Основна Вистина на Православието – Богочовекот

Свети Јустин Ќелиски

Сите вистини на Православието се изведуваат од една вистина и се сведуваат на една вистина, безгранична и вечна. Таа вистина е Богочовекот Христос. Ако до крајот ја проживеете било која вистина на Православието, ќе морате да го пронајдете нејзиното срце – Богочовекот Христос. Всушност, сите вистини на Православието не се ништо друго, туку разни варијанти на едната Вистина: Богочовекот Христос. Православието е Православие на Богочовекот. И со ништо друго и со никој друг. Оттука е второто име на Православието – Богочовештво. Во него ништо не е според човекот и од човекот, туку сè доаѓа од Богочовекот и се случува според Богочовекот. А тоа значи: основната, вечна вистина на животот и светот човекот ја доживува и сознава само со помош на Богочовекот, во Богочовекот. Уште нешто: потполната вистина за човекот, за целта и смислата на неговото постоење, човекот ја дознава единствено преку Богочовекот. Без Него и надвор од Него нема вистински човек, затоа што човекот е вистински човек само со Богочовекот и во Богочовекот. Надвор од Него се претвора во привидение, во страшило, и бесмислица. И наместо човек вие наоѓате отпадоци од човек, извадоци од човек, парчиња од човек. Оттука и вистинското човештво е единствено во богочовештвото. И нема друго под небото.
Зошто Богочовекот е основна вистина на Православието? Затоа што ги решил сите прашања кои го мачат и гризаат духот човечки: прашањето на животот и смртта, прашањето за доброто и злото, прашањето за вистината и лагата, прашањето за љубовта и омразата, прашањето за правдата и неправдата. Со еден збор: прашањето за човекот и Бог. Зошто Богочовекот е основна вистина на Православието? Затоа што со својот земски живот најочигледно покажал дека Он е воплотена, очовечена, олицетворена вечна Вистина, вечна Правда, вечна Љубов, вечна Радост, вечна Сила: Севистина, Сеправда, Сељубов, Серадост, Сесила. Сите божествени совршенства Он ги симнал од небото на земјата. И не само што ја симнал, туку и нас нè научил, и ни дал благодатни сили да ги претвораме во свој живот, во свои мисли, во свои чуства, во свои дела. Оттука е и нашиот позив: да ги воплотиме во себе, и во светот околу себе.
Погледнете ги најдобрите меѓу најдобрите во родот човечки. Во сите нив Богочовекот е тоа што е најдобро, и најглавно, и највечно. Затоа што Он е – светост на светителите, мачеништво на мачениците, праведност на праведниците, апостолство на апостолите, добрина на добрите, милосрдност на милосрдните, љубов на оние кои љубат. Зошто Богочовекот е сè и сешто во Православието? Затоа што Он, како Еден од Света Троица, воплотен Син Божји, незаменлив и како Бог, и како Утешител, и како Заштитник, и како Учител, и како Спасител. Измачен од земската трагика, човекот единствено во Него, семилостивиот Господ Исус, наоѓа: Бог Кој може вистински да го осмисли страдањето, Утешител Кој може вистински да утеши во секоја неволја и тага, Заштитник Кој може вистински да заштити од секое зло, Спасител Кој може вистински да спаси од смртта и гревот, Учител Кој може вистински да научи на вечна Вистина и Правда.
Богочовекот е сè и сешто во Православието, затоа што безмерно го возвеличил човекот: го воздигнал до Бога, го направил бог благодат. И тоа го остварил непотценувајќи го човекот на сметка на Бога, туку исполнувајќи го човекот со сите божествени совршенства. Како никој, Богочовекот го прославил човекот: му дарувал вечен Живот, вечна Вистина, вечна Љубов, вечна Правда, вечна Радост, вечно Добро, вечно Блаженство. И човекот преку Богочовекот стана божествено величие.
