БОЖИК ВО РУСИЈА


Над 85.000 московјани во црквите


Поглаварот на Руската православна црква, патријархот московски и на цела Русија, Кирил, во средата вечер одржа Божиќна литургија во импозантната црква посветена на Исус Спасителот, на која присуствуваа околу 6.000 верници, меѓу кои и рускиот претседател Дмитриј Медведев. Итар-Тасс објави дека на литургиите во 256 цркви и манастири во Москва присуствувале повеќе од 85.000 верници, пренесува МИА. Рускиот премиер Владимир Путин го дочека Божик во црква надвор од Москва.

Извор: Вечер


Руските цркви преполни

МОСКВА - Во повеќе од 30 илјади храмови на Руската православна црква во Русија и во други земји со свечена богослужба е прославен Божик. Рускиот патријарх Кирил одржа богослужба во најголемата црква „Христос Спасителот“ на брегот на реката Москва, на која присуствуваше и претседателот Дмитриј Медведев со сопругата Светлана. Рускиот премиер Владимир Путин на божикната богослужба беше во црквата во селото Селишче, на периферијата од градот Костром. Сите руски цркви беа преполни, без оглед на многу ниските температури. Руската православна црква може да се пофали дека во црквите, за време на празниците, доаѓаат се' повеќе млади луѓе.

Рускиот патријарх Кирил во обраќањето до верниците зборуваше не само за значењето на празнувањето на Божик, туку го пофали и раководството на земјата дека направило многу Русија полесно да ја надмине големата светска економска криза.

Во честитката што претседателот Медведев ја упати до православните верници тој ја истакна важноста на духовната традиција, како и тоа дека празнувањето на Божик не' учи на висок морал и милосрдие. „Црквата и денес помага во јакнењето на моралот во општеството, ја поддржува атмосферата на меѓусебно почитување и слога“, истакна Медведев.

И во Грозни, главен град на Чеченија, е одржана божикна литургија во црквата „Михаил Архангел“, но таа почна во девет часот изутрината. Во храмот дојдоа верници од разни делови на Чеченија. Пред Божик на православните верници празникот им го честита чеченскиот претседател Рамзан Кадиров, кој повика на јакнење на пријателството на народите на Русија, без оглед на која конфесија им припаѓаат.

Рускиот патријарх Кирил има намера да ја посети Грузија по средбата со патријархот во Ерусалим. Терминот на посетата се' уште не е утврден, но се знае дека патријархот Кирил има намера да ги посети сите автокефални цркви“, изјави архиепископот Иларион, раководител на Одделот за меѓународни врски при РПЦ. (Б.В.)- Утрински весник