markov.sv.Zlata1.jpg

На 31 мај 2010 год., преосветениот цариградски Патријарх Вартоломеј ја заврши посетата на Руската Православна Црква. За време на десетдневната посета, претстојателот на Цариградската Црква ги посети Москва, Санкт Петербург, островот Валаам и Кронштат. На празникот Педесетница преосветениот Патријарх Вартоломеј и преосветениот Патријарх московски и на цела Русија Кирил сослужија Божествена Литургија во сергеевата лавра Св. Троица. На денот кога Црквата го празнува споменот на светите рамноапостолни Кирил и Методиј, именденот на преосветениот патријарх Кирил, одржаа празнична богослужба во соборниот храм на Христос Спасителот во Москва. Истиот ден преосветениот патријарх Вартоломеј присуствуваше на отворањето на Деновите на словенската писменост и култура. За време на својата посета, Патријархот Вартоломеј имаше средби со рускиот претседател Дмитри Медведев, московскиот градоначалник Јуриј Лужков и ги посети црквите во Москва заедно со претставници на Александриската, Антиохиската и Ерусалимската патријаршија.
Претстојателот на Цариградската Црква се поклони пред чесните мошти на основачите на Валаамскиот манастир, св. Сергеј и Герман и на другите светињи во манастирот. Ги посети и скитовите на Спасо-преображенскиот Валаамски манастир.
За време на престојот во Кронштат, ја посети Поморската соборна црква св. Никола и имаше средба со сопругата на рускиот претседател, г-ѓа Светлана Медведева, којашто е член на црковниот одбор при црквата.
За време на престојот во Санкт-Петербург, Патријархот Вартоломеј го посети Ермитаж, Соборната црква на Казанската Богородица, Соборната црква на Спасителот на Крв и Лаврата Св. Александар Невски. Заедно со Патријархот Кирил ги посети Николските гробишта на Лаврата и се помоли на гробот на Митрополитот Никодим (Ротов) ленинградски и новгородски, како и на гробовите на Достоевски и Чајковски.
Во Неделата на Сите Светии, преосветениот Патријарх Вартоломеј и преосветениот Патријарх московски и на цела Русија Кирил сослужија Божествена Литургија во Соборниот храм СВ. Исак во Санкт-Петербург. По богослужбата ја посетија историската зграда на светиот управен Синод на Руската Православна Црква. Патријархот Кирил одржа прием во чест на Патријархот Вартоломеј во Дворецот св. Катерина во Царско Село.
Претстојателот на цариградската Црква беше во придружба на делегација којашто се состоеше од Митрополитот австриски Михаил, Митрополитот мириофитонски и перистасиски Иринеј, Митрополитот француски Емануил, генералниот секретар на Светиот Синод, архимандритот Елфидофор (Ламбријанидис), архимандритот Бесарион (Комзијас), архиѓаконот Максим (Вгенопулос) и други.
Утрото на 31 мај 2010 година, неговата Сесветост Патријархот Вартоломеј замина од Санкт-Петербург за Истанбул. На аеродромот Пулково го испратија ректорот на Санкт-Петербуршките духовни школи, епископот гачински Амвросиј, раководителот на Административниот секретаријат, епископот солнечногорски Сергеј, игуменот на Лаврата Св. Александар Невски, епископот Назариј виборшки, заменикот претседател на Одделот за надворешни црковни односи на Московската Патријаршија, протоереј Николај Балашов, секретарот на ОВЦС за меѓуправославни односи протоереј Игор Јакимчук, вицегувернерот на Санкт-Петербург А. Вахмистров и свештеници од петроградската епархија, како и генералниот конзул на Република Грција во Санкт-Петербург г-ѓа А. Кацуру, генералниот конзул на Република Кипар во Санкт-Петербург А. Самутис и генералниот конзул на Република Турција во Санкт-Петербуг М. Чинар.
На крајот на својата посета, Претстојателот на Цариградската Црква се обрати на новинарите:
