Општи прашања

Науката и знаењето

Знаењето не оптеретува. Појасно ќе го гледате патот по кој да одите понатаму, и тоа не само за себе, туку и на другите ќе им го покажувате патот.
Знаењето никогаш нема да представува преголем терет. Може да постои опасност од тоа душата да се разбие живеејќи 4 години опкружена со младина која нема со целиот свој состав да биде од истиот дух; тоа е секогаш така но, исто така, секогаш тука ќе се најдат не само добри, но и одлични младичи, кои умеат да го чуваат својот духовен живот во полна сила, а при тоа надворешно посебно да не се издвојуваат.
Како можело да ви падне на памет, дека читањето на Божественото Писмо наводно ве одвлекува од науката. Од науката одвлекува лутањето на мислите, необузданоста на лошите  желби, мрзливоста и примамливоста на безгрижниот живот. Тука треба да се воздржувате, а ништо толку не помага сè лично да се изгони, како читањето на Светото Писмо и другите добри книги.
Учењето не ги притиска плеќите. Тоа не е пречка во животот. Науката е наука, а животот – живот. Учете и при тоа држете се како доликува до оној кој решил да му угодува на Бога. Тоа што Богоугодувањето бара, може да се исполнува и со редовни занимавања.
Теориите се лична работа на оние кои учат; фактите се заедничко наследство. Вистинска теорија може да биде само онаа која е согласна со христијанските вистини.
Секоја научност оладува. Од тоа не е исклучена дури ни богословската наука, иако тука оладува пристапот кон предметот, а самиот предмет понекогаш и неочекувано може да го допре срцето. Научноста е од душевен, а молитвата од духовен карактер. Затоа не се согласуваат. А што се однесува на секојдневните работи, тука и нема што посебно да се зборува, посебно кај оној кој за жал има бујна природа.
Тоа што го знаете – секогаш говорете го: Зашто тоа што го имате не е ваше, туку Божјо... и треба да го поделите. Само не треба да се биде наметлив...
Треба да се чува срцето да не се врзува за светски сласти. Уживањето во тие сласти го гаси огнот на духот, додека учестувањето во било што без тоа уживање само го распалува духот, а не го гасни. И вашето занимавање со хемија е како дување кое не го гаси, а го распламтува. Ми падна на памет да ви кажам: зошто би ја отфрлиле таа професија? Тоа може да ви го замени ракоделието. Се сеќавам дека ви пишував поинаку, не разбирајќи ја вашата работа. Но судејќи по она што го правите, јас тука не гледам ништо спротивно на духовниот живот. Погубен е само страстниот пристап; но, мислам дека тој може да се разбере. А мирното занимавање со хемијата не може да донесе ништо лошо, посебно ако разни процеси се протолкуваат во духовна смисла, или ако во нив се види одраз на пројава на духовниот живот. И хемијата е дело од книгата Божја – во природата. Тука не може да не се види Најпремудриот... и најнесфатливиот Бог.
Вашите научни работи, велите, ве одвлекуваат од молитвата и ве оладуваат. Тоа е нормално. Сите душевни занимавања од тој вид – и работните потфати од сите видови, и научна дејност, и уметничките дела – ја имаат истата таа особина. А и да не зборуваме за оние работи кои се подолу. Постои еден начин тоа да се избегне – сè да се посвети на Бога, според начелата на вистината која Тој ја открил, не дозволувајќи си себеси било каков пристап кој е спротивен на тоа, туку напротив, сè да се насочува кон нив за потврда.

 

 

 bogorodica.k.dol.jpg

(AdamiEva.jpgПродолжува)

Подготви: З. Д.

 

   Св.Теофан Затворник : 1.Молитвата – дишење на духот (Речник на христијанскиот живот - 69)


 Stefan.LIt.Bogorodica.jpg

Подготви: Златко  Дивјаковски

 

Друго:Житие на свети Теофан Затворник