22/08/2016

 

 Океј, океј. Знаеме дека и онака имаме to-do листи, мобилни календари, аларми и потсетници што постојано нѐ потсетуваат дека доцниме на преглед кај забарот, дека оваа сабота сме на свадба и дека не го испративме тој мејл што шефот очекуваше да го испратиме завчера. Но, среде забрзаниот ритам и трилијардата планови зад кои доцниме, веруваме дека оваа листа со пет нешта ќе ни помогне на сите да бидеме поефективни, повосредоточени и пред сѐ, порадосни и посмирени. Од сите to-do листи, оваа е сепак поинаква: нејзиното сидро е фрлено во вечноста.

Пазар, Украина

Пазар, Украина

1. Започнете го денот со молитва, со читање на една глава од Новиот Завет, доверувајќи Му ги сите грижи и радости на Бога.

Звучи едноставно, и навистина е. Еден snooze помалку на мобилниот аларм, и само 3-4 минути посветени на Бога, на разговор со Него, на читање на Неговото слово, може да направи револуција во нашиот живот. Кога човек се моли, тој разговара со Бога. А, кога човек го чита Светото Писмо, Бог му одговара. И ова не мора да е ништо ритуално: прекрсти се, застани пред Бога, и кажи неколку Господи Исусе Христе, Сине Божји, помилуј ме и Пресвета Богородице спаси нѐ на почетокот од денот. Ова е доволно за да може целиот наш живот, и животот на луѓето околу нас да биде преобразен. Проверено. А Фејсбук/Твитер/Инстаграм/Тајм.мк може да проверите дури половина час после будењето.

2. Покажете љубов, дарувајте љубов. Слушнете се со вашите родители, со вашите деца, со вашите тетки и чичковци.

Да, Самиот Господ рекол: „По тоа ќе ве познаат сите дека сте Мои ученици, ако имате љубов помеѓу себе“ (Јн. 13,35). Да, точката 1. е почеток на оваа љубов. Но, покрај молитвата за ближните, ни треба и сведоштво. Христијанската љубов не е пасивна, таа е активна, делателна. Но, оваа делателност најчесто се согледува во ситници: насмевнете ѝ се на старата сосетка, јавете му се на вашиот татко, прашајте ја тетка ви да не ѝ треба нешто. Зборувајте, и што е уште поважно, делувајте.

3. Кажете им на другите дека ги љубите. Дека многу ги љубите, и дека сте им благодарни.

Ова оди рака под рака со претходната точка. Точно, најчесто мислиме нашата љубов се подразбира, и немаме време да навлегуваме во навидум патетични разговори со нашите ближни. Но, тука се крие една голема бездна: животот минува, а ние сме заборавиле кога последен пат сме ѝ кажале на нашата мајка дека ја љубиме, и дека сме ѝ благодарни за сѐ што сторила за нас. Како христијани, на Бога Му благодариме секојдневно за сѐ и за сите. Но, како да Му кажеме на Бога, Кого не Го гледаме, дека сме Му благодарни, ако не им го кажеме истото на нашите родители, деца, ближни, соработници, на сите луѓе, кои ги гледаме, дека сме им благодарни?

4. Вежбајте се во пожртвуваноста и послушноста.

Да речеме дека сите претходни точки сме ги исполниле: се разбудивме, се помоливме, прочитавме не една, туку две глави од Новиот Завет; ѝ се насмевнавме на старата сосетка во лифтот, и му се јавивме на нашиот стар татко, и некако успеавме да се пресрамиме и да му кажеме дека го љубиме. Но, додека зборуваме со него, се наоѓаме во супермаркет и гледаме како еден од вработените мака мачи редејќи ги артиклите на сталажа. Пакетот што го држи со едната нога е на неколку секунди од губење на рамнотежа. Доволно е само да ја подадеме раката и да му помогнеме да го избалансира пакетот, за тој да не се сруши и да создаде дополнителна работа, нервоза и хаос. И наместо незаинтересирано да поминеме покрај него, прелистувајќи ги новите твитови на паметниот телефон, ние ќе ја подадеме раката, и ќе му помогнеме да го избалансира пакетот. Ете, не болеше. Можеби делува смешно и наивно, но Бог најчесто од нас бара многу мали жртви. Тој не бара да воскреснуваме мртви (иако, ако се покажеме верни во ситниците, над многу нешта ќе нѐ направи господари), туку токму ова: подади рака ваму, измиј ги садовите после ручек, тркни до аптека да земеш парацетамол за соседот, ислушај го дедо ти како ти зборува за маката со вилиците.

5. Покајание, смирение, покајание, смирение.

Денот помина, а ние останавме верни на оваа листа. Но, тогаш треба да се потсетиме на Господовите зборови: „Кога ќе исполните сè што ви е заповедано, речете: ’Ние сме слуги непотребни, оти го извршивме она што бевме должни да го извршиме‘“ (Лк. 17, 10). Покајанието и смирението се две страни на една иста паричка. На крајот од денот, треба искрено и смирено да ги согледаме нашите падови, и да се покаеме за нив, верувајќи и ветувајќи дека следниот ден ќе бидеме подобри воини. А, бидејќи многу нѐ љуби, Бог не сака да нѐ разочара и да нѐ фрли во очај, и затоа од нас ги крие нашите слабости. Токму затоа на почетокот во духовниот живот, најчесто сме слепи за своите страсти, падови и гревови. Но, доколку се потрудиме да се смириме, Бог постапно ќе ни ги открие нашите слабости. И тогаш, дури тогаш, оваа листа ќе порасне, и од пет нешта, ќе видиме дека има милион нешта што треба да ги правиме секој ден. Но, тука е и чудото: веќе нема да се вика „икс нешта што треба да ги направам“, туку: „безброј нешта што сакам да ги направам и уште толку нешта за кои се каам“.

Бонус

Но тоа не е сѐ! Доколку продолжите да читате уште 20 секунди, ќе видите дека покрај секојдневната листа, има и неделна и месечна. Барем еднаш неделно треба да земеме учество во богослужбите (најчесто неделни или празнични литургии) и да прочитаме барем едно житие од светителите, а барем еднаш месечно да го посетиме нашиот парохиски свештеник или духовник, за да поразговараме со него и да се исповедаме пред него.

М.Ј.

Извор: http://pravoslavie.mk.

 

Прочитајте повеќе на: http://pravoslavie.mk/pet-neshta-shto-sekoj-pravoslaven-hristijanin-treba-da-gi-pravi-sekoj-den/ .