Покрај Галилејското море, воблизина на Хоризин и Капернаум, се наоѓаше градот Витсаида (1). Во тој град се родија тројцата апостоли: Петар, Андреј и Филип. Петар и Андреј беа рибари и со тој занает се занимаваа додека Господ Христос да ги повика со себе. Филип пак, уште во младоста родителите го дадоа да ја изучува книжевната мудрост. Внимателно читајќи го и изучувајќи го Светото Писмо, Филип стана одличен познавач на Светото Писмо, и добро ги знаеше сите пророштва за очекуваниот Месија, гореше со племена љубов кон Него и со силна желба да го види в лице, иако не знаеше дека веќе е дојден на земјата Оној што многу сакаше да го види, очекувајќи го Него-вото доаѓање. Додека Филип гореше со таква љубов кон Месијата, ете, многусаканиот Месија, Христос, дојде во Галилеја и наоѓајќи го Филип му рече: „Ајде со мене" (Јн.1,43). Повикот од Господа, Филип го слушна не само со телесниот слух туку и со целото свое срце и веднаш поверува дека тоа е вистинскиот Месија, ветениот од Бога преку пророците и тргна по Него. Внимателно следејќи го пресветиот живот на Господ Христос, Филип се трудеше да се придржува и учеше од Него за Божествената Премудрост, со која подоцна требаше да го победи незнабожечкото безумие. Радувајќи се на наоѓањето на таквата ризница, со која целиот свет треба да се избави, Филип не сакаше само тој како поединец да се збогатува од неа, туку копнееше и другите да имаат учество во тој дар. Затоа, наоѓајќи го својот пријател Натанаил, со радост му соопшти: „Го најдовме Оној за кого Мојсеј пишуваше во законот и пророците - Исус синот Јосифов од Назарет" (Јн. 1,45). Натанаил, кога го слушна ова не веруваше дека од мал град и од прост род може да се роди Месијата, Царот Израелски, па рече: „Од Назарет може ли да излезе нешто добро?" А, Филип не зборувајќи многу, го посоветува Натанаил само да го види Исус, велејќи му: „Дојди и види" (Јн 1,46). - Така постапи Филип затоа штб знаеше дека Натанаил штом ќе го види Исус и ги слушне Неговите спасоносни зборови, веднаш ќе поверува дека тој е Месијата. Навистина, така се случи. Па, кога Филип го водеше Натанаил кон Исус, Господ, кој ги испитува срцата и ги чита скриените човечки мисли, гледајќи го Натанаил како иде кон Него, го позна и рече за него: „Еве вистински Израилец во кого нема лукавство." - Кога ги слушна овие зборови, Натанаил многу се зачуди и му рече: „Од каде ме познаваш?" Бидејќи, ниту ти си ме видел некогаш мене ниту пак јас тебе. А, Господ му одговори: „Пред да те повика Филип, кога беше под смоквата, јас те видов (Јн. 1,47-48)."
Натанаил пак, кога беше под смоквата размислуваше за Божествениот Месија, беше во очекување на целата радост и слава на верните слуги Божји, и му дарува Бог во тоа време скрушено срце и врели солзи, со помош на кои усрдно го молеше Бога, да го исполни она што од минатото е отфрлено од отците и да го испрати на земјата Спасителот на светот. Божјото око кое се гледа, го виде во тоа време Натанаил кој беше во духовно молење, затоа и Господ, му рече: „Те видов кога беше под смоквата."
