Отец Методиј Златанов  

 metodij.alfeev.jpg

1.СВЕТОСТА ВО ЦРКОВНОТО ПРЕДАНИЕ

Животот во Преданието на Црквата не е само некаков особен модус на морално однесување, какви што ги има многу, ниту побожна граѓанска етикеција; животот во свештеното Предание пред сî е полнота во нашата лична заедница со Бог Троица и со оние конкретни личности кои се осветуваат или се осветиле во Бога. Патот на тоа осветување е пат на континуиран раст во мерата Христова. Зашто на човекот му е можно да Му се уподобува на Бога и да се искачува по лествицата на совршената доброетел. Бог имено затоа и стана човек, - според зборовите на свети Атанасиј Александриски, - за човекот да стане Бог по благодат. Овој потенцијал на обожување, го стекна Адам - првиот човек, уште во едемската градина, кога како единствен меѓу создадените го доби дарот на образот и подобието Божјо. На тој начин Бог му ја даде можноста на секој човек да биде свет, т.е. да стане свет по мерата на сличноста, или поточно - усличнувањето со својот Создател, како што детето наликува на својот родител. Таа сличност, односно блискост не може да биде формална. Свети Григориј Ниски употребува една прекрасна споредба. Тој вели: како што железото ставено во оган ги прима својствата на огнот кој има посилна природа, така и човекот кој е во блискост со Бога (кој се причестува со Бога, што значи учествува во единството со Бога) ги прима својствата на светоста Божја. Токму затоа, на светиите, на светите луѓе им доликува почитта што ја имаат во Црквата, бидејќи тие се оствариле себе си како икони Божји. Според православната теологија на иконата, пак, почитта која ја упатуваме кон ликот - светителот, се однесува на прволикот - на Бога. Ние православните ги почитуваме и им се молиме на нашите светии како на пријатели и сотрудници Божји, кои со својата совршена љубов имаат смелост и слобода пред Бога да се застапуваат за нас. Тие не се богови во паганска смисла, ниту самите од себе имаат сила да чудотворат како некакви живи кумири. Тие се во Бога вечно живи личности кои со својата љубов и милост Му се уподобиле на Бога, во грижата и трудот за Домостројот на спасението. И токму таа саможртвена љубов е клучниот белег на светиите. Во својата проповед по повод канонизацијата на свети Јован Шангајски, отец Дејвид Мозер, им се обратил на присутните со следните зборови: Зошто светата Црква го прославува свети Јован? Заради неговите чуда? Не! Заради неговите подвизи и исцелувања? Не! Заради неговото испосништво и бдеење? Не! Ние го прославуваме затоа што тој навистина го љуби Бога. А сите негови подвизи и сите негови дела биле плод на таа љубов, зашто без неа сî друго не би имало значење. Како што прославувањето, односно осветувањето на една богозаљубена личност е еден природен процес, во кој не се губи, туку се афирмира човечката природа, така и канонизацијата не е формален, административен акт, според претходно утврдени формули и критериуми, туку природен процес на објавување, оиконување на светиот живот на една човечка личност, живот и светост кои богословат и богодејствуваат за здравје и спасение во Црквата. А Црквата го препознава тој автентичен живот преку искуството на свештеното Предание и му се радува и го прославува. Самото вочовечување на Словото Божјо ни ја открива оваа димензија на светоста. Бог стана Човек не за да ја корегира човечката природа, туку да ја афирмира нејзината беспрекорност како богоизворно совршена. Она што падот и гревот низ историските еони го разнебитија во човекот, преку Синот Божји се обновува и враќа во првобитната убавина. Оној што е Господ и Христос, вистински Бог од вистинскиот Бог, зеде образ на слуга, станувајќи, како што вели свети Василиј Велики, сообразен на телото на нашето смирение, за да нî направи сообразни на образот на Својата слава. И имено светиите се тие образи (икони) на славата Божја. А етосот на сообразувањето со таа слава е патот на осветувањето, патот на благодатното обожување на човекот. Во тоа се покажува совршениот динамис на Бога како креативно Битие. Затоа и ние секојдневно се молиме тој динамис, таа волја да биде наш пат, наша стварност: Нека биде волјата Твоја...! Нашето личното преображение тогаш не е ништо друго туку (микрокосмичка) епифанија на славата Божја во човекот. Оттаму произлегува и обичајот во Црквата од апостолско време верниците меѓусебно да се нарекуваат светии. Секој човек од мајка роден приведен е во постоење имено за да биде свет, да биде член на соборот на светиите. Човечката природа е светителска природа и тоа е врвната инстанца на христоцентричната антропологија. И ние денеска, иако сме и временски и во квалитетот на животот далеку од оној на раната Црква, не треба етосот на светоста да го оддалечуваме или исклучуваме од нашиот духовен живот. Зашто светоста е модусот на нашиот духовен живот. Затоа секогаш и во сите времиња има и ќе има светии. Дали ние знаеме за нив или незнаеме, дали Бог í ги открива на Црквата заради духовна полза на нејзините членови или не, тоа е друго прашање. Бог единствен го знае срцето на секој човек и ја гледа невестинската белина на неговата светост.

