КАКВИ ПРЕЛЕСТИ ДЕМНАТ ПРИ НЕПРАВИЛНО ПРАКТИКУВАЊЕ НА МОЛИТВАТА?

Архимандрит Лазар Абашидзе

 

Горка судбина и паѓање во самоизмама, прелест и потпаѓање под власта на злите духови им претстои на оние кои мечтаат за тоа, да достигнат високи молитвени состојби, а притоа немаат вистинска, туку телесна и душевна ревност. Таквите подвижници ѓаволот лесно ги фаќа во своите мрежи. Неправилното практикување на молитвата е пат кон себеизмама од која всушност и настанува демонската прелест.

Разните видови на прелести кои се случуваат за време на неправилната молитва многу детално ги разгледува свети Игнатиј во својата „Беседа на старецот со ученикот“. Тука ќе ги наведеме основните мисли од овој напис.

„Сите видови на демонски прелести во коишто запаѓа оној, кој неправилно се моли, настануваат поради тоа што во темелот на молитвата не е положено покајание, тоа што покајанието не станало извор, душа и цел на молитвата…

Покајанието и сè она од што тоа се состои (скрушеноста или нажаленоста на духот, плачот на срцето, солзите, себеосудувањето, сеќавањето на смртта, Судот Божји и вечните маки, чувствување на присуството Божјо и стравот Божји) се дарови Божји, скапоцени дарови, превосходни и основни дарови, заложба за највисоки и вечни дарови. Ако најпрво не се стекнат овие основни дарови, невозможно е да се задобијат даровите кои следат по овие првите. „Колку и да се возвишени нашите подвизи“, вели преп. Јован Лествичник, „ако не стекнеме милосрдно срце – овие подвизи се лажни и залудни“ (скалило 7).

Најопасниот и најнеправилниот начин на молитва се состои во тоа, човекот кој се моли, со силата на својата фантазија да создава замислени слики или претстави, земајќи ги навидум од Светото Писмо, а всушност од својата сопствена паднатост, од својата гревовност, од својата себеизмама. Со овие замислени слики, тој всушност, ласкајќи ì на својата надуеност, на својата суета, на своето високо мислење за себеси, на својата гордост – се измамува себеси…

Свети Симеон Новиот Богослов вака ја опишува молитвата на фантазерите и нејзините плодови:

„Тој ги подига кон небото рацете, очите и умот, ги замислува во својот ум небеските блага, чиновите на светите Ангели, живеалиштата на светиите, накусо, во својата фантазија го оживува сето она што го прочитал во Светото Писмо, го проучува ова за време на молитвата, го вперува погледот кон небото, и со сето ова ја поттикнува својата душа кон наводно „божествени“ желби и љубов, а понекогаш, дури, и пролева солзи и плаче. Така малку по малку се гордее во своето срце, не сфаќајќи со умот дека паднал во гордост. Тој мисли дека тоа што го прави е плод на Божествената благодат, која му е дадена за утеха и Го моли Бога да го удостои секогаш да живее со ова делување. Тоа е прелест. Ваквиот човек, дури и ако тихува во совршено тихување, не може, а да не се подложи на пореметување на умот и лудило. Дури и ако тоа не му се случи, за него е невозможно да достигне духовно расудување и добродетели. На тој начин паднале во прелест луѓе кои наводно виделе „небесна“ светлина и сјај со овие телесни очи, почувствувале „небесен“ миомирис со своите телесни ноздри, слушнале „небесни“ гласови со своите уши. Едните станале опседнати од злите духови и налудничаво талкале од едно место во друго. Другите го прифатиле демонот кој се преобразил во светол ангел, паднале во прелест и останале неизлечени сè до смртта, не прифаќајќи ничиј совет. Третите, по наговор на ѓаволот, извршиле самоубиство, фрлајќи се во бездна или во длабока вода. Не можат ни да се набројат сите различни и безбројни ѓаволски прелести, со кои ѓаволот ги измамува луѓето.

„Нашата падната слободна волја природно тежнее и се стреми кон прелест, и тоа затоа што секоја прелест ì ласка на нашата надуеност, на нашата суета и гордост“.