Овие зборови уште повеќе го зачудија Натанаил, бидејќи тој се сети за што размислуваше под смоквата и со какво умиление се молеше на Бога да го испрати Месијата, а знаеше дека таму немаше ниту еден човек со него кој би го видел и дека неговите мисли никој друг освен Бог не можеше да ги знае. Затоа, Натанаил веднаш поверува дека Исус е Месијата за кого Бог вети дека ќе го испрати за спасение на родот човечки, и исповеда дека во Христос е Божествената природа со која Исус ја виде тајната на неговото срце, па поради тоа тој воскликна: „Учителе! Ти си Синот Божји, Ти си Царот Израилев (Јн.1,49)." О, колку голема благодарност Натанаил чувствуваше и изразуваше кон Филип што го извести за Спасителот кој дојде на земјата и што го доведе кај очекуваниот Месија! А се радуваше и свети Филип, бидејќи луѓето ја најдоа Божествената ризница, сокриена во земјата на човековата природа и со уште поголема љубов гореше кон својот Господ. Но, свети Филип, својот Божествен Учител го гледаше во се како совршен човек, бидејќи се уште не го беше познал во Него совршениот Бог. За да го исправи тоа во него, Господ Христос му помогна. Еднаш Господ, наоѓајќи се со пет илјади луѓе од онаа страна на Тиверијадското море и сакајаќи мноштвото на оние што го слушаа, да ги нахрани, му рече на Филип: „Од каде да купиме леб за да јадат тие?" - А ова го рече искушувајќи го, бидејќи знаеше дека нема од каде да се набави толку многу леб, а го знаеше однапред и тоа - што ќе му одговори Филип. Но, тој заради тоа го запраша Филип, за тој да се познае себе си подобро, и засрамувајќи се заради своето маловерие, да закрепне во верата. И навистина, Филип не се сети на Божјата семоќ и не рече: „Ти, Господи, можеш се, не ти е потребно никого да прашуваш за тоа, само посакај и веднаш ќе се наситат сите: „Ја отвораш раката своја и се наситуваат со блага" (Пс. 103,28).
Не го рече ова Филип, туку, помислувајќи за својот Господ како за човек, а не како за Бог, рече: „Не ќе им биде доволно леб за двесте пенези, па да добие секој од нив по малку", (Јн. 6,7). - Потоа со останатите ученици рече: „Распушти го народот, нека одат во околните места и населби да си купат леб" (Мк. 6,36). - Меѓутоа, кога Господ ги прекрши петте лебови и двете риби, за пет илјади луѓе (Лк. 9,16), тогаш Филип виде како од Господовите раце, како од неисцрпна житница, им се даваше на сите доволно храна, додека сиот народ да се насити. Тогаш апостолот се засрами заради своето маловерие и утврдувајќи се во верата заедно со другите, ја прослави Божјата сила во Исус Христос.
Подоцна Филип како достоен пред Господа, беше вброен меѓу дванаесетте најизбрани апостоли и имаше благодат од Него и слобода на пријателска љубов кон Него. Еднаш во Ерусалим некои Елини, кои беа дошле за празникот, бидејќи како неверни не можеа лесно да дојдат до Исус, се приближија до Филип и го молеа велејќи му: „Господине, ние би сакале да го видиме Исус." - А тој му го соопшти ова прво на Андреј, па потоа со Андреј се осуди да го извести Исус за желбата на овие Елини, радувајќи се затоа што некои незнабошци бараат да го видат и слушнат нивниот Господ и Учител. Тогаш тој слушна од Господ Исус прекрасно учење и пророштво за незнабошците; дека тие ќе поверуваат во Него, не сега туку по Неговата смрт. „Ако пченичното зрно" - рече Господ во таа прилика -„паднато на земјата не умре, останува само едно, а ако умре, ќе донесе голем род" (Јн.12,24). Со ова Господ како да кажа дека: „Додека Јас живеам на земјата, имам само дел од домот Израилев, кој верува во Мене, а кога ќе умрам, многу незнабошци ќе поверуваат во Мене." Уште еднаш свети Филип се осуди да го праша Господ за големата Божествена тајна, кога Го замоли да им го покаже Отецот, велејќи: „Господи, покажи ни го Отецот и доволно ни е" (Јн.14,8). Со ова свое прашање, свети Филип направи голема корист за Христовата Црква, бидејќи од тоа научивме да ја познаеме едносуштноста на Синот со Отецот и да им ја затвориме устата на еретиците кои ја отфрлаат оваа Божествена вистина.
