sv.Ignatij.Brjancaninov2a.jpg

Како да се пристапи кон молитвата
Кога сакаме да излеземе пред цар од овој свет, ние за тоа посебно и внимателно се подготвуваме: учиме како треба да бидат во разговор со него расположени чувствата на нашето срце. Да не се случи побудени од некое чувство, во зборот или во движењето на човекот, да му се прикаже нешто што на царот ќе му биде непријатно. Навреме смислуваме што да му кажеме, да го зборуваме само тоа што му се допаѓа и му годи и со тоа да го направиме кон нас да биде добро расположен. Се грижиме и нашиот надворешен изглед да го привлече неговото внимание кон нас.
Дотолку, пак, е попотребно да се преземе пристојна подготовка, кога ќе сакаме да излеземе пред Царот над царевите и со молитва да стапиме во разговор со Него.
„Човек гледа на лице, а Бог гледа на срце". Кај човекот расположението на срцето во најголема мера одговара на неговиот став, на неговата надворешност. И затоа, при молитвата, твоето тело со својот став нека одразува благочестив стравопочит. Застани како осуде-ник со наведнета глава, со рацете наместени како да се врзани со јаже, како што обично ги врзуваат престапниците фатени на местото на престапот. Твојот глас нека звучи милостиво како глас на оној што плаче и на човек кој офка ранет од смртоносно оружје или кој страда од страшна тешка болест.
„Бог гледа на срцата". Он ги гледа најскриените и најподробни помисли и чувства, сето наше минато и сета наша иднина. Бог е секаде присутен. И затоа стој на својата молитва како што би стоел пред Бога. Всушност, ти стоиш пред својот Судија и Владика, во Чија си сопственост и од кого зависи твојот дел во времето и вечноста. Употреби го своето стоење пред Него за изградување на сопствени добродетели, не дозволувај поради своето недостоинство тоа да послужи како причина за временски и вечни казни за тебе.
Имајќи намера на Бога да Му принесеш молитва, отфрли ги сите земни мисли и грижи. Не занимавај се со мислите што тогаш ти наидуваат, па колку и да изгледаат дека се важни, прекрасни и потребни. Божјото дај го на Бога, а тоа што е потребно за времениот живот побрзај да го дадеш во свое време. Не е можно во исто време да извршуваш молитва на Бога и да го забавуваш умот со попатни помисли и грижи.
Пред молитва, покади го своето срце со темјан на стравот Божји и со свет стравопочит: помисли дека си го разгневил Бога со безбројните прегрешенија што Нему Му се поочигледни отколку на твојата совест; погрижи се да го смилуваш Судијата со смирението. Сочувај се! Не предизвикувај Негово негодување со небрежност и дрскост. Он благоволи дури и на оние кои му се најблиски, најчистите ангелски сили, да стојат пред Него со секаква стравопочит и со најсвет страв.
Облеката на твојата душа треба да блеска со белина на едноставност. Ништо сложено тука не треба да има. Тука не треба да се мешаат лукавите помисли и чувствата на суета, лицемерие, преправање, човекоугодништво, високоумување, сластољубие, со такви темни и зловолни дамки со кои е извалкана душевната облека на фарисеите што се молат.
Наместо бисери и дијаманти, наместо злато и сребро, украсувај се себеси со целомудреност (здравоумие, невиност), смиреноумие, со солзи на кротост и духовен разум, а пред да ги добиеш тие солзи, со солзи на покајание. Украсувај се себе со детска, ангелска незлобност: ете, тоа е скапоцен накит! Кога Царот над царевите ќе го види овој накит на душата, ќе се приклони кон таа душа со Неговиот милостив поглед.
Простување на сите, на сите - не исклучувајќи ги ниту најтешките навреди, е незаобиколен услов за успех во молитвата. „И кога стоите на молитва, простувајте, ако имате против некого нешто, та и вашиот Отец, Кој е на небесата, да ви ги прости вашите прегрешенија". „Молитвата на злопамтивите е семе фрлено на камен", има речено преподобен Исак Сирин.
Умереното, благоразумно и постојано воздржување од храната и пиењето го прави телото лесно, го очистува разумот, му дава будност и затоа, исто така, служи како подготовка за молитвата. Невоздржувањето на стомакот го прави телото тешко, нечувствително, го обездушува срцето, го помрачува разумот со многуте испарувања и гасови што извираат од желудникот во мозокот. Прејаден или, пак, наситен човек, тешко застанува на молитва, оти го напаѓаат приспивноста и мрзливоста, та многу груби фантазии се оформуваат во неговата имагинација и неговото срце е неспособно да дојде во умиление.
Но, колку е штетно невоздржувањето, толку е штетен и уште поштетен неумерениот пост. Слабоста на телото што потекнува од нејадење, не дозволува да се извршува молитвата во потребната мера и со потребната сила.
Мерката на молитвата се определува за секој човек со начинот на животот и со мерката на душевните и телесните сили. Двете лепти на вдовицата, што таа ги приложила во црквата и што го преставувале целото нејзино богатство, на вагата на праведниот Судија се покажале поголеми и од особно поголемите прилози на богатите, кои давале од нивниот вишок. Така да судиш и за молитвата: определи си за себе количество сообразно со својата сила, памети ја премудрата порака на големиот наставник на подвижниците:
„Ако немоќното тело го принудиш на дела што ги надминуваат неговите сили, со тоа во својата душа внесуваш помрачување и и донесуваш безредие, а не корист". Од здрав и силен телесен состав се бара и сообразно молитвено правило. „Секоја молитва, има речено овој голем Отец, при која не се труди телото, а срцето не доаѓа до скрушеност, се смета за недозреан плод затоа што таквата молитва е без душа". Ако си зафатен со животните обврски, или како искушеник со послушанија, и немаш можност да одвоиш време за молитва колку би сакал, не збунувај се поради тоа: законската служба што се извршува според совеста, го подготвува човекот за срдечна молитва и го надоместува количинското со квалитет. Ништо друго не помага во напредувањето во молитвата како совеста што се смирува со богоугодни делувања.
Исполнувањето на евангелските заповеди го изградува умот и срцето кон вистинската молитва, исполнета со умиление. Вистинската молитва, пак, не насочува да мислиме, чувствуваме и делуваме според заповедите на Евангелието.
Милосрдието кон ближните и смирението пред нив, кои се изразуваат со надворешни дела и се негуваат во душата, заедно со чистотата на срцето, што се одвлекува од блудни помисли и чувства, ја прават основата и силата на молитвата. Тие се како крилја со кои таа се издигнува кон Небото. Без нив молитвата не може да се подигне од земјата, односно да се оттргне од телесното мудрување. Телесното мудрување ја задржува како мрежа или стапица, та молитвата се поматува, осквернува и се уништува со него.

 

 Korica.MolitvapatkonBoga.jpg

(Продолжува)

Извор:

Свети Игнатиј Брјанчанинов

МОЛИТВА ПАТ КОН БОГА

Издавач: Канео, Охрид

Превод: Митрополит Тимотеј

Друго: РУСКИОТ БОГОНОСЕЦ СВЕТИ ИГНАТИЈ БРЈАНЧАНИНОВ

Св. Игнатиј Брјанчанинов- МОЛИТВАТА - ПАТ КОН БОГА