(извадок  од  Енциклопедија на Православниот духовен живот)
 
Твоите соништа се фантазии кои водат во прелест, ако не се чуваш. Треба да се внимава на умот и да се чува без слика и фантазии.  НЕ ВЕРУВАЈ НА НИКАКВИ СОНИШТА и нека те покрие милоста Божја.

Демоните ги употребуваат соништата за вознемирување и за повредување на човечките души; исто така и неискусните монаси, обрнувајќи внимание  на своите соништа си нанесуваат штета: затоа овде е неопходно да го наведеме значењето на соништата во човекот, чија природа сеуште не е обновена со Светиот Дух.

За време на сонот на човекот, Бог, човечката природа ја уредил така , целиот човек во целост да се одмара. Тој одмор е толку целосен, што човекот ја губи свеста за своето постоење и доаѓа во состојба на самозаборав. За време на сонот се прекинато секое дело кое е поврзано со напор и кое се извршува свесно, под управа на разумот и на волјата; се продолжува она дело кое е неопходно за човековото постоење и не може да се одели од него.
Во телото крвта продолжува да се движи, желудникот ја вари храната, белите дробови го извршуваат дишењето, кожата пропушта испарувања; во душата продолжуваат да се умножуваaт мислите, фантазирањата и чувствата, но не во зависност од разумот и волјата, туку во несвесно дело на природата.

Таквите фантазии следени со карактеристични мисли и чувства, го прават соновидението. Тоа често е чудно, бидејќи не му припаѓа на системот на човековите доброволни и намерни фантазии и размислувања, туку се јавува спонтано и независно, според законот и барањето на природата.
 
Понекогаш сновидението носи во себе несвесен одраз на доброволни размислувања и фантазии, а понекогаш претставува последица на духовно расположение. На тој начин сновидението само по себе, не може и не треба да има некакво значење. Смешна е и сосема нелогична желбата на некои луѓе во привиденијата на своите соништа да гледаат претскажувања на сопствената иднина или иднината на другите, или да им припишат било какво друго значење.

Демоните, кои имаат пристап до нашите души во будна состојба, имаат и за време на спиење. И за време на спиење тие не искушуваат со грев, додавајќи ги на нашите фантазии и своите. Исто така, кога ќе видат дека им обрнуваме внимание на соновите, тие се трудат да ги направат поинтересни, а во нас да поттикнат уште поголемо внимание кон тие привиденија, па така малку по малку да ја разбудат нашата доверба во однос на нив.
Таквата доверба е секогаш поврзана со гордост, а гордоста го прави нашиот духовен поглед на себе лажен, при што и нашето дело се лишува од праведност; токму тоа е она што им треба на демоните. На оние кои отишле далеку во гордоста, демоните почнуваат да им се јавуваат во вид на ангели на светлината, во вид на маченици и преподобни, дури и во вид на Мајката Божја и на Христа, фалејќи го нивниот живот и ветувајќи им  небесни венци со што ги возвишуваат на висина на гордост.
Таквата висина воедно е и погибелна пропаст. Треба добро да знаеме дека во нашата состојба, која сеуште не е обновена со благодат, ние не сме способни да гледаме други сновиденија, освен оние кои создаваат душевни привиденија и демонски клевети.
Како што и во будна состојба во нас постојано  и без престан се појавуваат помисли и фантазии од паднатата природа или од демоните, така и за време на сонот, ние ги гледаме само оние фантазии кои настануваат под  дејство на паднатата природа и на демоните.

И како што нашата утеха во будната состојба се состои од умиление кое се раѓа од свеста за своите гревови, од сеќавање на смртта и на судот Божји - само што тие помисли се јавуваат од Божјата благодат која живее во нас, засадена со Светото Крштевање и Ангелите Божји го донесуваат во зависност од нашата состојба на покајание - така и во сон,
многу ретко само, само во случај на крајна потреба, Ангелите Божји ни го претставуваат или нашиот крај или адските маки или страшниот, задгробен суд. Од такви сновиденија ние доспеваме до страв Божји, до умиление и плач заради себе. 
Но, такви сновиденија му се даваат многу ретко на подвижникот или дури и на тежок грешник по несфатливата Божја промисла; се даваат ретко, но не заради скржавост на Божествената благодат - не! - туку зашто сè што ни се случува надвор од вообичаениот поредок  доведува до гордост и го поколебува смирението во нас, кое е толку неопходно за нашето спасение.
Волјата Божја, во чие исполнување се состои човечкото спасение, во Светото Писмо е претставена толку јасно, толку силно и толку дејствено што содејството на човековото спасение преку нарушување на општиот поредок се чини излишно и непотребно. На оној кој се молел мртовецот да биде воскреснат и да биде испратен кај неговите браќа за да ги посоветува да поминат од широкиот на тесниот пат, му било речено:

„Тие го имаат Мојсеја и Пророците; нив нека ги слушаат“.
Кога молителот проговорил: „Не...ако некој од мртвите отиде при нив, тогаш ќе се покајат“ - го добил следниот одговор:
„Штом Мојсеја и Пророците не ги слушаат, тогаш и да воскресне некој од мртвите, тие нема да му поверуваат“ (Лука 16, 27-31).