Свети Игнатиј ни изложува поучни примери на ваква демонска прелест, до која дошло како последица на мечтаењето и фантазирањето во молитвата:

„Некој чиновник кој живеел во Петроград, се занимавал со голем молитвен подвиг и поради тоа западнал во необична состојба. Се обратил за духовен совет во манастирот кај еден старец-монах. Чиновникот почнал да му раскажува за своите „виденија“, за тоа, како тој во молитвата постојано гледа светлина која се шири од иконите, чувствува чуден миомирис, чувствува во устите необична сладост и така натаму. Монахот, откако ја сослушал оваа приказна го прашал чиновникот: „Дали некогаш ви паднало на ум да се убиете?“ „Како да не“, одговорил чиновникот. „Веќе сакав да се фрлам во Фонтанка, но ме извлекоа. „Се установи дека чиновникот неправилно се молел како што тоа го опиша и светиот Симеон Нов Богослов, ја распламтувал фантазијата и крвта, при што станал способен за голем пост и бдение. Кон состојбата на самоизмама која сам во себе ја произвел, ѓаволот го придодал и своето дејство сродно со ова, и човечката себеизмама на чиновникот преминала во очигледна демонска прелест. Чиновникот гледал светлина со телесните очи: миомирисот и сладоста кои ги чувствувал исто така му биле чудни.

Спротивно на ова, виденијата и натприродните состојби кои ги имале светителите, во потполност се духовни: подвижникот не е способен за нив пред да му се отворат духовните очи под дејство на Божествената благодат.

И, спомнатиот монах почнал да го наговара чиновникот да го остави овој начин на молитва, што го практикувал, објаснувајќи му ја сета неправилност на тој начин и неправилноста на состојбата која таквата молитва ја предизвикува. Чиновникот гневно се спротивставил на тој совет: „Како да се одречам од очигледната благодат?“ Изгледал жално и некако смешно. Така тој му го поставил на монахот следново прашање: „Па зарем е тоа грешно што плунката, кога од обилната сладост ќе ми се насобере во устата, почнува да капе на подот?“ И навистина, луѓето кои се наоѓаат во демонска прелест предизвикуваат сожалување, зашто не си припаѓаат веќе самите на себе и нивниот ум и срце се во власта на лукавиот, богоотфрлен дух. Тие претставуваат сирота глетка, зашто ги исмејува лукавиот дух кој завладеал со нив и ги довел во состојба на пониженост, измамувајќи ги со суета и вообразеност. Оние кои се наоѓаат во прелест воопшто не сфаќаат дека се духовно заробени и дека чудно се однесуваат, без оглед на тоа колку е очигледно ова нивно ропство и чудно однесување.

Кога чиновникот си отишол, другиот монах кој присуствувал при разговорот, го прашал старецот: „Како ти падна на ум да го прашаш чиновникот дали се обидувал да се убие?“ Овој му одговорил: „Како што во плачот по Бога доаѓаат мигови на необично спокојство на совеста, во што и се состои утехата на оние кои плачат, така и во лажната наслада која ја дава демонската прелест доаѓаат мигови кога прелеста се разобличува и му дава на човекот да искуси каква е таа всушност во стварноста. Овие мигови се ужасни! Нивната горчина и очајанието, што оваа горчина го раѓа се неиздржливи. И токму по оваа состојба, до која го доведува прелеста, опрелестениот најлесно и може да ја препознае и да преземе мерки за своето исцелување. Почеток на прелеста е гордоста и плод на прелеста е, исто така, изобилната гордост. Опрелестениот човек, кој мисли за себе дека станал сад на Божествената благодат, ги презира спосоносните предупредувања од своите ближни. Меѓутоа, нападите на очајание стануваат сè посилни и посилни: на крајот очајанието преоѓа во налудничавост и се крунисува со самоубиство“.

