ivica.slava1.jpg

Бдение
И ја помина цела ноќ во молитва кон Бога (Лк. 6, 12). Тука е основата и зачетокот на христијанските сеноќни бденија. Жарот на молитвата го одгонува сонот, а одушевувањата не допуштаат да се забележи протекувањето на времето. Вистинските молитвеници тоа навистина не го забележуваат. Ним им се чини дека само што застанале на молитва, а таму веќе почнало да зазорува. Но, за некој да би дошол до такво совршенство, потребен е труд околу бдението. Со него се занимавале и се занимаваат осамениците; со него се занимавале и занимаваат оние кои живеат во заедница; со него се занимавале и занимаваат побожни и богобојазливи мирјани. Бдението бара напор, но остава директен и секогашен плод – смирување и умиление на душата, со раслабленост и изнемоштеност на телото. Тоа е многу ценета состојба меѓу оние кои ревнуваат за напредување во духот! Со тоа таму каде што бденијата се вообичаени (на Света Гора), од нив никако не сакаат да се откажат. Сите знаат колку е тоа тешко, но никој не сака да го укине тој чин, заради користа која душата ја добива од бденијата. Сонот повеќе од сè друго го опушта и напојува телото. Бдението повеќе од сè друго го смирува. Оној кој доста се наспал, станува тежок за духовни дела и се оладува кон нив; оној кој бдее итар е како срна и пламти со духот. Ако телото треба да се обучува добро како слуга, тоа со ништо не може да се постигне така, како со честите бденија. Телото тука во потполност ја испитува власта на духот над себесе и се учи да му биде покорно; а духот стекнува навика да владее со него.


 