„Со Божја помош, нашата посета на светителородната Русија заврши успешно. Ова беше возвратна посета по минатогодишната мирна и братска посета на Неговата Светост Патријархот Кирил московски и на Цела Русија на Вселенската Патријаршија. Заминуваме за Мајката Црква, за Константинопол, со добри спомени и свештени чувства.
Имавме можност по стоти пат да посведочиме за нашето нераскинливо единство и длабока љубов не само меѓу двете Цркви, туку и меѓу нивните Претстојатели. Го познаваме Патријархот Кирил уште од младост и ги цениме неговите богомдадени таленти. Ја знаеме неговата љубов и посветеност кон Црквата и верниот руски народ. Сигурни сме дека ќе соработуваме во согласје да ги надминеме моменталните проблеми во Православието на идниот Свет Вселенски Собор, за да можат помесните автокефални цркви да дадат убедлив одговор на човештвото што е во длабока криза. Тој одговор ќе се заснова врз евангелската љубов, смирението во Христа, единството во Светиот Дух и надежта во Бог Отецот.
Откако Русија ги прими крштевањето и Евангелието од Цариград, ѝ даде на Црквата многу светии, исповедници, богомудри ерарси и новомаченици коишто се нејзин чудесен венец и вечна слава. Преосвештениот Патријарх Кирил и црковните власти и понатаму ги образуваат луѓето во Христа. Монаштвото цути, црквите се полни со верници, а Словото Божјо доаѓа до најзафрлените краеви на оваа голема земја. Раните нанесени од долгата ноќ на милитантниот атеизам се зацелени. Крстовите сјаат не само во црквите и во домовите, па дури и во владините институции, туку и во срцата и секојдневниот живот на повеќето луѓе, што е најважно. Го видовме тоа со свои очи. Навистина, „десницата на Севишниот се изменила“ (Пс. 76,10).
Благодарејќи му на Нашиот мил брат Кирил, на почитуваните свештеноначалства и на членовите на црковната администрација, сметаме дека ни е должност да ја изразиме и благодарноста кон руската држава за почитта покажана кон нас и членовите на нашата делегација, почит што е и за Светиот апостолски и вселенски цариградски престол.“
Неговата Светост им се заблагодари на верниците на Руската Црква што го поздравија, се молеа на богослужбите и му побараа благослов.
Патријархот Вартоломеј додаде:
„Останете во љубовта кон Светиот Бог во Троица под светиот покров на Богородица, обединети во Светите Тајни и целомудрието! Не слушајте ги гласовите туѓи на гласот на Евангелието. Бидете послушни во верата на својот Патријарх и своите пастири. Да владее мир во вас и во вашите односи со сите што искрено го љубат Господа Исуса Христа. Од срце се молиме за вас во светата скинија во Фанар. Ве љубиме искрено и длабоко! Од длабочините на нашата душа ве сакаме сите - свештениците, управителите и народот! Вие сте коска од нашата коска и плот од нашата плот. Молете се и вие за нас, и небесата ќе одговорат на вашите молитви.
Заминуваме тука со тело, но не и со духот. Ве оставаме во рацете на Божјата љубов и Божјото човекољубие. Радувајте се, браќа! Радувајте се, чеда! Радувајте се, пријатели! Радувајте се сите! Секогаш радувајте се во Господа! И повторно велам: „Радувајте се! Усовршувајте се, утешувајте се, бидете едномислени, ж ивејте во мир - и Бог на љубовта и на мирот ќе биде со вас“ (2 Кор. 13,11).“

Подготви: Александар Зафировски

Извор: http://www.mospat.ru/en/2010/05/31/news19784/

 

 Според myocn.net, (во разговорот  со еден од фанарските секретари)  на средбата се зборувало и за местото и датумот на Сеправославниот Собор. Местото на средбата би било во  Цариград, во црквата каде што е одржан Вториот Вселенски Собор  а датумот, во 2012 или 2013 година. Секретарот нагласи дека е прекрасно тоа што веќе се договара местото  и датумот.