На ова Господ одговори со благ прекор: „Толку време сум со вас и не си Ме познал, Филипе? Кој Ме виде Мене, Го виде Отецот, и како велиш: Покажи ми Го Отецот? Зар не веруваш дека Јас сум во Отецот, и дека Отецот е во Мене? Зборовите што ви ги кажувам, од Себе не ги зборувам; а Отецот кој престојува во Мене, Тој ги твори делата.--Верувајте Ми дека Јас сум во Отецот и Отецот е во Мене" (Јн. 14,9-10).
Одговорот на Господ Исус го научи свети Филип, а со него и целата Соборна, Апостолска, Црква правилно да верува во еднаквоста на Божеството на Синот со Отецот и да го изобличува богохулството на Ариј, кој вели дека Синот Божји е создание, а не Творец.
По доброволното страдание и воскресение на Синот Божји, свети Филип со останатите апостоли го виде својот Господ веќе во бесмртното и просветлено тело, доби од Господа мир и благослов, и го виде и Неговото вознесение. Тој се удостои и со благодатта при слегувањето на Светиот Дух и стана Христов проповедник меѓу незнабошците, бидејќи на жреб му се падна да оди да проповеда во Мала Азија. Но, прво тој проповедаше во Галилеја. Еднаш таму го сретна една жена која во своите прегратки го носеше своето починато детенце и неутешно плачеше. Здогледувајќи ја, Христовиот апостол се сожали на неа и испружувајќи ги рацете кон починатото дете рече: „Стани! Ти наредува Христос, кого јас го проповедам." - И детето веднаш оживеа. Мајката пак, гледајќи го живо и здраво своето воскреснато чедо, падна до нозете на апостолот и му искажа благодарност заради воскресението на својот син и бараше од него да ја крсти, бидајќи таа поверува во Господ Христос, проповедан од него. Апостолот, откако ги крсти мајката и детето, отпатува во незнабожечките земји. Проповедајќи го Евангелието во Грција, тој со силата Христова правеше многу чуда, исцелуваше болни, а воскресна и еден мртовец. Овие чуда многу ги зачудија тамошните Евреи и тие кај свештеничките поглавари и еврејските кнезови во Ерусалим испратија извештај дека, кај нив дошол некој непознат човек по име Филип, проповедајќи го Исусовото име, со кое тој истерува бесови и исцелува од секаква болест, па дури со Исусовото име еден мртовец воскреснал и дека веќе многумина поверувале во Исус. Наскоро од Ерусалим во Грција допатува еден свештенички поглавар со книжинците, гневен против Филип. Облекувајќи ја својата првосвештеничка облека, тој надмено и гордо, седнал на судиското место во присуство на многумина Евреи и незнабожци. Овде беше доведен и светиот апостол Филип и беше поставен во средината на собирот. Погледнувајќи го налутено, архиерејот почна со гнев да говори: „Не ли ти беше доволна Јудеја, Галилеја и Самарија за да прелажуваш прости и неуки луѓе? Туку и овде, кај мудрите Елини си дошол за да ја шириш лагата, која си ја научил од Исус, противникот на Мојсеевиот Закон, заради што Тој беше осуден, распнат на крст и умре со срамна смрт. И заради празникот Пасха кој се погоди во тоа време, тој беше погребен, а вие неговите ученици тајно го украдовте и многумина излажавте, разгласувајќи на сите страни дака Тој самиот воскреснал од мртвите."
Кога архијереот го изговори тоа, толпата извика: „Што ќе кажеш на овие зборови, Филипе?" - И настана голема врева помеѓу народот: едни беа за тоа - Филип веднаш да биде убиен, а други предлагаа да се одведе во Ерусалим и таму да се погуби. Тогаш светиот апостол ја отвори својата уста и му рече на архиерејот: „Човеку, зошто ја сакаш суетноста и зборуваш лага? Зошто срцето ти е скаменето, и ти не сакаш да ја зборуваш вистината? Не го запечативте ли вие гробот и не поставивте ли стража? И кога нашиот Господ воскресна без да го скрши запечатениот гроб, не им дадовте ли вие злато на војниците, да излажат говорејќи, небаре учениците Исусови го украле починатиот Исус, додека тие спиеле? Како не ти е срам да ја изопачуваш вистината! Самите печати на гробот се сведоци за вистинското Христово воскресение, и тие се изобличители на вашата лага, а и на Судниот ден тие ќе ве изобличат!"