Причестувањето
Светата причест ја покажува својата сила не заради нашата достојност, туку по благоста Божја. Подготвеност за достојно причестување подразбира исповедање на гревовите, со тврда одлучност на гревот во иднина да не му се попушта и да не се пропушти правење на било кое добро кое може да се направи. Оваа одлучност и ревност е корен и темел на животот. Кога тоа постои, домот за Господа е спремен.
Чудесното хранење на народот во пустината представува слика на хранењето на верните со Светото Причестување со Пречистите Тело и Крв Господови. Господ седи одвоено, народот е распореден во редови, Апостолите посредуваат, добиваат леб и го делат. Така е и денес: сите верни се поделени на групи, поединечни мали цркви во кои Господ е невидливо присутен и го раздава Своето Тело и Крв преку апостолските преемници. Како тогаш на Апостолите, така Тој денес и на нивните преемници им говори: дајте им да јадат. Како тогаш, така и денес верниот народ кога се подготвува за пристапување кон Божествените Тајни, неодстапно стои пред Господа во пост, слушање на зборовите и во молитвено барање исцеление од гревовите. Така Светата Тајна, започната при јавувањето Господово трае до денес и ќе трае до крајот на вековите. И во идниот век ќе постои своевидно причестување, зашто Господ ветува дека ќе даде да се вкуси од маните скриени и од дрвото на животот (Отк. 2, 7, 17). И во земниот рај за прародителите било уредено таинствено причестување – јадење од дрвото на животот; во старозаветната црква слика на причестувањето било јадењето на пасхалното јагне. На тој начин, таинственото причестување се појавило заедно со родот човечки, било и ќе биде со него во вековите на вековите, во разни видови, но со едно значење – најблиско општење со Господа. Зашто во Него беше животот, и животот им беше светлина на луѓето (Јн. 1, 4). Оние кои се створени по образ Божји и треба да бидат во такво општење со Него, Кој е сјај на славата и обличје на Битието Очево (Евр. 1, 3).
Исповедта и Светата Причест се неизбежно неопходни: едното очистува, а другото е бања, мелем и храна. Треба да се причестувате во сите четири поста. Може и да се придодаде, па во тек на Великиот и Божиќниот пост да се причестуваме по два пати... И уште може да се придодаде, но не премногу, да не би се појавила рамнодушност.
... Трудете се подготовката за причестувањето да биде задоволувачка... Што се однесува до „почесто“ (причестување), да се зачестува не треба, зашто таа зачестеност одзема не мал дел од побожноста на ова најузвишено дело... то ест постот и причеста. Мислам дека веќе ви напишав дека е доволно да се подготвите и да се причестите во секој од четирите големи пости.
За честото причестување не може да се рече ништо неодобрувачко... Но како мерка еднаш или два пати месечно – не само во постите, туку и меѓу нив.
Извор, Чувар и Совршител на духовниот живот е Христос Господ, Кој, по неизречената милост Своја благоволил да стапи во тесно општење со оние кои достојно се причестуваат со Пречистото Тело Негово. Со тоа тој и може да и каже на душата: „Јас Сум твоето спасение!“ Слушајте! Но Нему треба да Му се пристапи со чувство дека пропаѓате и немате на што да се потпрeте.
За (Светото Причестување) да не би било на грев, со покајание треба да се очистат гревовите и да се пристапува со вера и страв, со скрушено срце, без мечтаење за било какви предности во однос на другите кои не се причестуваат, туку со смирени и скромни чувства. Главно е да се има желба и ревност да се угодува на Бога, а не на себеси. Зашто себе може да си угодуваме и со правење на добра.
Никој себеси не може да се смета за достоен причасник. Умирение сите наоѓаат во милоста Божја... Господ ги љуби оние кои се причестуваат и милостиво снисходи на нивните недостатоци кога е во прашање потребното расположение на душата. А потоа и самото причестување малку – по малку ќе ги исправи овие недостатоци.
Тоа што добивате непади посебно кога ќе решите да постите, тоа е ѓаволска смислица. Тој се труди или да ве одвои од постот или да го расипе. Но, ако сте се спротивставувале и не сте попуштале... тогаш тоа е знак на победа, а не пораз, и не само што не ви смета да пристапите кон Светите Тајни, туку напротив, служи како најдобар украс на тоа дело Божјо, то ест  причестувањето.
Слава Богу што сте се причестиле. Тоа што благотворното дејство на овие Свети Тајни не е посведочено со одговарачки чувства – тоа треба да се припишува на болеста и среде тоа можеби и на недостаток на духовна собраност. Но дејството на Светите Тајни не се одразува секогаш преку чувствување, туку понекогаш дејствува скриено...
Благовештение и востановување на Светите Тајни Телото и Крвта. Каков спој! Ние се причестуваме со вистинското Тело и вистинската Крв Христова – точно со оние кои во тајната на воплотувањето се примени од пренепорочната крв на Пречистата Дева Богородица. На тој начин, во воплотувањето кое се совршило во часот на Благовештението, положен е темелот на Тајната на Телото и Крвтта. И денес на ова се потсетуваат сите христијани, за имајќи го тоа на ум, да би ја почитувале Пресвета Богородица како своја вистинска Мајка, не само како Молитвеница и Застапничка, туку и како Пазителка на сите. Децата се хранат со мајчиното млеко, а ние се храниме со Телото и Крвта, кои се од Пресветата Дева Богородица. Хранејќи се така, ние од Нејзините гради пиеме вистинско млеко.
Кој не излегол да го дочека Господа, кога тој свечено како Цар влегувал во Ерусалим и кој тогаш не Му воскликнувал: „осана на Синот Давидов!“? Но поминале само четири дена и истиот тој народ викал: „распни Го, распни!“. Чуден пресврт! Но што е тука чудно? Не го правиме ли и ние истото тоа кога после примањето на Светите Тајни Телото и Крвта Господови, веднаш по излегувањето од црква сè забораваме, својата побожност и милоста Божја кон нас, па по старото се предаваме на дела на самоугодување, најпрвин мали, а потоа сè поголеми, па така можеби и за помалку од четири дена во себе го распнуваме Господа, иако не векаме „распни!“. А Господ сето тоа го гледа и трпи! Слава на долготрпението Твое, Господи!
Што се случува со вас во време на постот... страв, немир... треба да се претпостави дека тоа доаѓа од ѓаволот. Тој сигурно пронаоѓа нешто од себеси околу вас. А исповедта и причеста го спалуваат и прогонуваат. Насетувајќи го тоа, тој сега подига узбуна. Потрудете се да не отстапувате од сеќавањето на Бога и на смртта... Тоа не само во време на постот, туку и во секое време го прогонува и спалува, не давајќи му да ви се приближи. И самите гледате колку е постот спасоносен за вас... па можете самите да си заповедате да постите почесто.

 

(AdamiEva.jpgПродолжува)

Подготви: З. Д.

 

 

 Св.Теофан Затворник : 1.Молитвата – дишење на духот (Речник на христијанскиот живот - 69)