Почина митрополитот обединувач на Руската црква

Од нашиот дописник
Бранко Влаховиќ

МОСКВА - Поглаварот на Руската православна црква во странство, митрополитот Лавр, почина во неделата вечерта на 81-годишна возраст во САД, во Џорданвил. Тој е еден од најзаслужните за воспоставување на единство во Руската православна црква. Изборот за нов поглавар на Руската православна црква во странство ќе се изврши по 40 дена, значи по Велигден.

Иако патријархот на РПЦ, Алексеј Втори, треба да го благослови и одобри изборот на новиот митрополит во Московската патријаршија, веќе изјавија дека тој нема да се меша во изборот за нов поглавар на Руската православна црква во странство, која има доста голем степен на автономија.

По повод смртта на митрополитот Лавр телеграма со сочувство упати и претседателот Владимир Путин.

Источноамериканскиот и њујоршки митрополит Лавр го најдоа починат во неговата монашка ќелија во Џорданвил. Тој во последните неколку денови се чувствувал лошо. Митрополитот Лавр, чие име беше Василиј Михајлович Шкурла, роден е во Ладомор во Прашевска Русија, која сега и' припаѓа на Словачка. Тој по националност се изјаснувал како Карпаторус.

Поглавар на Руската православна црква во странство стана во 2003 година, кога го замени 92-годишниот митрополит Виталиј Устинов. Интересно е тоа што митрополитот Лавр уште во времето на СССР зборуваше дека Руската православна црква треба да се обедини. Во мај 2004 година, Лавр за првпат дојде во службена посета на Русија. Три години подоцна, во мај 2007 година, рускиот патријарх Алексеј Втори и митрополитот Лавр во Москва го потпишаа историскиот документ „Акт за канонско општење“ што значеше дека црквата повторно се обедини.

До избор на нов митрополит на Руската православна црква во странство, таа должност ќе ја извршува архиепископот Сиднејски, Иларион. Да потсетиме по Октомвриската револуција во 1917 година, голем број руски свештеници емигрираа, а Руската православна црква во странство е формирана во 1922 година, во Сремски Карловци. 
 

Извор: Утрински весник


 
  


  Во Неделата на Православието, се упокои во Господа Митрополитот Лавр (17.03.2008)

Вчера, на 16 март 2008 година, на денот кога Црквата ја празнува Победата на Православието, во Џорданвил (Jordanville, NY), се упокои во Господа Митрополитот Источно-Американски и Њујоршки Лавр, поглавар на Руската Задгранична Црква.


Роден е на 1 јануари 1928 година во Ладомирово, денешна Словачка. Стапува во манастирот посветен на преподобен Јов Почаевски, во родното место, на своја 11-годишна возраст, од каде што во 1946-та година е евакуиран во САД, во градот Џорданвил, Њујорк, каде што бил основан новиот Свето-Троицки манастир, духовен центар на Руската Задгранична Црква.

За епископ е хиротонисан на 13 август 1967. За Архиепископ е востоличен во 1981 година а на 10 јули 2000 година е избран за заменик на Поглаварот на Руската Задгранична Црква.

На Соборот во октомври 2001 година е избран за Поглавар на РПЗЦ  и за митрополит Источно-американски и Њујоршки.

На 17 мај минатата година, во храмот на Христос Спасителот во Москва, е потпишан „Актот за канонско единство“ и Руската Задгранична Црква официјално се обедини со Руската Православна Црква. Со тоа се стави крај на разделеноста на Руската Црква.

Погребот на Митрополитот Лавр е планиран да се изврши на 21 март 2008.

Бог да го прости и нека му е вечен споменот!

 

Извор: Mospat.ru

МПЦ