Овие зборови на апостолот страшно го разгневија архијерејот и тој се стрча кон апостолот, сакајќи сам да го зграпчи и да го убие, но во тој момент тој ослепе и сиот поцрне. Присутните кога видоа што се случи, го сметаа тоа за магија и многумина се стрчаа кон Филип со желба да го погубат како маѓесник, но и нив ги снајде истата казна како архиерејот. Покрај ова и земјата страшно се разниша и сите уплашени трепереа од страв и ја познаа големата Христова сила. Меѓутоа, светиот апостол, гледајќи ја бедата на телесно и духовно ослепените, заплака заради нив и се обрати кон Бога со молитва да им ги просветли телата и душата. И по молитвата на светиот апостол, на сите им беше пратено исцеление од небото. Ова чудо направи многумина да се обратат кон Христа и да поверуваат во Него. Но, архијерејот, се уште заслепен со злоба, не само што не сакаше - по казната што го снајде - да се вразуми и да ја спознае вистината, туку повторно почна да хули на нашиот Господ Исус Христос. Но, тогаш го стигна уште поголема казна: одеднаш се отвори земјата и го проголта како некогаш Датан и Авирон (2). По погубувањето на архијерејот, светиот апостол Филип овде крсти многумина и за епископ постави еден честит и достоен човек по име Наркис, па отпатува во Парт. По патот тој се молеше на Бога, Бог да му помогне во неговите дела. И кога клекна на колена да се моли, од небото му се јави орел со позлатени крилја, раширени слично како на распнатиот Христос. Поткрепен од ова видение, св. ап. Филип тргна повторно на проповед и посетувајќи ги Арабиските и Кандакиските градови (3), се качи во коработ и отплови кон сирискиот град Азот (4).
Но, ноќта настапи голема бура и сите се исплашија за своите животи. Тогаш светиот апостол почна да се моли и на небото веднаш се појави светлозарен крст, кој во мракот ја осветли ноќта и морето веднаш се смири и неговите бранови стивнаа. А кога коработ пристигна на брегот во Азот, св. ап. Филип излезе од коработ и го прими во својот дом еден гостољубив човек по име Никоклид. Тој имаше ќерка Харитина која имаше болест на едното око. Кога влезе во Никоклидовиот дом, апостолот почна да го проповеда Божјото слово на присутните и сите со радост го слушаа. А и Харитина беше овде и го слушаше светиот апостол; и неговата проповед многу ја воодушеви, така што таа заборави на својата болест. Кога ја виде нејзината голема упорност кон Божјото слово и знаејќи за нејзината болест, апостолот се сожали за неа и и нареди да ја стави својата рака на болното око и да го повика името на Исус Христос. Штом Харитина го направи ова, веднаш се исцели нејзиното око, па целиот Никоклидов дом поверува во Христа и се крсти.
Од Азот, свети апостол Филип отпатува во Ерапол Сириски (5). Таму, проповедајќи го Христа, предизвика голем гнев кај народот, по што сакаа да го каменуваат. Но, со заземање од некој угледен граѓанин Ира, тој беше спасен од каменување. „ - Граѓани, се обрати Ир на народот, послушајте го мојот совет: не правете му никакво зло на овој странец додека не испитаме дали е вистинско неговото учење; и ако тоа не се покаже вистинско, тогаш ќе го убиеме.
