ПРОНИКЛИВОСТА НА ПРЕПОДОБНИОТ ОТЕЦ СЕРАФИМ
"Знаејќи ги нивните помисли..." (Лука 6, 8).

Даровите кои отец Серафим ги стекнал со долготрајното и значајно подвижништво, со долгото пустинство и со строгото затвореништво, не се појавиле само преку поучување, наѕидување и раководење на ближните, преку упатување на патот на спасение, туку и во големата проникливост и помош кон сите, кои барајќи исцеление од разни телесни и душевни болести, му се обраќале со топла вера во Бога и со искрено смирение.


Може да се каже дека со дарот на проникливост преподобниот Серафим се одликувал уште од првите денови на својот вистински монашки живот. Меѓутоа, по тоа станал посебно познат за време на старештвото. Тогаш славата за него како прекрасен проникнувач се распространила недалеку од Саров, на различни страни во нашата татковина. Потврдувана со многубројни примери, таа слава стекнала целосна доверба кај рускиот народ. Лицата кои се уште со недоверба се однесувале кон раскажувањата за необичната проникливост на отец Серафим, во Саров можеле на дело да се уверат дека патат од очигледното "Томино неверие". "Сега во потполност се уверив во светоста и проникливоста на тој прекрасен човек" - велел господин Лодиженски, кој малку се сомневал пред да разговара со отец Серафим. "Вистина е се што зборуваа за него!... Зарем истото тоа, по лична беседа со прекрасниот саровски проникливец и подвижник не го признавал и секој друг кој се двоумел, макар и со најмал сомнеж?


Смело може да се каже дека скоро секој саровски поклоник кај отец Серафим, во поголем или помал степен, имал можност да се убеди во неговата проникливост. Примерите за него биле скоро безбројни, може да се каже. Секако, многу од тие случаи останале незапишани и необјавени. Сепак, впечатливо е дека само ретки опишувања на случаите од животот на отец Серафим не зборуваат за неговата прекрасна проникливост...
Зачудувачка, и всушност, изненадувачка била проникливоста на преподобниот. Таа подеднакво се однесувала и на сегашните и на минатите и на идните настани.


Секој што доаѓал кај отец Серафим за благослов, поука и помош, можел да биде уверен дека неговите мисли и намери му се познати на светиот старец. Пред него човечката душа - како што велел високогорскиот игумен, отец Антоние - била откриена како лице во огледало. Тој ги читал и најскриените мисли. "Чуден човек беше тој старец" - зборувала една поклоничка. "Тој беше таков проникливец, што ти се чинеше дека сосема гледа што ти е во душата". Преподобниот знаел какви луѓе му доаѓаат, со какво духовно настроение, со какви прашања и потреби. Тој лица кои ги гледал за прв пат ги повикувал по име. Од множеството народ, тој, како што веќе знаеме, ги издвојувал оние што имале најголема потреба да проговорат со него. Тој на луѓето кои се уште не проговориле, ниту нешто прашале, веќе им давал одговори токму на прашањата кои сакале да му ги постават. Понекогаш дури и не давајќи им на своите посетители прилика да кажат нешто, им велел: "Знам, знам..."


Не повторувајќи ги веќе наведените примери од животот на отец Серафим, од кои е очигледна неговата прекрасна проникливост, ќе наведеме уште некои примери кои го потврдуваат истиот факт.


Извесна госпоѓа Н. И. како сведоштво за големата проникливост на преподобниот отец Серафим го раскажа следниов случај од својот живот: "Во 1825 година, јас заедно со сестра ми прв пат ја посетив Саровската пустина. Имав пламена желба да го видам старецот Серафим и од него да добијам благослов. Сестра ми прва се удостои да го види по утрената. Беше воодушевена од неговиот срдечен дочек. Јас не можев да го видам заедно со неа, бидејќи поради силна главоболка не бев на утрената служба. По Литургијата се упативме во ќелијата на благословениот старец. По пат забележав дека слугата на сестра ми зад нас носеше две шишиња, па љубопитно ја прашав сестра ми што е тоа. Сестра ми одговори дека, по примерот на другите посетители на Саров, сакала на старецот на дар да му донесе малку црковно вино и масло. Бидејќи немав од моја страна ништо што би му дала на дар на отец Серафим и бидејќи не знаев од порано ништо за тоа, јас многу се разжалостив. Меѓутоа, кога ја виде мојата збрканост сестра ми ми предложи јас да земам едно од тие шишиња и во свое име да му го дадам на старецот. Јас многу се израдував на тој предлог. Така дојдовме до ќелијата на отец Серафим... Тој не прими како таткото што ги прима децата, ни даде просфора и црвено вино, го симна од себе крстот и ни даде да го бакнеме. Сестра ми му даде шише црвено вино. Тој го прими многу љубезно благословувајќи ја. Потоа и јас му го дадов шишето со масло.


Земајќи го и него љубезно, старецот одеднаш ми рече: ’Во иднина, сестро, ако посакаш нешто да ми донесеш, донеси ми твое’. Откако забележа во каква непријатност се најдов од тие зборови, тој веднаш додаде со кроток тон: ,Јас, сестро, сакав да ти кажам дека, бидејќи живееш на село, најверојатно имаш пчели. Си можела да наредиш од восокот да се направи свеќа и тогаш тоа би било твое’. Потоа тој почна да зборува со нас за користа на нашите души, кажувајќи многу за патот на спасение на христијаните, при што секој збор се врежуваше во срце".


А. В. Теплов раскажувал дека во 1828 година бил сведок на еден случај кој ја докажува исклучителната проникливост на отец Серафим. Еден господин имал намера да се ожени со личност, која според звањето не му одговарала. Ниту неговите родители не се согласувале со бракот. Знаејќи дека неговите родители многу го почитуваат отец Серафим и дека нема да се противат на бракот по одобрението од светиот старец, тој намислил на своја страна да го придобие преподобниот. Со таа цел тој однапред ги подготвил доказите во корист на оправданоста на својата намера. Тој дури собрал и докази од Светото Писмо за убедување, во случај отец Серафим да не се согласи. Дошол тој кај преподобниот и одеднаш, на свое најголемо изненадување, слушнал како светиот старец, на кој се уште ништо не му рекол за своите намери, го изговара името и презимето токму на личноста за која тој сакал да праша. Старецот потоа ги навел токму оние докази и текстови од Светото Писмо, кои посетителот сакал да ги употреби за да го убеди. Изненаден од таквото предупредување на неговите мисли, господинот без зборови паднал на колена пред прекрасниот проникливец. Отец Серафим го подигнал и му рекбл: "На Бога, на Мајката Божја и на твојата мајка не им е угодна твојата намера и нема да се случи". И навистина тој брак не се склопил. По враќањето дома, тој господин сфатил дека тој никогаш порано не верувал дека постојат праведници на земјата. Меѓутоа, тој случај во потполност го убедил во праведноста на отец Серафим.


Игуменијата Пулхерија (од градот Слободски, од Вјатската губернија) раскажувала дека во 1830 година, уште додека била во светот, тргнала на пат во Саровската пустина на основа на едно ветување. Дошла таму иако била многу болна. Се разболела по патот од водена болест и тоа многу, и била принудена во Нижњи Новгород и во Арзамас прилично долго да се задржи, се додека силата барем малку не и се поврати. Вториот ден по доаѓањето во Саров, по раната Литургија, таа отишла до ќелијата на отец Серафим. "Во турканицата, сред многуте посетители, видов еден човек кој горко плачеше" - ракажува Пулхерија. "Отец Серафим поради нешто строго го прекорил. Кога овој сакал нешто да му даде, тој одговорил: 'Засега нема да го примам, засега нема да го примам'. Јас исто така се подготвував од усрдност да му дадам плеталото кое сама го сплетов. Меѓутоа, откако ги слушнав последните зборови, јас се поколебав и го скрив својот подарок. Потоа се оддалечив кон вра-тата за да бидам последна. И што? Мојата мисла и мојата постапка не се скрија од проникливоста на отец Серафим. Разделувајќи го мноштвото народ, тој со насмевка ми пријде и молчејќи ја испружи раката. Од радост и воодушевување не знаев што да правам и бргу му го дадов плеталото. Тој го зеде и три пати бришејќи се со него ми рече: 'Ајде по мене, радост моја'. Откако ме одведе во својата ќелија, тој ме благослови, ми даде просфора со света водичка и потоа рече: Ќе се видиме утре'." Вториот ден отец Серафим на болната и кажал што треба да прави за да оздравее и таа, откако го исполнила советот, станала потполно здрава.


Младата вдовица, спахијката А. П. Еропкина при својата прва посета кај отец Серафим била потполно поразена од неговата проникливост. Лишувајќи се од сопругот скоро веднаш по свадбата, Еропкина западнала во крајно униние, поднесувајќи страшни душевни маки. По совет од својот чичко, кој многу слушал за подвижничкиот живот и за благодатните дарови на отец Серафим, таа се упатила во Саров за да го замоли преподобниот за молитви и спасоносен совет. Кога дошла во Саров и дознала дека отец Серафим се наоѓа во братството, А. П. поитала да го види. Прво што непосредно ја поразило, било множеството народ кој се движел помеѓу Успенскиот собор, т.е. црква и конакот каде што живеел светиот старец. "Мешајќи се во народот од двата пола, од сите возрасти и професии - раскажува Еропкина - јас се пробивав кон конакот каде што сите тежнееја. Со голем труд дојдов до чардакот и низ отворената врата се пробив во ќелијата на отец Серафим. Тој беше тесно опкружен со своите посетители. Јас, по примерот на другите сакав да му се приближам, испружувајќи ја раката за да примам благослов... Давајќи ми благослов и суварки, тој рече: 'Со благодатта Божја се при-честува слугинката Божја Ана'.


