичката и чудотворка преподобната Параскева-Петка Трновска, Светата православна црква го востановила празникот што се празнува секоја година на 27/14 октомври и што во народот е познат како Петковден.

(Забелешка: Името на света Петка често пати е злоупотребувано од богоборните бајачи и гатачи, па го заблудуваат народот велејќи, дека света Петка ги врзала, ги мачела, ги терала да баат и гатаат. Отидете во Романија, во градот Јаши, каде што почива нејзиното свето тело, и ќе видите која е и колку почитувана светителка е таа и дека нема никаква врска со таа лажна и злоупотребена претстава.)

Молитва

Света и преблажена маченичко Христова Параскево, убавино на девственичките, пофалбо на мачениците, пример за чистота, огледало на велокодушните, восхит на премудрите, чуварко на верата христијанска, изобличителке на лагата идолска, поборничке на Божественото Евангелие, ревнителке за Господовите заповеди, која се удостои да влезеш во пристаништето на вечниот спокој и во одајата на твојот жених Христос Бог да се радуваш, со двоен венец на девство и мачеништво украсена! Те молиме, света маченичке, биди за нас молителка кон Христа Бога, од Чиј што преблажен поглед секогаш се радуваме.

Моли Го Семилостивиот, Кој со еден збор на слепородениот му ги отвори очите, да нѐ избави од болеста на нашите очи, на телесните и духовните; растргај го со своите молитви духовниот мрак, создаден од нашите гревови, измоли од Отецот на Светлината благодатна светлина за нашите духовни и телесни очи; просвети нѐ нас, помрачените од гревови, со светлината на Божјата благодат, та преку твоите слепи молитви да им се даде на оние кои не гледаат слатко гледање. О, велика Божја угодничке! Храбра девојко, цврста маченичке, света Параскево!

Со твоите свети молитви биди ни помошничка нам грешните, застапувај се и моли се за покајаните грешници, побрзај да ни помогнеш, бидејќи сме немоќни. Моли Го Господа, чиста девојко, моли Го Милосрдниот, света маченичке, моли Го твојот Жених, непорочна невесто Христова, та потпомогнати од твоите молитви, да го растргнеме гревовниот мрак, во светлината на вистинската вера и дела Божествени да влеземе во светлината на вечниот невечерен ден, во градот на постојана радост, во кој ти светло блескаш со слава и бескрајна веселба, славословејќи и воспевајќи го со сите небесни сили Трисветлото Единствено Божество, Отецот и Синот и Светиот Дух, сега и секогаш и во вечни векови. Амин.



Превод од руски јазик: Свештеник Јани Мулев

https://crkvaveles.wordpress.com/2018/10/26/sv-petka/

 

МПЦ-ОА

Оваа славна светителка се роди во градот Епиват, меѓу Силинаврија и Цариград. Родителите и беа богати и благочестиви христијани, а освен Петка имаа и еден син, Ефтимиј, кој за време на животот се замонаши и подоцна стана угледен епископ Малитски. По смртта на родителите девицата Петка желна за подвижнички живот го напушти родителскиот дом и отиде најнапред во Цариград, а потоа во Јорданската пустина, каде што се подвизуваше до својата старост. Кој би можел да ги прикаже сите трудови и страдања и демонски искушенија што ги претрпе Света Петка во долгата низа години? На старост еднаш ? се јави ангел Божји и и рече: „Остави ја пустината и врати се во твојата татковина, таму треба да и го предадеш телото на земјата, а со душата ќе се преселиш кај Господ.“ Света Петка го послуша небесниот глас, ја остави својата омилена пустина и се врати во Епиват. Тука таа поживеа уште две години, пак во непрестајна молитва и пост и потоа го предаде својот дух на Бога. Се упокои во 9 век. Нејзините чудотворни мошти низ вековите беа пренесувани: во Цариград, во Трново, па пак во Цариград, па во Белград. Сега се наоѓаат во Романија, во градот Јаши. Во Белгард постои вода (агијазма) на Света Петка, којашто чудотворно ги лечи сите болни што и притекнуваат со вера во Бога и со љубов кон светителката.

Тропар
Пустинскиот и самотен живот си го засакала, и по стапките на Христа, твојот Младоженец, ревносно си тргнала; и благиот Негов јарем во младоста си го зела, со Крстот си се вооружила против враговите на душата; со пост, молитви и капки од солзи, си го угасила огинот на страстите, многуславна Параскево. И сега, во небесните дворови, стоејќи пред Христа со мудрите девојки, моли за нас кои го почитуваме твојот свет спомен.

Кондак
Сите набожно да ја воспееме сечесна Параскева, светата застапница на оние што се во неволји, зашто таа го остави гнилежниот живот, и прими негнилежен за вечноста; затоа, по Божја заповед, најде слава и благодат да прави чудеса.