Искуството покажува дека многумина кои се удостоиле  во сон да ги видат митарствата, Страшниот Суд и други задгробни ужаси, кусо време биле потресени од видението, а потоа се расејувале, заборавале на видението и почнувале да водат  невнимателен живот; напротив, оние кои немале никакви виденија, туку внимателно се поучувале во законот Божји, постепено дошле до страв Божји, постигнале духовен напредок и во радоста која ја раѓа веста за спасението поминале од земната долина на тагата во блажената вечност.
Свети Јован Лествичник за учеството на демоните  во монашките сновиденија, расудува на следниов начин: Кога ние,  оставајќи го заради Господа својот дом и своите роднини се предаваме на странствување од љубов кон Бога, демоните се обидуваат да не вознемират со сновиденија, преставувајќи ни ги роднините како тагуваат или како умираат или како се заробени или дека заради нас трпат искушенија. Затоа, оној кој им верува на соновите личи на човек, кој трча по својата сенка настојувајќи да ја фати.
Демоните на суетата во соновите стануваат пророци. Во својата препреденост, според извесни знаци, тие заклучуваат што ќе се случи, па ни јавуваат однапред, за ние да се восхитуваме кога виденијата од сонот ќе се исполнат на јаве, па да почнеме високо да мислиме за себе - како веќе да сме блиску до дарот на проникливост.

Таквиот човек често станува пророк во очите на оние кои му веруваат на демонот. За оние. пак, кои го презираат демонот, таквиот секогаш е лажливец. Како дух, демонот гледа што се случува во воздушниот простор. Забележувајќи дека некој, на пример, умира, тој за настанот на лесноверните им претскажува во сон.

  Меѓутоа, демоните ништо не знаат за иднината по предзнаење. Впрочем , и лекарите се во состојба да ни ја претскажат смртта!

Често, демоните се престоруваат во ангели на светлината  и земаат лик на маченик , па често на сон ни претставуваат како им приоѓаме на ангелите и мачениците. Кога ќе се разбудиме, тие нè исполнуваат со радост и со гордост. Тоа нека ти послужи како знак на измама. Бидејќи ангелите, кога ќе се јават, ги покажуваат вечните маки и Страшниот суд и прогонството од Царството Божје. Оние кои се разбудиле од таков сон се исполенти со трепет и натаженост.

Ако поченеме да им се покоруваме во сон, демоните и во будна состојба ќе ни се потсмеваат. Човекот кој им верува на сновиденијата потполно е неискусен.
Мудар е пак, оној, кој што воопшто не им верува. Верувај им само на оние сновиденија, кои ти ги објавуваат маките на Судот.  Но, ако те доведуваат до очајување, тогаш и тие се од демонот.

Преподобен Касија Римјанин раскажува за некој монах по потекло од Месопотамија,  дека живеел сосема осамен и испоснички живот, но погинал поради измама од демонски сновиденија. Откако виделе дека монахот малку внимание обраќа на своето духовно  усовршување, а дека целиот е сконцентриран на телесниот подвиг, како и дека вредноста му ја припишувал на тој подвиг , односно на себе си, демоните почнале да му покажуваат соништа кои по нивното лукавство се остварувале на дело.
Кога монахот се утврдил во довербата кон своите соништа и во себе, ѓаволот во величествено сновидение му ги претставил Јудејците како се насладуваат со небесното блаженство, а христијаните како страдаат во адските маки. Притоа - демонот, се разбира, во лик на ангел или некој старозаветен праведник - му дал на монахот за совет да го прими јудејството, за да добие можност да учествува во блаженството на Јудејците, што монахот,  без големо размислување, го исполнил.
 
Ова што го кажавме е доволно за објаснување на нашите љубени браќа, колку е неразумно да се верува во сонови и колку страшна штета може да настане од такво верување. При обраќање внимание на соништата, во душата незабележително се поткраднува довербата во нив, па затоа и самото обраќање внимание на соништата строго се забранува.
Природата обновена со Светиот Дух се управува според сосема поинакви закони, отколку онаа која е падната и е утвредена во својот пад. Со обновениот човек управува Светиот Дух.
„Ги осветлила благодатта на Божествениот Дух - рекол преподобен Макарие Египетски - и се вселила во длабочината на нивниот ум: на таквите Господ им е како душа“:
И во будна состојба и во сон тие престојуваат во Господа, надвор од гревот, надвор од земните и од телесните помисли и фантазии.
Нивните помисли и фантазии кои за време на сонот не се наоѓаат под управа на човечкиот разум и волја и кои во другите луѓе дејствуваат несвено по барање на природата во нив дејствуваат под водство на Духот и тие сновиденија  на таквите луѓе имаат духовно значење.

Така праведниот Јосиф, во сон бил научен на Тајната на воплотувањето на Бог Логос; во сон му било заповедано да се засолни во Египет и да се врати од таму (Мат. 1 и 2 глава).

Сновиденијата кои ги испраќа Бог во себе поседуваат незадржлива убедливост. Таа убедливост им е сфатлива на светиите Божји, а недостижна на оние, кои се наоѓаат во борба со страстите.

Кога ќе легнеш во постела, треба да се сеќаваш на смртта чија слика е привремениот сон и откажувајќи се од сите помисли и фантазии, да заспиеш со Исусовата молитва.

Подготви:
М. Даниловска