Колкаво беше моето изненадување кога во едно место кое ми беше сосема непознато за мене, го слушнав своето име. Кога го погледнав право во лице отец Серафим, јас во него го препознав старецот кој во сон ме одвраќаше од несредената мажачка. Таквата средба веднаш ми покажа колку тој е близок со Бога. Меѓутоа, тогаш беше невозможно да се задржува кај него, бидејќи луѓето зад мене се туркаа за и тие да добијат ист благослов и нешто да слушнат од неговата уста.


Истуркана на тремот од куќата, јас со нозете допрев неколку трупци, се качив на нив и без да трепнам гледав кон отец Серафим... Не ги спуштав очите од него ниту за миг. Следејќи ги сите негови движења, бргу забележав дека тој има намера да ја прекине посетата на народот, бидејќи сите почна да ги испраќа, велејќи со кроткост: 'Одете со мир'. Притоа се приближи до отворената врата пред која стоев. Фаќајќи се со едната рака за рамката на вратата, со другата, сосема неочекувано, ме фати за рака и ме воведе кај себе во ќелијата. Не прашувајќи за ништо, веднаш почна да ми зборува: Што, богатство мое. Дојде кај мене бедниот? Знаеш, твојата болка е многу голема, но Господ може да ја совлада'. По тие и други утешни зборови, ми нареди да се подготвам, да се исповедам кај старец Иларион и да се причестам со Светите Тајни". Кога го исполнила советот на отец Серафим, Еропкина се вратила дома утешна и потполно спокојна, воедно восхитувајќи и се на проникливоста на светиот старец.


Еднаш во Саров дошла расофорната монахиња од Коломенско Брусенско Успенскиот манастир, по име Августа, заедно со послушаничката Дарија. Сестринството ја испратило да собира прилози, а таа откако слушнала за прекрасниот подвижник отец Серафим, посакала да добие негов благослов. Преподобниот, дојдената монахиња и послушаничката ги примил во манастирската ќелија, ги благословил и почнал да ги исповедува, велејќи им да ги повторуваат по него вообичаените зборови при исповед: "Згрешив, Господи, со дело, со збор, со мисли и со сетила" Потоа, покривајќи и ја главата на старицата со епитрахилот ги изрекол зборовите: "На монахињата Августа и се простуваат и и се разрешуваат сите гревови", при што и послушаничката ја кажал по име. Кога ги слушнале своите имиња, и двете затрепериле бидејќи ги вчудо¬невидела прекрасната проникливост на отец Серафим. Потоа светиот старец од дрвена чашка им дал нафора со црвено вино и со вода.


Подготвувајќи се на пат од Саров, Августа и Дарија повторно посакале да добијат благослов од отец Серафим. Меѓутоа, овој пат старецот, заобиколувајќи ја монахињата, долго време зборувал со девојката, послушаницата.


За време на разговорот Августа се мачела во мислите бидејќи отец Серафим, на неа како вдовица, заради нејзината недостојност, не и кажува утешен збор. Проникнувајќи во смиреноста на срцето и настроението на монахињата, прекрасниот старец проникнувач, иако инеисе обраќал токму на неа, почнал да зборува: "Кој знае што е попријатно пред Бога: мажена жена, вдовица или девица. Срцепознавачот гледа единствено на срцата на оние кои веруваат". Старицата се восхитила кога видела дека и нејзините тајни мисли се откриени со прекрасната проникливост на саровскиот старец.
Еве го раскажувањето на симбирската спахијка Е. Н. Пазухина, која сведочи за истата проникливост на преподобниот отец Серафим.


"Од најраното детство, раскажувала Пазухина, се изнаслушав за проникливоста и светоста на саровскиот затвореник и пустиник отец Серафим. Затоа многу сакав да го видам и од него да примам благослов. Мојата желба, најпосле, според милоста Божја, се исполни во 1830 година. На патот кон Саровското братство, во Аразамас, каде што застанав, газдарицата на гостоприемницата ми рече дека нема да го видам отец Серафим, доколку во Саров не дојдам пред крајот на раната Литургија во недела, бидејќи тој вообичаено веднаш заминува во својата пустинка и таму останува до среда. Бидејќи времето беше многу лошо, а моето здравје нарушено, и бидејќи почувствував дека нема да имам сила да го барам отец Серафим во неговата пустинка, јас веднаш, т.е. во саботата по ручекот, без да се одморам во Арзамас, појдов на пат. Патувавме цела ноќ и утредента бев во Саров.


Моето прво прашање по влегувањето во гостоприемницата беше: 'Дали заврши утрената Литургија?' Кога монахот кого го прашав ми одговори дека Литургијата е веќе завршена, јас потполно паднав со духот, губејќи надеж дека ќе го видам отец Серафим. Меѓутоа, на Господа Бога Му било угодно да ме утеши за да не паднам во униние. Се упатив на среќа кон неговата ќелија, заедно со другите посетители на Саров. Видовме дека неговата ќелија беше заклучена однатре. Тоа беше знак дека старецот останал дома. Ние многу сакавме да го видиме, да примиме благослов од него, да се утешиме со неговите душеспасителни зборови. Меѓутоа, никој од нас не се осмелуваше прв да ја изговори молитвата. Најпосле некои се осмелија, но вратата остана затворена. На крајот, јас и се обратив на една дама со мала ќерка, која стоеше до мене кај вратата, и и реков да го наговори девојчето тоа да се помоли, бидејќи тоа е подостојно од нас. Штом девојчето ја изговори молитвата, вратата се отвори. Меѓутоа, каков беше нашиот општ страв, кога отец Серафим, откако ја отвори вратата, веднаш почна да ја затвора. Стоејќи прва кај вратата, почнав да паѓам во очај, помислувајќи: ,Господи, секако сум најнедостојна од сите, бидејќи тој ме виде, а пак ја затвора вратата'. Само што го помислив тоа, отец Серафим, стоејќи зад полуотворената врата, ми се обрати велејќи: 'Успокој се сестро, успокој се, почекај малку'. Потоа пак ја отвори вратата и ми се обрати пак со зборовите: ,Повелете сестро, кажете ми каква мака ве снашла. Што ви е потребно?' Јас заплакав од радост и му реков дека единствено имам желба од него да добијам благослов и да ги испросам неговите свети молитви. Тогаш тој ме благослови, велејќи: Тоспод да ве благослови. Неговата благодат нека е со вас!' Во исто време тој ми даде три парчиња просфора. Потоа тој почна да ги благословува и сите кои му дојдоа, велејќи на секого: 'Одете со Бога'. На мене не ми рече и затоа јас останав на своето место. Кога ме виде како сама стојам по заминувањето на сите, нежно ми рече: 'По вечерната сестро, повели кај мене', а потоа пак се затвори.


По враќањето во гостоприемницата најпрво и наредив на својата слугинка парчињата просфора што ми ги даде отец Серафим, да ги исече на помали парчиња. Сакав по враќањето дома, да им ги поделам на сите што имаат усрдност кон старецот. Потоа со најголемо нетрпение почнав да ја очекувам вечерната, за пак да отидам кај отец Серафим и да му го дадам подарокот кој го донесов со себе...


По вечерната го најдов старецот во тремот на неговата ќелија, како клечи на колена покрај ковчегот. Кога ме виде бргу стана и благословувајќи ме, рече: ТТовелете, сестро, повелете кај мене'. При тие нежни зборови, јас, двоумејќи се помеѓу страв и надеж, се осмелив да ја подигнам својата бовча, велејќи: 'Оче свети, удостојте ме да ја примите оваа бовча од искрена усрдност'. Колкава беше мојата радост кога тој од рацете ми ја зеде бовчата и ми рече: Ви благодарам, сестро, покорно. За храмот Божји може да биде прикладно'. Тогаш се осмелив да му дадам и пари, велејќи дека не сакав за нив да купам масло и свеќи. Тој со благодарност ги прими парите.


Тој разговор со старецот ме поттикна, меѓу другото, на помислата, да се исповедам кај него. Јас таа желба му ја соопштив на отец Дамаскин (саровскиот монах). Тој рече дека таа желба никако не може да ми се исполни. Меѓутоа, без разлика на тоа, јас цела ноќ размилував и Го молев Бога мене недостојната да ме удостои да се исповедам кај светиот старец Серафим. Вториот ден наутро се упатив кај него. Кога мојот слуга ја отвори вратата на тремот од неговата ќелија, пак го забележав старецот како клечи покрај ковчегот. Кога ме забележа, стана и ме воведе во својата ќелија, велејќи ми да се прекрстам. Ми даде три пати да пивнам од светата водичка, самиот принесувајќи го садот до мојата уста. Потоа го побара мојот покривач. Јас му го подадов крајот од шалот кој беше на мене. Тој во него истури грст суварки, велејќи: 'Еве, сестро, не грижете се, тоа ви е за да поделите. Поделете им на оние кои имаат усрдност'. Јас веднаш се сетив на својата вчерашна постапка со трите прос¬фори што ми ги даде, вчудоневидувајќи се од прекрасната проникливост. Потоа, со побожност и со страв за да не го навредам праведниот старец, се осмелив да ја изразам својата желба да се исповедам кај него, велејќи: 'Свети оче, дозволете ми да ви кажам нешто'. Тој одговори: 'Повели сестро', и одеднаш на мое неискажливо восхитување и ужас, а воедно и на неискажлива радост, ме зеде за рацете и почна да ја чита молитвата: ’Боже, отпушти, остави и прости ми ги моите прегрешенија’, и така натаму. Јас ја повторував по него таа молитва гласно липајќи, а потоа паднав на колена, при што и тој клекна покрај мене... По разрешувањето кое вообичаено се дава на исповед, ми овозможи да се поклонам на неговиот бакарен крст. Фаќајќи ме за десната рака, тој рече: Благодатта на нашиот Господ Исус Христос и љубовта на Бога Оца и заедницата на Светиот Дух, нека биде со вас во целиот ваш живот, при смртта и при вашето преоѓање'... Потоа ме благослови на враќање".