Народот не се осмели да му противречи на Ир. И Ир го одведе ап. Филип во својот дом. Апостолот пак, во домот на Ир, како и секогаш, одржа долга проповед за Христа, и го приведе кон светата вера Ир и целиот негов дом и соседите негови и ги просветли со светата тајна крштение. Меѓутоа, кога дознаа граѓаните дека Ир примил Крштение, се собраа ноќта опколувајќи го неговиот дом, со намера да го запалат, па заедно со апостолот да изгори и Ир и неговите домашни. Дознавајќи ја нивната намера, апостолот смело излезе пред нив , а тие како диви ѕверови, шкрипејќи со забите го зграпчија и го одведоа во своето собрание. Старешината пак на собранието, по име Аристарх, гледајќи го апостолот, ја испружи раката своја и го фати за косата, но во тој момент му се исуши раката и го изгуби видот и слухот. По ова, расположението на народот се смени: гневот се претвори во дивеење и тие почнаа да го молат апостолот да го исцели нивниот старешина Аристарх. А Филип им говореше: „Ако тој не поверува во Бог којшто јас го проповедам, нема да се исцели." - Додека Филип така му зборуваше на народот, пристигна толпа луѓе кои, потсмевајќи му се на Филип, му велеа: „Ако го воскреснеш овој мртовец, тогаш Аристарх и сите ние ќе поверуваме во твојот Бог." - Апостолот ги крена своите очи кон небото и долго се молеше; потоа обраќајќи му се на умрениот му рече со тивок глас: „Теофиле!" - И во тој момент умрениот се подигна на одарот, седна и ги отвори очите. И тогаш Филип му рече: „Ти наредува Христос: Стани и разговарај со нас!" - Умрениот, станувајќи од одарот, клекна пред нозете на апостолот, велејќи му: „Ти благодарам свет Божји слуго, што во овој час ме избави од страшното зло: зашто двајца црни и злосмрдливи ѓаволи немилосрдно ме влечеа и ти да не поиташе да ме избавиш од нив, јас ќе бев фрлен во лутиот Тартар."
Кога сите го видоа ова преславно чудо, едно-ласно го прославија Едниот Вистински Бог, кого го проповеда Филип. Апостолот пак, давајќи му со раката на народот знак да замолчи, му нареди на Ир со неговите раце да ги прекрсти повредените делови на Аристарх. Штом го направи ова Ир, веднаш се исцели и исушената рака на Аристарх, очите и ушите и тој сосема оздраве.
Поради таквите чуда, кој св. ап. Филип ги правеше со Христовата сила, сите жители на Ерапол поверуваа во Господ Христос, и ги урнаа нивните идоли.
Прв кој поверува беше родителот на Теофил, кој ги разби своите дванаесет златни идоли и златото го подели на сиромашните. Светиот апостол ги крсти сите и им постави Ир за епископ.
На тој начин основајќи црква во Еропол и утврдувајќи ги во светата вера новопокрстените, св. ап. Филип тргна во други земји да проповеда. Поминувајќи преку Сирија и планинската Асија, тој дојде во Лидија и Мизија (6) и патувајќи во нив, тој ги обраќаше заблудените незнабошци кон Вистинскиот Бог. Овде му се придружи светиот апостол Вартоломеј (7), кој во тоа време проповедаше во соседните градови и беше испратен од Бога да му помогне на Филип. Филип беше следен и од неговата сестра, девицата Маријамна (8), и сите заедно служеа за спасение на човечкиот род. Одејќи низ Лидија и Мизија, благовестејќи го Евангелието, тие од неверниците поднесуваа многу напади и маки, беа биени, затворани во затвори и каменувани. Но, во сите тие прогони и страдања, тие со благодата Божја остануваа живи и одеа кон претстојните дела за проповедање на Евангелието Христово.
Во една од Лидиските населби, тие го сретнаа возљубениот Христов ученик, Јован Богослов, и заедно со него отидоа во Фригија и дојдоа во градот Ераполис (9) да го проповедаат Христа. Овој град беше преполн со идоли, на кои се поклонуваа сите негови жители. Помеѓу овдешните лажни божества беше и една змија, која што ераполците ја почитуваа како бог, подигајќи и посебен храм, во кој ја држеа затворена и ја хранеа со принесување разновидни, многу жртви. Тие безумни луѓе почитуваа и некои други влекачи и змии. Св. ап. Филип со своите придружници прво молитвено се вооружаа за да истапат против оваа „змија", а во тоа им помогна и св. Јован Богослов, кој во тоа време беше со нив. И тие со молитва, како со копје, Ја прободоа змијата и со Христовата сила ја умртвија. По ова, свети Јован Богослов се одвои од нив, оставајќи ги да го проповедаат Евангелието во Ерапол, а самиот отиде во други градови да ја шири светата благовест. А, св. ап. Филип заедно со ап. Вартоломеј и Маријамна, останаа во Еропол и усрдно се трудеа да го изгонат идолопоклонството од таму и да ја воведат големата Светлина за спознавање на Вистината. Дење и ноќе го проповедаа Божјото слово, учејќи ги имамените, вразумувајќи ги безумните и упатувајќи ги заблудените кон патот на Вистината.
