Протоереј Василиос Акривопулос


За да се движи некој кон светоста, не е задолжително да замине во манастир, напуштајќи го светот. И во светот е лесно некој да Му угоди на Бога со својот живот и да биде осветен. Пазењето на Божјите заповеди, гостољубието, милосрдноста, светоста, смиреномудрието, незлословењето, оддалечувањето од световниот дух – стануваат причини за спасение па и за стекнување светост.

Свештениот писател на Лествицата Јован Синаитски, во првото слово „За одрекувањето и одвојувањето од суетниот живот“ во 38 стих го вели следново:

„Некои од оние кои водат површен живот во светот, ми го поставија следново прашање: ,Како може да му се приближиме на монашкиот живот и покрај своите жени и деловни грижи?‘ Им одговорив: ,Секое добро дело кое можете да го направите – направете го. Никого не навредувајте. Никого не ограбувајте. Никого не лажете. Не правете се важни пред никого. Никого немојте да мразите. Често одете во црква. Бидете милосрдни кон сиромасите. Никого не соблазнувајте. Не се допирајте до туѓа жена: нека ви биде доволно вашата. Ако така постапувате, нема да бидете далеку од Царството небесно‘“.

Се разбира, светителот ќе каже и во други слова подолу дека световните, живеејќи во светот, ќе го заработат Царството на Бога. Во четвртото слово ќе зборува за послушанието, во петтото за покајанието и така натаму. Две теми земени од подвижничките текстови се поучни за сите оние кои посакуваат единство со Бога.

Двајца монаси Го моле Бога да ги извести на кој духовен раст се стигнати. И им дојде глас од Небото којшто им рече:

-        Во тоа и тоа село има еден световен човек, по име Евхаристос, а жена му се вика Марија. Вие немате стасано на височината од нивната светост.

Станаа двајцата старци и отидоа во селото. Прашаа каде е неговата куќа и лесно ги најдоа. И штом ја сретнаа првин жената, ја прашаа: „Каде е мажот ти?“, а таа им одговори: „Овчар е и ги пасе нашите овци“. Вечерта дојде Евхаристос со неговите овци. И штотуку ги виде старците, ѝ заповедаше на жена си да подготви јадење. Потоа донесе вода за да им ги измие нозете.

Тогаш старците му рекоа: „Нема да седнеме на твојата трпеза, ако првин не ни кажеш за твојот духовен труд“.

Тогаш Евхаристиос со смирение им рече: „Јас сум прост овчар, а ова е мојата жена. Што повеќе сакате да знаете?“

Тие упорно го молеа, но Евхаристиос не сакаше да им каже.

Тогаш старците му рекоа: „Бог нѐ испрати кај тебе“.

Кога ги слушна овие зборови се исплаши и им рече: „Овие овци ги наследивме од нашите родители. Приходите од нашето стадо ги делиме на три дела. Првиот дел го даваме на сиромаси, вториот дел го трошиме на гостопримство на браќата, а третиот дел го задржуваме за наши потреби. Со мојата жена живееме како брат и сестра. Навечер се молиме на Бога и Го молиме да ни ги прости нашите гревови. Ова што ви го кажувам не го знае никој освен вас“.

Старците, штом го чуја сето ова си заминаа вчудовидени и славејќи Го Бога.


Свети Макариј

Свети Макариј

Еднаш, додека великиот Макариј се молеше во неговата ќелија, слушна глас од небото којшто му велеше:

„Макариј, сѐ уште го немаш достигнато растот на двете жени од тој и тој град“.

Старецот стана утрото и, откако го зеде в раце стапот од палма, почна да оди, за да стаса во тој град што му беше покажан. Штом стигна во градот, отиде во куќата каде што беа двете жени и чукна на портата. Излезе една од жените, ја отвори портата и со голема радост го прими старецот. И штом седна, дојде и другата жена. Тогаш старецот ги замоли да седнат. И обраќајќи се кон двете жени им рече:

„Заради вас патував толку многу и се уморив толку многу доаѓајќи од пустината; кажете ми, со што се занимавате?“

Тие му одговорија:

„Верувај ни, отче, дека ниедна од нас досега никогаш не му свртела грб во постела на својот маж. За какви духовни деланија нѐ прашуваш?“

Старецот ги замоли да му зборуваат за нивниот духовен живот. И тие му рекоа:

„Ние сме туѓинки помеѓу нас, но се омаживме за двајца родени браќа. Петнаесет години живееме заедно и ниту еднаш не се скаравме. Срамен збор не си имаме никогаш кажано една на друга, туку живееме во љубов со мир и едномислие сиве овие години. Помислувавме да ги напуштиме нашите мажи и да заминеме да живееме во некој манастир. Ги молевме нашите мажи да ни дозволат да ја оствариме нашата цел, но се покажа невозможно. Штом не успеавме во нашата цел се договоривме меѓу нас и Бог, така што, до смртта да не проговориме световен збор“.

Штом ги слушна овие нешта великиот и божествен маж, со восхит рече:

„Навистина нема ни девствен ни брачен, ни монах ни световен, туку Бог бара само добра волја и Светиот Дух ги осветува сите“.

И откако се офајди од оваа посета, се врати во својата ќелија славејќи Го Бога.

Од овие два текста, толку поучни, секој ќе сфати дека, сите луѓе не се за во манастир. Во манастир или во скит ќе отидат исклучиво и само посветените. Апостолот Павле вели дека не се сите создадени за безбрачност. Едни имаат дар за брак, а други дар за безбрачност.

„Но секој си има свој дар од Бога – еден ваков, друг инаков“ (1. Кор. 7, 7).

Можности за спасение им се даваат и на едните и на другите. Затоа светиот Макариј рече: „Навистина нема ни девствен ни брачен, ни монах ни световен, туку Бог бара само добра волја и Светиот Дух ги осветува сите“.

 

Превод од грчки јазик: Свештеник Јани Мулев

Изворник: Άσκητική Λαϊκω̃ν,

πρωτ. Βασίλειος Κων. Άκριβόπουλος,

Δεκέμβριος 2002.

Преземено од: Амвон

11-ти април, лето Господово 2014