Офицерот Н. Ј. Каратаев во своето раскажување за посетата на Саров ја кажува следната случка за проникливоста на отец Серафим. Слушајќи многу за подвизите на саровските старци, особено за светиот живот и за благодатните дарови на отец Серафим, Каратаев сакал при првата поволна прилика да го посети Саров. Меѓутоа, кога (1830 година) веќе бил блиску до Саровската пустина, непријателот го измамил со страв од проникливоста на старецот Серафим. Плашејќи се дека преподобниот пред целиот народ ќе го изобличи за неговите гревови, офицерот тогаш поминал покрај Саровската пустина. Идната година, кбга се враќал во својот полк, Каратаев, пак, поминувајќи покрај Саров, по совет од својот отец, веќе решил да го посети отец Серафим. Ние веќе знаеме како светиот старец го повика офицерот од многуте посетители и како љубезно го прими. Откако го благословил и го бакнал Каратаев, отец Серафим почнал да го исповедува, при што тој ги изговарал неговите гревови како пред него да се направени. Очигледно проникнувајќи во мислите на својот посетител, преподобниот почнал да му советува да не се покорува на стравот кој на него го наведува ѓаволот, туку да биде бодар во душата и да се сеќава дека сите се наоѓаме под благодатта на нашиот Избавител. Освен тоа, тој ја допрел и заблудата на Каратаев која се однесувала на светите икони. Заминувајќи од кај отец Серафим, Каратаев покрај свеќите оставил три рубљи во сребро, но по излегувањето од ќелијата одненадеж се замислил над прашањето: "Што ќе му се пари на светиот отец?" Сепак, веднаш ја сфатил гревовноста на тие ѓа-волски помисли, па поитал кај преподобниот со покајание и со молба за прошка. Каратаев пак, влегол во ќелијата на отец Серафим, а тој, предупредувајќи го, му ја раскажал следнава случка: "Во времето на војната со Французите, требало еден војсководач да остане без десната рака. Меѓутоа, таа рака на еден пустиник му дала три парички за светиот храм. Заради тоа Господ, преку молитвите на светата Црква, ја спасил. Ти сфати го тоа добро и во иднина немој да се каеш поради добрите дела. Твоите пари ќе бидат употребени за градење на Дивеевската општи¬на во име на твое здравје". Потоа отец Серафим пак го исповедал офицерот, го бакнал, го благословил и му дал да изеде неколку суварки и да се напие од светата водичка. Тој му дал света водичка и суварки за по пат и го отпуштил со мир.


Генерал Отрошченков во своите " Сеќавања", зборува за посетата на отец Серафим. Тој јасно покажува дека преподобниот, по дарот на неговата прекрасна проникливост, ја знаел состојбата во која се наоѓаат неговите посетители. Отрошченков бил во Саров заедно со жена си во 1825 година. Отец Серафим ги примил во својата ќелија со вообичаената нежност. Наложувајќи им на своите посетители да се помолат на Бога, самиот се зафатил околу подготвувањето на "послужувањето". Под клупичката го фатил шишето со вино, ставил малку во чашата, додал вода и покрај тоа ставил неколку суварки. Потоа светиот старец ја зел лажичката и велејќи: " Повторувајте по мене" ја произнел исповедната молитва. Потоа на генералот и на неговата жена им го дал своето "послужување". Се покажало дека виното е многу кисело. Сопругата на генералот му шепнала на уво дека не може да го земе. "Оче Серафиме - рекол генералот - таа не може да прими кисело бидејќи не е здрава". "Знам - одговорил светиот старец - јас и и давам за да биде здрава". Своето послужување преподобниот им го дал три пати. Потоа му се об-ратил на генералот, велејќи: "Ти се наоѓаш во тешки околности. Ти си тажен. Сепак, помоли Му се на Бог и немој да бидеш тажен, бидејќи Он набргу ќе те утеши". Снабдувајќи ги посетителите со суварки, отец Серафим ги отпуштил со благослов.


Отрошченков забележува дека зборовите што светиот старец му ги кажал нему и на неговата сопруга, во потполност се оправдани. Од тој ден кај неговата сопруга престанале кашлицата и искашлувањето кои ја мачеле, а генералот, по доаѓањето во Рјазан, добил пет илјади рубљи како подарок од царот за надзорот на војската во градот Пенз.


Сестрите Е. и А. Лодиженски раскажувале дека нивниот брат О. В. Лодиженски лично се убедил во исклучителната проникливост на отец Серафим, во која инаку не верувал. Тој сметал дека раскажувањата за неа и за светоста на саровскиот подвижник се преувеличувања. Во 1851 година, на патот за Кина, каде што бил испратен како придружба на духовното пратеништво, Лодиженски, отстапувајќи единствено пред упорните молитви на сестрите, кои длабоко го почитувале отец Серафим, се согласил да го посети Саров за да добие благослов од светиот старец. И што се случило? Само што Лодиженски влегол кај отец Серафим и му објаснил дека, поаѓајќи за Кина, посебно навратил во Саров за да го испроси неговиот благослов и свети молитви за понатамошниот пат, преподобниот, благословувајќи го посетителот го ставил пред себе, рекол: "Што е брате, мојот грешен благослов? Барај помош од Царицата Небесна. Еве, во летната црква се наоѓа икона на Животворниот Источник. Отслужи и молебен. Ете, таа е чудотворна, па ќе ти помогне". Потоа со насмевка продолжил: "Дали брате ти си го читал житието на Јоаникиј Велики? Ти советувам да го прочиташ. Тој бил војник, многу добар човек. Од почетокот тој не дека не бил христијанин, верувал во Господ, но бил во заблуда во врска со иконите, како и ти". "На тие зборови - кажува самиот Лодиженски - тој покажа со раката кон мене, а јас се изненадив поради тие зборови". Преподобниот очигледно покажал дека му се познати мислите на посетителот. Овој навистина имал неправилно мислење за светите икони. Тој тврдел дека тие сите се еднакви, и дека е суеверно некои од нив да се нарекуваат чудотворни. Вчудоневиден од очигледната проникливост на светиот старец (кој на крајот од својата беседа му претскажал на посетителот дека ќе ја исполни должноста што му е наложена и дека успешно ќе се врати), Лодиженски побрзал да го исполни неговиот совет, т.е. да отслужи молебен на Царицата Небесна. По средбата со преподобниот тој велел дека потполно е убеден во светоста и проникливоста на отец Серафим и дека е вистина се што порано слушнал од сестрите.


Јероѓаконот на Уфинскиот манастир, Теоктист, кој заминал во монаси по укажување на отец Серафим и кој веќе имал прилика да се убеди дека не е добро да не се почитуваат советите на светиот старец, раскажува случка од својот живот, која укажува на прекрасниот дар на проникливост на саровскиот проникливец. Уште додека живеел во Саров, еден монах, негов земјак, почнал да го наговара да појде со него во родното место за да си ги види роднините. "Долго не сакав да се согласам со него - зборува отец Теоктист - претпоставувајќи дека старешината нема да ме пушти. Меѓутоа, непопустливите навалувања на земјакот, на крајот ме наведоа да му ветам дека утредента ќе прашам за дозвола. Тоа беше меѓу саботата и неделата. Целата ноќ ја поминав во мисли за патот што ми претстои и за видувањето со роднините. Утредента бев на раната Литургија, и за време на нејзиното траење отидов во главната црква да читам поменик. Кога оттаму се враќав во црквата каде што служеа рана Литургија, за да го земам антидорот, одненадеж го видов отец Серафим, кој ми се закануваше со палецот, велејќи: 'Јас ќе те...". Вознемирен од таквата закана, почнав да се присетувам дали имав некаква помисла за старецот и во недвоумење пак погледнав кон него. Меѓутоа, пак ја видов истата закана и зборовите: 'Јас ќе те...'. Најпосле, кога и по трет пат, целиот збркан погледнав кон старецот, тој го повтори истото: 'јас ќе те...', при што уште додаде: И нема патување за тебе!' Тогаш сфатив дека старецот со своите закани не се согласува со моето патување во родителскиот дом... Се одлучив да не одам и наскоро на дело се оправда забраната на старецот". Всушност, земјакот на отец Теоктист се вратил во Саров без да го посети родното место. Поради колерата што беснеела тогаш, тој бил задржан во Казањ, каде што издржувал строг карантин.


Послушаникот на Глинската пустина, Алексеј Митрофанов (подоцна архимандрит Арсениј) исто така дава доказ за проникливоста на отец Серафим. Од раните години него го привлекувал монашкиот живот, но семејните околности долго го задржале во светот. Првиот обид на Митрофанов да се оддалечи во манастир завршил со неуспех, бидејќи на барање од мајка си бил должен да се врати под родителскиот кров и да земе удел во трговските работи на своето семејство. Во 1832 година. под изговор дека заминува на Нижегорскиот панаѓур, Митрофанов презел патување по светите места на нашата татковина. Посебно сакал да го посети Соловецкиот манастир каде што и предвидувал да остане на монашки подвиг. По пат, младиот богомолец решил да го посети и Саров и отец Серафим, со мисла и со намера од него да добие поука и душекорисен совет за својата состојба, која се одликувала со неодреденост. "Од една страна - вели Митрофанов - дадениот завет и стремежот на срцето ме тераа да отфрлам се што е световно, житејско и да одам по патот на монашкиот живот, а од друга страна, љубовта кон родителката и кон братот наведуваа на мене вознемирувачка помисла дека се уште сум им неопходен. Со такви чувства го поминав прагот на ќелијата на старецот и го најдов како во тремот на ќелијата лежи на подот... Сеќавајќи се на раскажувањата од оние кои на себе ја испитале проникливоста на старецот, т.е. дека тој често одговарал дури и на мислени прашања, јас му се поклонив и стоев молчејќи пред него. Во мислите пак посакав, според дадената му благодат, да ја разреши недоумицата на моја душевна корист:' дали да одам во Соловка и таму да останам, или да се вратам дома. Старецот се подигна и откако внимателно ме погледна, ми мавна со раката, велејќи: 'Оди, оди, а потоа неволно ќе се вратиш назад'". Тоа бил одговорот на отец Серафим на прашањето на Митрофанов. Тоа му било јасно на светиот проникливец, кој бил способен да проникнува во душата на човекот. Така ги сфатил зборовите на преподобниот и самиот Митрофанов. Тие зборови и се исполниле во блиска иднина!...
Откако му дал одговор на помислата на посетителот, отец Серафим го благословил дојдениот, му дал две раце суварки, го напоил со света водичка и го отпуштил со мир.


Вториот ден Митрофанов пак се упатил кај отец Серафим и кога го видел на пат за својата "пустинка", му ги изнел околностите, барајќи од него совет во врска со желбата да се спасува во Соловецкиот манастир. Благословувајќи ја таквата желба на посетителот, отец Серафим рекол дека "Господ во свое време ќе ја исполни", додавајќи кон тоа и неколку душекорисни зборови за љубовта кон Бога и ближниот и особено кон родителите. Третиот ден Митрофанов уште еднаш го видел светиот старец, кој многу го поучил и меѓу другото му рекол: "Кога ќе појдеш во манастир немој да зборуваш: Тоа не е така и ова не е вака', туку вели си себеси: 'А што е со мене' и немој да осудуваш, па ќе се спасиш".
Во септември 1832 година, Митрофанов дошол во Соловка и останал во монашко послушание. Неговата желба се исполнила, иако, како што испаднало, не за долго. Во почетокот на 1833 година, тој "неволно", како што и претскажал отец Серафим, бил принуден да го напушти братството и да се врати дома, бидејќи рокот на неговиот годишен пасош истекол. Меѓутоа, мајка му не се согласила да испрати нов, туку барала да се врати синот. Во спротивно, таа се заканувала дека ќе го бара со писмено барање.


Со потиштено срце Митрофанов го напуштил Соловецкиот манастир и се вратил дома на поранешното трговско занимање. Дури подоцна тој можел да ја оствари својата желба за одрекување од светот и да стапи во Глинската пустина.
Еднаш, кај преподобниот Серафим, заради поука дошол саровскиот монах Кипријан. Него го збркувала тежината на послушанието кое му било доверено. "Уште не успеав ниту да влезам во ќелијата - раскажува отец Кипријан - ниту да кажам збор, а старецот ме пресретна кај вратата и рече: Радост моја, нема место за одбивање на послушанието'".


Еден послушаник на Глинската пустина по име Авксентиј, од повеќе причини го оставил своето братство и дошол кај отец Серафим во Саров. Светиот старец го повикал по име, иако никогаш не го видел. Не чекајќи на неговите прашања, тој му наредил пак да се врати во Глинската пустина. Меѓутоа, Авксентиј во мислите решил да отиде во некој друг манастир, а никако во својот. Откако ја видел мислата на посетителот, отец Серафим рекол: "Нема место на земјата каде што нема да те најде гневот Божји, освен Глинската пустина. Оди, ќе те примат!" Исплашен од таквата проникливост на отец Серафим, Авксентиј не се осмелил да не ја послуша неговата опомена, па се вратил во Глинската пустина.


Така отец Серафим, според дарот на својата прекрасна проникливост ги знаел душевните настроенија, мисли, намери, желби и сомнежи на своите посетители, често давајќи им совети и одговори и пред било што да проговорат или да прашаат.
Меѓутоа, проникливоста на светиот саровски старец се простирала и многу понатаму - и на целото минато, на целиот живот на лицата кои му доаѓале. Нивниот живот, отец Серафим го гледал како да протекувал пред неговите очи. Тој како да ги читал страниците на минатото на своите собеседници и тоа често до најмалите ситници, кои дури исчезнале и од нивното сеќавање. Со таквиот дар на проникливост преподобниот своите собеседници ги доведувал до изненадување. Ние веќе знаеме дека генерал-лајтант Л., кого толку го восхитила смирената љубов на отец Серафим, бил потполно изненаден од проникливоста на светиот старец кој пред него го открил целиот негов живот, се до тајни подробности.


Н. А. Мотовилов, симбирски спахија, дошол кај отец Серафим во 1831 година со молба за молитва и за благодатна помош во тешката болест. За време на дводневниот разговор со светиот старец и пред своето исцеление, тој бил изненаден од дарот на неговата прекрасна проникливост. Тој му го открил целото негово минато, напомнувајќи му го дури и она што некогаш одамна никнало во внатрешноста на неговото срце и што и самиот веќе го заборавил.


Еднаш кај отец Серафим дошол некој богобарател од Киев, на изглед со просто звање. Светиот старец го примил во пустинката со својата вообичаена пресретливост. Сместувајќи го крај себе, почнал да му зборува да го остави патот кој го избрал, од себе да ги извади оковите и да се врати дома, бидејќи таму мајка му, жената и децата многу тагуваат по него, па како порано да работи со трговија со леб. Преподобниот дури го посоветувал богомолецот да отиде во Елед, кај еден трговец и да го замоли да го прими за управник, објаснувајќи му дека го пратил "бедниот Серафим". За цело време од беседата на светиот Серафим, богомолецот молчел, иако било видливо дека го слушал со чувство на стравопочит. Потоа тој признал дека преподобниот, по својата проникливост, го знае целиот негов живот, дека навистина целиот живот се занимавал со трговија со леб, со што го издржувал семејството, дека потоа го напуштил и го оставил без никакви средства, тргнувајќи бос и со окови во Киев да странствува. Некој старец го посоветувал да се упати во Саров кај отец Серафим и "да го послуша во се што ќе му нареди" бидејќи тоа ќе биде неговиот вистински пат". Богомолецот така и постапил. Тој му се јавил на светиот саровски старец кој му го кажал својот совет, пресретнувајќи ги неговите прашања.
Еве го и раскажувањето на спахијата на Жадовско за тоа како се убедил во прекрасната проникливост на светиот саровски подвижник: "Јас многу грешев пред отец Серафим, бидејќи не сакав да верувам во неговата прекрасна проникливост, се додека самиот во тоа не се уверив, иако многумина ми зборуваа за неа.


Еднаш бев во саровската пустина и тогаш за прв пат се видов со старецот. Тогаш во потполност се убедив во неговата чудна проникливост. Откако ми даде благослов и ме погледна, старецот рече: Ти не си здрав'. Јас му одговорив дека не може да се каже дека сум потполно здрав, но дека не сум ниту слаб. Тогаш тој одненадеж ми рече: Тоа е од распуштеност' Тој збор многу ме изненади и ми се стори жесток. Старецот продолжи: 'Жени се'.
Таквата неочекуваност повторно ја омекна мојата душа и јас со мислите се пренесов на личноста што ја сакав. Меѓутоа, старецот продолжи: 'Само, Господ ќе те благослови не со таа на која мислиш, туку со сосема друга'. Последните зборови веќе ме поразија, така што замолчев и дојдов до свест за својата состојба и до покајание. Тогаш старецот ме седна покрај него и живо и јасно ми го раскажа целиот мој живот од младоста, како на слика".
Не може да се каже дека отец Серафим го гледал душевното настроение и скриените мисли само на оние што му доаѓале и кои лично ги видел. Не! Преподобниот многу пати покажувал прекрасно проникливо знаење на душевните состојби, мисли, желби и стремежи на лица кои биле отсутни, и тоа не само на оние кои му биле познати, туку и на непознати кои никогаш не ги видел.


Таквото пројавување на проникливост на отец Серафим посебно е забележително во врска со оние кои се грижеле да влезат во духовно општење со него, посредно обраќајќи му се со барање молитви и благослов, на оние кои гореле од желба да поразговараат со него, да добијат совет, поука и така натаму.


