Во четвртата недела од Великиот пост, нашата света Црква го прославува светиот Јован Лествичник. Неговиот спомен, исто така, се празнува и на 30 март.
 Свети Јован Лествичник беше монах, отшелник, а потоа игумен на светиот Синајски Манастир.
 Во својата исклучителна книга »Небесна лествица« ги опишува монашките добродетели и пороци, монашкиот живот и природата на потполното бестрастие, кое се смета за идеал за совршен живот на секој Христијанин. Тоа е спис составен од 30 поуки, колку што е потребно години да живее човекот за да стане зрел, така и на монахот му е потребно да помине триесет скалила за да го достигне совршенството. Идејата на »Лествица«-та, таквиот степенет раст во духовното совршенство е земена од познатото старозаветно видение на праотецот Јаков (1. Мој. 28:12). Символички, Јакововата лествица, која стои на земјата, а со врвот го допира Небото, по која ангели се качуваат и слегуваат, и на чиј врв се наоѓа Господ, треба да го означува човековиот пат кон висините на божественото совршенство, врска помеѓу небото и земјата, пат на кој на човекот му сопатешествуваат ангелите Божји и кој има сосема одредена цел: Самиот Господ Бог.
Од предговорот на »Лествица«

 

Писателот на прочуената Лествица. Однекаде дојде на Синајската Гора како шеснаесетгодишно момче и остана овде, прво како послушник, потоа како отшелник и на крајот како синајски игумен до осумдесеттата година од животот, кога се упокои (околу 563 година). Неговиот животописец, монахот Даниил, за него вели: „Со телото се вознесе на Синајската Гора, а со духот на Гората Небесна“. Кај својот духовен отец, Мартириј, Свети Јован помина во послушание деветнаесет години. Кога Анастасиј Синајски еднаш го виде младиот Јован, за него прорече дека ќе биде синајски игумен. По смртта на својот духовник Јован се повлече во една пештера, во која во тешки подвизи проживеа дваесет години. Неговиот ученик Мојсеј еден ден заспа под сенката на еден голем камен. Додека во тој миг стоеше на молитва, Св. Јован виде дека ученикот му е во опасност и почна за него да Му се моли на Бога. Подоцна кога дојде, Мојсеј падна на колена пред својот духовен отец и му заблагодари зашто го спаси од сигурна смрт. Му раскажа како во сон го слушнал гласот на Св. Јован кој го викнал, па скокнал од сонот. Во тој миг оној голем камен паднал, а ученикот се спасил неповреден. На навалување на браќата светителот прифати да им биде игумен и со љубов и ревност се трудеше за спасението на човечките души. Еднаш слушна прекор од некои дека е многуглаголлив. Не се разгневи ни малку, но по ова замолча и цела година не изговори ни збор додека браќата не го измолија да им зборува и да продолжи да ги поучува со неговата Божествена мудрост.

Еднаш во Синајскиот манастир дојдоа шестотини поклоници. На трпезата сите видоа едно вешто момче во еврејска облека како им служеше, а и на останатите слуги им заповедаше и ги распоредуваше. Одеднаш момчето исчезна. И кога сите се обѕираа и се распрашуваа, Свети Јован рече: „Не го барајте, тоа беше Пророкот Мојсеј, кој ни послужи на своето место“. За време на своето молчалништво во пештерата Св. Јован напиша многу духополезни книги, од кои најславна и до ден денес многу читана е „Лествица“. Во неа се опишува методот на вознесувањето на душата кон Бога како постапна лествица. Пред смртта Свети Јован го одреди својот брат по тело Георгиј за наследник во игуменството на манстирот. Но тој многу тагуваше заради разделбата со неговиот Свет брат и игумен. Тогаш Јован му рече дека ако се удостои со близината Божја на оној свет ќе се моли и тој, Георгиј, да биде земен. Така и стана. По десет месеци се упокои и Георгиј и стана небесен сограѓанин на својот свет брат Св. Јован Лествичник.

(    12/04/2008 - Од Верскиот календар на МПЦ))

„Човекот којшто вистински Го сака Господа и навистина го бара идното Царство, човекот кој страда заради своите гревови и кој навистина се исполнил со мисли за маките и за вечниот суд, човекот кој сериозно стравува при помислата на својата смрт - повеќе не е во состојба да води сметка за имотот, за парите и славата на овој свет, за родителите, за пријателите, за браќата ниту за што и да е земно. Престанувајќи сосем да се грижи за тоа, замразувајќи ја секоја помисла на тоа, па дури и своето сопствено тело, слободен од сето тоа, безгрижен, тој одважно врви по Христа и постојано гледа во небото, очекувајќи оттаму помош, според зборовите на Светиот: Кон Тебе се приближи душата моја (Пс. 62, 9), како што рече и еден друг незаборавен: а јас не се уморив да Те следам, и не посакав ден ниту одмор човечки, Господи (Ерем. 17, 16).“ (Свети Јован Лествичник)

 

 Друго: