Ptici3.jpg

Доброто расположение

Имајте го во вид она главното – срце добро расположено кон Господа и кон сè што делото на спасение бара од нас.
 Размислувај за обилието на милостите Божји пројавени преку создавањето, промислувањето и особено преку искупувањето; доведи до свеста дека од сите страни си опкружен со тие милости: каде и да се завртиш – милост. Помалку дишеш отколку што добиваш милости; мигот трае подолго отколку паузата меѓу две милости. Непрестајно стоиш во нив.
Радостите и утехите не се конечно сведоштво за доброто расположение. Главно е – одлучноста и ревноста да се угодува на Бога, духот скрушен, срцето скрушено и смирено, и предавањето себеси на волјата Божја. Кога ова постои – добро е.
Во несреќите, доброто се крие под тагата на срцето – затоа не се чувствува и не се гледа, иако не е замислено, туку реално.
Искрено посакувам доброто расположение кое ви е дарувано да го сочувате што е можно подолго... Немојте да се предавате на суета и расејаност, а пред сè не допуштајте страсни движења, не само големи, туку и најмали... Така пламенот кој сега гори и светли во вас ќе светли и понатака и непрестајно ќе ве грее...

 

Осаменоста
Призивот на осаменост укажува на доброто расположение кое го имате во срцето; секој ден можете да му угодувате. Штом сте слободни од работите повлечете се во својата соба... и трудете се да бидете насамо со Едниниот Господ, да слегувате со умот во срцето и таму да стоите пред лицето на Господа, славословувајќи го, благодарејќи му и молејќи ги од Него неопходните духовни добра. Правејќи така, ќе стекнете навика, па ќе одите пред Господа...
Почнувате да се навикнувате на вашите духовни занимавања и на пребивањето во осаменоста; уживате и се воодушевувате! Добро е, добро е! Само немојте да се фантазирате за себеси и да се спремате да полетате до небо. Благодарете на Бога и вдлабочувајте се во смирени мисли и чувства за себеси.
... Направи твоите мисли да не излегуваат надвор од манастирскиот ѕид, па брзо ќе го пронајдеш слаткиот мир на манастирската осаменост. Тоа е блажениот дел на Марија – сè уреди така, што ни во мислите да нема ништо друго освен црквата и келијата. Сметам дека блаженството на таа состојба не може ни да се опише.
Моментите на осаменост треба да се искористат насочувајќи ги исклучиво на дело Божјо – молитва и богомислие. Овие пак занимавања, ако барем малку исправно се извршуваат, не му допуштаат на човекот да се досадува. Зашто од нив се точи духовна утеха, која не може да ја пружи ништо на земјата. Мислам на тоа кога на пример при читањето на Евангелието искрснуваат прашања и кога после потребното вдлабочување душата пронаоѓа задоволувачки одговор на нив. Тоа донесува многу духовни утехи. Ова е уште попријатно зашто еден успех поттикнува на други, а потоа се појавува навикнатоста на таквите занимувања. Душата тогаш станува широка, итра и исполнета со добри мисли.
... Ако е потребна осаменост, неа секаде е можно да ја сместиме: затворете ја вратата и еве, сами сте. Ако тоа не можете да го направите овде, нема да можете да го направите никаде. А причина е – човекоугодувањето: се плашите од прекори.
Призивите на осаменост и безмолвие... и поривите кои ги доживувате не се добри. Затоа подобро е да ги прогоните и место нив во душата да истакнете или произведете желба за  подвиг и исцрпување на себеси. Вие повремено имате осаменост и тоа е доволно. Во секое време трудете се да се осамите во срцето и таму својата свест да ја застанете пред лицето Божјо: тоа значи да се оди пред Бога.
Оваа осаменост не е напразна; таа не може да се постигне ако некој мисли во себе да направи потполна празнина. Осамувајќи се во себеси, треба да се застане пред Господа и да се стои таму не тргајќи  ги очите на умот од Него. Тоа е пустина! Да се биде очи во очи со Господа. Рековте дека тоа е тешко. Но, што воопшто може да се постигне без труд? Тоа е воопшто таков труд кој сам себе си олеснува и се поддржува. Да се биде со Господа, тоа е цел на нашето постоење.

 

 

(AdamiEva.jpgПродолжува)

Подготви: З. Д.

 

   Св.Теофан Затворник : 1.Молитвата – дишење на духот (Речник на христијанскиот живот - 69)


 Stefan.LIt.Bogorodica.jpg

Подготви: Златко  Дивјаковски

 

Друго:Житие на свети Теофан Затворник