Во таа смисла познати се неколку значајни случаи.
Лихачевскиот селанец Ефим Василев, кој многу пати работел во Саров и во Дивеево, за себе говорел: " Еднаш прифатив да поставам железна врата на манастирската кула во Саровската пустина. Кога се беше готово и кога народот почна да се моли, јас со неколку работници стоев на кровот од кулата за да ја надгледувам работата и правилно да ја поставам вратата на своето место. Одненадеж ми падна на памет прашањето зошто за оваа работа не побарав молитви и благослов од отец Серафим, бидејќи тогаш со сигурност ќе знаев дека се добро ќе заврши. Само што помислив на тоа со големо покајание и жал во душата, го видов отец Серафим како излегува од ќелијата на скалите и три пати ме благословува. Јас се вчудоневидив од таквата проникливост на старецот".


Дивеевската старица Евдокија соопштила ваков случај од својот живот: "Имав сестра која живееше во селото Аламасово, недалеку од сестринството. Еднаш се разболе и посака да ја посетам. Јас веднаш се упатив кај нашата старешинка Ксенија Михајлова за да добијам благослов за пат. Меѓутоа началничката ми рече најпрво да отидам кај отец Серафим и да направам како што ќе благослови тој.


Јас појдов со цел најпрво да свратам во Саров, но по пат се збркав и долго во себе расудував дали да отидам кај отец Серафим или не. А што ако тој не благослови? Најпосле се одлучив дека е подобро да не навраќам кај него, туку да се упатам право кај сестра ми. За барем малку да ја успокојам совеста која ме мачеше, паднав на земја и во мислите ги бакнував рацете и нозете на отец Серафим, поклонувајќи се на неговото бакарно распетие кое секогаш го носеше на градите. При тоа вообразив дека тој по обичај ме благослови и ми даде суварки за на пат. Смирувајќи се на таков начин, се упатив кај сестра ми во селото Аламасово.
Откако поминав кај неа долго време и ја оставив во добра состојба, се враќав во сестринството во многу вознемирена духовна состојба, бидејќи отидов без благослов, самоволно. Само што стапнав на манастирската врата, веднаш ми пријде една од нашите сестри, Екатерина Јегоровна и ми соопшти дека за време на моето отсуство два пати била кај отец Серафим и дека тој и двата пати и говорел за мене. Првиот пат тој рекол: ’Еве, кај мене пред тебе беше наглувата Евдокија барајќи да оди во селото Аламасово кај својата болна сестра. Таа ми се поклони до земја, ми ги бакна рацете и нозете и се поклони на мојот бакарен крст. Јас ја благословив да оди и и дадов суварки за на пат'. Вториот пат тој едноставно рекол: 'Што, сестро, дали наглувата Евдокија се врати од Аламасов? Таабеше кај мене тој и тој ден и јас ја благословив да оди'. При тоа соопштение јас не можев да не заплачам, како поради совеста за својата вина, така и од радост, гледајќи кај отец Серафим прекрасен дар на проникливост и такво расположение кон мене грешната".


Една старица му раскажувала на А. Коваљевски за својата посета на отец Серафим за време на која се изненадила поради неговата прекрасна проникливост. "Само еднаш го видов - раскажувала таа - но тоа нема да го заборавам до гроб. Чуден беше тој старец проникнувач. Се чинеше дека сосема гледа што ти е на душата. Еве слушни што направи со мене. Јас останав тригодишно сираче. Ме виделе добри луѓе, се нашле доброчинители и ме зеле наместо ќерка. Луѓето беа на место, добри, единствено што беа старообредници. Се крстеа со два прста, се држеа до некои раскажувања. Тие почнаа и мене, мало дете, да ме учат да правам крст со два прста и јас се навикнав така од раното детство. Мислев дека така треба. И дури потоа, кога умреа моите доброчинители, една богомолка, сосетка бароница, ме вразуми. Таа ми рече дека ги сложувам прстите на неправилен начин и дека тоа е грешно. Одтогаш почнав да се одвикнувам од двата прста, но од навика и од заборавеност и подоцна често се прекрстував по старо, со старинскиот крст. Долго бев во недоумица, можам ли своите доброчинители да ги спомнувам според православното. Не сакав да се мажам, туку појдов во општината. Потоа почнав да странствувам. Повеќе пати бев во Киев, во Троица, во Ростов, на Соловките, во разни пустински братства, каде што ќе слушнев дека има строги старци, подвижници. Сакав сите да ме научат мене грешната како да си ја спасам душата. На патот за Соловка свратив во Саров, како што се сеќавам за Петровиот пост. Мислев овде да се исповедам, а сакав да го видам и отец Серафим. Гласот за него секаде допираше... Беше некој празник кога стигнав во манастирската гостоприемница. Службата веќе беше завршена. Гледам, се собира народ некаде да појде. Прашувам и ми кажуваат дека ќе одат во пустинката кај отец Серафим. Иако бев многу изморена од патот, сепак заборавив на одмор и појдов со другите. Сакав побргу да го видам старецот. Заобиколувајќи го манастирот, појдовме по шумско патче. Поминавме две врсти. Посилните поитаа напред, а јас заостанав. Одам сама полека, позади. Гледам, од страната старче, целиот побелен, сув, подгрбавен, во бел капут, собира гранки. Пријдов да прашам дали е далеку до пустинката на отец Серафим.


Старецот (тоа беше Серафим) ја остави бовчата и ме погледна со својот јасен поглед. Потоа тивко праша: 'Што ќе ти е тебе, радост моја, бедниот Серафим?' Дури тогаш сфатив дека го гледам самиот старец. Паднав на колена и почнав да го молам да се помоли за мене недостојната.
'Стани ќерко Ирина' промрморе подвижникот и се наведна да ме подигне. 'Еве јас те чекав и не сакам да станеш и туку така да си заминеш'.
Вчудоневидена што ме вика по име иако прв пат ме гледа, јас од ужас целата затреперив и не можев ниту збор да прозборам. Само гледав во неговиот ангелски лик. Земајќи ми ја десната рака, старецот на православен начин на неа ми ги сложи прстите за крстно осенување и се прекрсти, велејќи: Така се крсти, така се крсти. Така Бог ни наредува'. Потоа, откако малку молчеше, проговори: 'За доброчинителите, ако ти се најде копејка, дај да се спомнат на проскомидијата, без сомневање. Не е грев'. Кога ме благослови, ми даде да се поклонам на бакарниот крст што му висеше на градите и ми даде суварки. Еве, а сега - рече - оди со Бога'. Тој бргу се упати во шумата, додека јас тргнав назад во манастирот. Мбите сопатници оделе долго, но старецот не го виделе, ниту пак мене ми веруваа кога им раскажував дека го видов. Светиот старец со духот видел дека појдов право кај него, без да се одморам од патот. За-тоа, скривајќи се од другите, единствено мене ми се јави".


Еве уште еден значаен пример за проникливоста на отец Серафим, каде што се пројавува чудното познавање на мислите на лица кои посредно му се обраќаат со прозби... Една жена, која сама го раскажувала чудото што се случило, имала ќерка која во младоста била необично убава. Меѓутоа, растејќи телото на девојката почнало да се покрива со гнојни рани. Таа станала толку грда, што единствено мајката можела да го поднесе изгледот на нејзиното лице... Кога девојката пораснала, мајката со неа патувала по светите места, надевајќи се дека ќе најде исцеление за болната. Меѓутоа, таа никаде не наоѓала олеснување. Најпосле славата за божествениот старец отец Серафим, ја поттикнала мајката да се упати во Саров. Кога дошла во Саров, таа, на свое големо жалење, дознала дека поради многубројниот собран народ, ретко кој може да го види светиот старец... Со горчина во душата, таа ја зела својата напатена ќерка и се упатила кај преподобниот во пустинката. И навистина, отец Серафим бил опкружен со многу посетители, така што кутрата мајка од сите страни била туркана со својата болна ќерка. Најпосле, таа се решила да отиде до густата шума. Таму на тревата ја ставила болната, а таа покрај неа се фрлила на колена со солзи молејќи Го Господа и Неговата Пречиста Мајка да му вдахнат желба на старецот да дојде и да ја види страдалничката. Меѓутоа, поради нестрпливото мајчинско срце, таа ја оставила ќерка си која заспала и се упатила да го бара отец Серафим. На патот со ужас се присетила дека болната е оставена сама, и тоа заспана и дека лесно може да стане плен на дивите ѕверови. Кога се нашла во таква безизлезна состојба, таа одеднаш здогледала како право кон неа оди отец Серафим. Поитувајќи му во пресрет, мајката со солзи паднала пред неговите нозе. Меѓутоа тој побрзал да ја подигне, нежно велејќи и: "царицата Небесна те утеши". Мајката не престанувала да го моли светиот за исцеление на својата намачена ќерка, додека старецот пак со љубов и рекол: "Ти велам, сестро, дека одам кај твоето дете и дека Царицата Небесна те утеши". Така отец Серафим со помош на дарот на својата прекрасна проникливост знаел дека таа има потреба од неговата помош и дека ги бара неговите молитви и утеха. Тој и се отповикал на оддалечениот вик на мајката кој му бил упатен и ја измолил Мајката Божја на нејзината ќерка да и подари ис-целелние. Навистина, кога мајката се вратила кај ќерка си и кога и ја тргнала покривката од нејзиното лице, видела дека таа потполно оздравела.


Познато е исто така дека преподобниот Серафим не само во множеството народ кој го опкружувал и кој можел со брз поглед да го помине, ги издвојувал лицата кои повеќе од другите имале потреба од неговите помош и совет, туку дека и од затворената врата на својата ќелија по својата проникливост знаел кој од посетителите посебно копнее да го види, да ги слушне неговите зборови и од него да добие помош и утеха. Примери на таквата проникливост на отец Серафим веќе видовме. Понатаму, во зборовите за исцеленија извршени на молитвите на преподобниот, ќе имаме можност да се убедиме дека прекрасниот старец како проникнувач, може да се каже, исчекувал извесни лица кои се надевале на исцеление од своите немоќи. Тој, очигледно со духот ја предвидувал нивната потреба и нивната цврста и искрена вера.


Исто така е познато дека отец Серафим често не ги отворал писмата кои му ги праќале и кои содржеле молби од разни лица што барале духовно општење со преподобниот. Тоа главно биле просење молитви, благослови, разрешување на недоумици и др. Тој ја знаел содржината на тие пораки и давал одговори на нив, иако не ги отворал писмата. Саровскиот послушаник Иван Тихонович изнесува дека еднаш дошол кај преподобниот Серафим на разговор. Во таа прилика старецот му дал запечатен пакет и му рекол: "Тоа се однесува на големите луѓе - архијереите и на нашиот игумен Нифонт и на нивните молитви, а не на нас бедните. Каква тага! Бог го благослови и Црквата го врза со брачни врски тој пар. Меѓутоа мажот ја оставил жена си и се прилепил кон друга. Што мислиш? Дали да им се помогне?" Продолжувајќи го разговорот за тоа дека Бог на луѓето им праќа казни заради презирањето на црковните устави и на поуките на светите отци, отец Серафим како заклучок му рекол на послушаникот: "Ајде прочитај го тоа писмо. Мислам - додал преподобниот - дека овде има пари". Откако го скршил печатот послушаникот навистина нашол три асигнации, иако на пликот не пишувало дека тие се наоѓаат таму. А кога почнал да го чита писмото, се покажало дека го содржи токму она за што пред малку зборувал отец Серафим. "Еве, еве, што ти реков" - рекол светиот старец откако писмото било прочитано. По упокоението на преподобниот во ќелијата се најдени многу затворени писма на кои тој своевремено, сепак, им дал одговори. За тоа сведочеле многу лица кои се наоѓале во врска со прекрасниот саровски подвижник.


Пред отец Серафим, прекрасниот проникнувач, бил отворен внатрешниот, душевен свет на оние кои доаѓаат и воопшто, на лицата што му се обраќале. Нивните мисли и намери, нивните потреби и прашања, се што преживувале и што преживеале било пред него откриено. Исто така, од проникливиот поглед на саровскиот подвижник не биле скриени ниту други случки, така да се каже - надворешни, кои не биле задолжително поврзани со душевната состојба на посетителите и кои понекогаш по просторност биле многу оддалечени. И таквите настани му биле добро познати на отец Серафим. Тие како да се случувале пред неговите очи. Тој јасно и одредено им укажувал за нив на своите посетители.


Кнегињата А. Колончакова раскажувала дека го посетила отец Серафим на 14 Септември во 1824 година, со цел да го праша за брата си кој се наоѓал на воена служба и веќе 4 години од него немало никаков знак. Кнегињата уште не успеала да каже уште било што за својата намера, кога преподобниот, предвидувајќи ги нејзините зборови, рекол: "Немој многу да тагуваш. Во секое поколение има тага". Кога таа почнала да зборува за брата си, старецот и одговорил: "Не можам, а да не ти кажам да го спомнуваш како покоен". И навистина, Колончакова наскоро примила порака дека нејзиниот брат повеќе не е меѓу живите. На прекрасниот старец очигледно му биле познати не само душевната состојба на посетителката и прашањата со кои дошла кај него, туку и настанот кој се случил далеку од Саров, т.е. смртта на нејзиниот брат.


Една спахијка раскажувала дека заради разни работи, а посебно 'заради лошата реколта, сосема осиромашила". Е останал само еден чифлиг - и тој презадолжен. Потисната од несреќата таа се упатила во Саров кај отец Серафим за да му ја каже својата неволја и да праша за совет и за молитви. По доаѓањето во братството, таа без задржување поитала кон ќелијата на преподобниот. Таму веќе имало многу народ кој очекувал светиот старец да ја отвори вратата. Посетителката дошла до вратата и почнала гласно да го моли отец Серафим да и помогне. Тој веднаш ја отворил вратата и благословувајќи ја, рекол: "Немој да бидете тажна мајче. Господ ќе ве помилува. Еве, ќе добиете 80 илјади. Тогаш вие од секоја рублја за Бога жртвувајте по една копејка". Восхитена од тие зборови на светиот старец, сиромашната спахијка успеала единствено да каже: "Каде, оче свети да најдам толку пари. Јас сега имам едвај 80 рублји". "Ке биде, ќе биде" - ја уверувал светиот старец. "Вие само побргу одете дома. Еве ви и суварки за по пат". Уште еднаш благословувајќи ја посетителката, отец Серафим и наредил што побргу да се врати назад. Таа со радост ја исполнила наредбата на преподобниот. И што? Кога дошла дома таа нашла писмо во кое ја известуваат дека и умрел далечен роднина ииго оставил целиот имот, кој вредел 80 илјади. Спахијката била восхитена од проникливоста на отец Серафим, кому му биле познати фактите за смртта на нејзиниот роднина, наследството, па дури и количината на оставените пари... Зарем таквата проникливост на отец Серафим не е достојна за восхитување!...
М. В. Никашина, подоцна сестра во Дивеевската општина, раскажува случај од кој е очигледно во која мерка отец Серафим со своите "духовни очи" ги гледал настаните што се случувале на разни оддалечени места. Тој како непосредно да ги набљудувал.


"Една недела во Саров - вели Никашина - по доцната Литургија отидов кај отец Серафим. Откако ме благослови, тој ме праша: ,Беше ли, сестро, на Литургија'? Јас одговорив: 'Бев брате'. Тогаш тој праша: 'ме виде ли како со другите отпеав една жена? Јас само што дојдов од црква. Нашиот отец игумен направи добар ковчег. Го сфаќаш ли ти тоа, сестро?' Тој ова прашање го повтори неколку пати. Јас помислив дека веројатно тој ми го претскажува блискиот крај и со тие помисли се упатив дома. По пат свратив до селото Соболево, кое и припаѓа на Покровската парохија, за да ја посетам тетка ми. Меѓутоа, овде, на своја голема тага, слушнав дека тетка ми неодамна умрела и дека ја закопале токму оној неделен ден по Литургијата кога бев кај отец Серафим и кога тој ми зборуваше за покојната. Отецот протојереј од усрдност на своја сметка и направил ковчег и соборно ја закопал. Дури тогаш ја сфатив прекрасната проникливост на отец Серафим, на која навистина не можеме да и се начудиме!...
Свештеникот од селото Кременок (Нижегорска епархија), татко на А. Приклонски раскажал настан кој се случил во семејството на неговиот татко, кој очигледно покажува колку отец Серафим гледал со својот прониклив поглед.


Мајката на тој свештеник, ѓаконицата на селото Глухово, Анастасија, во август 1830 година, одненадеж тешко се разболела. Одејќи по улицата таа -одеднаш почувствувала внатрешна болка. Таа паднала и почнале да и се свиткуваат рацете и нозете. Болеста почнала бргу да се развива. Роднините на болната, кои се собрале по тој повод, го советувале отецот ѓакон Јован што побргу да се упати во Саров и да бара помош од отец Серафим. Отец Јован навистина веднаш пошол на пат и кога дошол во братството поитал кај светиот старец. Меѓутоа, се покажало дека тој се наоѓа во далечната пустинка. Отец Јован се упатил и таму и го сретнал отец Серафим на пат за манастирот. Откако го забележал посетителот, преподобниот ги испружил рацете кон него, извикнувајќи: "Ах, каква беда оди кон мене! Што правите луѓе со луѓето!" Гаконот сакал да му ја соопшти својата несреќа, но отец Серафим не му дозволил да изусти ниту збор, туку почнал да зборува: "Знам, знам. Повторувај по мене: Верувам, Господи, и исповедувам дека Ти си навистина Христос, Син на живиот Бог, кој дојде во светот'... Тие зборови преподобниот ги повторил три пати, а потоа почнал да зборува за Божјото милосрдие кон луѓето и за надежта кон Бог. Потоа му наредил на ѓаконот да го отстои сеноќното бдение во Саров, но да не ноќева, туку да побрза дома, ветувајќи му дека жена му ќе оздравее. Бог ќе прати лекар кој живее недалеку од нив. На прашањата кој е лекарот и каде живее, отец Серафим велел само едно: "Бог ќе испрати лекар". Доцна вечерта ѓаконот Приклонски се вратил во својот дом, каде што го очекувале со нетрпение, бидејќи состојбата на болната се влошила. Кога отец Јован го пренел она што му го кажал отец Серафим, некој од оние што биле околу болната, забележал дека во близина на селото Глухово живее Евтимија, же¬на која лекува со треви по благослов на отец Серафим. Ја повикале таа жена. Таа почнала на болната да и дава раствор од некакви треви. Веќе по првите голтки од лекот ѓаконицата почнала бргу да се подобрува.


