Атина, 11 јули (МИА) - Светиот совет за возобнова на црквата „Света Софија“ во Истанбул го повика турскиот премиер Реџеп Тајип Ердоган да покрене иницијатива за трансформација на сегашниот музеј во храм за богослужба на сите христијани, јави Радио Атина.

Во писмото упатено до Ердоган, Советот го повикува да бидат „запрени сквернавењата на црквата, која ги обединува двете најголеми религии во светот - христијанската и муслиманската“.

Турскиот Државен совет, кој ја има улогата на највисок административен суд во Турција, минатата недела го одби барањето на Друштвото за историски споменици и животна средина за претворање на музејот во џамија.

Советот во отфрлањето на оваа иницијатива образложи дека Турција е потписник на Конвецијата на УНЕСКО за заштита на светското културно и природно наследство, а дека овој музеј е вклучен на листата на светски знаменитости на УНЕСКО.

Црквата „Света Софија“ во Истанбул е изградена во 537 година за време на византискиот император Јустинијан и над илјада години било главно свето место за православните христијани. По освојувњето на Константинипол од страна на Турците во 1453 година, Света Софија е претворена во џамија - изградени се четири минариња, крстот е заменет со полумесечина и прекриени се фреските. Во 1934 година со указ на тогашниот турски претседател Кемал Ататурк џамијата е претворена во музеј. сп/9:20