„Ми се случи еднаш“, раскажуваше понатаму свети Игнатиј (Брјанчанинов), „еден необичен случај. Во една прилика ме посети светогорскиот јеросхимонах, кој во Русија дошол да собира доброволни прилози. Седнавме во мојата ќелија за гости и тој почна да ми зборува: „Помоли се за мене отче, многу спијам и многу јадам“. Додека тој ми го зборуваше ова, почувствував некоја врелина која доаѓаше од него и затоа му реков: „Ти не јадеш многу и не спиеш многу, но дали во тебе има нешто особено?“, – и го замолив да влезе во мојата внатрешна ќелија. Одејќи пред него и отварајќи ја вратата, во мислите Го молев Бога да ì дарува на мојата гладна душа нешто корисно од светогорскиот јеросхимонах, ако е тој навистина слуга Божји. Навистина, од самиот почеток забележав во него нешто необично. Во мојата внатрешна ќелија повторно седнавме да разговараме и јас почнав да го молам: „Биди милостив, научи ме на молитвата. Ти живееш на најдобродетелното монашко место на земјата, помеѓу илјада монаси, на такво место и во такво мнозинство на монаси сигурно мора да има големи молитвеници кои го знаат молитвеното тајнодејство и го пренесуваат на ближните по примерот на свети Григориј Синаитски и свети Григориј Палама, како и по примерот на многу други светогорски светила“.

Јеросхимонахот веднаш се согласи да биде мој наставник и – ох, ужас! – со огромен жар почна да ми го изложува начинот на восхитувачката мечтателна молитва, за која веќе говорев. Гледам дека е во страшен жар (зажарени му се и крвта и фантазијата), дека е задоволен со себеси, восхитен со себеси, во себеизмама, во прелест! Откако го оставив да каже сè што сакаше, почнав по малку и како ученик да му го изложувам учењето на Светите Отци за молитвата, наведувајќи му ги местата од Добротољубието и молејќи го да ми го објасни ова учење. Светогорецот падна во потполна недоумица. Видов дека воопшто не е запознат со учењето на Светите Отци за молитвата!

Во продолжение на разговорот му реков: „Гледај, старче! Кога ќе живееш во Петроград немој никако да престојуваш на највисокиот спрат, задолжително живеј во приземјето“. „Зошто?“ ме праша светогорецот. „Поради тоа што“, – му одговорив, „ако на ангелите им падне на памет да те земат и да те пренесат од Петроград на Света Гора и ако те понесат од највисокиот спрат и, притоа те испуштат – ќе те убијат, а ако те понесат од приземјето и те испуштат, само малку ќе се разбиеш“. „Замисли“, – одговори светогорецот, „колку пати веќе, додека стоев на молитва, ми доаѓаше помисла дека ангелите ќе ме земат и ќе ме однесат на Света Гора“. Се покажа дека јеросхимонахот носи на себе синџири, скоро и да не спие, вкусува многу малку храна, а во телото чувствува таква врелина што зиме скоро и да не му е потребна топла облека. Пред крај на разговорот, ми падна на ум да постапам на следниов начин: го замолив светогорецот тој, како испосник и подвижник, да го искуси на себе начинот на молитва од преданието на Светите Отци, кое се состои во тоа, за време на молитвата умот да биде настрана од секое мечтаење, сиот да се собере во внимание кон зборовите на молитвата, да се затвори и да се ограничи на зборовите од молитвата. Притоа срцето обично му содејствува на умот со, спасоносното за душата, чувство на жалење поради гревовите… „Кога ова ќе го почувствуваш на себеси“, му реков на светогорецот, „извести ме за плодот на обидот; за мене самиот овој обид не е пригоден поради расеаниот живот што го водам“. Светогорецот со задоволство се согласи на мојот предлог.

По неколку дена дојде кај мене и ми вели: „Што направи ти со мене?“. „А што тоа?“ „Па штом се обидов внимателно да се помолам, сите мои виденија исчезнаа и повеќе не можев да им се вратам“. Понатаму во разговорот со светогорецот, не ја гледав повеќе онаа самодоверба и смелост кои беа многу воочливи во него за време на првата средба и кои обично можат да се забележат кај луѓе кои се наоѓаат во себеизмама и мислат за себе дека се свети или дека духовно напредуваат. Светогорецот дури изрази желба да го слушне мојот беден совет. Кога го посоветував да се потруди по надворешниот свој начин на живот со ништо да не се истакнува во однос на другите монаси, затоа што таквото истакнување води во вообразеност, тој ги симна од себе синџирите и ми ги даде. По еден месец повторно дојде кај мене и ми раскажа како исчезнала зажареноста од неговото тело, како му е потребна топла облека и како многу повеќе спие. Притоа ми призна дека на Света Гора мнозина од оние кои таму се прочуени по својот свет живот, го практикуваат токму овој, правилен начин на молитва и на него ги учат и другите…“