Во раскажаниот настан посебно внимание предизвикува пројавувањето на големата проникливост на отец Серафим кој, како што се покажало, знаел каква несреќа се случила во семејството на наклонетиот му ѓакон од селото Глухово. Тој го знаел тоа толку точно што не сакал ниту да го ислуша раскажувањето на отец Јован за неволјата што го снашла. На преподобниот отец Серафим тие околности му биле добро познати по дарот на неговата прекрасна проникливост!...
Како пример за посебната проникливост на отец Серафим, и тоа таква која опфаќа најразлични факти, може да послужи и следниот случај кој го изнел и посведочил генералот А. Е. Махотин.


Еднаш Махотин заедно со жена си се упатил во Саров за да добие благослов од Божјиот старец и да стекне корист од неговите поуки. По доаѓањето во братството генералот ја оставил жена си во гостоприемницата и поитал во пустинската ќелија на отец Серафим. Меѓутоа, тој го сретнал преподобниот на пат кон манастирот. "Му пријдов за благослов - раскажува генералот - и тој ме благослови, наредувајќи ми со него да појдам во манастирската ќелија. Откако дојдовме во манастирот, отец Серафим ме поздрави призивајќи го името Христово и милостиво ме праша: 'Што ви е потребно, брате?' Јас му одговорив дека дојдов со жена си за да се видам со него и да добијам благослов од него. Потоа од него барав дозвола да ја доведам жена си. Отец Серафим ми наложи да дојдам другиот ден по раната Литургија и уште ме праша: 'Долго ли ќе бидете овде во братството?' Јас му одговорив до утре, т.е. во сабота по ручекот имаме намера да си одиме. Впрочем - додадов јас - ние оставаме на вашата волја како ќе благословите'. Тогаш тој рече: Тргнете задутре, во недела, откако ќе ја ислушате Литургијата. Кај нас во братството ќе има славење и молебен'.
Со тие зборови јас се упатив дома и и раскажав на жена си за своето видување со отец Серафим. Ја прашав кој празник е задутре. Таа ми одговори дека изгледа нема никаков празник, освен неделниот ден. Но, како што ми рече отец Серафим - возвратив јас - дека задутре, во недела, во нивното братство ќе има славење и молебен'. Со истото прашање му се обратив и на еден монах кој тогаш беше на гостоприемницата, но и од него го слушнав истото, т.е. дека задутре, освен неделниот ден нема друг празник.


Вториот ден, во саботата, по раната Литургија ние појдовме кај отец Серафим. Тој не прифати многу милостиво, ни даде да се поклониме на бакарниот крст кој висеше на неговите гради, ни подели суварки и повторно ги изрече своите поранешни зборови: 'Утре кај нас ќе има славење и молебен и немојте да си заминете без да ја ислушате Литургијата'. Таквото повторување уште повеќе не зачуди и не остави во крајна недоумица. По нашето заминување од кај отец Серафим, жена ми се упати во собата, а јас, откако разгледав се што е вредно да се види во Саровската пустина, свратив кај отецот игумен Нифонт и меѓу другото го прашав: ТСакво славење и молебен ќе има кај вас утре во братството?' Тој одговори: Нема да има никакво славење'.


Во тој момент кај нас во ќелијата влезе манастирскиот послужител, кој се врати од поштата и на отецот игумен му даде пакет со писма. Отецот игумен го отвори и пред се меѓу писмата здогледа писмен указ со кој се објавуваше раѓањето на големата кнегиња. Тој содржеше и наредба, по тој повод да се одржи благодарен молебен на Господа Бога. На тој начин на дело се исполни претскажувањето на блажениот старец. Другиот ден во соборниот саровски храм е вршен благодарен молебен и цел ден во братството одѕвонуваа празнични ѕвона. Отецот игумен Нифонт тогаш со мене ги подели чувствата на восхитување кон дарот на проникливост на отец Серафим".


Треба да се забележи дека преподобниот саровски подвижник, кој секогаш и кон сите бил сочувствителен и богат со љубов, се трудел дарот на својата прекрасна проникливост да ја употреби за корист и служење на ближните. Посебно се впечатливи случаите со помош на кои отец Серафим со својата проникливост им укажувал на простите луѓе во нивната крајна нужда. Сведок на еден таков случај бил саровскиот јероѓакон Александар, еден од собеседниците на отец Серафим и од неговите блиски луѓе. Тој раскажува ваков настан: "Во моментот кога излегував од храмот по божествената Литургија и кога поминував покрај ќелијата на отец Серафим, одненадеж ми притрча еден прост селанец со разбушавена коса и со капа во рацете и во очај ми се фрли пред нозете, велејќи: 'Брате, ти ли си Серафим?' Јас одговорив: 'Не, не сум јас Серафим. А зошто ти треба тој?' Велат дека тој погодува, на мене ми ја однесоа запрегата и сега останав сиромав. Не знам како ќе го прехранувам своето семејство'. Зачуден од таквата простодушност на селанецот, и сожалувајќи ја неговата загуба, јас погледнав кон ќелијата на отец Серафим и го видов кај скалите. Тој во тоа време носеше дрва и ги редеше на куп. Јас на селанецот му го покажав местото каде што работеше старецот, велејќи му: "Еве го отец Серафим како работи пред ќелијата', а самиот останав да видам што ќе му рече старецот. Кога го слушна името на отец Серафим, човекот веднаш се упати таму и му падна пред нозе. Отец Серафим го подигна и нежно го праша: 'Зошто дојде кај мене, бедниот?' 'Брате - одговори селанецот - ми ги украдоа коњите и сега сум потполно сиромав. Сега не знам како ќе го прехранувам семејството, а луѓето велат дека ти погодуваш'.


Тогаш отец Серафим го фати за главата, му ја приближи до својата и му рече: 'Огради се со молчење и поитај во.... (овде именуваше едно село). Кога ќе му пријдеш, сврти од патот десно и помини од задната страна четири куќи. Таму ќе видиш вратичка. Влези во нив, одврзи ја својата запрега од столбот и изнеси ја надвор молчејќи'. Кога го слушна сето тоа, човекот истиот миг побрза во назначеното село. Јас подоцна слушнав - додава отец Александар - дека тој веднаш ги нашол своите коњи и ги однел".


Монахот отец Павле, сосед по ќелијата со преподобниот Серафим, раскажува друг случај, сличен на претходниот: "Еднаш кај отец Серафим доведов млад селанец со узда, кој плачеше заради загубената кола. Ги оставив сами. По некое време го сретнав пак истиот тој селанец и го прашав: Па, ги најде ли коњите?' Ти најдов, брате' - одговори човекот. Јас го прашав каде и како. Тој одговори: 'Отец Серафим ми рече да излезам на плоштадот и дека таму ќе ги видам. Излегов на плоштадот и веднаш ги видов своите коњи'".
Желбата на отец Серафим на своите ближни да им послужи со благодатниот дар на својата проникливост многу јасно се изразувала и во други случаи. Преподобниот старец, кратко пред неговиот крај, го посетил граѓанин од Кадом, А. П. Андронов со двајца студенти, кои завршиле курс во семинаријата и очекувале вработување.


"Кога му пријдовме на старецот - раскажува Андронов - тој не благослови, а на едниот студент му рече: Побрзај дома, кај тебе има пожар. Гори пченицата и ти треба да им помогнеш на роднините'. На другиот исто така му рече да отиде дома што побргу, бидејќи таму веќе го чекаат, зашто добил место. Студентите се вчудоневидија на тие зборови. Кога се вратиле дома секој од нив се убедил во фактот дека ништо не е скриено од прекрасниот старец".


Нешто порано спомнавме дека преподобниот Серафим ја повикал од многуте посетители жената на еден ѓакон од Пенза, по име Евдокија, наредувајќи и да поита дома за да го затекне својот син кој од семинарската управа е вброен во бројот на студенти на Киевската академија и кој за кусо време требало таму да се упати. Ѓаконицата воопшто не знаела за тој случај, додека тој добро му бил познат на саровскиот проникливец.
Порано укажавме и на друг случај кога отец Серафим и помогнал на А. И. Молјаева, кажувајќи и да поита што побргу да се врати дома за својот болен маж да го затекне во "последните мигови од животот". Очигледно е дека преподобниот јасно ја проѕрел безнадежната положба на Молјаева. Тој не ја прашал ништо, ниту пак слушнал од неа нешто. Па сепак, тој и наредил веднаш да отиде дома.
Потполно ист случај изнел пензионираниот трговец Н. Ф. Кузњецов, кој повеќе пати бил во Саров кај отец Серафим. За време на една од тие посети, светиот старец им наредил на Кузњецови да побрзаат дома, упорно повторувајќи го својот совет. Иако не ја знаеле причината за наредбата на отец Серафим, тие ја исполниле неговата волја. Се покажало дека едвај стигнале да го видат се уште жив својот родител, кој, на молитвите на преподобниот, успеал единствено уште да ги праша за патот во Саров и да се причести, за потоа мирно да замине во вечноста.
Кузњецови не можеле да се начудат на проникливоста на отец Серафим, кој од Саров чудесно ја видел тешката и претсмртна болест на нивниот родител, благовремено упатувајќи ги дома.


Во 1830 година, еден саровски јеромонах бил повикан за старешина во Казањската епархија. Подготвувајќи се за пат, тој дошол кај отец Серафим да бара благослов. Го нашол во шумата на работа. Кога го видел братот кој доаѓал кон него, преподобниот најпрво го запеал светилниот на крстот: "Крстот е чувар...", а потоа, по завршувањето на песната, прашал: "Каде ќе одиш брате?" "Ме викаат во Казањ" - одговорил дојдениот.
"Со тебе има измама, брате - рекол отец Серафим и додал - Немој да одиш во Макариевската пустина".