2. ИСТОРИСКИОТ КОНТИНУИТЕТ НА СВЕТОСТА

 Искуството во однос на прогласувањето на светиите особено на нашата локална православна традиција е огромно. Православната Црква во Македонија постои од времето кога светиот апостол Павле за првпат во Европа го проповедал Христовото слово. Историјата на светиите во Македонија е низ на богопросветени личности кои што создаваат не само еден непрекинат континуитет, туку и пребогат континуитет на светост. Тие се канонизирани, значи прославени како светии и во рамките на целото Православие, во рамките на целата Вселенска православна Црква . Почнувајќи од света Лидија од Филипи, мисијата на свети Еразмо Охридски и светите 15 Тивериополски Свештеномаченици, потоа севти Теофил Струмички, светите Седмочисленици (свети Кирил и Методиј и нивните свети ученици), големите отци и подвижници од 10-от, 11-от и 12-от век свети Иларион Мегленски, свети Прохор Пчински, свети Јован Рилски, свети Гаврил Лесновски, свети Јоаким Осоговски и т.н. Особена парадигма за универзалноста на православието е личоста на свети Никодим Тисмански од Прилеп, рамноапостолниот мисионер во Романија кон крајот на 14-ти век. Подоцна, под влијание на промената на историските услови, заради падот на Византија и експанзијата на Отоманската Империја, подвигот и светоста која ја живееле светите луѓе во голема мера добива еден поинаков карактер. Имено, во период од 15-от па сé до 19-от, и 20-от век, најмногубројни се светите маченици и исповедници кои пострадале и со својот живот посведочиле за вистинитоста на верата Христова. Од укинувањето на Охридската Архиепископија до денес, во споменот на нашата Црква има многу свети личности кои ја заслужуваат почитта како светии. Почнувајќи од нашите преродбеници: Кирил Пејчиновиќ, Јоаким Крчовски, Теодосие Синаитски, Јаков од Река, потоа Партениј Зографски, Методиј Кусев, Теодосиј Гологанов и т.н., со својот живот како архипастири, како игумени на манастири, како монаси, со својот подвиг и со својата просветителска дејност, силно нî обврзуваат да ги афирмираме во нашиот црковен живот, да составиме за нив служби и житија, да ги повикуваме нивните молитви. Зашто за нас, како Црква и како етнос, особено е важно да се угледаме на тие личности кои во вечноста пред Бога се молат за наше спасение и опстој. Мора да го развиваме тој сенс, тоа сетило за светоста во животот: на кој начин ќе ги прославуваме нашите светии, со какви празници ќе ги удостоиме, како нивните животи и нивните лични духовни доблести ќе ги внесеме во нашиот личен живот и подвиг, и како нивниот блажен спомен ќе го вградиме во годишниот циклус на наше црковно, православно празнување. Зошто тоа конечно е и најсуштинскиот дел на нашата автохтона духовна култура. И најновата црковна историја ни открива личности кои што исто така заслужуваат да бидат препознаени и канонизирани за светии. Конкретен пример е епископот Гаврил (Светогорец) од Лесново, потоа отец Јоаникиј од скопското село Ракотинци, отец Саво од Калишта и т.н. Но тука не завршува свештената традиција на светоста. Не смееме да ги заборавиме светите чудотворни икони, светото миро и чудесниот благомирис што се разлева од телата на светиите, исцелителната моќ на нивните свети мошти, одежди и предмети, и т.н.