„Внимателната молитва бара себеодрекување, а на себеодрекувањето ретко кој се одлучува. Оној кој внимателно ќе се загледа во себе и се наоѓа во состојба на недоумение, гледајќи ја својата гревовност, не може многу да зборува и нималку не се преправа и не глуми, и на неупатените во таинствениот подвиг им изгледа чуден и таинствен, како со него нешто да не е во ред. Но, како светот воопшто и би можел да го препознае подвижникот на вистинската молитва, кога самиот тој подвиг на светот му е потполно непознат? Сосема поинаку стојат работите со оној кој се моли во себеизмама! Тој не јаде, не пие, не спие, во зима оди само во мантија, носи синџири, има „виденија“, секого подучува и разобличува со дрска безобразност, без никаква точност и расудување, со страсна жар во крвта и телото која ја раѓа оваа жална и погибелна зажареност. Таквиот се однесува како „светител“! И одамна е забележано дека човечкото општество е наклонето кон вакви „светители“ и дека таквите „светители“ го привлекуваат.

Голем дел од подвижниците на Западната, Римска црква, кои таа – откако се одвои од Источната, Православна Црква и бидејќи затоа ја напушти Светиот Дух – ги прогласила за свои најголеми светители, се молеле и достигнувале „виденија“, се разбира, лажни, токму на споменатиов начин. Овие умислени светители биле во ужасна демонска прелест… Однесувањето на западните подвижници обземени од прелест секогаш било налудничаво поради необичната телесна страсна зажареност. Во таква состојба се наоѓал Игнацио Лојола, основачот на језуитскиот ред. Неговата фантазија била толку вжарена и изострена, што било доволно само да посака и да вложи мал напор, па по своја желба да ги здогледа пеколот или рајот. Но, јавувањето на рајот и пеколот кај него не настанувало само под дејство на човечка фантазија. Ова јавување било плод на дејството на демоните, кои своето дејство го додавале на неправилното човечко делување…

Свети Игнатиј го опишува и другиот вид на неправилна молитва:

„Како што неправилното делување на умот води во себеизмама и прелест, исто така кон нив води и неправилното делување на срцето. Како што се исполнети со безумна гордост оние кои имаат желба и стремеж да видат духовни виденија со умот, кој не е очистен од страсти, и кој не е обновен и прероден од Светиот Дух, со таква иста гордост и безумие се исполнети оние кои имаат желба и стремеж на срцето да се насладуваат со свети, духовни и божествени чувства, а нивното срце сè уште не е воопшто способно за таква наслада. Срцето кое се обидува да ја почувствува божествената сладост и други божествени чувства, не наоѓајќи ги во себе, се мами, измамува и се уништува себеси, навлегувајќи во областа на лагата, во заедница со демоните, потчинувајќи се на нивното влијание, потпаѓајќи под нивна власт. Само едно чувство од сите чувства на срцето во неговата падната состојба може да биде употребено во невидливото богослужение: тагата поради своите гревови, осквернетост, паднатост и пропаст, а тоа е тагата на плачот, покајанието и смиреноста на духот.

На сите им е познато каква душевна несреќа им се случила на јудејските книжници и фарисеи поради нивното неправилно душевно расположение: тие Му станале не само туѓи на Бога, туку станале и Негови избезумени непријатели и богоубијци.