"Мене, брате Серафиме, не ме викаат во Макариевската, туку во Раитската пустина за игумен" - приговорил баратот кој дошол. Меѓутоа, преподобниот го продолжувал своето: " Јас ти велам - не оди во Макариевската". Размислувајќи уште малку, тој рекол: "Па, поживеј малку надвор од Саров. Но, пак ќе дојдеш кај нас и ние ќе умреме во богоспасуваната Саровска пустина". Благословувајќи го братот, отец Серафим го отпуштил со мир.
Како чудесно се оствариле зборовите на саровскиот подвижник, од чија прбникливост, како што се чинело, не можело ништо да се скрие!... Кога дошол во Казањ, саровскиот брат дознал дека навистина, како што рекол отец Серафим, е одреден за во Макариевската пустина (која уште се викала Подгорна, блиску до градот Свијажски), а не во Раитската. Известувањето што го добил во Саров се покажало погрешно. Сеќавајќи се на зборовите на отец Серафим: "Не оди во Макариевската", саровскиот брат го одбил назначувањето и бил одреден за старешина во Цивилски Тихвинскиот манастир. Подоцна се вратил во Саров, каде што и умрел.
По дарот на прекрасната проникливост, која пред отец Серафим го откривала внатрешниот свет на неговите собеседници и воопшто на лицата што му се обраќале, а исто така и разни настани, познатиот саровски старец се наоѓал во духовно општење со одредени лица со висок подвижнички живот, меѓутоа, кои никогаш не ги видел лично.


Значаен случај на такво духовно општење и воедно на трогателната проникливост на отец Серафим, задонскиот затвореник Георгие (Машурин, умрел на 25 мај, 1836 година) му раскажал на послушаникот П. А.
"Еднаш дојдов во ќелијата на отец Георгиј - раскажува П. А. - и на ѕидот видов портрет кој ми беше непознат. Прашав: 'Кој е ова?' 'Зарем не знаеш?', одговори Георгиј. Тоа е покојниот отец Серафим од Саровската пустина'. Неговиот богоугоден живот бил познат на сите, па разговорот се продолжи за него. Меѓу другото, малку размислувајќи, Григориј рече: 'Знаеш ли ти што направи тој со мене? Тоа треба да ти го кажам тебе. Јас долго време се мачев со помислата одовде да појдам во некој друг манастир, кој е поосамен, бидејќи овде писмата и посетителите многу ме расејуваат. Понекогаш можат да се одбијат, но понекогаш е нужно и да се одговори: пишуваат од нужда. Околу две години се борев со недоумицата за таквата помисла. Многу се збркував пребирајќи ги по својот ум сите места каде што би било подобро да се оддалечам. Еднаш дојде кај мене ќелијникот и ме извести дека, богобарател од Саровската пустина, од отец Серафим ми носи подарок и благослов и дека, покрај тоа има потреба лично да ми каже неколку пораки. Јас го благословив да влезе и тој почна вака: 'Отец Серафим ми нареди да ти кажам: >Срамота е толку години да седиш во затвор а уште да те совладуваат ѓаволски помисли да го напуштиш своето место. Немој никаде да одиш. Пресвета Богородица ти вели овде да останеш<'. Откако го кажа тоа, богобарателот се поклони и излезе, а јас останав како закопан, восхитувајќи се на чудесното откривање на моите тајни помисли, и тоа на човек кој не само што не ме знаеше, туку никогаш не бевме се виделе, ниту пишувале еден на друг. Сепак, доаѓајќи бргу при себе, го замолив келијникот да го повика назад богобарателот, надевајќи се дека од него ќе можам да дознаам нешто повеќе. Меѓутоа, него не можеа да го најдат во манастирот, ниту надвор од него. Од тоа време мојот дух се смири и јас престанав да размислувам за преминување на друго место".


Не помалку впечатлив е фактот на општење на отец Серафим со друг, нему современ подвижник, блажениот старец Данило Ачински (умрел на 15 април 1843 година), за што дознаваме од раскажувањето на веќе спомнатата богомолка, жителка на Томск, Марија Иконикова. Патувајќи по разни места на нашата татковина, но "без никаква душевна корист", како што самата признавала, Иконикова, меѓу другото, го посетила и градот Иркутск и на пат од таму свратила во градот Ачинск кај старецот Данило. Сакала од него да добие благослов за понатамошното странствување. "Тој, брате мој - раскажувала Иконикова - ме пресретна уште на патот. Не дозволувајќи ми да влезам во неговата ќелија, тој со својот строг изглед и со силниот глас ме прекори: Што бараш ти кај мене, залудна скитницо? Јас одамна те очекував. Еве, ме памтиш добро! Зошто луташ по светот, мамејќи ги и Бога и луѓето? На тебе во Киев ти дадоа пари за свеќи и за молебни, а ти ги трошиш на свои желби... Сега веќе е доста од твоето скитање по светот. Оди и живеј во Томск, хранејќи се од своите ракотворби... Послушај и повеќе не скитај по Русија'".


Во почетокот Иконикова го послушала советот на светиот старец Данило, го оставила своето скитање и почнала да живее од својот труд. Меѓутоа, подоцна пак се препуштила на скитањето. Дошла во Саров за да добие благослов од отец Серафим. Меѓутоа, тој неколку дена не ја примал кај себе. На крајот, на силните молби на Иконикова за да ја благослови на пат, рекол: ’Не, нема за тебе благослов! Зошто појде по Русија кога брат Данило ти нареди веќе да не скиташ? Сега, најпосле појди дома!" "Многу се восхитував - забележува Иконикова на овие зборови на отец Серафим - на тоа колку далеку се гледаат еден со друг слу¬гите Божји. Се гледаат на четири илјади врсти!..." Навистина, како да не се чудиш на фактот дека преподобниот Серафим го знаел она што непознатиот ачински старец и го рекол на непознатата богомолка и тоа така како и самиот да го слушал нивниот разговор?... Зарем не е поразна таквата проникливост на светиот саровски подвижник?
Отец Серафим бил во блиски духовни односи и со високоблагочестивиот архиепископ Вороњешки, Антониј (Смирницки, се упокоил на 31 март 1841 година), кој водел вистински монашки живот.
Архиепископот Антониј преподобниот не го знаел лично, но кон него гаел посебна љубов и почитување и го нарекувал "голем архијереј Божји". Од своја страна и Вороњешкиот архипастир длабоко го почитувал значајниот саровски подвижник и понекогаш му праќал подароци, главно икони. Својот однос кон преподобниот Серафим, архиепископот Антониј го окарактеризирал со овие зборови: "Иако не сме се виделе меѓусебно, сепак го знам по дух". Светиот саровски старец од своја стра-на можел да го каже истото. Можно е овие двајца подвижници повремено меѓусебно да се допишувале. Во крајна мерка, познато е дека отец Серафим, со неколку зборови, кои своерачно ги напишал, го поздравил Вороњешкиот владика по повод откривањето на моштите на свети Митрофан, и тоа додека прашањето за прославувањето на светителот се уште не било ни поставено.
Како јасен доказ на духовното општење на двајцата подвижници, може да послужи фактот дека архиепископот Антониј точно знаел за смртта на саровскиот старец кого го почитувал. Во истиот ден кога тоа се случило, на 2 јануари 1833 година, тој на Н. А. Мотовилов, кој тогаш се наоѓал во Вороњеж, му соопштил дека отец Серафим починал два часа по полноќ. Тој ден архиепископот отслужил свечена панихида за починатиот подвижник. Бидејќи веста за смртта на отец Серафим не можела да дојде од Саров до Вороњеж истиот ден кога тоа се случило, и бидејќи и во самиот Саров не се знаело точното време на смртта на преподобниот, како објаснување останува единствено дека самиот отец Серафим го известил архипастирот кого го почитувал.


Отец Серафим не го познавал лично глинскиот игумен Филарет, но длабоко го почитувал заради подвижничкиот живот. Неговото братство го сметал за големо училиште на монашкиот живот. Одликувајќи се и самиот со проникливост, отец Филарет го предвидел крајот на славниот саровски подвижник, со што ја докажал духовната блискост со него.


Отец Серафим по дарот на својата проникливост знаел, иако не лично, и многу други, нему современи црковни пастири, кои се одликувале со благочестие и со светост во животот. Тој честопати им праќал свои посетители заради духовно раководење. Меѓу таквите пастири посебно е познат отец Алексиј Гњевашев, свештеник во селото Басурман (Курмишски округ, Симбирска губернија), за кој преподобниот често говорел: "Овој човек поради своите молитви за христијанските души е сличен на свеќа, која е запалена пред престолот Божји. Еве трудбеник кој стои над многу подвижници, иако нема монашки завет. Тој е како ѕвезда која гори на христијанскиот хоризонт."

 

 

(Продолжува)

Извор: ЃаконијА

Друго:

sv.S.Sarovski3.jpg

Св. Серафим Саровски - За Бога

Св. Серафим Саровски - За грижењето за душата 

Свети Серафим Саровски- За Постот

Св.Серафим Саровски - ИСКУШЕНИЈАТА И ИСПИТУВАЊАТА ВО ШУМСКАТА САМОТИЈА

Мошти на свети Серафим Саровски во Бигорскиот манастир (28.07.2008)