 3. ОБРАЗИ НА СВЕТОСТ

 Во Православната Црква не постои хиерархија меѓу светиите. Не постои систематизација на некои кои се повеќе или помалку значајни како свети. Кога велиме маченик, преподобен, исповедник, свештеномаченик, јуродив, рамноапостолен, тогаш всушност станува збор за називи кои упатуваат на особеноста на личниот пат на осветување. Тоа се наименувања кои во основа ни помагаат да сфатиме дека човекот може на различни начини да стане свет, да живее исполнувајќи се со светоста во Бога: живеејќи во манастир, во пустина, во семејство, меѓу богати и сиромаси, меѓу здрави и болни, меѓу туѓинци и скитници и повторно преку добродетелите да расте во светоста. Зашто, ќе повторам, сите ние сме повикани да бидеме свети. Според подвизите се и епитетите на светиите. Свети оци, или светители се оние учители на Црквата од редот на епископите кои со своето свето архипастирство го просветувале Христовото словесно стадо. Такви се великите отци на Црквата: свети Василиј Велики, свети Григорија Богослов, свети Јован Златоуст, свети Атанасиј и Кирил Александриски, свети Фотиј Цариградски, свети Кирил и Методиј, Свети Климент Охридски и т.н. Оние,пак, кои што живееле како монаси, подвижници и пустиножители, се нарекуваат преподобни оци и мајки, како што се преподобните Антониј и Макариј Велики, потоа, Наум Охридски, преподобните оци Јоаким Осоговски, Прохор Пчински, Гаврил Лесновски и Јован Рилски, преподобна Параскева и Марија Египетска. Потоа постојат оние свети во Црквата кои што за верата Христова многу пострадале, меѓутоа кои не биле убиени. Биле прогонувани и мачени, но не умреле со маченичка, туку со природна смрт. Тие се нарекуваат исповедници. Како што се на пример свети Максим исповедник, свети Мартин исповедник, свети Теофил исповедник струмички и други. За разлика од нив, пак, свети Ѓорѓи, свети Димитриј Солунски, света Екатерина и Варвара, света Злата Мегленска, свети Климент Анкирски и други големи ревнители за верата Христова, кои со страдание и со живот сведочеле за Бог Троица, се нарекуваат свети маченици и свети маченички. Ако се тие, пак, од редот на монасите, кои што маченички умираат, се нарекуваат преподобномаченици, а ако се од редот на свештенството - свештеномаченици и т.н.

 4. КОИ СЕ БЛАЖЕНИ ВО ЦРКВАТА?

Најпрвин да го појасниме етимолошкиот контекст. Зборот беатификација доаѓа од латинскиот збор беатус што значи блажен. Канонизација доаѓа од грчкиот збор канон, кој што пак доаѓа од зборот кане, што значи вистинска мерка или закон, или озаконување како конкретен ентитет. Значи, тој не подразбира придавање на светост на еден човек, туку препознавање и признавање на светоста на една човечка личност. Од аспект на православното учење на Источната црква не постои дистинкција меѓу терминот беатификација и канонизација во онаа смисла во која што постои во римокатолицизмот, каде што беатификацијата е еден степен од градацијата во воведување во степен на признавање на светоста на човекот во црковната заедница. Во православието канонизацијата не е административна процедура на едно определена институција во рамките на црквата, туку живо, светопреданско препознавање на животот на светите личности и потоа прославување на тој живот, бидејќи тој живот ни ја открива светоста Божја. Во Црквата имаме блажени и тоа во два контекста. Блажени се оние кои што се јуродиви заради Христа. Тоа е еден посебен, можеби највозвишен подвиг заради љубовта кон Христа. Тој пред сî значи оставање на секое земно удобство, дури и на здравата човечка логика заради Бога. Такви во Бога мудри подвижници се свети Василиј Блажени, свети Андреј Јуродиви, свети Симеон Јуродиви, света Ксенија Блажена и други. Тие луѓе најчесто живееле во градовите и предградијата, сосема незабележани од луѓето, најчесто како луди скитници, без никој да знае каков всушност подвиг тие имаат, каква молитва, со какво богомислие за Христа се приврзале. Нивното вистинско небесно благородство и нивната исклучителна мудрост и прозорливост се откривале дури по нивното упокојување, или биле запишане од нивните ученици и денес се дел од зборникот на житијата на светиите. Заради големите подвизи кои што ги имале, Бог ги дарувал со големи чудотворства. Под блажени, од друга страна, ги подразбираме и оние христијански отци чие што учење се темели на преданието на Црквата и не може да се нарече ерес, а премногу е исполнето со теологумени, произволни и најчесто субјективни мненија и тези, за да бидат наречени свети отци и учители на Црквата. Меѓу нив најпрочуени се: блажени Јероним, блажени Теофилакт Охридски, блажени Августин и т.н. Тоа се мислители и религиозни философи чие што дело останало и е многу важно и корисно за историјата на Црквата, меѓутоа, кои, сепак, поради несоодветностите со догматското учење на Црквата не ги поистоветуваме со светиите.

Посети: {moshits}