sv.filaret.moskovski2.jpg

 

ЗА СВЕТОТО ПРЕДАНИЕ И СВЕТОТО ПИСМО

 


16. Божественото Откровение се шири и чува меѓу луѓето во вистинската Црква на два начина: со посредство на Светото Предание и на Светото Писмо.

 


17. Под „Свето Предание“ се подразбира сè она што луѓето кои што вистински веруваат и кои Го почитуваат Бога и со збор и со дело  го предаваат еден  на друг и претците  на потомците.


18. Сите кои навистина веруваат, соединети со Светото Предание на верата, во целина  и преемствено, како што е Божествено востановено, ја сочинуваат Црквата, која што и навистина е верен чувар на Светото Предание или според зборовите на светиот апостол Павле - Црквата на Бога живиот, столб и тврдина на вистината (1. Тим. 3,15).


19. Свето Писмо се нарекуваат книгите кои Ги напша Духот Божји, преку од Бога осветени луѓе кои што се нарекуваат Пророци и Апостоли.  Овие книги обично се нарекуваат  Библија.

 

20. „Библија“ е грчки збор. Тој значи - „Книги“. Со ова име се изразува  дека Свештените  книги се достојни за внимание повеќе од сите други книги.


21. Најстариот и првобитен начин за ширење на откровенијата Божји е светото Предание. Од Адам до Мојсеј не постоеле Свештени книги. Самиот наш Господ Исус Христос Своето Божествено учење и заповедите ги предал на Своите ученици со збор и пример, а не преку книга. И Апостолите на почетокот ја ширеа верата и ја утврдуваа Црквата Христова на ист начин - усно. Неопходноста од Преданијата се огледува и од тоа што со книгите не можат да се користат сите, а со Преданието можат.


22. Светото Писмо  ни е дадено затоа за Откровението Божјо да биде зачувано  поточно и неизменето. Во Светото Писмо ние ги читаме  зборовите на Апостолите и Пророците токму такви како да сме живееле со нив и да сме ги слушале, независно од тоа што Свештените книги се напишани неколку векови и милениуми пред нашето време.


23.  Ние сме должни да го чуваме Светото Предание, согласно со Божественото Откровение и Светото Писмо, на што не учи и самото Свето писмо - Апостол  Павле пишува: Така значи браќа, стоите цврсто и држете ги преданијата на кои сте научени, било со нашиот збор, било со посланијата (2. Сол. 2,15).


24. Преданието и сега е неопходно за правилно разбирање на Светото Писмо, за правилно извршување на Светите Тајни и зачувување на Свештените обреди во чистотата на нивниот првобитен поредок.


Свети Василије Велики за тоа го кажува следното:


 „Од догмите и поуките сочувани во Црквата  некои ги имаме во пишан облик, додека некои сме ги примиле од  Апостолските преданија, преку приемство во тајност. И едното и другото имаат иста сила на побожност, за што нема да противречи никој , кој што и малку е упатен во црквениот поредок. 

 

Зашто, ако се осмелиме да ги отфрлиме непишаните обичаи, како тие да не се од големо значење, незабележливо ќе нанесеме штета на Евангелиеето во она што е најважно, а од апостолската проповед ќе остане само името.

 

Да потсетиме, на пример,  најпрвин на она што е прво и најопшто: кој со писмо  ги учел  оние што се уздаат во Името на Господ наш Исус Христос да се осенуваат со крстниот знак?

Кое послание нè учело дека на молитва треба да се свртуваме кон исток?

Кој од Светиите ни оставил на писмено зборови на призивање (на Духот Свет) во претворањето на Ефхаристискиот Леб и Чашата на Благословот?

Зашто, ние не се задоволуваме со оние зборови  кои спомнуваат Апостол или Евангелие, туку и пред и после нив  произнесуваме и други зборови, кои сме ги примиле од ненапишаното учење и кои имаат голема сила за совршување на Светата Тајна.

 

Исто така, според кое писмо ја благословуваме водата на Крштевањето и елејот на Помазанието, па уште и самиот оној кој се крштева?

Зарем тоа не го правиме според (во Светото Писмо) премолченото и тајно Предание.


И уште што?

Кој напишан збор нè научил и на самото помазание со елеј?


 Од каде доаѓа трикратното потопување на човекот и се останато што се однесува на крштението; од кое писмо е земено одрекувањето од сатаната и ангелите негови?

Нели е тоа земено од ова необнародено и необјавено учење кое што нашите отци го сочувале во молчанието недостапно за љубопитливост и изнесување, откако со причина биле подиучени со молчание да ја чуваат Светињата на Тајните ?


Зашто, како би можело писмено да се објави учењето за она на кое што на некрстените не им е допуштено ниту да погледнат?

 

(Правило 27. За светиот Дух. Гл/27).

Преведе: М. Даниловска - Мина