Во градот Ерапол живееше еден човек по име Стахиј, кој четириесет години беше слеп. Светите апостоли со молитва ги отворија неговите телесни очи, а со проповедта за Христа ги просветлија неговите духовни очи. Крштевајќи го Стахиј, тие останаа во неговиот дом. Меѓутоа, низ целиот град се пренесе веста дека Стахиј прогледал. И мноштво народ почна да се собира во неговиот дом. Светите апостоли сиот тој народ го учеа да верува во Исус Христос. А, донесуваа овде и многу болни, кои светите апостоли сите ги исцелуваа со молитва и изгонуваа бесови од луѓето. Поради ова многумина пристапија кон Христовата вера и се крштеваа.
Жената на ераполскиот градоначалник, по име Никанора, касната од змија, лежеше тешко болна и беше пред смрт. Кога слушна дека светите апостоли во домот на Стахиј со збор исцелуваат разни болести, Никанора, во отсуство на својот маж, им нареди на своите слуги да ја однесат кај нив. И таа доби двојно исцеление: телесно - од каснувањето на змијата, и душевно - од демонската измама, и поучена од светите апостоли - таа поверува во Христа. А кога градоначалникот се вратил дома, слугите му раскажале, дека неговата жена поучена од некои туѓинци кои престојуваат во Стахиевиот дом, поверувала во Христа.
Градоначалникот се разгневил и наредил веднаш да ги фатат апостолите, а Стахиевиот дом да го запалат. Оваа наредба беше извршена. Се насобра многуброен народ и ги фатија светите апостоли Филип и Вартоломеј и светата девојка Маријамна. Ги влечеа по градот, биејќи ги и исмејувајќи ги, а потоа ги фрлија во затвор. По ова, градоначалникот седна на судницата за да им суди на Христовите проповедници. Се собраа кај него сите идолски жреци, жреците на погубената змија и жалејќи се од светите апостоли, говореа: „Градоначалнику, одмазди се за посрамувањето на нашите богови, зашто, откако овие туѓинци дојдоа во нашиот град, опустошеа олтарите на нашите големи богови и народот заборави да им ги принесува вообичаените жртви, а ја убија и познатата наша божица змија. Заради тоа, убиј ги овие гатачи. Тогаш градоначалникот нареди да му ја соблечат облеката на светиот Филип, велејќи дека магиите се наоѓаат во неговата облека. Но, соблекувајќи му ја облеката, тие ништо не најдоа. Исто така, го соблекоа и св. ап. Вартоломеј, но и кај него не најдоа ништо. А, кога и пријдоа на света Маријамна, со намера да ја соблечат и да го обесчестат нејзиното девствено тело, таа одеднаш пред нивните очи се претвори во огнен пламен и незнабожците, исплашени, побегнаа од неа. Градоначалникот ги осуди светите апостоли на распнување. Прв страдаше светиот апостол Филип. Му ги продупчија стопалата, низ нив провлекоа јаже и го распнаа на крст со главата надолу, пред вратата на храмот на змијата, па го маваа со камења. И одеднаш настана голем земјотрес, земјата се отвори и го проголта градоначалникот, сите жреци на змијата и мноштвото неверен народ. Тогаш голем страв ги обзеде сите - и верните и незнабошците кои останаа живи - и повикаа кон светите апостоли да се сожалат за нив и да го помолат својот Еден и Вистински Бог, да не ги проголта и нив земјата. И веднаш се зафатија со работа; да ги симнат од крстовите распнатите апостоли. Светиот апостол Вартоломеј не беше распнат многу високо и него бргу го симнаа. А, светиот апостол Филип не можеа да го сим-нат од крстот, бидејќи беше распнат многу високо, а