Поднаслов: Колку едноставен збор - НЕКОЈ што раѓа.

 


БЕБЕ
Бебето ги сака своите родители уште од самиот старт. Ги сака безмерно. Тие се неговите создатели и бебенцето (не)свесно им благодари за тоа. Ако не беше така немаше да им се радува на секоја видувачка, да им гуга, да им се смешка, да претка со ноџенцата и раченцата кога ќе им го слушне гласот… Во бебешката душичка од почетокот на животот се исткајува таинствена врска со родителите, врска која од ден на ден сè повеќе и повеќе се продлабочува.

ПАРАЛЕЛА
Човекот му се радува на својот Создател. Свесен е дека е роден на две нивоа - првото е Божјо, оти Тој е Творец на сите и на сè, второто ниво се таткото и мајката во процесот на љубовно творештво. Човекот им благодари на тато и мама, но уште повеќе Му благодари на Бога бидејќи знае дека ако не беше Тој немаше да бидат мама и тато, баба и дедо, прабаба и прадедо… и сè така до Адам и Ева. Во срцето на човекот исткаена е таинствена врска меѓу него и Него, врска на радосна сплотеност.

ДЕТЕ 
Детето ги слуша родителите, ја чека нивната помош, им се радува кога му се смеат, тагува кога се тажни или болни. Детето не лаже, не се жести, не пркоси, не зборува гадости, им верува на родителите…

ПАРАЛЕЛА
Човекот го слуша гласот на својот Бог, ја чека Неговата помош, му се радува кога е на молитва, тагува кога Го богохулат. Човекот се труди да ги почитува Божјите правила, па не краде, не лаже, не убива… Човекот му верува на својот Татко иако не Го видел, но го почувствувал Неговото Татковство во душата и тоа е доволно бидејќи знае дека не може сè да биде видено и чуено. Има нешто што се вика совршено тајниче. Совршен е Бог, тајниче е душата на човекот. Која душичка ќе се отвори за Совршеното вкусува од небесното причестително залаче.

РОДИТЕЛ
Вистинскиот родител никогаш не го тепа своето дете, оти знае дека со збор повеќе ќе се разберат. Никогаш не му се лути, не го прекорува без причина, никогаш не го заборава. Добриот родител ако има опасност и животот ќе си го даде за чедото, само и само да го спаси. Навечер, пред легнување го бакнува, наутро по станување го милува. Кога детето спие родителот си го гледа детето и му навираат солзи радосници. Во душата чувствува топлина…

ПАРАЛЕЛА
Бог е трпелив со Своите чеда. Не ги тепа, туку преку Словото ги допре и ги допира. Не им се лути, иако има милијарди причини за тоа, напротив постојано и постојано им дава шанса да се поправат, покајат, преумат. Тој си го даде животот за Своите чеда, дозволи да биде распнат за да им се измијат нечистотиите и да почнат одново, да се родат повторно. Секоја вечер Тој ги бакнува со молитва, секое утро им ги отвора очите… Кога човештвото спие Бог му дава воздух за да дише, кога човештвото ќе се разбуди Бог му дава плодови за да се нахрани и вода да се напие. Бог е топлина, на човекот е само да си ја отвори душата за да се згрее.

ПРИВРЕМЕНА РАЗДЕЛБА
Еден ден децата и родителите ќе мора да се разделат. Децата ги тажат своите родители, но знаат дека нивните мама и тато се кај Отецот. Тоа ги теши, Му се молат на Севишниот да ги прибере во своите пазуви на Светлината. Заедницата на живите, мртвите и Бог ја живее својата љубовна Троица.

РОДИТЕЛИТЕ И ДЕЦАТА ЖИВЕАТ ВЕЧНО    
Во денот кога ќе реши Бог (Родителот на сè) ги прибира Своите чеда кај себе. Им го нуди Своето гостопримство во зависност од нивната земска желба колку сакале да бидат угостени. На родителите Родителот им ја подарува вечноста, а на децата Родителот им го праќа Светиот Дух да ги утеши и зацврсти во вербата дека Тој е вечен, а со Него - и сите деца, и сите родители…

Извор: ППРЕМИН бр.55 - 56