Молитвеното правило
1. Какво тоа треба да биде?
 Што се однесува на молитвеното правило, еве како размислувам за тоа: какво и правило некои да си избрал за себеси, секое од нив е добро ако ја држи душата во побожност пред Бога. Уште: молитви и псалми да се читаат додека душата не се разбуди, а тогаш да се молите сами, изложувајќи ги своите потреби или само „Боже, милостив биди“... Уште: понекогаш сето време наменето за правило може да се помине во читање на еден псалм напамет, со составување на сопствени молитви од секој стих. Уште: понекогаш е можно целото правило да се помине во извршување на Исусовата молитва со поклони... А понекогаш да се земе малку од едното, другото, третото. На Бога Му е потребно срцето (Изрек. 23, 26) и штом тоа побожно стои пред Него, тоа е доволно.

Непрестаната молитва и се состои во тоа секогаш побожно да се стои пред Бога. А правилото е, при тоа, само загревање или ставање дрва во печката. 

 Сакате да имате молитвено правило... Навечер и наутро читајте ги молитвите пред одење на спиење и утринските молитви... Ним додадете им ги 24 кратки молитви од свети Јован Златоуст кои се наоѓаат меѓу молитвите пред одење на спиење, повторувајќи ја секоја по пет пати. Потоа повикајте ги сите светии: апостоли, пророци, маченици и маченички, преподобни отци и мајки и сите оние кои на било кој начин добро Му угодиле на Бога. Тоа е општо, а посебно: Господ Исус Христос, Мајката Божја, Ангелот – Чувар, светителот чие име го носите, светителите кои во манастирот посебно се почитуваат, светителите кои вие според своите околности посебно ги почитувате, како на пример светителот Тихон... и друфи. Завршете со спомнување на живите и починатите за кои се молите...
 Молитвите никогаш не ги изговарајте забрзано, туку полека, со мисли и чувства кои со тие молитви се изразуваат. Пред почетокот на молитвословието секогаш малку подгответе се, собирајќи ги мислите и трудејќи се со вниманието да застанете пред Господа, Кому ќе Му се молите. Главно молитвено расположение нека биде покајанието, зашто сите ние многу грешиме... Духот скрушен, срцето скрушено и смирено Бог не ќе го презре... На секое правило молете се за своите гревови кои сте ги направиле....
 Што треба да се трудите да достигнете со молитвата? Тоа, срцето да се загрее со љубов кон Бога и чувството кон Бога да не ве напушта... За тоа е наменета Исусовата молитва: Господи Исусе Христе, помилуј ме грешната... Оваа молитва почесто повторувајте ја па ќе дојдете до навика јазикот да ја извршува сам од себе.
Знајте дека за успех во молитвата е потребно да се потрудите срцето да го украсите со сите добродетели... а најпрвин: со смирение, скрушеност, покорност и отфрлање на својата волја.
Треба да се верува дека Бог сè гледа и слуша, и дека ги знае сите наши тајни. Затоа треба да се внимава на себеси, сè лошо да се отсекува и штом се појави во мислите или чувствата веднаш да се исфрлува, каејќи се и молејќи за опростување.
2. Не треба да се врзуваме со правило
 ... Никогаш не врзувајте се со правило и немојте да мислите дека е нешто посебно вредно тоа што имате такво правило и што редовно го извршувате. Сета вредност е во паѓањето ничкум пред Бога во срцето. Еве, светите пишуваат дека ако некој од молитва не си оди како осуденик, кој заслужува секаква казна од Господа, тогаш од неа си оди како фарисеј. Други велел: „Стоејќи на молитва, стој како на Страшниот Суд, кога сè е спремно за извршување на конечната Божја пресуда за тебе: дојди или бегај!“
 На секој начин треба да се избегнува формалноста и механичката молитва... Бидете господарка на своетомолитвено правило, а не негова слугинка. Само на Бога бидете Му слугинка, која е обврзана секој момент од својот живот да го посвети на угодување Нему.
3. Правилот може да се скрати или дополни
 Кога работите не ви допуштаат да го извршите молитвеното правило, тогаш извршувајте го скратено. Но никогаш не треба да брзате. Бог е секади присутен. Наутро заблагодарете Му, измолете благослов со свои зборови, направете неколку поклони и тоа е доволно! На Бога никогаш на обраќајте се било како, туку секогаш со голема побожност. Нему не Му се неопходни ниту нашите поклони, ниту нашите молитви... Краткиот и силен повик од срце – ете што е од корист!.. А тоа можа да се направи и во о‘д... Така е можна и непрестајна молитва. За тоа грижете се и таму сè насочувајте...

Свети Василиј Велики го прашале: како да се молиме непрестајно? Тој одговарал: имај во срцето молитвено расположение па ќе се молиш непрестајно. Со рацете работи, а умот вознесувај го кон Бога. Апостолите сета земја ја поминале – колку работа?! Меѓутоа, се молеле непрестајно. Тоа го дале и како заповед. Дух на вера, надеж и предаденост на волјата Божја – ете што треба да се загрева во срцето. И сами можете да направите добро молитвено правило... научете ги напамет молитвите кои ги читате и изговарајте ги со разбирање, и чувство. Додајте тука и сопствена молитва; колку помалку зависите од книшки, толку подобро. Научете неколку псалми и кога некаде ќе појдете, или што друго и да правите, а главата не е зафатена, читајте ги... Тоа е беседа со Бога. Правилото треба да биде во вашата слободна волја. Не бидете негова слугинка.
4. Тоа може да се замени со кратки молитви
 Дали да се чита канон кон Ангелот-Чувар? Читајте. А кога немате сила или има многу работа, наместо читање на канонот, вознесете му кратка молитва: „Ангелу Божји, Чувару мој свети, моли го Бога за мене грешната“ педесет (пати), со поклони по желба (то ест, земни или појасни). Така може (со кратки молитви) да се поминат сите канони. Но вниманието не треба да се држи само на зборовите, туку на соодветните мисли и чувства.
Трудете се на молитва. Таа е извор на утехата, просветлување на мислите и утврдување на добриот карактер.
5. Како да се извршува во моменти на физичка исцрпеност?
 Кога ќе се изморите, тешко ви е да го извршувате вечерното правило... Пред правилото прошетајте малку, дури и надвор ако можете и малку прилегнете, додека не одморите и додека доживеаните впечатоци не се разбистрат во главата... Тогаш станете на правилото... Никогаш себеси не си давајте слобода правилото да го исполнувате било како... кога е неопходно сами мислете како да го скратите и земете благослов за тоа од својот духовен отец. Или кога во случај на потреба ќе го скратите, подоцна дополнете го тоа што сте го пропуштиле, ако биле во прашање општи молитви. Во мислите и чувствата држете го тоа, дека секаде присутниот Бог го гледа секое приморување на себеси и волјата да се изврши делото Божјо и дека го благословува оној кој така постапува.

 

(AdamiEva.jpgПродолжува)

Подготви: З. Д.

 

   Св.Теофан Затворник : 1.Молитвата – дишење на духот (Речник на христијанскиот живот - 69)