На слична несреќа стануваат подложени и подвижниците на молитвата, кои од својот подвиг го исклучиле покајанието, и кои се принудуваат да почувствуваат наслада и воодушевување: тие го продлабочуваат својот пад, се оддалечуваат од Бога, стапуваат во заедница со сатаната, се заразуваат со омраза кон Светиот Дух. Овој вид на прелест е ужасен: тој е подеднакво погубен за душата како и првиот, но е помалку очигледен, ретко се завршува со лудило и самоубиство, но потполно го уништува умот и срцето. По состојбата на умот што таа ја раѓа Отците ја нарекле „умисленост“. Човекот кој е обземен од оваа прелест си умислува нешто во себеси, „умислува“ дека има многу добри дела и добродетели, дури и дека во изобилност ги поседува даровите на Светиот Дух. „Духовното размислување не му допушта на човекот никаква умисленост“, вели свети Симеон Нов Богослов. Оној кој си умислува дека е бестрасен, никогаш нема да се очисти од страстите. Оној кој вообразува дека е исполнет со благодат, никогаш нема да се здобие со благодат. Оној кој мисли дека е свет, никогаш нема да достигне светост. Необичната вообразеност се воочува кај луѓето кои страдаат од оваа прелест: тие како да се воодушевени од себеси, од својата себевосхитеност која ја сметаат за благодатна состојба. Тие се проникнати и исполнети со надуеност и гордост, иако им изгледаат смирени на многумина, кои судат по надворешноста и не можат да го оценат човекот по плодовите.

Нема спасение без покајание, а покајанието го добиваат од Бога само оние кои, за да го примат, го продаваат сиот свој имот, односно се одречуваат од сето она што лажно го стекнале со „умисленоста“. Многу често може да се сретнат луѓе заразени со „умисленост“. Секој кој нема смирен дух, кој мисли дека има било какви добродетели или заслуги, секој кој не се придржува непоколебливо кон учењето на Православната Црква, туку за догмите и Преданието размислува произволно, по свое убедување, или според неправославно учење, се наоѓа во оваа прелест.

Треба внимателно да се следиме себеси, за да не си припишеме некое добро дело или пофална особина или некоја особена природна способност, или, дури, благодатна состојба доколку сме биле удостоени со таква. Со еден збор, човекот не треба да смета дека има било каква добродетел. Секако, има духовни состојби кои се навистина последица на Божествената благодат, во кои човекот чувствува духовна сладост и радост, во кои во срцето се чувствува присуството на Светиот Дух, во кои – како подвижник Христов – се удостојува со духовни виденија, но ова станува само со оние христијани кои достигнале христијанско совршенство, исчистувајќи се претходно и подготвувајќи се со покајание. Постепеното делување на покајанието се гледа во секој вид на смирение, особено во молитвата која се принесува од сиромаштвото на духот, од плачот, и која постепено го ослабува во човекот дејството на гревот. Но, за тоа е потребно многу време… Борбата против страстите е од необична корист, зашто таа најспасоносно доведува до чувството на сиромаштво на духот. Кога страстите значително ќе ослабнат, а ова најчесто се случува пред крајот на животот, тогаш постепено почнуваат да се јавуваат вистински духовни состојби кои неизмерно се разликуваат од состојбите кои ги раѓа „умисленоста“, зашто оваа секогаш на крајот доведува до духовно чмаење и здодевност.

Духовните дарови на човекот му ги дарува Божествената Премудрост, која многу се грижи за тоа словесниот сад, човекот, кој треба да го прими дарот во себе да може да ја издржи без штета по себе силата на дарот, зашто новото вино ќе ги напукне старите мевови! (Мат. 9, 17). Во нашево време духовните дарови се даваат многу умерено, онолку колку што е потребно за спасение, а според слабоста со која е обземено севкупното христијанство. Наспроти ова, „умисленоста“ ги растура своите „дарови“ во безумно изобилие и многу брзо.

Општата одлика на вистинската духовност е длабокото смирение и смиреномудреност, соединето со крајно почитување на сите ближни, со отвореност и евангелска љубов кон сите ближни и со тежнеење човекот да биде непознат, да се оддалечи од светот…“ (9, т. 1, стр. 230-258).

Од овој многу значаен, длабок и детален спис на свети Игнатиј тука се наведени само некои извадоци, со цел да се укаже на најопштите опасности и можни отстапувања со кои човекот се сретнува на молитвениот пат. Оној кој подетално сака да ги запознае причинителите на прелеста задолжително нека го прочита целиот спис.