најмногу затоа што тоа беше и Божја волја; неговиот апостол преку ова страдание и смрт на крст да премине од земјата на небото, кон што целиот свој живот копнееше. Висејќи на крстот св. ап. Филип се молеше; Господ да им ги прости гревовите на неговите непријатели, да ги просветли очите на нивниот ум, за да ја видат и спознаат Вистината. Господ ја услиша неговата молитва и веднаш и заповеда на земјата, па сите кои беа пропаднати, ги извади живи, освен градоначалникот и жреците на знијата. Тогаш сите гласно ја исповедаа и прославија Христовата сила и сакаа да се крстат. А, кога остана уште малку за да го симнат свети Филип од крстот, тој ја предаде својата света душа на Христа и тие го симнаа мртов. Неговата родена сестра, света Маријамна, која цело време го гледаше страдањето и смртта на својот брат Филип, со љубов го гушкаше и целиваше неговото тело симнато од крстот и се радуваше, бидејќи тој добро го заврши својот подвиг, пострадувајќи за Христа. Свети Вартоломеј ги крсти сите што поверуваа во Христос Бог и го постави Стахиј за епископ. Потоа го погребаа чесното тело на светиот апостол Филип. На она место каде што потече крв од светиот апостол, по три дена израсна лоза, во знак на тоа што светиот апостол Филип, ја пролеа својата крв за Христа и престојува во вечното блаженство со својот Господ во Неговото Царство (10).
По погребот на свети Филип, свети Вартоломеј со блажената девица Маријамна остана неколку дена во Ерапол, па откако добро ја утврдија во Христовата вера новооснованата црква, отиде во градот Албан кој се наоѓа во Велика Ерменија (11), каде што беше распнат. Света Маријамна се упати во Ликаонија (12) и таму, обраќајќи многумина кон светата вера, почина во мир. Заради ова, слава Му на нашиот Бог, сега, секогаш и во сите векови. Амин.

Белешки

1). Денес од Витсаида постојат само рушевини, обраснати во трева.
2). За Датон и Авирон види во Мојс. 16,1-35.
3). Односно Етиопски. Кандакија бил општ назив на царевите Етиопски. Етиопија - во Африка, на југ од Египет
4). Азот - богат и утврден филистимски град, на источниот брег на Средоземното море. Во времето на Макавеите е запален и урнат, па повторно обновен, но без претходната слава. Денес   мала населба Ездуд.
5). Ерапол Сириски - подоцна наречен од Грците Бамбикај, од времето на Костантин Велики главен град на Еуфратската покраина, денес од него постојат само урнатини покрај денешен Мембиџа.
6). Лидија и Мизија - северозападни области во Мала Азија.
7). Апостол Вартоломеј, инаку Натанаил, Вартоломеев наречен по татко му, еден од Дванаесете. Неговиот спомен се празнува на 11 јуни, 25 август и 22 април.
8). Споменот на света Маријамна се празнува на 17 февруари.
9). Ерапол Фригиски - во јужниот дел на Фригија (Мала Азија); во минатото многу значаен град; денес - урнатина.
10). Како дополнување на овој опис за маченичката смрт на светиот апостол Филип постои древно предание во кое се вели дека св. ап. Филип, седум дена порано ја претскажал својата маченичка смрт. Св. ап. Филип маченички пострада во 87 г., за време на царот Доментијан, 90 г. Неговите свети мошти беа пренесени во Рим околу 560 г., каде што и денес почиваат во црквата „Дванаесет Апостоли".
11). Во Азија, на границата со Кавказ.
12). Ликаонија - област во средишниот дел на Мала Азија, граничи со Фригија.

Извор :ТРОИЧНИК


  посети: {moshits}