МОЛИТВЕНИК ПСАЛТИР - Преподобен Ефрем Сирин


Се намножија гревовите мои Господе, и непрестајно се намножуваат и нема граница на нивното мноштво.
И кој ќе ме оплакува?
Или ќе се моли за мене?
Ти единствениот, Спасителу мој, подготвен на милост по благоста Твоја милосрдно погледни на мене очајниот.
 
Како да Те молам Владико, кога устата моја е исполнета со злословие?
 
Стекнав познание за вистината, а после тоа постанав убица и клеветник.
Се препирам за ситници, завидлив сум и суров спрема соседите, негувам во сeбе зли мисли, немилосрден сум спрема сиромасите, гневлив , кавгаџија, тврдоглав, мрзелив и раздразлив.
 
 
Ја сакам убавата облека;
сеуште во мене делуваат лошите помисли, самољубието, стомакоугодението, сластољубието, славољубието, гордоста, злонамерноста, расправиите, малодушноста, непокорноста, негодувањето.
 
Никој и ништо сум, а високо мислам за себе.
Непрестајно лажам, а се гневам на лажливците.
Го сквернавам храмот Божји со блудни помисли, а строго ги осудувам блудниците.
Ги осудувам оние кои паѓаат, а самиот, непрестајно паѓам.
Ги осудувам клеветниците и крадците, а јас сум и крадец и клеветник.
Одам со светол поглед, иако целиот сум нечист.
Во Црквите и на трпезите се радувам на првите места.
Се трудам да изгледам пријатно за жените, восхитувачки за странците,
паметно и разумно за сродниците, совршено за разумните.
 
Со побожните се однесувам како најмудар, а неразумните ги потценувам како бесловесни.
 
Ако сум навреден , се осветувам;
ако не ми е укажано почитување, чувствувам одвратност кон оној што тоа ми го чини.
Ако нешто од мене со право се бара, започнувам расправија;
и оние кои ми говорат вистина ги сметам за непријатели.
 
Кога сум разобличен јас се  гневам;
ако не ми ласкаат бидувам незадоволен.
Несакам да го испочитувам оној кој што е достоен за почит,
а самиот, иако недостоен барам почести.
 
Не сакам да се оптеретувам себе си, ама ако некој не ме услужи мене, се гневам на него.
Не одам со оние кои што работаат, но ако мене никој не ми помогне во работата, го клеветам.
 
За братот кој е во болест, несакам ниту да чујам, а ако е здрав, тогаш му се обраќам.
 
Го презирам болниот но  ако сум јас болен очекувам љубов.
Поголемото од себе си, не го почитувам, а помалото го презирам.
 
Ако се воздржам од неразумни желби, се вознесувам.
Ако се трудам во бдението, паѓам во мрежата на непокорноста и противречењето.
Ако се воздржам во храната, тонам во расфрлањето и надменоста.
 
Ако сум неуморен во молитвата, ме победуваат раздразливоста и гневот.
Ако во некого видам врлини, не го задржувам вниманието на него.
Ги презрев сите светски пријатности, но не се откажувам од нејзините суетни желби.
 
 
Кога ќе здогледам жени , ќе се зарадувам.
По надворешноста изгледам смирено, а во душата сум надмен.
 
Наизглед сум некористољубив, а во мислите патам од користољубие.
И зошто да должам?
Навидум сум се откажал од светот, а на дело пак размислувам за световното.
 
 
За време на службата се занимавам со разговори, со пребирање на мисли, со суетни сеќавања; за време на трпезата се впуштам во празнословие.
Алчен сум на подароци, земам учество во туѓите посрнувања, се впуштам во погибелно сопарништво.
 
Таков е мојот живот и толку  лошо му се  спротивставувам  на моето спасение!
 
И мојата надменост и моето славољубие не ми даваат да размислам за своите рани и како да ги излечам.
 
 
Ете тоа се моите јуначки подвизи,
со такво мноштво на гревови завојува против мене  непријателот; а јас бедниот над сето тоа би сакал славен да бидам како светител.
 
Живеам во гревови , а би сакал да ме сметаат за праведник.
 
 
Во се ова имам само едно оправдание:
Лукавиот ме наведе на се тоа.
Но ниту Адам тоа не го оправда.
Уверени сме дека ѓаволот го наговори Каин, но ниту дој не ја одбегна осудата.
 
Што ли ќе правам ако ме посети Господ?
Никакво оправдание немам за својата немарност.
 
Се плашам и јас да не бидам меѓу оние кои што апостолот ги нарече „сосадови на гневот (Рим.9,22)“.
....
Преведе :   M . Даниловска