Сè додека основна вистина на Православието е Богочовекот, дотогаш основна вистина на секое инославие е човекот, или делови на неговото битие: разум, волја, сетила, душа, тело, материја. Никаде го нема интегралниот човек во инославието; сиот е разбиен во атоми, на делчиња. И тоа сето во слава на величината човекова. Но, колку што има бесмислици „уметност заради уметност“, толку има бесмислици и „човек заради човека“. Тој пат води во најжалниот пандемониум, каде врвен идол е човекот. А никаде нема пожален идол од него. Почетна вистина на Православието е: човекот не е заради човекот, туку заради Бог. Или попотполно: заради Богочовекот. Затоа ние во името на човекот остануваме со Богочовекот. Во Него единствено е можна разумноста на човечкото битие, во Него е единствено можно оправданието на човечкото постоење. Во таа вистина се собираат сите тајни на небото и земјата, сите вредности на сите светови за кои човек може да мисли, сите радости на сите совршенства кои човек може да ги постигне. Посредно и непосредно, во Православието Богочовекот е сè, и во Него тогаш и човекот, а во инославието е само голиот човек. Всушност, Православието и не е друго, освен чудесната Личност на Богочовекот Христос, продолжена низ сите векови, продолжена како Црква. Православието има свој печат и свој знак по кој се распознава. Тоа е светлиот лик на Богочовекот Исус. Сè што тој лик го нема, не е православно. Сè што нема богочовечка Правда, Вистина, Љубов, Вечност, не е православно. Сè што сака Богочовечкото Евангелие да го оствари во овој свет со методите на овој свет и со методите на царството на овој свет, не е православно, туку значи робување на третото ѓаволско искушение. Да се биде православен значи: да се има постојано Богочовекот во душата, да се живее со Него, да се мисли преку Него, да се чувствува преку Него, да се работи преку Него. Со други зборови: да се биде православен значи да се биде христоносец и духоносец. Тоа човекот го постигнува кога во телото Христово – Црквата, целосно своето битие ќе го исполни со Богочовекот Христос од врвот до дното. Затоа православниот човек е постојано распнат со молитви помеѓу земјата и небото, како виножито кое го врзува врвот на небото со понорот на земјата. И додека со телото молитвено оди по тажниот земјен мравјалник, тој со душата пребива горе каде што Христос седи од десната страна на Бога, затоа што неговиот живот е сокриен со Христос во Бога (Колос. 3, 1-3).
Богочовекот е оска на сите светови: од атомскиот до херувимскиот. Се откине ли од неа било кое суштество, се втерува во ужас, во маки, во страдања. Се откинал Луцифер и – станал Сатана; се откинале ангелите – станале ѓаволи; се откинал во многу нешта и човекот и станал нечовек. Се откине ли од неа било кое создание, неизбежно се запаѓа во хаос и тага. А кога народот, како целина, ќе се одрече од Богочовекот, тогаш неговата историја се претвора во патување низ пеколот и неговите стравотии.
Богочовекот не е само основна вистина на Православието, туку и сила и семоќ на Православието, затоа што единствено Он го спасува човекот од смртта, гревот и ѓаволот. Тоа никогаш не можел, и не може, ниту пак некогаш ќе може да го направи човек, било кој човек, ниту човештвото како целина. Поразот е секогаш крај на човековата борба со смртта, гревот и ѓаволот, ако не ја води Богочовекот. Само со Богочовекот Христос човекот ја совладува и смртта, и гревот, и ѓаволот. Оттука е смислата на човекот: да се исполни со Богочовекот, во телото Негово – Црквата Православна, да се преобрази преку Него низ благодатните подвизи, да се укрепи преку Него со силата на Светиот Дух, да се обесмрти, да се обожи, да се обогочовечи. Тоа е смислата, вистинската смисла на целиот човечки род. Тоа е и радоста, единствената радост во овој свет на безмерна тага и отровна горчина.
Православието е Православие со Богочовекот. И ние православните, исповедајќи Го Богочовекот, посредно ја исповедаме христоликоста на човекот, божественото потекло на човекот, божествената возвишеност на човекот, а со тоа и божествената вредност и неприкосновеност на човечката личност. Всушност, борбата за Богочовекот е борба за човекот. Не хуманистите, туку луѓето од православната богочовечка вера и живот се борат за вистинскиот човек, човекот боголик и христолик.                                                                 

Превод од српски јазик:
Снежана Колевска, дипл. Теолог
Наслов на изворникот:
Пастирски глас,
год. I, број 1, Крагујевац, 1937

 

Извор: Православна светлина бр.16

Повардарска епархија