Арапи Христијани – врста загрозена од опасноста на истребување
16. 05. 2013

Provera Fiorello

ac.jpg

Неодамнешното киднапирање на православниот митрополит на Алепо, Павле и на сиројаковитскиот митрополит на Алепо, Јохан Ибрахим, чија судбина сè уште не е позната, не се одраз само на зголемена агресивност на граѓанската војна во Сирија, туку и на сè поголемата криза што ги засега христијаните во целиот арапски свет – криза која би можела целосно да ги искорени нив од тие краишта.

Согласно податоците, во 2012 година, 80% од сите верски прогонства во светот за своја цел ги имале христијаните.

Овој изблик на дискриминација врз христијанските заедници, во земјите каде што тие со векови живеат, во големa мера може да се објасни со издигнувањето на вооружениот и политички ислам по Арапската пролет.

Откако исламистичките партии ја презедоа власта во регионот, христијанското малцинство беше погодено од силен бран на заплашувања и дискриминација.

После Арапската пролет, сите христијани во Египет, кои сочинуваат 15% од населението, се под закана.

Во почетокот на април минатата година, во Соборниот храм на свети Марко (столица на Коптската црква во Каиро), погребот на четворица христијани кои неколку дена претходно  загинаа во верски судир, премина во вистинско безредие, кога илјадници ужалени беа нападнати додека излегуваа од храмот. Полицијата употреби димни бомби во дворот на храмот и остана индиферентна, додека траеше нападот врз Коптите со бомби, камења и истрели. Најмалку двајца загинаа и 80 беа ранети во петчасовниот судир.

Христијаните го обвинуваат муслиманското братство не само поради тоа што им дозволува на египетските муслимани да напаѓаат христијани без да бидат казнети, туку и поради тоа што со зборови и дела ја поттикнува омразата.

Во февруари минатата година, Коптскиот патријарх Теодор II во телевизиско интервју остро ја осуди исламистичката власт во земјата, објавувајќи ја верската дискриминација во новиот Устав и карактеризирајќи ги „меѓуетничките дијалози“ на претседателот Мухамед Морси како „празни гестови“.

Сирија, која некогаш прими илјадници христијански бегалци од војната во Ирак, доживува  слична промена, зашто тамошната граѓанска војна предизвикува страв и непријателство помеѓу населението.

Иако христијаните досега успеаја да останат неутрални во судирот, сега тие земаат сè поактивно учество: некои земаат оружје, а други стануваат жртви на киднапирања и насилство. Според одредени пресметки, 300. 000 христијани се во бегство од Сирија. И уште повеќе: ефектите од немилосрдните судири го дестабилизираат Либан, земја која на христијаните им нуди уставна гаранција за политичка застапеност. Околу 400. 000 бегалци, меѓу нив и сунити муслимани, ја преплавија границата со Сирија, а тоа предизвикува растење на меѓунационалните тензии, и претставува закана за вознемирување на ранливата социјална и политичка рамнотежа во Либан.

Бидејќи веќе нема никакво решение за христијанските бегалци од Блискиот Исток, тие сè повеќе и повеќе се упатуваат кон Европа и Северна Америка. Доколку дозволиме оваа состојба да продолжи, Блискиот Исток ќе ја загуби христијанската паства.

За да не се случи ваков трагичен крај, Западните водачи треба да превземат поенергична улога во заштитата на христијанските малцинства низ целиот арапски свет.
Христијаните и муслиманите од арапскиот свет имаат исти желби: слобода, достоинство и еднакви права. Оние што ги гонат христијаните нека сфатат дека придобивките од Арапската пролет треба да бидат заеднички за сите Арапи.

Авторот е потпретседател на Комисијата за надворешни работи на Европското Собрание.

Извор: Ромфеа

Преземено од: Бигорски манастир