osiosnikiforoslepros.jpg

Причислен кон светите преподобниот Никифор Лепрозен
3 Декември 2012

Светиот и Свештен Синод на Вселенската Патријаршија го причисли кон светите преподобниот Никифор Лепрозен (+1964)

Житие на светиот

Отец Никифор (роден Николај Ѕанакакис) се родил во едно планинско село во Ханија на Крит. Неговите родители биле простодушни и благочестиви селани, кои починале и го оставиле сираче. Така, на тринаесетгодишна возраст, тој го напуштил домот. Дедо му, кој ја презел грижата за него, го однел во Ханија да работи во некоја берберница за да научи занает. Тогаш кај него се појавиле и првите знаци на Хансенова болест, односно лепра. Во тоа време лепрозните ги праќале во карантин на островот Спиналонга, зашто на лепрата, како преносна болест, отсекогаш се гледало со страв и срам.

osiosnikiforoslepros.jpgКога Николај наполнил 16 години, знаците на болеста почнале да стануваат повидливи и за да го избегне затворањето на Спиналонга, со некој брод избегал во Египет. Во Александрија тој повторно се вработил, овојпат во некоја берберница, но симптомите станувале сè повидливи, особено на рацете и лицето. Затоа, со помош на еден клирик, избегал на Хиос, каде во тоа време постоела болница за лепрозни, во која за свештеник бил поставен о. Антим Вајанос (св. Антим Хиоски). Николај пристигнал на Хиос во 1914 година, на возраст од 24 години.

Во Хиоската болница за лепрозни, која била комплекс од повеќе на број слични по изглед куќички, имало и црква на свети Лазар, каде се чувала чудотворната икона на Пресвета Богородица, наречена Послушание. На ова место блеснала доблеста на Николај. По две години, свети Антим, расудувајќи дека е подготвен за ангелски образ, го потстрижал за монах со името Никифор.  Помеѓу св. Антим и монахот Никифор, кој ни чекор не се оддалечувал од него, постоела особена духовна врска, како што наведува о. Теоклит Дионисијатски во својата книга „Св. Антим Хиоски“. Во тоа време тој сотворил и каталог со чудата на свети Антим, што ги имал видено со свои сопствени очи, а најмногу од нив се однесувале на лечење на демоноопседнати.

Болеста продолжила да се развива, а во недостиг на соодветни лекови (лекот беше изнајден дури во 1947), тој претрпел многу и значителни изобличувања. И покрај тоа, Никифор живел во апсолутно, вистинско послушание и строг пост. Со часови стоел на молитва во текот на ноќта, правејќи неброени метании. Работел во градината, а во храмот бил главен псалт. Поради болеста, полека,полека го загубил видот и поради тоа повеќето од тропарите ги пеел напамет.

Во 1957 година болницата на Хиос била затворена и о. Никифор, заедно со останатите болни, го испратиле во Антилепрозната станица „Св. Варвара“ во Атина. Тогаш светиот бил на 67 години. Неговите зглобови и очите веќе му биле потполно изобличени од болеста.

На истото место живеел и о. Евмениј, кој исто така бил болен од лепра, но со соодветна терапија, целосно се излечил. Тој тогаш решил, и покрај тоа што веќе бил здрав, да остане до крајот на животот во болницата покрај своите пријатели, за кои се грижел со многу љубов. Така, тој му станал и послушник на о. Никифор, кому Бог, во замена за трпението, му дал многу благодатни дарови. Реки на народ се слевале во скромната келија на лепрозниот монах Никифор, за да му земат благослов.

Еве и некои сведоштва од оние кои го запознале:

„Иако и самиот беше погоден, со болки и рани, не се жалеше, но покажа голема храброст. Имаше дар на утешување на ожалостените. Неговите очи беа крајно чувствителни, скоро и да немаше вид, рацете му беа искривени, а нозете парализирани. И покрај тоа тој беше сладок, насмеан, раскажуваше за благодатни настани и искуства, беше благодарен и пријатен, достоен за љубовта на сите.“

„Неговото лице, кое беше изгризано од раните на болеста, блескаше и од него добиваа радост сите оние што го гледаа пресиромавиот и навидум болен човек, кој велеше: ’Нека е прославено Неговото свето име.’“

О. Никифор се упокоил на 74 - годишна возраст, на 4 јануари 1964 година. Откако по извесно време неговите мошти биле извадени, од нив започнало да се шири благоухание. Многу верни, меѓу кои и о. Евмениј, раскажувале за многу случаи во кои се случиле чуда, по молитвите на о. Никифор.

Со своето трпение, преподобниот Никифор му станал благоугоден на Бога и така се стекнал со многу дарови. До ден денес непрестајно се случуваат чуда кај кивотот со неговите свети мошти.

Извор: Ромфеа 

Преземено од : Бигорски манастир