Ќе укажеме тука и на уште една вчудовидувачка појава, која ќе нè принуди да бидеме уште повнимателни во духовниот живот. Свети Игнатиј, како веројатно ниту еден од Светите Отци, особено детално и точно ја проучува природата на прелеста во нејзините различни облици. Тој го користи сеопштото искуство на древното монаштво за да го разоткрие мноштвото разновидни демонски стапици и да ги предупреди на нив последните христијани, на кои им претстои духовна борба во време на особени искушенија, кога на човекот ќе му биде потребна исклучителна разумност и внимателност за духовно да не загине. Меѓутоа, еве доказ дека само знаењето без смирение на срцето не му помага на човекот да ја избегне оваа опасност: се покажува дека злите духови дури и од самото учење за смирението можат да извлечат оружје за себе.

Неодамна се случи ова: нашиот манастир го посети еден монах кој неколкуте минати години ги поминал во речиси пусти места меѓу подвижниците во послушание кај некој старец. Овој старец се занимавал со необичен подвиг на плач и на ова го научил и својот ученик. (Во оваа пустина имало уште неколку монаси кои го прифатиле ова учење и правеле исти вакви експерименти.)

Значи, овој монах почна да ги пренесува своите искуства на манастирското братство, почна огнено да зборува за значењето на покајничкиот плач, за тоа како ова е главна дејност на монахот, дека спасението е само во плачот итн. Цитираше многу изреки на Светите Отци за солзите, особено се повикуваше на учењето на свети Игнатиј за плачот и покајанието, ги знаеше напамет сите негови писма, накусо – го изложи опширно и детално учењето на Светите Отци на Црквата по ова прашање. Ги убедуваше монасите дека човекот мора да се присилува на солзи, дека солзите се здобиваат со посебен молитвен труд и со подвиг на самоодрекување и суровост кон себе. Браќата кои го слушаа монахот не можеа а да не се согласат со неговите зборови, но немаа толку доверба во ваквата огненост на монахот. На крајот, тој им понуди да им го покаже овој начин на покајнички плач, што го практикува неговиот старец во пустината. Притоа се покажа дека заради тоа треба да се оддалечи од обителта во планината, за да не се вознемират другите браќа во манастирот. Ова беше причина монасите да станат така внимателни и да одбијат да се запознаат со таквите чудни експерименти. Разговорот се заврши. Монахот потоа замина во планината.

Помина извесно време и во манастирот секој си ја извршуваше својата работа. Одеднаш по ридовите околу манастирот се разлеа некакво страшно завивање, крици и ридање од кои полазуваа морници. Овие звуци одекнуваа низ клисурата. Браќата ги оставија своите послушанија и почнаа да наслушнуваат во недоумение. Дури по некои време сфатија дека е всушност тоа оној „подвиг на плач“ на кој се оддаваше опрелестениот монах.

Живеејќи во пустина без луѓе, во горите и планинските шуми, монасите, за кои зборуваше гостинот, живеејќи во меѓусебно оддалечени ќелии, со часови секојдневно се предавале на овие очајнички повици, исполнувајќи ја околината со ридање и крикови, леејќи многу солзи, и на крајот паѓајќи од изнемоштеност. И ваквото хистерично практикување на молитва, засновано на исцрпување на нервите и самоопиеност, тие го сметале за вистински покајнички подвиг според преданието на Светите Отци.

Чудно е што ваквиот, најтежок вид на прелест свил гнездо токму таму каде што навидум сè било насочено директно против неа. Да се сетиме тука како свети Антониј Велики со духовните очи ги виде ѓаволските мрежи вплеткани околу светот и извикна: „Тешко на човечкиот род! Кој ли може да ги избегне овие мрежи?“ На тоа му било одговорено: „Смиреномудреноста спасува од нив и тие, дури, не можат ниту да го допрат смирениот“ (11, стр. 43).

 

Изворник: Како да се излечат болестите на душата, архим. Лазар Абашидзе.

Ортодоксија оттопраксија

 http://crkvaveles.wordpress.com/